НДМ и ВМРО-ДП бараат отворање на постапка за името во ООН


05.07.2009 | 23:35:19 | Прес Конференции


НДМ и ВМРО-ДП бараат отворање на постапка за името во ООН

Прес конференција, НДМ и ВМРО-ДП Јанко Бачев претседател на НДМ, Владимир Голубовски претседател на ВМРО-ДП Скопје, хотел Турист, недела, 5 јули 2009

Почитувани,

Претседател на НДМ  Јанко Бачев на прес конференцијата изјави: Сакаме да ја информираме македонската јавност дека ние, двете политички партии НДМ и ВМРО-ДП во пресрет на посетата на медијаторот Нимиц поднесовме до Претседателот на Собранието Предлог-Стратегија за одбрана на уставното име на државата.

Се одлучивме на овој чин од неколку фундаментални причини:

-За нас е апсолвирана целата грчка стратегија во контекст на наметнатиот проблем со името која всушност претставува димна завеса зад која Грција го продолжува националниот геноцид врз Македонците;

-Проблемот со името, не е спор туку се работи за грчка агресија врз Македонија, зошто негацијата не е спор туку агресија;

-Тргнувајќи од фактот што политиката ја сфаќаме пред се како активност во функција на заштита и одбрана на националните и државните интереси, и притоа водени од чувството на патриотизам и обединети околу определбата за одбрана на името по секоја цена, ние двете политички партии сакаме да дадеме свој придонес во надминувањето на ирационалниот спор со Грција заради што нудиме конкретна стратегија за одбрана на уставното име;

-Собранието на 3 ноември 2008 донесе Резолуција за изнаоѓање стратегија за наметнатиот спор со Грција со која се нагласува неопходноста да се одбрани името, националниот идентитет и јазикот, што значи дека на Македонија и е потребна стратегија за одбрана на уставното име, а не стратегија за национален пораз, за компромис за името по секоја цена што имавме прилика да ја видиме по предлог на еден пратеник.

Предлог-Стратегијата концепциски е структуирана така што содржи вовед, платформа и основни насоки чиј интегрален дел претставува и конкретниот осврт на повеќето начини што и стојат на располагање на Македонија да го оствари своето суверено право да биде нарекувана Република Македонија во рамките на Обединетите Нации и другите супсидијарни организации.

За анализата и осмислената тактика како да ја добиеме битката за одбрана на уставното име со конкретни дејствија во постапката пред ОН, во оваа прилика не би зборувале за поединости, се додека Собранието на РМ не се изјасни евентуално за степен на доверливост.

Заради запознавање со Предлог стратегијата побаравме средби и со претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски и лидерот на опозиционата СДСМ Бранко Црвенковски, и нивните одговори ги очекуваме.

Ви благодарам,

Претседател на ВМРО-ДП Владимир Голубовски на прес конференцијата изјави:

Самитот на НАТО во Букурешт донесе отрезнување, и Собранието донесе резолуција за изнаоѓање на државна стратегија за спорот со Грција за името.

Но, двете македонски партии кои досега не покажаа способност да се обединат кога се работи за едно вака важно прашање, и ова прашање од највитален национален интерес постојано го злоупотребуваа во меѓусебната борба за власт, сега се „обединија„ и заговараат разумен компромис, ни нудат стратегија за национално предавство.

Ние таква стратегија не прифаќаме, тоа не им го прифаќа ни македонскиот народ!

Затоа во нашата Предлог стратегија ПРЕДЛАГАМЕ Република Македонија да ги прекине разговорите за компромисно решавање на уставното име, и решението да го побара во постапка пред Обединетите нации. Во прилог на ваквата одлука пред се оди фактот што 124 држави членки на ОН не признаа под уставното име, како и фактот дека разговорите предвидени со Резолуцијата 817 по изминати 18 години западнаа во ќорсокак, со што практично на Резолуцијата и измина рокот.

Исто како и македонскиот народ, сметаме, дека никој нема право да преговара, а уште помалку да одлучи за промена на името, тоа право го немаат ни граѓаните на Република Македонија преку референдум, ни кога граѓаните би биле „македонскиот народ„, а не се.

Не постои било што, што би дало право на оваа генерација Македонци, и посебно пак никако само на дел кој што живее во Република Македонија, во името на претходните и идните генерации, да одлучува за нашето национално име.

Ги повикуваме двете најголеми македонски партии вистински да се обединат за ова прашање, во интерес на македонските национални интереси, и итно во Собранието да донесат Резолуција со која Република Македонија ќе го отфрли секој предлог за промена на името, зошто според меѓународното право, правото на Македонија да го задржи своето природно историско име, како на држава е посилно, отколку на друга држава која претендира својата провинција да ја нарекува со истото име.

Уште повеќе што изборот и усвојувањето на националното име, не е регулирано со меѓународни норми, ниту со мултилатерални или билатерални акти и спогодби. Секој народ, секоја нација има право самата да го избере и носи своето име. Од таму, никој нема право да обвини една држава, и да и го оспорува националното име, па затоа и не постои институција, до која може да се упати вакво обвинение.

Ви благодарам,