Случај Рекет - The end of SJO


27.08.2019 | 21:13:12 | Колумни


Случај Рекет - The end of SJO

Колумна, „Портал Дудинка“, понеделник, 26 август 2019, проф д-р Јанко Бачев

Титаник, Тврдина, Таргет, Транспортер, ТНТ, Тортура, Тврдина, Трезор, Тендери, Тарифа, Тенк, Труст, Тотал, Траекторија, Триста, Талир...се кодните имиња на акциите на Специјалното обвинителство кои секогаш започнуваа со буквата „Т“.

Меѓутоа, спротивната страна успеа да го сруши специјалното обвинителство само со една акција која во англиска верзија исто така започнува со буквата „Т„ (The end of SJO). Наивно е да се верува дека оваа акција е смислена од Јордан Камчев, патем, и не е битно дали креаторот е една соседна шпионска служба или некој друг, оти во текстот се осврнувам само на технологијата за рушење на СЈО.

Да потсетам, на 9 ноември лани во 18 часот во скопскиот кривичен суд започна распитот на бизнисменот Јордан Камчев по пријавата на Специјалното обвинителство. Околу 2 часот по полноќ судијата на претходна постапка определи мерка притвор во траење од 30 дена, по што, Камчев беше спроведен во истражниот затвор Шутка. На 10 декември судот му ја продолжи мерката притвор на Камчев за нови 30 дена.

И сега доаѓам до еден од клучните моменти кој „Креаторот„ добро го осмислил. Дотогаш гаранциите за пуштање од притвор се движеа околку 500.000 евра, но, Камчев понудува рекордни 14,5 милиони евра гаранција да излезе од притвор. Судот најпрвин ја одбива понудената гаранција, но, на 27 декември лани, по предлог на Јанева судот одлучи да го пушти Камчев оти имал добро однесување. Од временска дистанца сега е појасно зошто Јанева го направила овој маневар, најпрвин божем не се согласува и со гаранцијата од 14,5 милиони ера, ама замислете, неколку дена покасно се согласува Камчев да биде пуштен од „Шутка„ поради добро однесување во затворот. И за нова година Камчев си заминува дома.

Значи, „Кретаторот„ преку Камчев се решава и претпочита мошне добра техника на т.н. високо отворање и невообичаено за наши услови понудува рекордни 14,5 милиони евра гаранција дека Камчев нема да бега, за да излезе од притвор. Блефирањето за бомбастичниот паричен износ е однапред исклучено оти општо познато е дека овие пари не се проблем за Камчев.

Камчев ја праќа пораката дека е спремен да жртвува 14,5 милиони евра во замена за слобода. Многу е веројатно дека „Креаторот„ веќе имал информација за лепливите прсти на рекетарската група на Катица Јанева и прави добра проценка дека ќе се налепат на рекордните 14,5 милиони евра. Дополнителна поволност која му оди во прилог на „Креаторот„ е околноста што рекетарската група знае дека на Камчев, ич око нема да му трепне да жртвува милиони евра оти знаат дека Камчев не се испотил за тие пари, туку, богатството во голем дел го стекна со грабежот за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ.

Да потсетам, Камчев во десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, под закрилата на Мијалков ја украде половина Македонија и својот бизнис од здравството го прошири во земјоделство, млекарство, свињарство, градежништво, угостителство, банкарство... Интересно е што Камчев од владата на Груевски доби на име субвенции околу десет милиони евра, значи зема повеќе пари од буџетот отколку што плати за имотите и објектите што ги купуваше.

Но, тоа е време на бесмилосен грабеж на буџетски пари врз грбот на народот. А грабежот си е грабеж, и тогаш и сега за време на власта на СДСМ, со таа разлика, што, другата половина од Македонија сега ја владее Вице Заев.

Значи, по прекрасното отворање со 14,5 милиони евра од Камчев, се налепува рекетарската група топтан со специјалната обвинителка Катица Јанева со што „Креаторот„ ја завршува работата а мора да се признае дека изготвил добар план на оперативно-технички мерки и активности, кој по многу нешта наликува на план на безбедносните служби. Останатото е познато!

Да спомнам уште еден интересен момент. За договорените 8 милиони евра кои Камчев требало да и ги даде на групата на Јанева, пазарот бил да се склучи спогодба (законот тоа го дозволува) со која Камчев се согласува да надомести штета во буџетот од 6.275.280 евра, а за возврат да не оди во затвор. Доколку Заев сакал да се бори со криминалот на Камчев јасно е дека Јанева не би можела на своја рака да се пазари со Камчев да не оди во затвор и со тоа да навлече кавга со Заев. Така, или Јанева имала полна слобода самостојно да ги води предметите без влијание од Заев, или, пак, имало договор да не го гонат Камчев.

Заслужува интерес и поведението на Христијан Мицкоски кој цело време бара притвор и осуда на Јанева, но, замислете, во ниту еден јавен настап не бара постапка и за Камчев кој своевремено ја украде половина Македонија.

Патем, на примерот на Камчев се гледа колку е тенка линијата да се биде бандит или херој. Во 2005 година за време на владата на Бучковски имаше кривичен прогон против Камчев и тој да не оди во затвор избега од државата. Во 2006 кога Груевски стана премиер, Камчев се врати во Македонија, но не во затвор, туку станува најбогат бизнисмен во Македонија со грабежот на половина Македонија под закрила на Сашо Мијалков.

Сега историјата се повторува. Повторно Камчев можеби ќе е некаде во странство, но ќе чека да дојде Мицкоски на власт оти е уверен дека Мицкоски нема да го чепка. Ете така владеат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ веќе 30 години, лажат, крадат, апсат и судат по нарачка и ја растураат државата.

А Камчев наместо во затвор станува херој, оти сакале или не сакале да признаеме, во јавноста веќе се цементира уверувањето дека токму Камчев ја сруши Специјалната обвиниелка Јанева која своевремно наменски беше инсталирана од Заев и неговите странски газди да го гони криминалот на ВМРО-ДПМНЕ.

Како и да е, македонскиот народ и поголем дел од државјаните во новата легална власт на Единствена Македонија која доаѓа ја гледаат единствената надеж. Единствена Македонија кажува директно и јасно - ние сме во политиката да ги бркаме криминалците, да направиме ревизија и одземање на украденото од позиција на власт во измниатите 30 години. Македонија е нашата татковина, Македонија е нашиот дом, онака како што се бориме за нашите домови ќе се бориме и против носителите на организираниот криминал и висока корупција.