Последната надеж за Македонија


06.05.2019 | 18:39:33 | Колумни


Последната надеж за Македонија

Колумна, Единствена Македонија проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија Скопје, понеделник, 06 мај 2019

Навистина, на прв поглед е убаво за читање по социјалните мрежи како тие што повикувале на бојкот и неизлегување на изборите биле виновни што кандидатот на ДПМНЕ, Гордана Силјановска не победила, дури, внимавајте добро, така ја легализирале промената на името - Северна Македонија.

Овие крајно шашави размислувања во најголем дел ги шират клинентелистичките профили на ДПМНЕ кои сега се на резервната клупа оти беа развластени со доаѓањето на СДСМ и сега чекаат пак да победи ДПМНЕ и повторно да се вратат во фотелјите. А не се малку, со промената на власта во јавната и државната администрациа се менуваат околу девет илјади лица од најниските раководни шефчиња низ државата, па се до бројните функционерски именувања и назначувања. А Македонија, баш ги заболе овие клиентелисти за Македонија!?

Се разбира, со сета почит кон вистинските вмровци кои во опасните времиња на 1990-та го понесоа товарот на самостојноста и невидените малтретирања од тајната полиција, а за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ остана со прстот во уста.

Но, да се навратам на поентата за повикување на неизлегување на изборите!

Во услови кога на прво место се националните интереси, на второ партиските, а дури некаде на трето место личните интереси, веднаш да кажам, на изборите да победеше и Силјановска и Пендаровски, во суштина е едно исто, оти се контролирани од ист центар. Патем, тие и не го криеа тоа во кампањата велејќи дека не се талибанци па да го поништуваат и рушат Договорот со Грција со кој се брише се што е македонско.

Јас, успешниот бојкот го гледав низ призмата да предизвика политичка криза и распишување на парламентарни избори, свесен дека со бојкотот не може да се поништат актите со кои е обезличена Македонија.

Меѓутоа, неуспешниот бојкот и немање на вонредни парламентарни избори не е клучниот проблем за Македонија оти не е ништо страшно да почекаме и до редовните парламентарни избори догодина.

И сега доаѓам до клучната поента.

Единствената, не е претерано ако кажам и последната надеж за Македонија и Македонците е на новите парламентарни избори дојде нова народна власт со определба, прво, да го поништи Договорот со Грција со кој се промени името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ како спротивен на домашното и меѓународното право, и второ, да дојде народна власт за која светот е поширок и не завршува во Брисел.

Само на овој начин, и никако поинаку, може да ја видиме Македонија каква што ја посакуваме оти доколку и на наредните избори победи пак, ДПМНЕ или СДСМ, не се менува ништо. Останува болната вистина која е длабоко трауматична за македонската национална свест дека овие две партии триесет години се менуваат на власт и само лажат, крадат и ја растураат државата.

Но, доаѓањето на новата народна власт за спас на Македонија и Македонците претпоставува една претходна ситуација.

Прво, народот не смее да дозволи повеќе да биде манипулиран од разноразни измамници кои убаво зборуваат и пишуваат по социјалните мрежи а имаат длабоки криминални афери и големи соработничко-удбашки досиеја во Службата за државна безбедност. Овие измамници играат на картата на кратко паметење на народот и сега од петни жили се наметнуваат да се прикажат во поинакво светло, плукајќи по патриотските сили во земјата, а со самото тоа всушност се проектираат самите себе си сакајќи да го затскријат своето темно минато.

Второ, народот нема право повеќе на грешка и затоа на следните парламентарни избори народот мора да побара од секој што претендира на државна функција претходно детално да ја изложи својата биографија. За Македонија каква што ја посакуваме потребни се политичари кои во своите десет, дваесет или триесет годишни кариери немале ниту една дамка, повторувам, НИТУ ЕДНА ДАМКА ИЛИ БИЛО КАКВА КРИМИНАЛНА АФЕРА. Само така го осигуруваме стратешкиот интерес на Македонија - со политичари кои своето делување целосно го посветиле на македонскиот народ и македонската  држава.