Преродбениците се исплашија од „Нирнбершкиот процес„ што им го најави Јани Макрадули!


17.12.2010 | 13:19:15 | Колумни


Преродбениците се исплашија од „Нирнбершкиот процес„ што им го најави Јани Макрадули!

Колумна, „Фокус„, 17.12.2010, Јанко Бачев 

Уште пред неколку месеци најавив дека не очекуваат предвремени парламентарни избори во март 2011 година. Ваквото тврдење го темелев на еден тогашен заклучок на највисокото раководство на ВМРО - ДПМНЕ за распишување предвремени избори во март идната година.

Меѓутоа, после минатонеделната долга седница на Извршниот комитет на ВМРО - ДПМНЕ, јасно е дека  идната пролет нема да има предвремени избори, бидејќи на седницата е отфрлена иницијативата на СДСМ за предвремени избори. Затоа, вистинската дилема сега е, што е тоа што ги расипа сметките на владеачката партија да се откажат од нивната првична идеја за изборно соочување во март 2011 година? Дотолку повеќе што од ВМРО - ДПМНЕ брифираат дека рејтингот на нивната партија е висок, а опозицијата е се уште слаба, што значи дека непристојната понуда за предвремени избори што СДСМ ја упати до владеачката партија, ВМРО - ДПМНЕ не би требало да ја одбие!

Меѓутоа, работите не стојат така. Кодошките досиеја на челниците на ДУИ со кои серизоно е разнишана популарноста на оваа партија кај албанските гласачи, како и т.н. марш на СДСМ од 5 декември, кој на големо изненадување беше масовно посетен, по се изгледа влијаеа ВМРО - ДПМНЕ привремено да се откаже од распишување на избори идната пролет. За секој случај, од ДУИ веднаш по маршот на опозиционерите категорички изјавија дека се против вонредни избори, прејудицирајќи ја и финалната одлука на ВМРО - ДПМНЕ во однос на евентуалните избори!

ПОКЕРАШКА ЛОГИКА Инаку, кај раководството на ВМРО - ДПМНЕ се појавила особена вознемиреност од една навидум противречност во извештајот на нивниот аналитички центар во врска со маршот на опозицијата. Имено, по добиените информации од теренот, вмровските аналитичари констатирале дека на маршот од 5 декември имало помалку автобуси од внатрешноста, а барем три до четири пати поголема присутност од митингот на СДСМ пред владата од 27 јуни 2010 година, на кој педантните вмровски аналитичари забележале повеќе автобуси, а драстично помало присуство. Значи, вознемирувачко било сознанието дека речиси половината од присутните на маршот биле од Скопје, кои во најголем дел излегоа спонтано да го искажат своето незадоволство! Вознемиреноста уште повеќе  била подгреана и со тоа што денот на опозицискиот марш беше особено студен, а посетеноста многу голема, иако на такви партиски собири дури не излегуваат вработени во сто и дваесетилјадната јавна и државна администрација од страв да не биде видени и  снимени. Значи, овие моменти ја доближија до реалноста ВМРО-ДПМНЕ. Дотолку повеќе што на секој му е јасно дека зад оние што маршираа во корист на СДСМ, во заднина стои многу голема бројка која го прави неизвесен исходот на евентуални избори во март 2011 година, за кога постоеше првично расположение кај ВМРО - ДПМНЕ да ги распишат!  Е сега, во такви околности, вмровското раководство оцени дека нема причина за распишување на избори. Иако, доколку сега бидат распишани предвремени избори, како што велат, нивната партија би имала двојна предност пред СДСМ. Дури, во моментот на силна нервоза од новонастаната, за волја на вистината и неочекувана атмосфера во која СДСМ преку ноќ ги сврте работите во своја корист, во ВМРО-ДПМНЕ целосно го утнаа и соопштението до јавноста со кое ја отфрлија иницијативата за предвремени избори. Имено, за нив било неприфатливо, само поради едно блефирање и покерашкиот пристап во политиката на Бранко Црвенковски, целосно да ја дефокусираат нивната енергија насочена кон спроведувањето на ветената Преродба во сто чекори, стоеше во партиското соопштение на ВМРО - ДПМНЕ!?   Меѓутоа, нервозата си го прави своето, па во ВМРО - ДПМНЕ оперирајќи со покерашки изрази направиле почетнички превид. Имено, во покерската игра најпосакувана ситуација е во клучниот момент од играта да процените и знаете за блефирањето, со што добивате можност да ги сотрете соиграчите-блефери и да го однесете пленот. А, во ВМРО - ДПМНЕ знаеле дека Црвенковски блефира, но, замислете, не сакале да го сотрат својот политички ривал (СДСМ) на избори што е основна поента во едно плуралистичко општество. Впрочем, затоа и постојат партиите, за да победуваат на избори и дополнително по победата што подолго да остануваат на власт. Во оваа насока, политичката теорија и светската изборна практика не познава случај некоја партија да не сака да оди на избори од голема жал да не го победи катастрофално својот политички противник!? САМО ИМЕТО ЌЕ ИМ БИДЕ АДУТ! Патем, пред вонредните парламентарни избори во јуни 2008 година, опозицискиот СДСМ настојчиво се залагаше да нема избори, замајувајќи ја тогаш јавноста дека изборите во тој момент ќе ја загрозат нашата евроатланска интеграција. Иако, вистинската причина беше стравот на СДСМ дека ВМРО - ДПМНЕ ќе однесе убедлива победа на тие избори. Затоа, вмровците тогаш иронично им довикнуваа на сдсмовците дека е нормално опозицијата да бара предвремени избори и дека е чудно што не го бара тоа. Сега, пак, кога од маршот на опозиционерите СДСМ побара избори, ВМРО - ДПМНЕ не сака да оди на избори, иако, како што велат, би освоиле најмалку двојно повеќе пратеници и нов четиригодишен мандат. Арно ама, ваквото тврдење на ВМРО - ДПМНЕ има фалинка - сега нема кој да поверува на таквото нивно тврдење. Како што немаше кој да поверува во споменатото тврдење на СДСМ во пресрет на изборите во јуни 2008 година!  Во оваа насока,  премиерот Груевски отиде уште подалеку преку невештиот обид да конструира една нереална димензија, кажувајќи во неговото последно интервју дека ВМРО - ДПМНЕ во моментот не прифаќа избори, водејќи се, замислете, од државните и националните интереси. Патем, за помалку упатените да кажам дека национален интерес на една држава е она што таа држава ќе го прогласи за национален интерес. Со еден збор, секоја држава е слободна во определбата да каже што е нејзиниот национален и државен интерес, иако понекогаш таквите определби се многу несериозни!  Па, така, и на советниците на Груевски им се сонило да го посоветуваат да излезе во јавноста со тврдење дека една вообичаена работа (да има или да нема избори) својствена за демократските системи, требало, ни помалку ни повеќе да биде прашање од национален и државен интерес. Но, како и да е, за волја на вистината, треба да се има разбирање за погрешните совети на премиеровите советници, во услови кога челниците на ВМРО - ДПМНЕ беа исправени пред голема дилема, бидејќи не е лесно и популарано да се отфрли предизвикот на опозиционерите и да се сокрие стравот од изборно соочување! Меѓутоа, во целата оваа атмосфера околу фрлената ракавица од опозиционерите за изборно соочување, несвесно произлезе и една добра работа од национален и државен интерес. Имено, ВМРО - ДПМНЕ сега е исправен пред предизвикот барем до наредните избори да не го промени името на државата, бидејќи во услови кога и понатаму нема инвестиции и фабрики во државата, уште отсега е јасно дека нивен адут и на наредните парламентарни избори ќе биде наметнатиот впечаток во јавноста дека го бранат името. Се разбира,  таквата определба е водена од нивниот личен и партиски интерес, за по секоја цена да обезбедат барем уште еден мандате. На тој начин, пак, да го оневозможат залагањето на пратеникот Макрадули за нов „Нирнбершки процес„ и тоа, не во судниците, туку во спортската сала „Борис Трајковски„.  Во отсуство на други изборни адути, јасно е дека со евентуална променена на името, ВМРО - ДПМНЕ  нема што да бара на наредните избори!  ВИЕНСКАТА КОНВЕНЦИЈА Е ИНИЦИЈАТИВА НА СФРЈ Инаку, не случајно велам  дека одбраната на името од ВМРО - ДПМНЕ е водена од личен и партиски интерес, бидејќи лажна е наметната перцепција дека оваа партија има вистинска намера и желба да го одбрани македонското име, односно, дека и тие се спремни за компромис по ова прашање од највисок национален и државен интерес. Но, лажното четиригодишно замајување дека владеачката партија ќе го одбрани името заслужува посебна анализа.   Кога сум кај прашањето за името, изминатите две недели на домашен терен повторно засилено дебатираа стручните и експертски кругови задолжени за кршење на македонскиот народ, за да прифати сопственото обезличување, а во контекст на наводните навредливи коментари  упатени до евроамбасадорот Ерван Фуере од страна на пратеникот Влатко Ѓорчев. Притоа намерно или од незнаење, беседеа дека Македонија дури ја пречекорила Виенската конвенција за дипломатски односи и затоа нашата влада треба да се извини. Се согласувам дека постои пречекорување, но, прашањето е кој всушност ја пречекорува Виенската конвенција, и кој на кого треба да му се извини? Доколку споменатите стручни и експертски кругови ја прочитаат Конвенцијата, ќе останат посрамотени во контекст на нивното бламирање на сопствената држава пред европските бирократи!  Збор-два за самата Виенска конвенција за дипломатски односи, за која е интересно и тоа што е донесена на иницијатива на поранешната СФРЈ. Имено, дипломатските обичајни правила создадени во вековната практика, во периодот по Втората светска војна се покажаа како недоволни и несигурни да ја обезбедат непречената дејност на дипломатските претставници. Поранешна Југославија, пак, доживеа тешки дискриминации и малтеретирања на своите дипломатски службенцици во инфорбировските земји. Поради тоа, Југославија во 1952 година поднесе предлог до Генералното собрание (ГС) на ОН да се изврши кодификација на правилата на дипломатските односи.  ГС го прифати овој предлог и ја овласти Комисијата за меѓународно право да изврши подготовка за оваа кодификација. Комисијата во 1957 година реши да се изработат четири конвенции: за дипломатските односи, за конзуларните односи, за дипломатијата ад хоц и за статусот на претставниците на државите при меѓународните организации. На овој начин требало да се кодифицира целокупното дипломатско право. ГС со својата  Резолуција број 1450 (ЏИВ) од 7 декември 1959 година реши да свика меѓународна дипломатска конференција. Таа се одржа во Виена, од 2 март до 14 април 1961 година, во присуство на 81 држава.  И тогаш, на Конференцијата беше усвоена конвенцијата која доби назив Виенска конвенција за дипломатските односи. Со тоа е извршена кодификација на еден дел од дипломатското право. Таа се однесува само на постојаните дипломатски мисии во странство. Привилегиите и имунитетите предвидени во Конвенцијата, не се установени во корист на поединците, туку со цел, дипломатските мисии што поуспешно да ги вршат своите функции. Освен државите, кои имаат свои постојани дипломатски мисии во другите држави, и меѓународните организации испраќаат свои постојани мисии. Така и Европската унија како меѓународна регионална организација испраќа постојани мисии, а во моментот има таква мисија и во Македонија. КОЈ РАБОТИ 24/7 - ГРУЕВСКИ ИЛИ ФУЕРЕ? Во смисла на Виенската конвенција за дипломатските односи, Фуере има основна задача да ги следи настаните што се случуваат на сите полиња во Македонија и за нив да пишува извештаји до Брисел. Територијалната држава, во случајот Македонија, е должна да ги преземе сите мерки со цел да не се нанесуваат навреди на неговата слобода и неговото достоинство. Меѓутоа, внимавајте добро, според конвенцијата, Фуере е должен да ги почитува законите и прописите на Македонија и должен е да не се меша во нејзините внатрешни работи! Меѓутоа, Фуере излегува од својот мандат со неговиот став за сите внатрешно-политички прашања во државата, како, на пример, со т.н. антиквизација; па со коментарот за своевремената смена на претседателот на антикорпуциската комисија; апокалиптичните сценарија што ќе се случи ако не се реши спорот за името; сликовитата споредба  за тоа на што ни личат затворите... Или, неговите изјави дека одложувањето на спорот за името води кон меѓуетнички тензии; дека се преговара за името, а не за идентитетот, дека повикувањето на настани од пред илјада години нема да им помогнат на граѓаните да најдат работа; дека пресудата за ЕВН е дискриминаторска и непримерна; дека по 20 години и албанскиот, турскиот и ромскиот ќе бидат државни јазици... Според Виенската конвенција, Фуере нема овластување да го прави ова и да управува со Македонија, бидејќи Македонија не е под старателство на ЕУ!  Оттука, Виенската конвенција ја прекршува Фуере, кој треба да е среќен што амбасадорува во земја која свесно не го користи правото од Конвенцијата да го прогласи за персона нон грата. Се разбира, домашните наменски експерти ги премолчуваат овие битни моменти. За нивната прикаска, пак, дека ние сакаме во ЕУ, а не тие кај нас, заради што треба да го оставиме Фуере да прави што сака во Македонија, ќе стане збор во друга прилика. Значи, токму од Виенската конвенција произлегува дека Фуере не може да му биде сериозна конкуренција на македонскиот премиер во поглед на присуството во јавноста со став за сите внатрешно-политички прашања во државата и на тој начин да создава забуна во јавноста, кој всушност работи 24/7 - Груевски или Фуере?