Зошто Груевски различно ги насочи кариерите на Доста и Циле, иако не ги трпеше обајцата?


12.11.2010 | 23:29:02 | Колумни


Зошто Груевски различно ги насочи кариерите на Доста и Циле, иако не ги трпеше обајцата?

Колумна, „Фокус„, 12.11.2010, Јанко Бачев 

Како што ја дочекавме полонолетноста на самостојната македонска држава, така се наметнува и потребата генерациите што нараснаа да се запознаваат со тоа, како во демократска Македонија се трасирани или закочувани кариери на познати политички фигури на македонската политичка сцена вон стандардите на едно одговорно и демократско општество.

Затоа, во оваа колумна ќе раскажам една приказна поврзна со кариерите на Доста Димовска и Васил Тупурковски. Иако на прв поглед изгледа дека нема ништо заедничко помеѓу челниците на поранешните политички партии Демократска алтернатива и Демократско-републиканска унија на Македонија, сепак постои еден момент што ги поврзува Димовска и Тупурковски од аспект на нивните кариери. Тоа се: ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски!

Да одиме по ред. Имено, се сеќава ли некој на Доста Димовска? Бидејќи многумина веројатно заборавиле, да ја потсетам јавноста дека таа е директор на Македонскиот културен центар (МКЦ) во Софија. Димовска е назначена за директор на МКЦ од македонската влада, што значи со амин на премиерот Груевски. Да потсетам дека МКЦ во Софија е отворен во април 2005 година, согласно потпишаната Спогодба меѓу владите на Република Македонија и Република Бугарија за основање на културно-информативни центри во Софија и во Скопје. МКЦ, со поддршка на македонското министерство за култура, требаше да реализира голем број проекти преку кои требаше да биде презентирана и афирмирана македонската култура во Бугарија. Поточно, преку претставување сегметни од повеќе области од културното творешто, требаше да се отвори можноста за акцентирање и на проблемите на нашите браќа и сестри во Пиринска Македонија. 

ЗА КОЛКУ СЛУЖБИ РАБОТИ ДИМОВСКА!? Меѓутоа, од страна на МКЦ, како институција замислена да ги брани и промовира македонските национални интереси, изостана воспоставувањето поблиски врски со Македонците во Пиринска Македонија, односно, заедничките средби што се од исклучително голема важност не само заради размена на искуствата, туку заради дополнителна мотивација за интензивирано менување на неповолните состојби на планот на почитувањето на основните слободи и права на Македонците во Бугарија признати со меѓународното право. Во оваа насока, Народното движење за Македонија после средбата во Пустец, Албанија, со претставниците на Македонците во Албанија предводени од Едмонд Темелко, дополнително на 23 октомври 2010 година оствари средба во Сандански, Пиринска Македонија, и со претставници на Македонците во Бугарија, предводени од двајцата копретседатели на ОМО Илинден - Пирин, Стојко Стојков и Ботјо Вангелов, на која дојдовме до мошне шокантното и вознемирувачко сознание, според кое, откако е поставена Димовска за директорка на МКЦ во Софија во 2007 година, до сега не е остварена ниту една средба со челниците на Македонците во Бугарија, ниту, пак, нашинците што живеат во Бугарија се поканети да го посетат МКЦ!?  Значи, вратите на Центарот се отворени за сите, само не за Македонците што живеат во Бугарија. А, дека беа силни очекувањата од МКЦ во Бугарија, тогашниот македонски претседател Бранко Црвенковски на 27 април 2005 година дури и лично го отвори Центарот во Софија, притоа истакнувајќи дека отворањето на МКЦ може да биде моќна движечка сила во надминувањето на предрасудите и прифаќањето на разликите (помеѓу Македонија и Бугарија). Меѓутоа, со годините, активностите на МКЦ во Софија беа позитивно примани од официјалните институции, медиумите и воопшто од бугарската културна јавност, во услови кога Доста Димовска оневозможува било каква активност на Центарот во прилог на македонските национални интереси. Дури, може да се каже дека и двата центри (бугарскиот во Скопје и македонскиот во Софија) во денешно време функционираат во интерес на бугарската држава!  Меѓутоа, клучното прашање е самото назначување на Димовска, заради што е потребно да се задржам на операцијата - инсталација на директор на МКЦ во Софија, која е изведена во следните околности. Имено, Никола Груевски имаше голема нетрпеливост спрема Димовска. При нашите средби, додека НДМ беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, знаеше да се изначудува околу тоа, за колку служби работи таа жена (Димовска). Мојот повратен коментар кон Груевски беше дека е врзана најмалку за оската Север-Исток. Патем, во разговорот неодминливо беше и прашањето за разнебитувањето на македонскиот безбедносен систем од нејзина страна, кога во својство на министерка во МВР им ги предаде на тогашните нејзини коалициски партнери од ДПА, Тачи и Џафери, досиејата за оперативните позиции на македонската државна безбедност од редот на македонските Албанци!  КУМОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ КУМОВИ ВО ВЛАДАТА Во оваа насока беше и чудното пријателство на Димовска, како министерка во МВР, со некогашниот раководител на Бугарската национална разузнавачка служба (БНРС), Бриго Аспарухов, кој на почетокот на т.н. војна во Македонија во 2001 година, беше и нејзин неформален советник заедно со тогашниот бугарски амбасадор во Хрватска , Валериј Енчев. Инаку, Бриго Аспарухов својата слава на врвен разузнивач во БНРС ја стекнал во немирите во Чехословачка во 1968 година, кога преку добиените информации со прислушкувањето на телефоните на тамошните политичари, требало за време на тамошната криза да предизвика некаков етнички конфликт меѓу Чесите и Словаците!  Во оваа насока треба да се спомене дека токму Груевски е човекот кој што ја избрка Доста Димовска од ВМРО-ДПМНЕ при нејзиниот обид да институционализира фракционерство во оваа партија. По бркањето од ВМРО-ДПМНЕ, Димовска ја формира партијата ДРУМ, која доживеа дебакл на парламентарните избори одржани на 5 јули 2006 година. После изборите, партијата на Димовска се претопи во ВМРО-ДПМНЕ, по што Димовска како кадар на премиерот Груевски заминува во Софија за македонски дипломатски претставник. (МКЦ е дел од амбасадата во Софија). Значи, Димовска заминува таму каде што и е срцето, бидејќи при секој влез во Бугарија, односно, во моментот на преминување на граничната линија на македонско-бугарската граница, Димовска ритуално секогаш ја изговорува реченицата: Ах, сега ми е исполнета душата и срцето!  Е, сега, во услови на сериозна разузнавачка инволвираност и висок анимозитет на Груевски спрема Димовска, секој добронамерен граѓанин ќе се запраша: Како е можно, македонската влада да ја одбри нејзината номинација за директор на МКЦ во Софија? Но, сам по себе се наметнува и одговорот на таквото прашање. Има некој повлијателен, дури и од премиерот Груевски како највлијателен човек во моментот во државата. Па, оттука, во прикаската треба да се спомене блиската релација на Димовска со еден бугарски агент - резидент кој своевремено, преку филијалата на Балканска банка во Скопје, ја држеше на врска бугарската агентурна мрежа во Македонија. Иако спротивно на процедурата и негативното мислење на УБК за безбедносната подобност, Димовска како министерка во МВР на споменатиот бугарски агент-резидент му додели дури и македонско државјанство!  На страна фактот што се работи за добро обучен агент на БНРС, кој преземаше разузнавачки активности спрема Македонија, а кој ги поминал потребните обуки во разузнавачки центар „Банки„ на БНРС во близина на Софија, кој центар е налик на деновиве често споменуваниот разузнавачки центар на поранешната сојузна УДБА во Бањица, Белград. Не случајно го споменувам овој разузнавачки центар на БНРС во контекст на номинацијата на Димовска за директорка на МКЦ, која не беше по ќеиф на Груевски, бидејќи, внимавајте добро, споменатиот „Банки„ има допирни точки и со кумовите во македонската Влада. Поточно, во врска со кумот на македонските кумови во владата. Со оглед на просторот, овие многу битни прашања заслужуваат посебна анализа, бидејќи прикаската има внатрешна динамика до бескрај кога се гледаат петте оперативни документи во УБК за споменатиот бугарски агент - резидент! ЅИНГО И ПАВЛЕ НАПРЕД, ЦИЛЕ - СТОЈ! Вториот јунак, Васил Тупурковски, исто така предизвикува голема нетрпеливост кај Никола Груевски. Но, за разлика од Димовска, таквата нетрпеливост кон Тупурковски доведе до запечатување на неговата политичка кариера. Имено, во декември 2003 година беше фомирана новата коалиција Трет пат, во која учествуваа Демократската алтернатива, Демократскиот сојуз и Социјалистичката партија на Македонија. Лидерите на споменатите партии, при промоцијата рекоа дека новата коалиција Трет пат ја прават за да ја спасуваат Македонија. Притоа  истакнаа дека нема повеќе ниту една причина да продолжи власта на политичките елити на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кое нешто, доколку продолжи, иднината на Македонија може да биде фатално загрозена. А, бидејќи, според  Циле,  Ѕинго и Павле ефектите од владеењето на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се антимакедонски, на сите што ја доведоа земјата до оваа дереџе за време на промоцијата на новата коалиција им порачаа: Марш надвор. Меѓутоа, на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ ич око не им трепна од прозивките, и тоа од оправдани причини. При првото намигнување од Груевски до Третиот пат, некаде пред локалните избори во 2005 година, пукна Третиот пат, односно,  секој тргна по свој пат во Третиот пат!  И така доаѓаме до главното прашање околу Тупурковски. Поканата од Груевски во заднина за приклучување кон ВМРО-ДПМНЕ беше само до Љубисав Иванов и Павла Трајанов, при што јасно им беше кажано дека нивната политичка дружба е можна само без Тупурковски, поради споменатата нетрпеливост на Груевски спрема Тупурковски. Во таква ситуација, Ѕинго и Трајанов беа ставени пред изборот - да покажат солидарност со Тупурковски и да продолжат со Третиот пат и да завршат во слепа улица, или, пак, да го следат интересот на своите политички партии и да завршат на крстопатот на кој пишуваше: десно, ВМРО-ДПМНЕ? Се разбира, Ѕинго и Павле Трајанов водени од политичкиот опортунитет ја одбрана втората можност и СП и ДС се приклучија кон ВМРО-ДПМНЕ, откако Груевски војнички заповедаше: Ѕинго и Павле напред, Тупурковски - стој!  Значи, откако беше поставена сцената за елиминација на Тупурковски од Третиот пат, требаше да се изнајде конкретен повод како да се реализира тоа. А на поводот не се чекаше премногу. Партнерите од коалицијата Третиот пат се поделија поради наводното несогласување за тогашниот кандидат за градоначалник на Скопје, односно, Ѕинго и Павле Трајанов потпишаа договор за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а Васил Тупурковски ќе го поддржел независниот Трифун Костовски, кого, пак, ВМРО-ДПМНЕ и споменатите Ѕинго и Трајанов во тој момент божем не го подржувале. Дел од поводот беше и наменскиот конфликт на Ѕинго и Тупурковски за општината Кратово, каде Социјалистичката партија барала доминација на советничката листа, што предизвикало незадоволство кај Тупурковски. Епилогот е познат: Ѕинго и Павле Трајанов потпишаа договор за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а Васил Тупурковски го напушти Третиот пат!  Откако се стигна до посакуваната ситуација за блокирање на влезот на Тупурковски во Здружената коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, наредниот ден по излегувањето на Тупурковски од Третиот пат, токму ВМРО-ДПМНЕ обзнани дека застанува зад кандидатурата на Трифун Костовски. Значи, на сите оние кои веруваат дека конфликтот на Тупурковски во Третиот пат лежи во некои таму советници на листата во Кратово, а  во услови кога излезе на виделина перфидната игра со кандидатурата на  Трифун Костовски,  можам само да им честитам на простодушноста, но не им завидувам на наивноста. Уверен сум дека сега од дистанца работите му се појасни и на Тупурковски, дека во тоа време, макар да му ја отстапеше и целата советничка листа во Кратово, Ѕинго сепак ќе се измислеше некој друг повод, за Тупурковски и неговата Демократска алтернатива да останат надвор од дружбата со ВМРО-ДПМНЕ. Нормално, поради одлучниот став на Груевски, Тупурковски во никој случај да не биде дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Останато е историја. Тупурковски на наредните парламентарни избори во јули 2006 година настапи самостојно и доживеа дебакл, по што замина во историјата. Ако  е за некаква утеха, за разлика од Димовска, анимозитетот на Груевски спрема Тупурковски сметам дека е единствено од лична природа! Се разбира, Љубисав Иванов и Павле Трајанов манифестираа голема вчудоневиденост од тоа што Тупурковски го напуштил Третиот пат, кога со него, како што велеа, дотогаш немале никакви несогласувања, а ВМРО-ДПМНЕ, пак, во целата таа играрија со Тупурковски глумеше незаинтересираност за состојбите во Третиот пат, односно, Груевски велеше дека внатрекоалициските несогласувања во Третиот пат во никој случај не се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ!  Меѓутоа, како и да е, на крајот произлегува дека сите ние наивно сме верувале оти владеачката партија размислува само за Македонија, бидејќи за Татковината се работи. Па, кој ќе ги насочува кариерите тогаш на актерите на македонската политичка сцена?