Што ќе му кажев на министерот Димитров во „Стадион„ на Радио Канал 77


21.08.2018 | 12:26:49 | Колумни


Што ќе му кажев на министерот Димитров во „Стадион„ на Радио Канал 77

Одговор, вторник, 21 август 2018, д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија

Со задоволство се одзвав на поканата на новинарот Столе Наумов да се вклучам во саботната емисија „Стадион„ на Радио Канал 77 при гостувањето на министерот Никола Димитров со цел да спротиставиме аргументи и контрааргументи на темата референдум и договорот со Грција.

Меѓутоа, од технички причини врската со радиото не беше воспоставена. Еве го мојот одговор на лагите од Димитров:

Лага број 1. Димитров рече дека Грција со договорот најпосле го признава македонскиот јазик. Ова е целосна невистина.

Еве ги фактите:

Македонскиот јазик на двапати е признат од Грција многу одамна. На Третата конференција на Обединетите нации за типизација на географските имиња во 1977 година, Грција без никакви резерви ја прифати Резолуцијата на Конференцијата, според која се усвојуваат меѓународните системи за транскрипција на латиницата, српскохрватските и македонските географски имиња во Југославија, со констатација дека во Југославија транскрипцијата на српскохрватското и македонското кирилско писмо на латиница се применуваат од многу поодамна. Ова конференција се одржа во Атина.

Во 1982 година на Четвртата конференција на Обединетите нации, што по истиот предмет беше одржана во Женева, грчката страна отиде уште понатаму и наведе дека Грција им дава поддршка на сите соодветни резолуции на Конференцијата на ОН за типизација на географските имиња и предложи почитување на националните топоними, онака како што се тие типизирани од компетентните органи за географските имиња во секоја одделна земја.

Значи, Грција во 1977 и 1982 година со овие одобрувања практично од најкомпетентна трибина ги призна името Македонија и македонскиот јазик и лага е тврдењето од Димитров дека со дговорот Грција сега го признава македонскиот јазик.

Лага број 2. Димитров рече дека Грција со договорот признава македонската националност. Ова е целосна невистина.

Еве ги фактите:

Во Договорот на англиски стои: The nationality of the Second Party shall be Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia, as it will be registered in all travel documents. Меѓутоа, она што не го знае пошироката јавност е дека постои разлика меѓу зборовите „националност„ и „државјанство“. Во обичниот говор зборот „nationality„ се употребува како националност. Меѓутоа, на теренот на меѓународното право зборот „nationality„ има сосема друго значење. Во меѓународното право зборот „nationality„ означува државјанство, а не означува националност во етничка смисла, не e исто што и зборот „етнички„ (ethnicity). Димитров и владата вешто кријат дека меѓународните договори се пишуваат според терминологијата од меѓународното право, односно, дека и во договорот со Грција се користи терминологија од меѓународното право. Значи, со договорот се бришат Македонците во национална и етничка смисла.

Лага број 3. Владата ќе си ја финансирала од буџетот кампањата за референудмот поради јавниот интерес за НАТО и ЕУ. 

Еве ги фактите.

Јавниот интерес е пропишан во Уставот на Република Македонија. Според Уставот, јавен интерес меѓудругото е и називот - Република Македонија и можноста за членство во меѓународни организации, но, во Уставот не е напишано дека тоа мора да бидат НАТО и ЕУ туку било која од меѓународните организации во светот. Во моментот имаме две спротиставени страни - Владата со агитирање ЗА референдумот и промена на името и Кризниот штаб против референдумот со кампања за бојкот на референдумот. Оттука, јавен интерес може да биде единствено, или јавната кампања и на двете страни да се финансира од буџетот, или и на двете страни да не им се дозволат буџетски средства. Ја разбирам нервозата кај власта од фактот што народот масовно нема да излезе и ќе го бојкотира референдумот, но, ова не и дава за право на Владата да го третираат буџетот како нејзина приватна сопственост.

Збор-два и за легалноста на договорт. Според Виенската конвенција за договорно право, за валидноста на еден меѓународен договор, за кој се подразбира слободна согласност без уцени и закани, потребно е да бидат исполнети и два општи услови:

Првиот е да биде склучен од страна на надлежни органи, а Димитров кој го потпиша договорот не може да се смета за овластено лице бидејќи вакви договори не може да склучува Владата, туку претседателот на Републиката. Вториот услов, е да постои дозволен предмет на преговарање. Договарања за име и идентитет претставуваат недозволен предмет бидејќи според општото меѓународно право и правото на Обединетите нации секоја држава може да носи име по свој избор оти името на една држава е прашање на внатрешните околности, а не на меѓународното право. Според тоа, договор со Грција за името е ништовен според меѓународното право со што се отвора патот на било која идна власт во државата таквиот договор да биде лишен од правно дејство.

Значи, се што кажа Димитров во емисијата е лага оти со договорот со Грција се брише се што е македонско. Дури, со договорот се навлегува и во приватната сфера, на пример, ќе ни забранат користење на знамето со шеснаесеткракото сонце и на приватни собири, ќе ни забранат користење на македонските називи за населените места во Егејска Македонија (ќе зборуваме Тесалоники наместо Солун, Флорина наместо Лерин...). А најжалосно е што според договорот Македонците од Егејска Македонија и Македонците од Република Македонија се различни етноси. На пример, Димитров е Македонец кој е роден во Република Македонија, а татко му е Македонец кој е роден во Егејска Македонија, и сега според договорот тие -татко и син не се исти Македонци. Значи, со договорот одат дури против ПРИРОДАТА И ПРИРОДНИТЕ ЗАКОНИТОСТИ...

Меѓутоа, планерите на овој геноциден проект спрема Македонија и Македонците пропуштиле од вид дека македонскиот народ и поголем дел од граѓаните ќе го спречат овој договор оти не сакаат промена на име и идентитет и членство во НАТО и ЕУ. Со еден збор, македонскиот народ нема да дозволи да биде избришан од светската мапа на нации. Во секое зло, добро!