Каква е врската помеѓу извештајот на Дик Марти и 12-те киднапирани Македонци


23.01.2011 | 00:36:33 | Прес Конференции


Каква е врската помеѓу извештајот на Дик Марти и 12-те киднапирани Македонци

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, недела, 23 јануари 2011

Почитувани,

Во вторник, на 25 јануари, Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе расправа за извештајот на Дик Марти, за илегалната трговија со човечки органи.Со денешната прес конференција сакаме да укажеме зошто нашата делегација во вторник треба да го подржи овој извештај.

Имено, постои еден момент што ја поврзува Македонија со илегалната трговија со човечки органи. Тоа е дел од 12-те киднапирани Македонци за време на војната во Македонија во 2001-та

Ова тврдење го темелиме на следниот факт:

Во македонската тајна полиција уште од 2002 година постојат два оперативни документи со конкретни сознанија за 12-те киднапирани Македонци. Овие сознанија се добиени по две основи: од лице кое соработувало со ДБК и од примена на мерката расчистување со лице што било во командниот кадар на тогашната ОНА. Интересно е тоа што тие две изјави се совпаѓаат и според нив шестмина од киднапираните се убиени, а шестмина се префрлени на Косово. Од разбирливи причини не можеме да го соопштиме идентитетот на овие две лица кои своевремено биле директно инволвирани во случајот со киднапраните. Значи, има оперативен материјал во архивите на ДБК. Меѓутоа, во изминатите десет години сите досегашни влади одбраа да ја кријат вистината за 12-те киднапирани Македонци, за да не се нарушат коалициските односи, бидејќи познато е дека во секоја македонска влада има партија и на македонските Албанци, а во услови кога злосторниците се поранешни команданти на терористичката ОНА, сега македонски политичари и функционери. Затоа, надлежните органи во изминатите десет години само ја замајуваат јавноста и ги лажат роднините на киднапираните, иако за 24 часа може да се расчисти овој случај, само ако сакаат, со оглед на квалитетните сознанија што ги поседува македонската тајна полиција. Доаѓаме и до главното прашање. Дилемата  која провејуваше низ годините, зошто шестмината од 12-те киднапирани Македонци се убиени, а зошто шестмина би биле носени на Косово, сега со најновата афера со монструозната трговија со човечки органи, се назира и одговорот за судбината на шестте киднапирани Македонци кои своевремено се однесени на Косово. Оттука, НДМ има најмалку две барања: Прво, го повикуваме македонското правосудство да ги разгледа сознанијата што ги поседува македонската тајна полиција за шестте киднапирани македонци кои своевремено се однесени на Косово, и како надлежно да го истражува овој случај во контекст на извештајот на Дик Марти за илегалната трговија со човечки органи. Второ, бараме од нашата делегација во Советот на Европа да ги застапува државните интереси на Македонија, иако Ермира Мехмети од ДУИ како членка на нашата делегација одбра ставовите да ги усогласува на состанок во Тирана со странски држави и странски шпионски служби.  А реалноста зборува дека Мехмети треба да е претставник на интересите на македонската политика,  а не на стравот во Приштина дека ќе се води истрага против косовската влада. Сега, по извештајот на Дик Марти за нелегалната трговија со човечки органи, албанското малцинство во државата е на голем испит за лојалноста спрема Македонија. Нека повелат да докажат во пракса дека се искрено заинтересирани да се расветли ова болно прашање од војната во 2001 година. Значи, останува обврската за државата, достојно да се погрижи за прашањето со киднапираните Македонци, бидејќи и после десет години јавноста и семејставата на киднапираните не можат да бидат задоволни од институциите, како се однесуваат спрема нив. Крајно време е да излезат на виделина податоците од архивите на македонската Служба за државна безбедност, за да се види кој и како одлучил шестмина од киднапираните Македонци да бидат убиени, а шестмина да бидат однесени на Косово. Ние во НДМ немаме дилема по ова прашање, македонската тајна полиција ги знае киднаперите и во контекст на извештајот на Дик Марти таа нема повеќе што да крие.

Дури, откривањето на виновниците да доведе и до растурање на коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а од кое нешто се плашеа сите влади во изминатите десет години, заради што ја криеја вистината за киднапираните Македонци.

Ако е за некаква утеха, и овој пат ние во НДМ ги правиме долгоочекуваните потези. Сега на ред е државата.

Ви благодарам