Новогодишно обраќање на лидерот Бачев


30.12.2010 | 00:25:47 | Прес Конференции


Новогодишно обраќање на лидерот Бачев

Новогодишно обраќање, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, Претседател на НДМ Скопје, четврток, 30 декември 2010

Почитувани граѓани

За жал и во годината што измина, Народно движење за Македонија повторно беше исправено пред предизвикот да нуди решенија за одбрана на достоинството на македонските граѓани.

И не случајно, бидејќи се покажа дека Македонија е небезбедна земја, земја на сиромаштија, со 350.000 невработени, со над 80 илјади семејства кои примаат социјална помош, со разорен економски систем, со затворени и ограбени фабрики, со ограбени земјоделци, со криминална приватизација и општ грабеж на националниот имот што го создаваа 50 години сите работни луѓе во социјализмот, со прескапо и неорганизирано здравство, со скап и нефункционален образовен систем, со длабоко неединство за стратешките интереси, со поразена идеја за национална и унитарна држава. 

Со еден збор, Македонија е поразена, посрамена и со нарушено достоинство. Ги гледаме овие темни слики на Татковината, болно ги доживуваме и неможеме да се помириме со нив. Меѓутоа, проблемите не смееме да ги бараме на друго место, во другите националности, во меѓународниот фактор, кај соседите или којзнае каде.   Не!  Проблемите се овдешни, во нас, во системот во кој живееме, во властите што ги избиравме и во партиите што ги подржувавме во изминатите 20 години.  Заради тоа, ние во Народно движење за Македонија со целата своја одговорност, интелектуален капацитет и морален кредибилитет, секогаш ќе бидеме на првата линија во борбата за одбрана на македонските национални интереси. Под закрила на оваа идеја покажавме како се бранат највиталните интереси затоа што: Први инициравме ревизија на криминалната приватизација и незастарување на кривичните дела поврзани со приватизацијата;  Први инициравме данок за богатите за делумно да ги исправиме неправдите од криминалната приватизација; Први инициравме лустрација во Македонија; Ги расветливме злоупотребите на тајната полиција во Македонија; Ги расветливме предавствата за време на татковинската војна во 2001 година; До МАНУ поднесовме Меморандум за Македонската енциклопедија; До државното обвинителство поднесовме кривична пријава за фалсификување на пописот во 2002 година, со кој Албанците во државата лажно беа прикажани дека се 25 отсто; Го прикажавме срамниот прием на Македонија во Обединетите нации; Во Собранието поднесовме Стратегија за одбрана на вековното македонско име;  Такви сме. И во идната 2011 година остануваме на првата линија во борбата за одбрана на националните и државните интереси. Имаме милиони причини, историски или наметнати, политички или економски, реални или ирационални, за делби и поделби. Меѓутоа, една единствена мисла треба да биде заедничка за сите нас – ЉУБОВТА КОН МАКЕДОНИЈА! Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашите деца, на нашите семејства, на нашата единствена татковина МАКЕДОНИЈА! Ве повикувам заеднички да го најдеме излезот од тунелот во кој со години се наоѓаме. Мудроста е кај Вас. Нашата улога како Народно движење за Македонија е да ги слушнеме, проучиме и да ги реализираме вашите идеи и предлози. Ние ќе се бориме, од Вас и од Вашата волја зависи дали во тоа ќе успееме. На крајот Ви посакувам Среќна нова 2011 година со многу желби за многу среќа и добро здравје. За народот, За Македонија.