Невладината „Транспаретност„ вплеткана во партиски пресметки


07.09.2007 | 23:20:36 | Прес Конференции


Невладината „Транспаретност„ вплеткана во партиски пресметки

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, петок, 7 септември 2007

Почитувани,

Имено, вчерашниот прес на претседателот на “Транспаретност Македонија” (ТМ) длабоко ги загрижи граѓаните, бидејќи оваа т.н. невладина организација  на мошне перфиден начин и по нарачка се инволвира во партиски пресметки, кои пак, според наши сознанија во периодот што следи ќе кулминираат со невидена жестина, подметнувања, интриги и конструкции. Непримерниот настап на претседателот на ТМ само ги потврдува од поодамна изнесените наводи на НДМ дека оваа организација е всушност голема измама и корисна алатка преку која денес се остварува посакувана контрола на состојбите на политичката сцена. Во оваа насока се отвораат повеќе дилеми кои НДМ сака да ги сподели со македонската јавност :

НДМ го прашува претседателот на ТМ дали е во духот на една невладина организација да учествува на средби во кафеана во сопственост на компанија на еден од т.н. олигарси кои го ограбија македонскиот народ, а на кои е договарана “стратегија” и “невладината” ТМ активно да се вклучи во амортизирање на криминалните афери на Владо Бучковски ако дојдат до фаза на обвинение, а кое нешто и се случи деновиве!?

НДМ го прашува претседателот на ТМ дали со овие нарачани прес конференции всушност му се одолжува на Бучковски за примени 150.000,оо УСД на име советнички услуги на Бучковски во воената 2001 година кога овој беше министер за одбрана. Настрана фактот што овие совети на тогашните советници свесно ја турнаа Македонија во воен, дипломатски и политички пораз. Токму Бучковски и Ордановски денес се едни од главните лобисти за независно Косово, а косовските структури за промовирање на големоалбански аспираации плаќаат милиони евра-пари добиени од албанската мафија. Не е спорно дека секој има право да лобира и да ги наплаќа своите советнички услуги, но спорно е што активностите на овие лица се штетни за националните и државни интереси на Македонија.

НДМ го прашува претседателот на ТМ да каже пред македонската јавност дали врз основа на свои долгогодишни релации и врски со  безбедносни структури има стекнато поголем личен имот што е несвојствен за приходи од новинарска плата!?

Затоа, НДМ уште еднаш ја повикува македонската влада да престане со индиферентниот однос кон лустрациниот процес, и под најитно се заложи најавениот закон за лустрација кој има суштинско значење за демократијата и државните интереси конечно да се донесе и на тој начин да се изврши прочистување на политичката сцена. НДМ е уверено дека доколку го имавме овој закон, една поголема група од јавниот живот веќе предвреме ќе беше замината во политичка пензија како резултат на делотворниот лустрационен третман и на тој начин ќе се елиминираше можноста соработници на тајните служби под превезот на т.н. невладини организации кои се всушност јадрото на тајната мрежа во државата и понатаму да вршат упад на политичката сцена штитејќи партиски интереси и цели, како што впрочем се случува сега со “невладината” Транспаретност Македонија.

НДМ смета дека е крајно опасно и штетно за демократијата инволвирањето на невладини организации во политички пресметки, а претседателот на ТМ најмалку има право да морализира и да се прикажува како борец против криминалот и корупцијата без претходно да одговори на поставените прашања!?

НДМ смета дека Владата на РМ треба уште на самиот почеток да изгради соодветни механизми спрема оваа организација која може во секое време да прави соодветни проблеми и непријатни сплеткарења по нарачка на свои познати политички ментори.

Ви благодарам,