Тајната полиција ја помага пререгистрацијата на партиите од коалицијата на Никола Груевски!


19.11.2010 | 23:27:29 | Колумни


Тајната полиција ја помага пререгистрацијата на партиите од коалицијата на Никола Груевски!

Колумна, „Фокус„, 19.11.2010, Јанко Бачев

Во моите колумни, покрај критичкиот осврт за состојбите во државата, настојувам да го опфатам и своевидниот воспитно-образовен сегмент во контекст на темите за кои пишувам, со цел, да укажувам кои потфати не треба да ги презема владеачката ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи се погрешни, како за земјата во целина, така и за нив самите, доколку, се разбира, имаат амбиции и понатаму да владеат.

Во денешната колумна сакам да го посоветувам Никола Груевски дека е погрешна ориентацијата на владеачката партија за форсирачката тенденцијата налик на системот на владеење на политичкиот противник од 1992 до 1998 година, кога владеењето беше поставено на три столба: тајната полиција, јавната администрација и државната телевизија, кое дава одредени резултати, но, завршува со целосен распад. Впрочем, да ги потсетам младите вмровски функционери дека во 1998 година народот ги урна споменатите три столба со масовно определување за промени!

Примерот со 1998-та е мошне поучен, но, по се изгледа недоволно  проучен, бидејќи тие (ВМРО-ДПМНЕ) повторно се определуваат да ја бранат Преродбата во сто чекори со потпирањето на споменатите три столба, туркајќи ја партијата во сигурен праз на претстојните вонредни парламентарни избори!  ЗАКОН ПРОТИВ ЧОВЕК - ПАРТИИ!

Така, пред извесно време, недозволиво е вклучена тајната полиција во пререгистрацијата на повеќето човек - партии во коалицијата „За подобра Македонија„ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. За помалку упатените, најпрвин да потсетам дека Собранието на Република Македонија на седницата од 4 јануари 2008 година донесе измени и дополнувања на Законот за политичките партии. Поентата на измените беше драстично заострување на условите за регистрација на нови политички субјекти, како и натамошното опстојување на постојните партии. Наместо досегашните 500 основачи, партиите во иднина ќе треба да обезбедат 1.000 основачи, плус заверка на потписите за членство во одредена партија пред нотар. Во оваа насока, со измените на Законот, политичката партија е должна на секои четири години да доставува список од 1.000 основачи со поединечно дадени потписи заверени пред нотар. Политички партии кои на секои четири години ќе ги задоволат споменатите услови, ќе продолжат да егзистираат на македонската политичка сцена, а другите ќе бидат избришани! Впрочем, и министерот за правда, Михајло Маневски,  образложувајќи ја потребата за донесувањето на измените, на спомената собраниска седница истакна дека измените во врска со политичките партии имаат за цел да ја подобрат законската рамка во насока на политичко организирање на граѓаните, кое ќе биде лишено од политичка манипулација и злоупотреба. Притоа, Маневски истакна дека со законските измени ќе се овозможи мотивот за формирање на политичка партија да произлезе од поголем број граѓани, а со тоа ќе се добие поголем квалитет во дејствувањето на политичката партија!  Значи, измените на Законот за политички партии се сведуваа на тоа, поголемиот број на основачи да овозможи политичката партија со масовност да има легитимитет, што е еден од основните елементи за добивање на изборни места, ако се учествува на избори. Од друга страна, ќе се минимизира можноста за формирање на политичка партија од страна на тесен круг на основачи, што во основа има и остварување на исклучиво лични интереси!  Така, партиите беа ставени пред изборот - да извршат пререгистрација  со писмени изјави на 1.000 основачи заверени пред нотар, или да бидат избришани од регистарот на партии што се води во надлежниот регистарски суд. Со тоа практично требаше да почне одбројувањето на деновите за таканаречените човек - партии, кои постојат само формално и за нив се слуша исклучиво пред избори. Впрочем, за овие човек-партии не можете да ги видите ниту основните податоци, бидејќи кај ниту една од нив не функционира барем неопходната веб страница на интернет. Со еден збор, законските измени требаше да доведат до намалување на големиот број на партии за македонски услови (до декември 2009 година во надлежниот регистарски суд беа евидентирани 99 партии), односно, дерогирање на високо либералните законски одредби за политичкото организирање на граѓаните, кои овозможуваа секој што ќе посака да  формира партија за да внесува заблуда кај граѓаните! НАМЕНСКА ПРЕРЕГИСТРАЦИЈА Меѓутоа, ова е теорија преточена во законските одредби. Сега, останува да погледнеме како функционира македонското плурално општество во практиката. Практиката покажува дека пред извесно време на сцена стапува тајната полиција, која недозволиво ја презема улогата да обезбеди пререгистрација на повеќето политички партии членки на владеачката коалиција, со тоа што ќе им обезбеди на теренот по 1.000 основачи со потребната финансиска логистика. Не е на одмет да ги споменам и финасиските издатоци, односно, заверката пред нотар на писмените изјави на неопходните 1.000 основачи, како и вадењето на потребните државјанства (партии можат да основаат само државјани на РМ),  претпоставува парични средства од околу 8.000 евра на секои четири години за секоја партија при нејзината пререгистрација!  Како што споменав, започна операцијата, наменската пререгистрација на повеќето партии од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. До моментот на пишувањето на колумната веќе е извршена пререгистрација на две партии во оваа коалиција, а останатите партии ќе се пререгистрираат по динамика како што ќе добиваат известувања од регистарскиот суд дека е потребно да започнат со пререгистрација.  Дури, тајната полиција и не ги крие активностите во оваа насока, оти, внимавајте добро, овие човек-партии ги пререгистрира за неколку дена, односно, за толку краток период овие партии успеваат наводно да соберат по 1.000 основачи, и притоа да ги однесат на нотар, за да заверат изјава за членство во политичка партија?  Во нормални околности, спсобноста на овие човек - партии да обезбедат по 1.000 основачи за неколку дена и да ги постројат пред нотар со лична карта, во услови на отворен страв кај граѓаните во високо партизираното општество, во кое, се се гледа и снима, е рамно на научна фантастика. Само за споредба, со оглед на тоа што постојат шест изборни единици во државата, во предизборната кампања за време на парламентраните избори во 2006 и 2008 година, покрај Републичкиот изборен штаб,  во здружената коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ се формираа паралелно и шест регионални изборни штабови кои ја покриваа секоја изборна единица. Притоа, од страна на ВМРО-ДПМНЕ се бараше од сите дваесет партии во коалицијата да достават список на член и негов заменик во шестте регионални изборни штабови. Но, петнаесетина партии од дваесетчлената коалиција, внимавајте добро, доставуваа листа со името на својот претседател како претставник во сите шест изборни штабови!?  Значи, во тој момент, овие партии не можеа да најдат по двајца нивни претставници (член и негов заменик) во шесте регионални изборни штабови, а сега, одеднаш, замислете, за неколку дена без никаков проблем успеваат да најдат 1.000 приврзаници и притоа да ги однесат на нотар!?

Значи, тајната полиција дури и не се  обидува да ја замаскира оваа наменска операција, односно, барем да го прикаже процесот поуверлив, бидејќи потписите за пререгистрација на коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ се обезбедуваат за неколку дена, иако политичките партии согласно законските одредби имаат на располагање 90 дена за да се пререгистрираат!

ПРЕРОДБЕНИЧКА МАТЕМАТИКА Меѓутоа, со наменска пререгистрација на политичките партии во владината коалиција, отворен е и еден друг пат. Сега станува јасно дека формирањето на бројната коалиција од страна на ВМРО-ДПМНЕ, не била само проста математичка операција, туку добро осмислен стратешки потег. Затоа, не случајно Груевски во предизборната кампања за време на парламентарните избори во 2006 и 2008 година, буквално на секој митинг на коалицијата За подобра Македонија потенцираше дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има дваесет партии, наспроти коалицијата на СДСМ која брои само пет-шест партии, за да манифестира надмоќност спрема политичкиот ривал. А, со најновото наменско пререгистрирање на партиите во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, станува јасно дека и на претстојните вонредни парламентарни избори ќе се користи веќе испробаниот адут, односно, бројката од дваесет партии во нивната коалиција!  Затоа,  иако е поразително за македонската демократија, да се формираат партии по нарачка, сепак, во интерес на некаква фајтерска политичка борба на претстојните парламентарни избори, добро е во СДСМ да го апсолвираат напишаното во колумната на вистинсаки начин, и со време да отпочнат наменски да ги пререгистрираат постојните партии во нивната коалиција, бидејќи две третини од  партиите во фронтот на СДСМ ја немаат потребната пререгистрација од 1.000 основачи, а повеќе од сигурно е дека самите во никој случај нема да успеаат да го направат тоа, ако се знае дека се работи за партии со по еден човек. Патем, не е лошо во СДСМ да проработат и на наменско формирање на уште три до четири нови партии, бидејќи за нив, како и за ВМРО-ДПМНЕ, не е никаков проблем да обезбедат по 1.000 основачи за формирање на политичка партија која ќе служи за декор на македонската политичка сцена. Ова од причина што, овој феномен на македонската политичка сцена - потенцирањето на митинзите дека имате бројна коалиција, односно, дека сите партии се со вас, до сега беше мошне уверлив за придобивање на гласачите! Како и да е, целта на измените и дополнувањата на Законот за политички партии паѓа во вода, бидејќи на највулгарен начин се изигруваат неговите одредби, кои требаше да доведат до изветрување на македонскиот политички простор од политички субјекти, кои постојат на хартија, меѓутоа во пракса не функционираат. Со други зборови, измените требаше да обезбедат изградба на плуралистичко, демократско  општество, што значи општество во кое слободно ќе се натпреваруваат политичките партии и притоа воспоставените демократски правила, а не отуѓените тајни центри да имаат примат во насочувањето на актерите во  изборниот процесс!  ДА ГЛЕДАШ, ДА НЕ ВЕРУВАШ! Споменатото наменско пререгистрирање на партиите е само уште една потврда на моите пишувања, дека тајната полиција е инволвирана во формирањето на дури седум политички партии, сега членки на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа, пак, е една од битните причини, зошто ВМРО-ДПМНЕ не дозволува во реалноста да заживее болниот, но делотворен лустрациски третман во Македонија, со што се лишува македонската јавност од еден интересен феномен, односно, можноста да види како во демократска Македонија, кодоши и кодошени од позиции на актуелни функционери, како и лидери-соработници на УДБА на седум партии од владеачката коалиција, на претстојните парламентарни избори на митинзите ширум Македонија заедно ќе пеат комитски песни. Да гледаш, да не веруваш!  Понатаму, несватлива е кратковидоста на владеачката партија да ги повторува истите работи во врска и со Македонската телевизија (МТВ) и јавната администрација, иако таквото нешто им носи на крајот сериозни политички поледици. Имено, во овие дваесетина години, носителите на власта во Македонија несебично се залагаат главна медиумска потпора да им биде МТВ, иако таквата ориентација на крајот завршува со изборен пораз.  Владеачката ВМРО-ДПМНЕ продолжува со истата практика, сведувајќи ја МТВ на партиски протокол, иако политичките добивки за нив би биле поголеми, доколку, на пример, актуелната власт обезбеди соодветни услови на оваа медиумска куќа, најмалку пет дена во текот на една седмица во своите информативни емисии да ја критикува Владата, а граѓаните со задоволство би ја прифатиле како современ демократски медиум на кого беспоговорно би му ја плаќале телевизиската такса!  Јавната администрација, пак, е посебна приказна, бидејќи стана непишано правило, првиот работен ден после завршувањето и објавувањето на изборните резултати после секои избори, јавните и државните службеници да си ја упатуваат честитката - нашите победија! Значи, и актуелната власт не покажува доволен капацитет да ја апсолвира вистината, дека колку повеќе се злоупотребува(ше) тајната полиција, МРТВ и јавата администрација за партиско-политички цели во дваесетгодишното плуралистичко живеење, толку повеќе политичкиот неуспех беше загарантиран. Во оваа насока, пак не се извлекува поука, дека за добро и долго владеење чесноста е подобра од која и да било друга политика и е незаменлив услов на политиката, која на крајот повторно ги носи посакуваните привилегии, како за поединецот, така и за нацијата и државата!

За жал овие загрижувачки состојби одново ни се повторуваат, а македонската политичка неукост не дозволува истите да се променат на подобро. Наивно е да очекуваме дека некој ќе црвенее заради овие работи. Едоставно, политичките групации кои управуваат со нашите судбини во овие дваесетина години, можат сериозно да поцрвенеат само од политичка сила рамна на себе, а никако од осудата на обичните луѓе!