Со маркетиншки трикови креираат слика дека се за лустрација, иако во ВМРО-ДПМНЕ врие од кодоши!


11.02.2011 | 13:27:56 | Колумни


Со маркетиншки трикови креираат слика дека се за лустрација, иако во ВМРО-ДПМНЕ врие од кодоши!

Колумна, „Фокус„, 11.02.2011, Јанко Бачев

Лустрацијата повторно се враќа на политичката сцена во Република Македонија откако владеачката ВМРО-ДПМНЕ, на собраниската седница од 3 февруари 2011 година, ја потврди потребата за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција или попознат како закон за лустрација.

Парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, во отсуство на опозицијата, со 63 гласа „за„ го помина во Собранието таканареченото прво читање на измените на лустрацискиот закон. И покрај обемните измени во Законот за лустрација (предлог законот содржи 26 одредби), останувам на кажаното дека во Македонија реално нема да има сеопфатна и вистинска лустрација, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ најмногу се плаши од една таква лустрација! 

ВМРО-ДПМНЕ има силни причини да не дозволи во реалноста да заживее болниот, но делотворен лустрациски третман во Македонија, онака како што очекуваат граѓаните, кои, пак, недозволиво се лишуваат од еден интересен феномен. Поточно, граѓаните ќе ја немаат можноста да видат како во демократска Македонија, кодошите и кодошените од позиции на актуелни вмровски функционери се прикажуваат како македонски патриоти кои на наредните парламентарни избори на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ ширум Македонија заедно ќе пеат комитски песни. Со еден збор, во моментот кодошите се главно помеѓу функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа изворните и оние пребеганите од СДСМ, кои преку ноќ станаа страствени вмровци! НА ПОПУЛИЗАМ, ПАРИРААТ СО ПРАВНИ АРГУМЕНТИ!? Меѓутоа, и во такви околности ВМРО-ДПМНЕ со перфектните маркетиншки трикови ја добива битката во политичката пресметка со СДСМ на темата лустрација. Дури, може да се каже дека во моментов кај граѓаните е зацементирано некакво убедување дека владеачката партија е таа која доследно се залага за сеопфатна и вистинска лустрација, а СДСМ е партијата која го оспорува и оневозможува процесот на лустрација. Значи, целосно извртување на лустрациската вистина. Мојот одговор е дека вината за тоа лежи во самиот СДСМ, кој на екстремно агресивната и популистичка кампања во врска со лустрацијата одбра да парира со правниот пристап, односно, да покаже дека најновите измени на лустрацискиот закон се нелегитимни. А, таквиот пристап граѓаните го доживуваат како страв на СДСМ лустрацијата да не успее. Затоа, во оваа прилика сакам да го доближам одговорот за вистинитоста и во овој дел од македонската лустрација. Имено, ВМРО-ДПМНЕ во моментов прекрасно ја тера лустрациската приказна во посакуваната насока за неа, со бомбастичните изјави кои се сведуваат на тоа дека сите функционери од 1945 година до сега ќе бидат проверувани, дали соработувале со тајните служби. Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе нема милост за никој кој имал било каква општествено одговорна улога во државата, а притоа соработувал со тајните служби. Меѓу лустрираните ќе бидат академиците од МАНУ, адвокатите, универзитетските професори, уредниците, новинарите, претседателите на политички партии... Значи, ВМРО-ДПМНЕ го кажува во јавноста она што народот со задоволство сака да го слуша. А убаво е за слушање дека измените на законот за лустрација предвидуваат со лустрацијата да бидат опфатени досиејата на сите јавни личности од АСНОМ до денеска!   Од друга страна, на ваквиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ изненадува и зачудува погрешната поставеност на СДСМ во однос на лустрацијата. Тие (СДСМ) во буквална смисла на зборот инсистираат на правниот пристап, прашувајќи, на пример, како е можно владата на ВМРО-ДПМНЕ да ја руши одлуката на Уставниот суд на државата со новите предлог измени на законот за лустрација за кој претходно се изјаснил и чии делови поништил Уставниот суд; па со коментарот дека таквата иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ е нелегитимна; измените на лустрацискиот закон подготвени од ВМРО-ДПМНЕ се во целосна спротивност на претходната одлука на Уставниот суд... Или дека власта го омаловажува и негира Уставниот суд со тоа што недозволиво ја заобиколува неговата одлука, односно, му противречи на веќе преудена работа на Уставниот суд... Се разбира, одговорот на секој правник за ова би бил дека СДСМ е потполно во право за кажаното околу правните аспекти на измените на законот за лустрација. Впрочем, тоа го знаат и правниците на ВМРО-ДПМНЕ! НАМЕСТО ДА ПОЕНТИРА, СДСМ СЕ БРАНИ!? Меѓутоа, во случајот, не правните аспекти со лустрацијата, туку политичкиот резон, пропратен со маркетиншки трикови, е она од што зависи партискиот рејтинг и гласовите на граѓаните на наредните парламентарни избори. Дури, со очекуваното поништување и на најновите измени на законот за лустрација од страна на уставниот суд, всушност, ВМРО-ДПМНЕ конечно триумфално ќе извика дека направи се за да има лустрација во Македонија, но, ете, структурите под контрола на СДСМ тоа не го дозволувале. Значи, како резултат на погрешниот приод спрема лустрацијата, СДСМ е доведен во ситуација да се брани и оправдува пред граѓаните дека не ја оспорува лустрацијата, наместо да поентира на вистински начин во услови кога токму во редовите на ВМРО-ДПМНЕ врие од функционери - соработници на Службата за државна безбедност (СДБ) или пак од кодоши на СДБ, чии потомци се добар дел од сегашните млади вмровски функционери по разноразните државни органи и владини институции!  Имено, СДСМ пред себе ја има владеачката гарнитура во чии редови има најмалку тројца соработници во Владата, најмалку двајца од советниците на претседателот Иванов, а ги има и во нивниот Ивршен комитет, плус минимум десеттина директори во вторите ешалони на власта, како и лидери-соработници на УДБА на седум партии од владеачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кои севкупно, како лица од високата политика, се и најинтересни за јавноста!   Е сега, во такви околности, ВМРО-ДПМНЕ наместо да биде посрамена и понижена во актуелната расправа за македонската лустрација, се случува обратен процес во кој СДСМ во јавноста ја губи битката со лустрацијата како резултат на надмоќта на пропагандните трикови  на ВМРО-ДПМНЕ со кои ги сврте работите во своја корист. И тоа не било каде, туку на подрачјето на лустрацијата кое заедно со прашањето за името ќе биде повторно ударна тема и во наредната предизборна кампања. Затоа, не ни преостанува ништо друго освен да се запрашаме, какви ли тоа недоквакани членови седат во аналитичкиот центар на СДСМ?  Инаку, во бројните мои пишувања и настапи во јавноста во врска со лустрацијата, укажував дека концептот на македонската лустрација има вграден дефект. Ги изнесов моите видувања дека постојниот закон за лустрација не дозволува вистинско лустрирање, односно, го кочи процесот и ги штити соработниците на тајните служби, бидејќи владеачката ВМРО-ДПМНЕ, во јануари 2008 година се послужи со мала итрина, кога во Собранието изгласа лустрациски закон, но, така скроен, од лустрацијата да излезе едно големо ништо и голем трик за манипулација за граѓаните!  ТЕКСТ БЕЗ СУШТИНА Во оваа насока укажував дека според манипулативниот лустрациски закон, опфатот на соработниците на СДБ е така скроен што допушта речиси сите категории граѓани, односно, факултетски професори, академици, новинари, попови, невладини активисти, адвокати, медијатори, извршители, претседатели на политички партии, таканаречените олигарси... да можат да бидат лустрирани само доколку самите тоа го посакаат. А илузорно е да се очекува дека некој самиот ќе посака да биде лустриран. Ова илустративно го прикажав така што потенцирав дека во демократска Македонија, професори - кодоши и натаму ја едуцираат македонската младина. Академици и писатели - кодоши и натаму ќе ни сервираат фалисификувана историја. Новинари - кодоши и понатаму ќе го креираат јавното мислење. Претседатели на партии - кодоши, кои во заднина за својот соработнички однос со тајната полиција со години користеле бројни привилегии, и понатаму ќе бидат чинители на политичка сцена, иако нивните партии се креирани од тајната полиција!  Очигледно е дека таквите мои заложби за лустрацијата биле доволна провокација за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи сега во измените на законот за лустрација се вградени буквално сите мои укажувања до последната запирка. Патем, овие работи му ги сугерирав на Груевски уште во 2006 година после победата на коалицијата „За подобра Македонија„ предводена од ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори од 5 јули 2006 година. Но, Груевски тогаш се определи за концептот на тогашниот коалициски партнер Стојан Андов, кој напиша лустрациски закон така скроен од лустрацијата да излезе едно големо ништо!  Меѓутоа, со новините во законот за лустрација со кои се зголемува периодот за кој ќе важи законот, како и бројот на лицата што ќе подлежат на него, не значи дека по автоматизам ќе имаме вистинска лустрација. Можеби измените на законот за лустрација убаво звучат во јавноста и дополнително ја прикажуваат ВМРО-ДПМНЕ како доследен подржувач на лустрацијата. Но, и овие законски измени претставуваат еден проформа текст без своја суштина од една единствена причина - не се остварливи во практиката. Имено, челниците на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму преку карикатуралната Комисија за лустрација ќе го прашуваат првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, дали некој бил или не бил соработник на тајната полиција? Во такви околности, најмногу што можеме да очекуваме е да се појават одредени селектирани и дозирани досиеја за соработка со тајната полиција. Значи, сосема разбирливо и очекувано, ВМРО-ДПМНЕ настојува политички да поентира од новонастанатата ситуација со измените на законот за лустрација, во која се гледа дека измената на овој закон била само козметичка! ПАТРИОТИ И ПРЕДАВНИЦИ Се разбира, останува да видиме уште колу пати ќе го довлечкаат од Белград во Скопје српскиот минстер за внатрешни работи за да ги мафтосуваат граѓаните со приказната дека белградските досиеја се одлучувачки во процесот на македонската лустрација и, единствено отворањето на досиејата од Белград, ќе помогне за лустрацијата во Македонија. Наспроти вистината, дека досиејата на соработниците на СДБ на територијата на Македонија не се во Белград, туку отсекогаш се чувани во аналитичкиот одел на македонската СДБ, бидејќи оперативните досиеја за безбедносно интересни појави и настани, како и регистрите за соработничките мрежи на териториите на поранешните југословенски републики беа архивирани во републичките СДБ!   Патем, како кај лустрацијата, иста ситуација имаме и кај таканаречениот спор за името.  Имено, Никола Груевски зборува за компромис за името со Грција кој нема да го загрози македонскиот идентитет и јазик, и нема да доведе до менуавање на домашниот устав. Од друга страна, и Бранко Црвенковски зборува за компромис со Грција која нема да го загрози македонскиот идентитет и јазик и нема да доведе до менување на уставот. Значи, и едниот и другиот зборуваат за компромис кој во суштина се сведува на промена на името на државата што е поразително за македонскиот народ. Поточно, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во моментов стојат на исти позиции за промена на името!  Меѓутоа, во јавноста имаме дијаметрално различен впечаток, односно, кај граѓаните постои убедување за патриотското залагање на ВМРО-ДПМНЕ за неменување на името, додека за СДСМ е конструиран впечаток на предавничка партија која се залага за промена на името, иако и двете партии во моментов имаат ист став за името - негова промена. Оттука, произлегува дека врз градењето на таквиот впечаток на патриоти и предавници, најбитен е различниот тактички приод во споделувањето со јавноста на ставовите за името. Додека ВМРО-ДПМНЕ тоа го прави на еден убав патриотски начин, во опозицискиот СДСМ своите погрешни залагања за промена на името ги кажуваат отворено, и тоа уште од моментот кога дури и ЕУ не бараше од нас да го промениме името. Значи, аналитичарите на СДСМ како кај лустрацијата, и на прашањето за името ја губат битката со пропагандната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ!  Патем, со натамошното проширување на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со наменски регистрирани партии, како и наменската пререгистрација на политичките партии во таа коалиција од страна на тајната полиција, во смисла на измените на законот за политичките партии, се потврдува моето пишување од претходните колумни, дека формирањето на бројната коалиција од ВМРО-ДПМНЕ, не била само проста математичка операција, туку добро осмислен потег, со кој ќе се обидат и на наредните избори и на овој начин да манифестираат надмоќност спрема политичките ривали во предизборната кампања!  Не случајно, покрај лустрацијата ги споменав и прашањата за името и бројната коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи лустрацијата, името и дваесетчлената коалиција повторно ќе бидат адутите на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања на наредните парламентарни избори со кои ќе се обидат да ја бранат Преродбата во сто чекори.  А дотогаш, ние, политичките ривали на ВМРО-ДПМНЕ, ќе треба да развиеме доволен капацитет за успешно да парираме на таквите чекори!