Опасна авантура е играта во која расколникот Вранишковски божем бега а македонските власти божем го гонат


09.01.2011 | 00:29:26 | Прес Конференции


Опасна авантура е играта во која расколникот Вранишковски божем бега а македонските власти божем го гонат

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, недела, 9 јануари 2011

Почитувани,

Со денешната прес конференција сакаме да упатиме загрижувачка порака  дека наметнатата игра во која расколникот Вранишковски наводно бега од македонските власти, претставува опасна авантура.

Ова му овозоможува на Вранишковски и понатаму слободно да го спроведува своето субверзивно дејствување врз Македонската православна црква која е еден од темелите на државноста и вековен чувар на идентитетот на македонскот народ и македонската држава и главен столб на македонското опстојување. 

Дотолку повеќе што во случајов не се работи за било кој, туку за еден расколник, отпадник и српско-грчки шпион кој работи на разнебитување на  македонската нација и црква.

Меѓутоа, вината за слободното шетање на Вранишковски не треба да се бара кај бугарските органи кои не дозволија екстрадиција, туку вината треба да ја бараме на домашен терен, кај нас во Македонија.  Денес ќе презентираме само еден факт кој јасно покажува дека токму во Македонија некој сака Вранишковски да биде на слобода. Имено, во време кога против Вранишковски постојат осудителни пресуди за финасиски малверзации и предизвикување на расна и верска омраза, внимавајте добро, битолската полиција му издава патна исправа со регистарски број 1904171. Дури, на расколникот Јован му е издадено и одобрение за пиштол марка берета 9 мм.  Според Законот за кривичната постапка една од мерките за обезбедување на обвинетиот во кривичната постапка е одземање на неговата патна исправа. Впрочем, при полициските апсења, сите ние речиси секојдневно гледаме како истражниот судија доколку не определи притвор, задолжително следува одземање на патната исправа на обвинетите лица. Според Законот за патните исправи, поднесено барање за издавање на пасош ќе се одбие и нема да се издаде ако против лицето кое бара пасош е поведена кривична постапка. Значи, битолската полиција му издава на Вранишковски патна исправа во време кога против него постојат кривични постапки и осудителни пресуди, иако во таков случај согласно законските прописи патна исправа и пиштол не се издаваат, туку напротив, се одземаат. Оттука, министерот Маневски не треба да се изначудува зошто бугарските власти не одобрија екстрадиција, туку треба веднаш да се заложи македонското правосудство да испита, кој дозволил Вранишковски незаконски да добие патна исправа со која слободно ја напушти државата, иако против него има кривични постапки и пресуди. Понатаму, кога веќе незаконски му е издадена патна исправа, кој издал наредба да не му се одземе патната исправа на Вранишковски, иако законот е јасен - доколку по издавањето на патната исправа дојде до кривична постапка или осуда, во таков случај патната исправа се одзема. Патем, кој дозволил Вранишковски да поседува и пиштол иако е  предмет на кривично-правен прогон, заради што во никој случај не може да поседува оружје?  Почитувани присутни, Минувањето на границата од Вранишковски без никаков проблем заради одбегнување на осудата и тоа вооружен со пиштол, поседување на пасош и пиштол спротивно на законските прописи, јасно ја разоткриваат играта во која Вранишковски божем бега, а властите божем го гонат.  Затоа, НДМ го повикува македонското правосудство да постапи согласно своите надлежности и да ги расветли овие штетни игри не само за МПЦ и за народот, туку и за државата. Граѓаните очекуваат разрешување на дилемата дали овие задкулисни сценарија се резултат на некои отуѓени центри вон контрола на државните органи, или, пак, станува збор за свесна активност на актуелната владеачка гарнитура да го тргне Вранишковски од Македонија за да не и прави внатрешни проблеми, а притоа слободно да кружи околу Македонија и да ја спроведува својата шетна активност. Ви благодарам