27 Април 2017


27.04.2021 | 19:18:31 | Колумни


27 Април 2017

Колумна, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, вторник, 27 април 2021

Четири години по настаните на 27 април во Собранието, едно е сигурно: Македонски патриоти неоправдано се фрлени во затворските зандани на вкупна казна од скоро два века затвор.

Марионетската власт четири години со силна медиумска кампања го замајува народот дека на 27 април имало обид за државен удар од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Постојат факти и докази кои го докажуваат спротивното:

Прво, во 2017 година претседател на државата и врховен командант на вооружените сили е Ѓорѓи Иванов. Директор на Бирото за јавна безбедност при МВР е Митко Чавков кој раководи со полицијата откако претходно со измените на законот, командувањето со полицијата е ставено во надлежност на директорот на БЈБ а министерот е само политичка личност за претставување на МВР.

Прашањето е, доколку ВМРО-ДПМНЕ организирало државен удар а во тоа време ја има под контрола и војската и полицијата, тогаш, кој го спречи државниот удар!?

Второ, се вели дека во Собранието имало луѓе со пиштоли кои требало по задача да го убијат Зоран Заев и други пратеници.

Прашањето е, кој го спаси Зоран Заев ако некој сакал да го убива таа вечер. Белким не сме до толку недоветни да поверуваме дека Влатко Ѓорчев кој застана со раширени раце пред Заев го спречи убиството и државниот удар!?

Трето, се манипулира со присуството на извесен Живаљевиќ во Собранието за да се сврти работата кон Србија. Но, зошто до денешен ден се сокрива клучната улога на двајца оперативци на ЦИА од амбасадата на САД во Скопје задолжени за создавањето на психолошка атмосфера пред Собранието дека Ѓорѓи Иванов прогласува воена состојба во 21:00 часот. Ова е еден од клучните моменти, бидејќи, откако се рашири веста за прогласување на воена состојба народот осоколен тргна во Собранието а полицијата тоа мирно и немо го посматраше оти нели готово е нашите (читај ВМРО-ДПМНЕ) прогласуваат воена состојба.

Четврто, околу еден месец пред 27 април постојано се одвиваа протести. Маршутата беше однапред позната секоја вечер. Собирно место и тргнување од кај МПЦ во 17:00 часот и пристигнување пред Собранието во 18:00 часот. И така цел месец. На критичниот 27 април истата маршута. Меѓутоа, „ѕверот“ му дава пеколен план на марионетата Заев кој се сведува на избор на Талат Џафери токму во 18:00 часот кога луѓето масовно пристигнуваат пред Собранието, создавање на психолошката атмосфера од припадниците на ЦИА дека Иванов прогласува воена состојба, внатре во Собранието тешка провокација со пеење на албанската химна и нелегален, нелегитимен и насилнички избор на Талат Џафери. Согласно ова, народот понесен од емоции дека го брани уставниот поредок влегува во Собранието. Останатото е историја!

Прашањето е, ако веќе наумиле да го бираат Талат Џафери на каубојски начин, зошто не го избраа во 12, 13, 14, 15, 16... часот, кога пред Собранието нема жив човек!?

Петто, се вели дека Службата за државна безбедност била инволвирана во државниот удар бидејќи во затвор е директор на СДБ. На прв поглед звучи ептен бомбастично ако кажете дека директорот на СДБ е во затвор поради спремање на државен удар. Но, прв човек на СДБ во тоа време време наменски е едно „дете“ од Делчево од дваесет и пет-шест години кое да го прашате и дали знае што значи државна безбедност или државен удар. Или пак, бомбастичните информации за разни Нинџи, Кобри... кои ги претставуваат во јавноста како вработени во СДБ а тие никогаш не биле дел од професионалниот кадар на СДБ туку биле наменски лица од криминалото подземје за потреби и за кодошење спрема службата. Значи, поентата ми е дека професионалниот кадар во СДБ не бил дел од никаков обид за државен удар, но, на марионетската власт на Заев и треба силно компромитирање на СДБ.

Како и да е, 27 април е конструиран случај од „ѕверот“ и неговите марионети во Скопје за инсталирање на марионетска власт со задача да го спроведе геноцидниот проект за бришење на името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.

Македонски патриоти на 27 април влегоа во собранието со силна верба дека го бранат уставниот поредок, а не да нападнат лица. На 27 април било кој да беше на местото на нападнатите ќе се случеше истото, бидејќи, претходно се создаде атмосфера дека е загрозен уставниот поредок. Ова на своевиден начин е потврдено при давањето на мандат за состав на влада, бидејќи тогашниот претседател Иванов бараше гаранции токму за она за што сега се осудени лицата за 27 април, со што и претседателот ја потврди општествената опасност.

На 27 април осудени се лица по петнаесетина години затвор. Зошто? Биле терористи. НЕ! Фрлени се во темните затворски зандани само поради неизмерната љубов кон Татковината.

Во 2001 година имаше слобода за припадници на албанското малцинство за напад на територијалниот интегритет и суверенитет на државата. Сега имаме спротивна ситуација, бараме слобода на лица кои влегоа со силна верба дека го бранат уставниот поредок.

Единствена Македонија како и македонскиот народ знае дека марионетската власт во Скопје која не ја одразува волјата на народот, ги осуди лицата за 27 април со лажен заштитен сведок Ц1. Одговорност мора да има, и ќе има. Мора да се дојде најпосле до официјален одговор, како и од кого беше сценариото во кое лицата за 27 април беа испратени во заседа и мораа да бидат затворени.

Ако е за утеха, неделниот масовен собир со преку 20.000 луѓе (доколку не беше состојбата со коронавирусот ќе имаше и сто илјади луѓе) народна подршка за неправедно осудените за 27 април ни ја враќа надежта за Македонија, таква каква што ја сакаме.