Собраниската тепачка е конципирано сценарио


27.09.2007 | 23:24:42 | Прес Конференции


Собраниската тепачка е конципирано сценарио

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, хотел Турист, четврток, 27 септември 2007

Почитувани,

Народно движење за Македонија силно го осудува  недоличното, срамно и насилничко сценарио за дестабилизација и нанесување штета на аспирациите на Македонија во Унијата и НАТО што почна да се реализира завчера со нарачана и конструирана тепачка во Парламентот.

Граѓаните се длабоко загрижени, бидејќи е крајно опасно во услови кога СДСМ и ДУИ немаат капацитет и знаење да парираат на успешните економски мерки на Владата, така немоќни да играат на веќе видена карта како и во периодот 1998-2002, односно за да и наштетат на Владата да конструираат сценарија и продуцираат т.н. безбедносни проблеми и игри што ги загрозуваат виталните државни и национални интереси.

НДМ располага со сознанија дека мрачното и опасно сценарио чиј прв дел е пратеничката тепачка е конципирано пред извесно време на средба во кабинетот на директорот на Агенцијата за разузнавање во режија на З.В. (експресно повикан од Италија) и Л.К. на работно место пратеник, инаку докажани експерти за монтирање сплетки и интриги. Особено загрижува фактот што сценариото предвидува продолжение со други дестабилизирачки форми и методи.

Постојат три причини за т.н. сценаристи и тоа: фактот што премиерот Груевски се согласи со предлозите на Црвенковски за судскиот совет, можноста од позитивен извештај од ЕУ во ноември, и добивање покана за НАТО во април 2008, кое нешто т.н. сценаристи требало по секоја цена да го спречат да го стори ова Влада и со тоа уште повеќе да го зголеми својот рејтинг, а раководејќи се притоа од свои теснопартиски интереси и желбата на СДСМ и ДУИ да се вратат на власт по секоја цена. Инаку сценариото е детално конципирано со прецизен тајминг, актери и слично, а не случајно првиот чин со тепачката бил замислен да се изведе токму во момент на отсутво на претседателот на државата, за да на тој начин да се прикаже неговата наводна неутралност во  овие загрижувачки конструкции. Иронијата да биде поголема, видовме и како еден од актерите-Џеват Адеми дури нема капацитет и да го научи неговиот дел од сценариото, бидејќи на очиглед на целата јавност во неговите две последователни изјави напишани од т.н.сценаристи за истиот настан даде котрадикторни и збунувачки изјави.

НДМ ги повикува СДСМ и ДУИ веднаш да престанат да се коцкаат со интересите на својот народ поради задоволување на теснопартиски интереси, а крајно опасно и штетно за демократијата е во политички пресметки да се инволвира и најчуствителната институција-Агенцијата за разузнавање како место за плетење интриги и конструкции.

НДМ е убедено дека институциите на системот ќе покажат моќ во соодветна законска постапка да ја утврдат вистината во врска со најновите тенденции за загрозување на националните и државни интереси.