Министерот Коњановски ќе соработува со фантомска Комора за обезбедување на лица и имот контролирана од полициското подземје


09.03.2011 | 01:01:02 | Прес Конференции


Министерот Коњановски ќе соработува со фантомска Комора за обезбедување на лица и имот контролирана од полициското подземје

Прес конференција, Народно движење за Македонија Драган Живковиќ, член на Извршниот комитет на НДМ Скопје, среда, 9 март 2011

Почитувани,

Во понеделникот на 7 март, со гордост бевме сведоци кога министерот за одбрана Зоран Коњановски по средбата со Комората за обезбедување на лица и имот раскажуваше дека него, како министер, го бидува само за решавање на проблемите а не и за продавање на магла.

Притоа, министерот Коњановски најави потпишување на меморандум за соработка со Комората заради вработување на професионалните војници по нивното навршување на 38 годишна возраст.

Меѓутоа, според сознанијата на НДМ се отвора сериозно сомневање дека на Коњановски му е подметната за соработка фантомска Комора.

Имено, фантомската Комора со која се договараше Коњановски, од 1999 година досега има изадено околу 17000 лиценци и околу седум илјади службени легитимации со што остварила профит од околу десет милиони евра, иако работела како  незаконски и нерегистриран субјект.

Според сознанијата на НДМ, оваа Комора е под закрила на полициското подземје во земјата кое уште од 1999 година на диво го контролира бизнисот со лиценци за обезбедување на лица и имот.  Дека станува збор за нелегална и фантомска Комора е потврдено од најрелеватно место:  Од овој документ на Основниот суд Скопје 1 бр. 120/99 од 09.02.2009 се гледа дека до 2006 немало регистрирана Комора во судскиот регистар.  Од овие три документи на Централен регистар се гледа дека ниту после 2006 не е регистрирана оваа Комора во Централен регистар. За појаснување, општо познато е дека било кој правен субјект (комора, здружение, невладина организација, политичка партија, трговска фирма и слично) може да почне со работа во моментот кога ќе добие решение за упис од надлежен орган со кое се потврдува исполнетост на условите пропишани со закон, односно се утврдува валидност на основачи, седиште, статут, програма, одлука за основање и слично.  До 2006 уписот на правните субјекти се вршеше во Основниот суд Скопје 1 како регистарски суд, а по 2006 оваа надлежност помина во Централен регистар согласно Законот за едношалтерскиот систем и водење на трговски регистри и регистри на други правни лица.  Да повторам, од овие документи што ви ги презентирав се гледа дека во случајов станува збор за фантомска Комора која не била регистрирана ниту во судот а покасно ниту во Централен регистар. По десегодишно незаконско функционирање, оваа фантомска Комора прави обид за регистрација и на 03.09.2008 година го добива ова Решение од Централен регистар преку регистраторот Никола Стојанов. Меѓутоа, внимавајте добро, Република Македонија преку Комисијата за жалби на 19.02.2008 го поништва ова решение за регистрација на оваа фантомска Комора, бидејќи внимавајте добро, уписот е извршен преку регистратор Никола Стојанов иако во тој момент во Централен регистар воопшто нема вработено такво лице како регистратор. Значи, обид за класичен фалсификат на полициското подземје во државата да регистрира Комора со фалсификуван регистратор. Почитувани присутни, Од севкупно изнесеното произлегува дека оваа фантомска Комора десетина години никаде не е упишана, регистрирана и евидентирана како правен субјект. Оттука, министерот Коњановски нема овластување да потпишува меморандум за соработка со фантомска Комора преку која ќе го решава статусот на избрканите војници од МО по навршувањето на 38-та година. Овој непријатен факт би можело да доведе до сериозна компромитација пред оние (НАТО) кои треба да не примат кај себе. А може сериозно да ја компромитира и изградената респектабилна позиција на министерот и на министерството за одбрана за досегашните реформи во одбраната во делот на решавање на активната резерва. Затоа, НДМ навремено да го предупредува министерот Коњановски да не дозволи ваквата сомнителна соработка со непостоечка и фантомска Комора да претставува мина во неговите раце со закаснето дејство, која би ја активирале во моментот кој самите би го одредиле оние кои не ги прифаќаат најпозитивните оценки од НАТО за реформите во МО. Има политичари и политички партии кои сакаат доследно да се почитува принципите на правна држава и политичари и политички партии кои сакаат да ловат во матно. Доколу Коњановски е на страната на политичарите кои сакаат доследно почитување на принципите на правна држава, НДМ го повикува веднаш да отрча до Министерството за внатрешни работи и да алармира за оваа фантомска Комора која под закрила на полициското подземје на незаконски начин има остварено десетина милиони евра профит со издавање лиценци за вршење на дејност обезбедување на лица и имот. Ви благодарам,