Зошто министерката Доста Димовска ги криела информациите за ОНА од премиерот Георгиевски?


05.11.2010 | 23:30:52 | Колумни


Зошто министерката Доста Димовска ги криела информациите за ОНА од премиерот Георгиевски?

Колумна, „Фокус„, 05.11.2010, Јанко Бачев 

Досиејата на двајца функционери на Демократската унија за интеграција се надвор од стандардите на работата на тајните служби, бидејќи немале датуми, а печатите и штембилите што се наоѓаат на овие документи се разликувале по формата и местата на кои обично се ставаат. Така гласаше минатонеделниот одговор на Управата за безбедност и контраразузнавање до Комисијата за лустрација во врска со веродостојноста на досиејата на челниците на ДУИ.  Ете зошто е убава демократијата на македонски начин. Во демократска Македонија, дури и тајната полиција, која по дефиниција е таинствена организација, излегува во јавноста со политички вицови, како во случајов, дека соработничките досиеја за челниците на ДУИ не биле автентични, бидејќи, внимавајте - Печатите и штембилите биле малку повеќе на десно, или, пак, малку повеќе на лево!? Не знае човек, дали да се крсти со лева или со десна рака!

Меѓутоа, со ваквите вицкасти образложенија на тајната полиција, отворен е и еден друг пат. Сите оние, кои во изминатите дваесетина години ја граделе својата кариера на кодошење, полтронство и сервилност, во иднина треба добро да внимаваат кога им ги тинтраат на своите претпоставени да не отидат малку повеќе на лево, или, пак, малку повеќе на десно, бидејќи таквото тинтрање може да се смета за отстапување од стандардите, па, така, да отиде во неповрат остварувањето на некоја лична кариера.  Затоа, најновиот виц на УБК со малку повеќе на лево или на десно, на печатите и штембилите, од што, замислете, произлегувал наводниот фалсификат на досиејата на двајцата функционери на ДУИ, како што ги окарактеризира УБК, е добро наравоучение за сите кои се определиле да градат кариера со тинтрање, а не со знаење, способност и достигнување. Во секое зло, ете добро! 

ФРИЗИРАНИ ИЗВЕШТАИ Но, како и да е, споменатиот виц на УБК со досиејата на ДУИ го оставам на специјализираните хумористични телевизиски емисии и списанија, а, согласно досегашната ориентација, продолжувам со сериозни теми од значење за македонските национални и државни интереси. Имено, заслужува внимание последното интервју на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, за еден дневен весник, во кое Георгиевски, меѓу другото, категорички изјавува дека како македонски премиер, за настаните поврзани со воената 2001 година не прочитал сериозен извештај од која било служба во државата, која ќе го предупреди дека ќе дојде до бунт на Албанците од поголеми размери. Притоа истакна дека ниту усно, ниту писмено, како премиер, никој не го предупредил оти се подготвува поголема, како што рече, оперативна акција во Македонија!?  Ова е крајно вознемирувачка и шокантна изјава, заради што чуствувам обврска да појаснам некои моменти во контекст на изјавата на Гергиевски, дотолку повеќе што во јавноста може да се стекне погрешен впечаток дека македонските служби за време на војната во 2001 година не поседувале никакви безбедносно-интересни инфомации, во услови кога Георгиевски вели дека воопшто не добивал сериозни извештаји од тајната полиција. На страна фактот што изјавата на Георгиевски е само уште една потврда на моите бројни пишувања, кои се сведуваа на тоа дека во периодот 1998-2002 година, ВМРО-ДПМНЕ има само номинална власт врз најзначајните безбедносни структури, бидејќи во тоа време утринската функционерска пошта формално одеше кај едни (божемната вмровска власт) а информациите кај други!  Значи, од споменатото интервју на Георгиевски сега излегува на виделина дека во 2001-та се криеле најбитните информации од најповиканиот во македонската политика во тоа време - Премиерот. Се разбира, Георгиевски како личност е најмалку битен во приказната. Имено, застрашувачко е сознанието за неговото институционално заобиколување како македонски премиер во толку сериозно и опасно време за Македонија во војната во 2001 година, од која Македонија излезе поразена и посрамена како резултат на политички сценарија и внатрешни предавства!  Произлегува дека тогашниот премиер Георгиевски воопшто не добивал редовни извештаји од тајната полиција за битните информации за војната, иако овие извештаји редовно преку МВР се доставуваа до државниот врв, односно, до претседателите на државата,  собранието и владата. За помалку упатените да кажам дека тајната полиција, согласно правилата за организација и работа на државната безбедност, редовно го информира државниот врв за безбедносната состојба во државата преку седмични и периодични извештаји (за време на војната во 2001 година и дневни извештаји) врз база на добиените сознанија и податоци на теренот. Па, така, и во тоа време соодветните извештаји на тајната полиција се доставуваа до министерот за внатрешни работи и оттаму до државниот врв, вклучувајќи го и Георгиевски како премиер!  Дека криењето на безбедносно - интересни информации од Георгиевски е смислена активност, нека послужи уште делот од неговата изјава во интервјуто, каде што вели дека добивал некакви билтени од службите, но, немало сериозен извештај, а во контекст на смислено дозираните извештаи што тогаш му ги доставуваа од МВР на тогашниот премиер со божемни безбедносно-интересни информации од типот за фатени ситни шверцери, дилери, расветлени кражби и слични небулози, за да се дискредитира македонската тајна служба во очите на премиерот Георгивски. Читајќи ги како премиер ваквите фризирани извештаји, Георгиевски во една прилика тогаш дури и јавно ќе признае дека државната безбедност всушност и не била некој фацтор. Значи, тој се убедил тому во тоа што некој го посакувал во заднина! УБК ГИ ИМАШЕ СИТЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА ОНА Поразително е што ваква изјава за едно така сериозно прашање, од која излегува на виделина криењето на безбедносни извештаји од премиерот на една држава, не предизвикува сериозно внимание и после 10 дена од интервјуто на Георгиевски, иако станува збор за тврдење со голем тежина, што во тоа време не било помала опасност за безбедноста на државата.  Доколку и навистина сме демократска држава, државното обвинителство има законска должност да реагира во однос на тешката злоупотреба со криењето на информации од тогашниот премиер на државата. Потребно е, значи, да се расчисти, каде заглавувале конкретните извештаји на тајната полиција наменети за тогашниот македонски премиер, кој, патем, како прв човек на владата, имаше уставна обврска да го брани територијалниот интегритет и суверенитет на државата?   Со оглед на просторот, сега накусо и за реалните безбедносно-интересни сознанија на македонската тајна полиција во тоа време, за настаните пред и после започнувањето на војната во 2001 година, а кои во форма на соодветни извештаји се доставуваа до државниот врв. Но,  како што споменав, некој ревносно се грижел овие извештаји да не стигнуваат и до тогашниот премиер Георгиевски! Имено, веднаш да кажам дека македонската државна безбедност уште во текот на 2000 година имаше целосни оперативни сознанија  и податоци од теренот, дека во Македонија се подготвуваат терористички дејствија на таканаречената ОНА, односно, нивната подготовка за војна и во Република Македонија, која ќе ја започнат на почетокот во 2001 година со познатите случувања во селото Танушевци. Постоеја конкретни оперативни информации во УБК за секој чекор на албанските екстремисти дека вршат подготовки, вооружување и обука на припадници на албанско население за терористички дејствија и за кревање на вооружено востание во Македонија!  Поточно, македонската државна безбедност знаеше практично се, за почетните 500-700 терористи кои се одметнаа во планините - колку се, каде се, зошто се таму, нивна вооруженост и слично, па, така, овие паравоени албански формации можеа да бидат збришани уште во првиот момент, доколку постоеше одобрување од државниот врв! Подготовките на албанските терористички групи се вршеа од поодамна, пред да започне војната во 2001 година, и припадниците на македонската тајна полиција секојдневно доаѓаа до квалитетни оперативни сознанија и податоци, и, притоа, пишуваа службени белешки за состојбите на теренот. Дури, во службените белешки можеа да се сретнат конкретни податоци за списоците на паравоените формации и за започнатиот процес на регрутација на поединци од албанското население!  Понатаму, постоеја и конкретни податоци и за обуката на македонски државјани од албанска националност во кампови на Косово, за што добивале и паричен надомест. Истовремено, прецизно се знаеја базите за паравоените формации во селата околу Шар планина, во Лојане, Танушевци, Арачиново и други населени места со целосно албанско население. А, пред избувнувањето на војната веќе се знаеше дека паравоените албански формации имаа свои штабови, на пример, во Мала Речица, во скопската населба Чаир..!  Во оваа насока, после смирувањето на воените состојби на Косово, во македонската тајна полиција добија и на државниот врв му пренесоа информација дека борбените активности на албанските екстремисти и терористи ќе почнат на северниот дел од границата, во делот со Косово. Овој дел е избран поради тоа што екстремистичките групи имаа изградено стратегија за повлекување од Македонија во за нив неповолни ситуации преку одбрани коридори! КЛАСИЧНО ВЕЛЕПРЕДАВСТВО Е, сега, при таква состојба на работите, извесно е дека граѓаните со зачуденост ќе се прашуваат, како е можно тогашниот премиер Георгиевски  воопшто да немал поим за терористичката ОНА пред започнување на војната во 2001 година?! Неверувањето е уште поголемо, ако се знае дека во периодот за кој пишувам во колумната (пред и после започнувањето на војната до мај 2001 година), министер за внатрешни работи е, внимавајте добро - Доста Димовска. Значи, каква играрија - десната рака на тогашниот македонски премиер и неговата најблиска соработничка Доста Димовска, како министерка во МВР ги криела аналитичките осврти и извештаји на македонската Служба за државна безбедност насловени до премиерот Георгиевски. А, токму со континуираното запознавање на државниот врв за безбедносната состојба во државата требаше да се добијат посакуваните повратни политички насоки, и, на тој начин, токму овие потврдени оперативни информации од теренот требаше да се искористат од безбедносните структури за да се преземаат соодветни мерки за разбивање на овие почетни терористички групи!  Меѓутоа, иако постоеше примерок од соодветните извештаји на државната безбедност и за тогашниот премиер Герогиевски, сега наеднаш преку неговото интервју дознаваме дека клучните безбедносни информации воопшто не стигале до него, односно, некој се грижел да останат заглавени некаде во комуникацијата на релација МВР - Премиер!? Во оваа насока, бидејќи произлегува дека  тогашниот премиер Георгиевски бил блокиран со информациите од Службата за државна безбедност, тогаш основано се наметнува заклучокот дека некој сакал да ги закочи безбедносните органи да се пресметаат со терористите. А, познато е во јавноста, дека токму Георгеивски се залагаше за прогласување на воена состојба во државата!

Патем, и после една деценија од започнувањето на војната во 2001 година, сеуште, за жал, Република Македонија не покажува доволен капацитет за едно комплексно согледување на тие воени настани. Иако, после толку битни настани, сеуште изостанува  изработувањето дури и на соодветна анализа, за да се дефинираат соодветни солуции и проценки за во иднина.  Дотолку повеќе што идните генерации еден ден сигурно ќе бидат згрозени, кога читајќи ги книгите за војната ќе се изначудуваат, како е можно состав од тогашната 30-илјадна македонска војска и полиција во денешно време да се чуствуваат поразени од минорната терористичка ОНА!?  И тоа во услови кога оваа почетна терористичка групација од страна на тогашните најрелеватни меѓународни претставници во земјата - Џорџ Робертсон и Хавиер Солана, беа нарекувани убијци и криминалци со кои треба да се справат македонските безбедносни органи! 

Значи, останува непријатната вистина, дека македонската државна безбедност иако знаеше практично се, за настаните пред и после започнувањето на војната во 2001 година, сепак МВР во тоа време ја криело вистината од тогашниот премиер Георгиевски за карактерот на групите што оперираат и се подготвуваат за војна во Македонија, а која и навистина започна во јануари 2001 година. Со еден збор, тогашната министерка во МВР, Доста Димовска, ја затаила комуникацијата на релација МВР - Премиер Георгиевски. Овој момент несомнено фрла нова светлина за собитијата во воената 2001 година, а Доста Димовска заслужува посебна анализа!  Сепак, народски кажано, среќа во несреќа е тоа што за сево ова постојат материјали во архивите на Службата за државна безбедност кои биле евидентирани дневно, па, така, останува сега да се расчисти ова класично велепредавство спрема институцијата премиер во државата за време на војната во 2001 година!