НДМ со нови докази за погибијата кај Карпалак


15.08.2010 | 00:04:37 | Прес Конференции


НДМ со нови докази за погибијата кај Карпалак
Изјава, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, Претседател на НДМ Скопје, 15 август 2010

Претседателот на НДМ Јанко Бачев денес, недела, 15.08.2010 година, организира средба со новинарите на која презентираше извадок од аналитички документ на МВР што покажува дека загинувањето на бранителите кај Карпалак можело со сигурност да биде спречено.

Почитувани,

Девет години по крвавиот настан кај Карпалак, сега, едно е сигурно, а тоа е дека ниту кај СДСМ до 2006 година, ниту кај ВМРО ДПМНЕ после 2006 година кога дојдоа на власт, нема интерес за вистината за бранителите кај Карпалак кои загинаа во одбраната на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

Како припадник на Министерството за внатрешни работи во Татковинската војна во 2001 година, имам силна обврска да се залагам случајот Карпалак да не се заборави, бидејќи имаме докази дека можело да се спречи загинувањето на бранителите доколку некој не пропуштил да преземе одредени дејствија, што бил должен да ги преземе во интерес на безбедноста на конвојот.

Четириесетина дена пред погибијата кај Карпалак во македонската Служба за државна безбедност постоеја два службени документи со податоци дека на ридот од каде се пукаше врз конвојот се наоѓа вооружена група од 10-15 лица, Согласно правилата за соработка на безбедносните органи во државата, МВР ги достави овие информации за понатамошно постапување до Секторот  безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана. 

Врз основа на овие оперативни податоци од двете службени белешки што ги споменав, Службата за аналитика во државната безбедност, внимавајте, изготви информација уште во јули 2001 година како да се запоседне просторот околу автопатот кај Карпалак заради безбедно минување на редовните конвои на бранителите накај Тетово. Ова е извадок од Информацијата на Службата за аналитика во македонската државна безбедност од јули 2001 година, доставена до политичко-безбедносниот врв во државата, а од која можете да видите како аналитичарите во македонската тајна полиција професионално си ја извршиле работата, одосно, дале прецизни анализи и насоки што да се преземе, и доколку се постапело по ова аналитичка информација, повеќе од сигурно е дека Карпалак ќе беше избегнат.  И, сега, замислете, да го имате ова речиси 40 денови пред настанот и да ви загинат бранителите од испукана граната токму од кај Карпалак! Катастрофа... Сознанија имаше, а ништо не се презеде!? Трагедијата, пак, сигурно ќе беше избегната, доколку само со еден хеликоптерски прелет беше збришана оваа вооружена група, бидејќи прецизно се знаеја сите битни елементи, како локација, време и начин на движење, вооруженоста, распореденоста, бројноста на групата и слично! Ги прашувам колегите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дали се спремни привремено да престанат да ги навредуваат македонските граѓани со тоа што секојдневно јавно ќе ни признаваат кој повеќе лажел или крадел во изминатите дваесетина години, за да се согласат и подржат формирање соодветна собраниска комисија која ќе работи на расветлувањето на перфидното местење на македонските бранители во 2001 година? Дали знаат во владеачката ВМРО-ДПМНЕ, дека преживеаните бранители, роднините и семејствата на загинатите бранители и воопшто македонскиот народ сега многу повеѓе од трагичните загинувања ги боли тоа што не ја знаат вистината!?  Го потсетувам премиерот Груевски дека ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија со демохристијанска и народна ориентација и со силна верба во Господ, има историска одговорност да ги расветли контроверзните загинувања на македонските бранители во воената 2001 година. Ви благодарам