ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ само глумат дека сакаат европска администрација


23.01.2011 | 00:32:42 | Прес Конференции


ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ само глумат дека сакаат европска администрација

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, недела, 23 јануари 2011

Почитувани,

Сведоци сме на секојдневно политичко надмудрување меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чие време администрацијата била повеќе партизирана. Се надевавме дека таквото надмудрување ќе доведе до суштинското решение за градење на професионална, стручна и политички неутрална државна служба.

Меѓутоа, се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ само глумат дека сакаат модерна европска администрација.

Ова тврдење го темелиме на следниот факт: Имено, и понатаму останува нечепната одредбата во Законот за државните службеници, која им овозможува на министрите и директорите да вршат вработување по субјективно наоѓање. Така, било кој од вас, да се пријави на јавен оглас и притоа при полагањето на задолжителниот стручен испит во Агенцијата за државни службеници има најдобар резултат, сепак не значи дека ќе биде и примен. Тоа е така, бидејќи споменатата законска одредба му дава дискреционо право на функционерот кој раководи со органот каде се врши прием, таквиот прием, внимавајте добро, да го врши според негово субјективно видување од приложениот список од Комисијата за селекција.  Со други зборови, функционерите немаат обврска да го изберат кандидатот со најдобро знаење после полагањето на стручниот испит. Ова е невидена хипокризија. Велиме дека сакаме европска администрација, а функционерите немаат обврска да ги вработуваат најстручните и најкомпетентните кандидати кои тоа го докажале со постигнување најдобар резултат при полагање на стручниот испит. Значи, од политичката волја зависи дали некој ќе биде или нема да биде државен службеник. Заради подобра прегледност ќе наведам два лични примери: Пример брoј еден.  Во јули 2003 тогашната министерка во МНР, Илинка Митрева, распиша јавен оглас за прием на нејзин советник. По полагањето на стручниот испит, од шестте кандидати јас имав најдобар резултат и бев најдобро рангиран со најмногу бодови. Но, министерката Митрева си ја прими послабо рангираната Санта Аргирова. Пример број два. Тогашниот премиер Бучковски во април 2005 година распиша јавен оглас за прием на негов советник за надворешна политика. И во овој случај, по спроведниот стручен испит за да се види кој е најстручен и најкомпетентен да го советува Бучковски, јас имав најдобар резултат, но Бучковски си го прими Мерсељ Биљали. Значи, според критериумите знаење, способност и достигнување јас требаше да бидам избран во овие постапки, но, според логиката на политиката државни советници на Митрева и Бучковски станаа Санта Аргирова и Мерсељ Биљали иако немаа најдобар резултат. Недозволиво, Владата и МНР беа сведени на ниво на некаква приватна фирма во која по лична волја може да си вработуваат кого ќе посакаат. Интересно е што оваа законска одредба која има дава дискреционо право на функционерите да вршат прием, остана отпорна на сите реформи во администрацијата без оглед дали на власт е СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, и тоа од оправдани причини: Постои џентлменски договор помеѓу нив да не чепкаат во оваа одредба која обилно ја користат и двете партии за време на нивното практицирање на власта. Впрочем, во нивните секојдневни расправии за се и сешто околу администрацијата, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не изустуваат ниту збор за бришењето на оваа законска одредба.  Оттука, која е смислата кандидатите да се малтретираат со полагање на стручен испит за да ја докажуваат својата стручност и компетентност, кога на крајот, не се избира кандидатот што покажал најдобар успех и знаење и ги победил сите останати кандидати после спроведниот испит. Затоа, НДМ бара да се вметне законска одредба која ќе го обврза функционерот што врши прием, по добивањето на ранг листата од Комисијата за селекција да изврши вработување на лицето кое после спроведување на стручниот испит е прворангиран и најдобро бодиран, со најдобар резултат по основ на знаење, способност и достигнување. Ова е единствената брана за заштита од политизацијата на јавниот сектор, вистинско вреднување на трудот и прием на најспособните кандидати за државни службеници. Ние во НДМ немаме дилема по ова прашање, согласно определбата за ефикасна и непартизирана државна служба, така треба и да заврши постапката, со изборот на најдобриот кандидат по спроведниот испит. А од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ нека повелат да докажат во пракса дека се  искрено заинтересирани да ја постигнеме високата цел за изградба на професионална, компетентна и политички неутрална служба во која ќе се примаат најстручните и најкомпетентните. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ им го должат тоа на сите млади потенцијални кандидати за државни службеници. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба веднаш да престанат со големата измама и манипулација на младите генерации кои себеси се гледаат како идни државни службеници. Решението е многу едноставно. Повторувам, само нека напишат една реченица во законот која ќе ги обврзува функционерите по јавниот оглас и спроведениот стручен испит, да извршат прием на прворангираниот и најдобро бодиран кандидат кој има најголемо знаење. Ви благодарам.