НДМ ги претстави градоначалничките и советничките листи


01.03.2009 | 23:32:59 | Прес Конференции


НДМ ги претстави градоначалничките и советничките листи

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, хотел Турист, недела, 1 март 2009

Почитувани,

Народно движење за Македонија на претстојните локални избори ќе излезе самостојно со свои кандидати за градоначалници и за советници на општините.

Одлуката за самостоен настап произлегува од нашата загриженост и длабока убеденост дека претстојните локални избори се повеќе од обични избори со оглед на специфичната и чуствителна положба на Република Македонија на внатрешен и надворешно-политички план.

Затоа, Партијата не може да стои настрана во овие судбоносни моменти за државата со оглед на тенденцијата во процесот на децентрализацијата власта суштински да се пренесува на локално ниво, односно локалните заедници да одлучуваат и за прашања од национален и државен интерес заради што НДМ е исправена пред предизвикот да понуди политичка платформа за заштита и одбрана на достоинството на македонскиот народ и лојалните национални малцинства што живеат во Републиката.

Во овој контекст, по добиените официјални верификации од Општинските изборни комисии Партијата на локалните избори ќе излезе со кандидати за градоначалници во шест општини и Градот Скопје, со кандидати за советнички листи во 19 општини и за Градот Скопје и со една листа на подршка со група граѓани за градоначалник во Општина Македонски Брод.

НДМ ќе излезе со следните кандидати за градоначалници:

Јанко Бачев, Претседател на НДМ е кандидат на партијата за градоначалник на Скопје.

Притоа Јанко Бачев изјави: Сакам да ве известам дека изборот за градоначалник на Градот Скопје е предизвик заради што се нафатив да се кандидирам. Како партија која се бори за одбрана на македонските национални интереси, соочена со вакви груби, во основа на антимакедонски провокации во локалните заедници, прифаќајќи ја притоа сопствената одговорност пред своето членство, и пред целиот македонски народ, која се подразбира за една сериозна партија, и за еден сериозен лидер на партија, лично ја прифатив одлуката на партијата за моја кандидатурата за градоначалник за Градот Скопје.

Во останатите општини во трката за градоначалници ќе влезат следните кандидати: Во Општина Чаир ќе се кандидира Анѓеле Јованоски, во Ѓорче Петров Сребре Ставревски, во Шуто Оризари Садик Кемал, Зоран Јовановиќ ќе биде кандидат за градоначалник во Гази Баба, Анита Јовановска во Кисела Вода, а во Македонски Брод НДМ во соработка со група граѓани го кандидира Милосим Војновски, актуелен градоначалник на Македонски Брод.

НДМ ќе излезе со советнички листи во следните општини:

Никола Николов, Потпретседател на НДМ е носител на Листа за советници за Градот Скопје.

Покрај Градот Скопје Народно движење за Македонија ќе излезе со советнички листи во: Ѓорче Петров, Карпош, Чаир, Бутел, Центар, Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Брвеница, Тетово, Јегуновце, Другово, Кичево, Македонски Брод, Прилеп, Кавадарци, Струмица, и Кочани.

Доколку кандидатите на НДМ ја добијат довербата на граѓаните, дејствувањето ќе се темели на два фундаментални принципи:

1.Доследно ќе го заживееме заборавениот демократски институт кој досега на локално ниво ниту еднаш не е применет а е предвиден со Законот за локална самоуправа-локален референдум кој буквално ќе го распишуваме за секое прашање од локално значење за да граѓаните сами одлучуваат за сите аспекти на локалната заедница.

2.Драстично поголема стапка на локалните даноци, локалните такси и локалните надоместоци за богатите како етапа да се избориме на централно ниво за воведување на т.н. данок за богатите. Со ова сметаме дека делумно ќе ја исправиме неправдата од македонската неморална и неправедна приватизација во која се дозволи на одбрана група транзициски олигарси да си го поделат целокупното општествено богатство создавано од целиот работен народ во социјализмот со што на овој легален начин ќе се овозоможи сега повратно во буџетот да се врати дел од украденото кое пак дополнително ќе им се даде на граѓаните во форма на разни социјални програми-здравство, социјална грижа и заштита, образование, спорт и слично.

НДМ смета дека науката и цивилизацијата воопшто се погрижиле да изнајдат механизми како се прави една современа и модерна локална заедница што значи дека знаење не ни недостасува, не недостасуваат и обемни пишани изборни програми во овие дваесетина години, туку она што најпосле ни треба е волја, желба, чесно,  транспарентно и одговорно работење што го поседуваат кандидатите на НДМ.

Ви благодарам,