По извештајот на Дик Марти, мора да се обнови истрагата и за 12-те киднапирани Македонци!


31.12.2010 | 13:22:38 | Колумни


По извештајот на Дик Марти, мора да се обнови истрагата и за 12-те киднапирани Македонци!

Колумна, „Фокус„, 31.12.2010, Јанко Бачев 

Деновиве вест број еден во светот е Извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа Дик Марти за илегалната трговија со човечки органи во организација на челниците на поранешната УЧК на Косово. Во извештајот на Швајцарецот Марти, кој патем е и поранешен обвинител, наведени се тешки критики и за меѓународните власти на Косово.

Тие не спровеле соодветна истрага, иако некогашниот прв човек на мисијата на ОН на Косово, Бернард Кушнер, редовно бил известуван за организираниот криминал со трговијата со органи. Иако на меѓународната заедница тоа не и се допаѓало, челниците на УЧК овие криминални активности ги вршеле благодарение на замижувањето на клучните актери на меѓународната заедница!

Сосема разбирливо и очекувано, Србија настојува политички да поентира од новонастанатата ситуација, во која се гледа дека трансформацијата на УЧК во редовен Косовски заштитен корпус била само козметичка. Затоа, српската страна во Стразбур веќе пренела дека очекува ЕУЛЕКС ( мисијата на ЕУ на Косово)  да преземе одговорност и да отвори истрага. Дотолку повеќе што принципот кој важеше за Србија по Слободан Милошевиќ, и со кој Европјаните секојдневно ја бомбардираа(т) Србија,  дека иднината не се гради без расчистување со минатото, сега треба да важи и за Косово. ЕУЛЕКС, иако е доведен во непријатна ситуација во која повеќе од извесно е дека ќе треба да води истрага против косовската влада, ќе треба да докаже дека владеењето на правото е еден од темелните принципи на западната демократија. За ЕУЛЕКС да го стори тоа, потребно е парламентарното Собрание на Советот на Европа на седницата на 25 јануари идната година да усвои резолуција со препораки. Веќе е извесно дека тоа и ќе се случи после изненаденоста и шокираноста на членовите на соодветната комисија на Советот на Европа, која го усвои извештајот на Дик Марти! 

Од друга страна, косовската страна енергично ги отфрла сите обвинувања и притоа извештајот на Дик Марти го оцени како злосторство врз Албанците и обид да се нанесе сериозна штета на имиџот на Косово и Албанците во регионот, изразувајќи уверување дека ниту еден извештај нема да и наштети на евроатланската иднина на Косово! ДБК ЦЕЛО ВРЕМЕ ГИ ЗНАЕШЕ КИДНАПЕРИТЕ Иако на прв поглед изгледа дека монструозниот чин со илегалната трговија со човечки органи нема ништо заедничко со Македонија, сепак постои еден момент што може да го поврзе овој криминален синџир со нашата држава. Тоа е дел од 12-те киднапирани Македонци за време на војната во Македонија во 2001 година!  Заради подобра прегледност, најпрвин да дадам еден краток сублимат на моите изјави од 3 и 9 октомври 2002 година за Дневник, Утрински весник, и Вечер, како и моето интервју од 1 ноември 2002 година за тогашниот неделник Старт  во врска со 12-те киднапирани Македонци. Еве што изјавив тогаш, како претседател на штотуку основаната политичка партија Народно движење за Македонија (НДМ): „Во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК) има докази дека шестмина од 12-те киднапирани Македонци се убиени, а другите шестмина се наоѓаат во Косово. За ова има и изјави на сведоци, очевидци на тој настан. Според информациите на ДБК, извршител на убиството на шестемина киднапирани е поранешен командант на ОНА, а сега актуелен политичар во една парламентарна партија, но не е пратеник. Името на злосторникот го знае и министерот за внатрешни работи, а познато е и во ДБК. Оперативните сознанија се добиени по две основи кои се базираат на искази на човек кој соработувал со ДБК, како и на податоци добиени по пат на расчистување со лице од УЧК, кое било распрашувано пред еден месец во полициската станица во Гази Баба. Има оперативен материјал во архивата на ДБК. Во тој материјал е објаснето се - кога, каде, и како се убиени луѓето. МВР треба да преземе оперативни активности кон тие луѓе што се осомничени, Но, не постои желба за тоа. Семејствата на киднапираните барале средба со раководството на МВР, за да добијат информации околу тоа што јас го кажувам, но никој не сакал да ги прими. Им дале некое смешно образложение дека Љубе Бошковски не е веќе министер, туку пратеник. Тие не сакаа да го решат случајот затоа што оној што треба да одговара е член на ДПА, коалиционен партнер на ДПМНЕ„!  Во оваа насока уште да дополнам дека во тоа време изразував уверување дека новата власт на СДСМ, по нивната изборна победа на 15 септември 2002 година, најпосле ќе има храброст да го расветли овој немил настан. Таквото уверување го делеа и семејствата на киднапираните кои бараа МВР да одговори на моите тврдења, дали навистина има оперативни сознанија во ДБК дека шестмина од дванаесетте кидпнапирани се убиени, а другите шестмина се однесени во Косово. Наместо одговор, тогашниот полициски портпарол Воислав Зафировски изјави дека моите тврдења не се вредни за коментирање и дека сум неповикан и некомпетентен да зборувам за случајот со киднапираните Македонци. Меѓутоа, на 30 октомври 2002 година, токму споменатиот полициски портпарол во изјава за Дневник целосно ги потврди моите тврдења, кажувајќи дека полицијата имала информации дека самопрогласениот командант на ОНА, Даут Реџепи, е киднапер на дванаесетте исчезнати Македонци и дека МВР го комплетира случајот за да го предаде на Основен суд 1!  ПОСЛЕ СЕ - МОЛК!? После промената на власта на легендарниот 15 септември 2002 година, работите воопшто не се придвижија во посакуваниот правец. Новоизбраниот премиер, Бранко Црвенковски, на средба со семејствата на киднапираните им вети дека ќе им организира средба со коалицискиот партнер Али Ахмети, кој веќе беше трансформиран од терорист во политичар, со цел Ахмети изворно да ги запознае со судбината на нивните најблиски.  Меѓутоа, и тогашна владина коалиција СДСМ - ДУИ, водена од своите партиски интереси одбра да ја крие вистината за 12-те киднапирани Македонци, за да не се нарушат односите во коалицијата. Притоа, од коалицијата СДСМ - ДУИ ги брифираа ним блиските новинари што повеќе да ме оцрнат во јавноста, дека сакам политички да профитирам на маката на семејствата на киднапираните, иако таквите наменски квалификации да ме минираат воопшто не ме загрижуваа, бидејќи во тој момент единствено се водев од желбата вистината да излезе на виделина. Затоа, со знаење на семејствата на киднапираните, после заедничката средба во кафулето Рим-Париз во ГТЦ, повторно како претседател на НДМ излегов на прес конференција, на која наведов конкретни команданти на ОНА како егзекутори на дел од киднапираните и дека новиот министер за внатрешни работи Хари Костов и МВР едноставно ги лажат роднините на киднапираните дека не поседуваат информации, иако тие (МВР и ДБК) за 24 часа може да го расчистат овој случај, само ако сакаат, со оглед на квалитетните сознанија и податоци што ги поседува ДБК. Наместо расчистување на случајот, се обидоа да расчистат со мене. Поради фрустрациите на Хари Костов (заради едно негово повикување на информативен разговор во 1999 година во полициската станица во Карпош), веднаш по завршувањето на споменатата прес-конференција на која обелоденив детали околу киднапираните Македонци, се случи моето прво приведување во полициската станица во Кисела Вода, каде се обидоа да ме замолчат и заплашат, кажувајќи ми најпрво дека ќе завршам на суд!  Повратниот одговор од моја страна беше нека повелат на суд, бидејќи законот вели дека ако нешто не е точно, треба да ме тужат, а како правник многу добро знам што значи да се кажува невистини и какви консеквенци има тоа. МВР не ме тужеше, што значи и ним им беше јасно дека ја зборувам вистината. По ова, заканувачки ми се обратија дека можам да се соочам со некои опасности, доколку продолжам да го критикувам полициското работење за случајот со 12-те киднапирани Македонци. Кратко и јасно им одговорив дека ја погрешиле адресата на која ги упатуваат заканите и заплашувањата! РОДНИНИТЕ ИМААТ ПРАВО ДА ЈА ДОЗНААТ ВИСТИНАТА Патем да споменам дека Војо Гоговски, претставник на Координативното тело на роднините на дванаесетмината киднапирани Македонци од тетовскиот крај, во неговата тогашна изјава за Македонија денес кажа дека моите тврдења во најголем дел се поклопуваат со нивните, дополнувајќи дека е сомнително моето апсење веднаш по одржувањето на прес - конференцијата на која соопштив дека шестмина од киднапираните се убиени, шестмина се уште се живи и однесени на Косово, и дека во МВР постојат два документи кои ги потврдуваат сознанијата. Притоа, Гоговски изјави дека, ако е вистина дека во МВР има информации, а ги кријат од нив, тогаш тоа е нешто што ги навредува и разбеснува! Значи, навраќањето на случајот со киднапираните Македонци ми беше потребно да се надоврзам на споменатите обвинувања од швајцарскиот известител Дик Марти за илегалната трговија со човеки органи од страна на челниците на УЧК. За волја на вистината, низ годините и самиот си го поставував прашањето, зошто шестмината од 12-те киднапирани Македонци се убиени, а шестмина би биле носени на Косово? Сега, со најновата скандалозна афера продуцирана од Дик Марти, како да се назира одговорот на прашањето со судбината на шестте киднапирани Македонци кои своевремено се однесени на Косово. Во оваа насока, деновиве преку телевизијата Телма, која единствена од телевизиите повторно го актуелизира прашањето со киднапираните Македонци, членови на семејствата на киднапираните изразија отворен сомнеж дека еден дел од киднапираните биле однесени на Косово, каде биле жртви на илегалната трговија со човекови органи!  Дотолку повеќе што на сите ни е позната разновидната испреплетеност и поврзаност на припадниците на косовската УЧК со припадниците на македонските Албанци од т.н. ОНА кои ја започнаа војната во Македонија во 2001 година. Па, многу голема е веројатноста за поврзаноста со Македонија во случајот со носењето на Косово на дел од киднапираните Македонци од аспект на илегалната трговија со човечки органи. Затоа, во оваа прилика го повикувам македонското правосудство да ги разгледа споменатите податоци и сознанија што ги поседува македонската тајна полиција за шестте киднапирани Македонци кои своевремено живи се однесени на Косово, и како надлежно да го истражува овој случај во контекст на извештајот на Советот на Европа за илегалната трговија со човечки органи! Значи, останува обврската за државата, достојно да се погрижи за споменатото прашање од интерес за семејствата на киднапираните Македонци во војната во 2001 година, бидејќи, и после деветипол години, тие не можат да бидат задоволни од институциите, како се однесуваат спрема нив. Дотолку повеќе што е јасно дека семејствата на 12-те киднапирани Македонци сега многу повеќе од трагичните последици ги боли тоа што не ја знаат официјалната вистина за своите најблиски. Дури, состојбите со судбината на исчезнатите Македонци во татковинската војна, се уште се на почетно рамниште. Затоа, ВМРО - ДПМНЕ како одговорна партија со демохристијанска ориентација и со силна верба во Бога, има голема одговорност да овозможи целосно расветлување на овој трагичен настан. Владеачката ВМРО - ДПМНЕ не може повеќе да ги крие податоците, макар откривањето на виновниците да доведе дури и до растурање на коалицијата со албанскиот партнер во власта, од кое нешто се плашеа сите владеачки гарнитури во изминатите години, заради што ја криеја вистината за киднапираните! КАКВА Е ВРСКАТА МЕЃУ ДРЕНИЦА И ДРЕНОВЕЦ? Извештајот на Дик Марти не треба да наидува на молк кај државните органи, туку, напротив, Македонија  мора да пројави сериозен интерес за него, како добра основа за преземање на потребните активности. Крајно време е да излезат на виделина податоците од архивите на македонската  Служба за државна безбедност, за да се види кој и како одлучил шестмина од киднапираните Македонци да бидат убиени, а шестмина да бидат однесени на Косово, со цел, да се дојде до одговорот на прашањето, дали Дреница има врска со Дреновец? Односно, дали таканаречената група Дреница раководена од челниците на УЧК, која тајно префрлала заробеници - цивили кои биле убивани заради пресадување на човечки органи е во врска со дел од киднапираните Македонци од тетовската населба Дреновец?  Не е претерано ако кажам дека во контекст на извештајот на известителот Дик Марти дојде моментот кога УБК нема повеќе што да крие. Владеачката ВМРО - ДПМНЕ мора да ја запре агонијата на семејствата на 12-те киднапирани која продолжува и понатаму, бидејќи се уште не ја знаат вистината за нивните најблиски. Затоа, покрај активностите на македонското правосудство, потребно е работите да се водат и на политичко ниво, преку вклучувањето и на Собранието на Република Македонија, кое преку соодветна комисија треба да спроведе и собраниска истрага. Ако е за некаква утеха, и овој пат Народно движење за Македонија ги прави долгоочекуваните потези. Сега на ред е државата!