За кој единствен неспорен идентитет зборува посредникот Метју Нимиц


10.07.2009 | 23:38:43 | Прес Конференции


За кој единствен неспорен идентитет зборува посредникот Метју Нимиц

Прес конференција, НДМ Јанко Бачев претседател на НДМ, Владимир Голубовски претседател на ВМРО-ДП Скопје, петок, 10 јули 2009

Претседател на НДМ, Јанко Бачев рече: Вчудоневидени сме од непримерната флексибилност и љубезност на државниот врв на Македонија при последната посета на посредникот Метју Нимиц на Македонија, а на штета на дигнитетот и идентитетот на македонската држава и народ.

Имено, посредникот Нимиц остваруваше контакти со македонски претседател и македонска влада чие име тој не го користеше, даваше официјални изјави за македонските медиуми од земја без да ја именува и притоа македонскиот државен не најде за сходно да почуствува ни најмала непријатност околу овие прашања, иако требаше веднаш да му укажат на Нимиц да го коригира своето однесување и да се инсистира да го употребува зборот Македонија во службените дејности, а во спротивно јасно да му се даде на знаење дека ќе му се  заблагодариме на посетата пред таа и да започне.

НДМ И ВМРО-ДП изразуваат огромно задоволство од фактот што претседателот на македонскиот парламент по добивањето на нашата Предлог-Стратегија за одбрана на уставното име на 1 јули 2009, веднаш им ја поделил на пратениците за натамошно постапување и разгледување.

Инаку, во разговори со нас, по кажување на самите пратеници се работи за досега најсериозен документ за одбрана на уставното име со насоки, анализа и осмислена тактика како да го одбраниме уставното име.

Ние сме длабоко убедени дека на Македонија и е потребна стратегија за одбрана на уставното име, а не стратегија за национален пораз и за промена на името. Се разбира, од разбирливи причини не би зборувале за поединости за да не се нанесе штета на националните инетреси, а претседателот на Собранието е тој што ќе треба да го определи степенот на доверливост на Предлог-Стратегијата.

Ви благодарам,

Претседател на ВМРО-ДП, Владимир Голубовски рече:

Ја предупредуваме Владата дека нема мандат да преговара за промена на името, ниту да распишува референдум во врска со ова прашање. Граѓаните на Република Македонија не можат да одлучуваат преку референдум, за идентитетот на Македонците, ни кога граѓаните би биле „македонскиот народ„ а не се. Зарем ќе дозволиме да бидеме уценети одвнатре, и Македонија да биде фрлена на колена.

Затоа бараме, во име на македонскиот народ, прекин на разговорите за името со посредство на специјалниот посредник, а постапката да продолжи пред Обединетите Нации.

Предлог стратегијата за одбрана на уставното име, која ВМРО-ДП И НДМ ја доставија до Собранието на Република Македонија, ги содржи сите релевантни аргументи во прилог на ваквото барање.

Загрижени сме и од очигледните индиции, дека сега веќе и државниот врв, се приклучи кон ставовите на парламентарната опозиција, па сега заедно дефетистички го подготвуваат македонскиот народ да прифати промена на името, и со тоа предизвикуваат уште посилни притисоци однадвор.

Во ваков контекст ја сметаме и избрзаната координативна средба од претседателот Иванов, по претходно апсурдно одржаните одделни средби со специјалниот посредник, и тоа на највисоко ниво, наспроти министерското ниво на средбата која ја имаше Метју Нимиц со другата страна.

Овој дилетантизам, при основано сомнение дека постои и умисла, се повеќе разоткрива антимакедонски заговор, кој е крајно опасна закана за македонските национални интереси.

Ваквата политика води кон братоубиствена војна, зашто македонскиот народ нема да прифати да се самоукине.

Затоа на оние кои се нафатиле да бидат кумови, им порачуваме да се плашат од судот на народот, а не од притисоците однадвор.

Ви благодарам,