Шестмина киднапирани Македонци биле убиени, а другите се во Косово


20.02.2004 | 22:59:56 | Прес Конференции


Шестмина киднапирани Македонци биле убиени, а другите се во Косово

Прес конференција, Народно движење за Македонија Јанко Бачев, претседател на НДМ Скопје, петок, 20 февруари 2004

Почитувани,

Народно движење за Македонија најостро го осудува перфидното и невидено демагошко однесување на македонскиот државен врв, посебно на претставниците на МВР,  кои и понатаму манипулираат со информациите за киднапирани македонци за време на воениот конфликт.

НДМ, контрадикторните изјави на министерот во МВР дека немаат податоци за овие лица, па имале, но по смената на власта во 2002 година биле изнесени од МВР поради што наводно не може да се превземаат соодветни оперативни-технички мерки и активности, ги смета за најординарна лага во функција на натамошно опстојување на политичката сцена.

НДМ најодговорно тврди дека во УБК при МВР постојат два оперативни документи со конкретни податоци за киднапираните, а добиени уште во 2002 година од квалитетни разузнавачки извори: од лице кое е во класичен соработнички однос со УБК; и од припадник на ОНА учесник во киднапирањето при примена врз истиот мерката расчистување. Изјавите на овие лица независно еден од друг речиси во целост се идентични, а тоа е дека во тој период шест од киднапираните се убиени, а шест префрлени на Косово, со опис на начинот, локацијата, егзекуторите, префрлувањето и слично.

НДМ јавно го прашува МВР: Што е преземено по добиените квалитени оперативни податоци, а одговорот си земаме за право да прејудицираме најверојатно ќе биде НИШТО и тоа од “оправдани причини”: и претходната, а и оваа власт водена од политички и лични причини не сака политички потреси во македонско-албанските коалициони влади, бидејќи непосредно во инспирирањето, организирањето и егзекуцијата е инволвиран командантот од нависоката структура на ОНА, лицето Д.Р. а сега висок партиски функционер во една албанска партија, и спрема кого не е превземена ниту една мерка во овој период за целосно потврдување и заведување на судски предмет. Ние сме повеќе од сигурни дека УБК со примена на свои оперативно технички методи и средства  може(ше) да ја расветли судбината на киднапираните лица, а во наведениот период сеуште има потврдени информации за живи лица од киднапираните.

НДМ, лицемерието и ароганцијата манифестирани од државното раководство на средбите со роднините на киднапираните ги смета за невидена човечка хипокризија од најрадикален вид, затоа што во јавноста се  декларира “загриженост” и повремено се кажува дека МВР “работи на случајот”,  а истовремено се дозволува поранешни команданти на ОНА, а сега највисоки полициски функционери да издејствуваат укинување на заведената оперативна акција во УБК за случајот киднапирани, со што фактички се сторнирани сите оперативни активности за овој случај.

Народно движење за Македонија смета дека доколку се усвои предложениот модел на територијална организација, фактички отпочнува процесот и на формално заокружување на федерализацијата на државата. За жал, македонските преговарачи за т.н. рамковен договор манифестираа целосно непознавање на принципите, техниките и тактиките на преговарање, меѓудругото, дозволувајќи вметнување на одредбата од точка 3.1. со што локалната самоуправа ќе функционира врз база на принципот на вертикална организираност, имплицирајќи помеѓу другото фактичка повеќестепеност во организирањето на локалната самоуправа, а во суштина овој концепт значи конечно оживотворување на т.н. Илирида со “вертикален центар” Тетово. Македонските министри сеуште наивно веруваат дека вертикалното поврзување ќе значело соработка помеѓу општините во функција на нивниот развој. Аматеризам пар еџцелленце.

НДМ смета дека ваквите “вертикални” концепти се функционални во т.н.западни демократии кои базираат на индивидуата, но пренесени на македонска почва во услови на остри поларизации и антагонизми со преферирање на колективни(племенски) вредности од албанската заедница, за краен резултат ќе има гетоизирање на  т.н. албански општини, што недвосмислено доведува до разградување на унитарноста.

НДМ апелира до државното раководство да го заборави македонскиот синдром на самоуништување и покаже мудрост и зрелост во овој за нас историски момент, и ангажира вистински стручњаци што на експертско ниво ќе учествуваат во цртањето на општинските граници и ќе се изборат со неопходната политичка логистика за солуција на наредните избори да бидат изгледни шансите на македонците во Тетово да биде избран за градоначалник македонец. Притоа е потребно аналитичко опсервирање на сите можни комбинаторики, бидејќи постојниот распоред на населението во овој регион дава можност за ваква солуција. Односно, потребно е извесно прегрупирање, “додавање” или “одземање” на одделни населени места, при што во овој случај не би се нарушило локалната самоуправа да претставува природна, географска, и економска поврзана целина.

НДМ смета дека ваков концепт за Тетово е добра шанса албанските политички репрезенти и практично да не уверат дека етничкиот принцип воопшто не им е доминантен при определувањето на новата територијална поделба, а ние во НДМ дури тогаш ќе им поклониме безрезервна верба на македонските министри кои деновие изјавуваат дека македонците воопшто не треба да се плашат доколку Кичево или Струга добијат албанци за градоначалници бидејќи се било во функција на заедничкиот соживот.

Ви благодарам,