Народот да реши за признавањето на Косово


24.02.2008 | 23:26:54 | Прес Конференции


Народот да реши за признавањето на Косово

Прес конференција, НДМ, ВМРО-ДП и ТМРО Јанко Бачев претседател на НДМ, Владимир Голубовски претседател на ВМРО-ДП и Ванчо Шехтански претседател на ТМРО Скопје, хотел Турист, недела, 24 февруари 2008  

Почитувани,

Народното движење за Македонија, ВМРО-ДП и ТМРО ја повикуваат Владата да се воздржи од признавање на Косово, а македонските политички партии да постигнат национален консензус по ова прашање.

Доколку притисокот однадвор е ултимативен, Собранието на РМ да распише референдум преку кој одлука за признавање или непризнавање ќе донесе Македонскиот народ.

Затоа што, независноста на Косово води кон отцепување на дел или комплетно растурање на македонската држава.

Еднострано прогласената независност на Косово претставува грубо кршење на меѓународното право, и опасен преседан на општоприфатениот принцип за непроменливоста на границите врз кој се темели светскиот мир.

Предвидуваме дека за помалку од десет години, ваквото сценарио, кога Косово ќе посака да се припои на Албанија, ќе и се случи и на Македонија.

Наводните гаранции дека на Косово нема да му се дозволи припојување кон Албанија, и дека Албанците во Македонија нема да се приклучат кон тие процеси, се провидни манипулации со реалните факти кои долгорочно се потврдуваат.

Ако преку спорот за името со Грција сакаат да ни ја убијат душата, со барањето да го признаеме Косово не тераат сами да си го умртвиме телото. Легитимно право на Република Македонија е да се воздржи од слепото подржување на туѓи интереси како свои приоритети.

Ви благодарам,