Владата да не попушта на заканите на ДПА и ДУИ


09.03.2008 | 23:29:06 | Прес Конференции


Владата да не попушта на заканите на ДПА и ДУИ

Прес конференција, НДМ, ВМРО-ДП и ТМРО Јанко Бачев претседател на НДМ, Владимир Голубовски претседател на ВМРО-ДП и Ванчо Шехтански претседател на ТМРО Скопје, хотел Турист, недела, 9 март 2008

Со независнота на Косово Албанците реализираа значаен дел од прокламираните определби за глобално решавање на “албанското национално прашање” на Балканот, а за да го разбијат и интегритетот на македонската држава им недостасуваат институционално “стекнати права” со репер на државност, меѓу кои главен приоритет им е прогласувањето на албанскиот јазик и во органите на државната власт во Република Македонија.

Сериозно ги предупредуваме Ахмети и Тачи да престанат со непристојните провокации спрема македонскиот народ, особено со навредливите и понижувачки провокации спрема македонските бранители кои лидерите на ДПА и ДУИ барајќи Закон за борците на ОНА, ги ставаат во ист кош со албанските терористи.

Истовремено најостро го осудуваме политичкиот упад во Врховниот суд, кој донесе политичка пресуда на штета на македонските бранители, со која од нив е побарано да ги вратат оштетните износи што им беа досудени претходно со правосилни пресуди.

заеднички став изнесен од Јанко Бачев

Барањето за институционално решавање на статусот на припадниците на ОНА, е пресметана провокација која треба Република Македонија да ја дефокусира од идентификувањето на последиците од прифаќањето на употребата на албанскиот јазик на сите нивоа во државата, за погрешно да го избереме како “помало зло” Законот за употребата на јазиците, со тоа да бидеме измамени со наводен компромис на кој тие во “последен момент” би се согласиле.

Затоа бараме од Владата да не попушти под заканите и уцените на ДУИ и ДПА. Сега е ред на Република Албанија да одговори со репроцитет на веќе остварените права на албанското малцинство во Република Македонија.

заеднички став изнесен од Голубовски

Ја повикуваме Владата на РМ, односно Министерството за правда и Обвинителството на РМ итно да го процесуираат случајот за командна одговорност на раководството на ДУИ за злосторствата сторени за време на конфликтот во 2001 година.

Исто така ги повикуваме пратениците во Собранието на РМ да покренат постапка за одземање на имунитетот на пратениците на ДУИ за кои се покренуваат истражни дејствија.

Бараме превентивно МВР да им ги одземе патните исправи на истите за да не избегаат од државата.

заеднички став изнесен од Ванчо Шехтански