Како може да се направи лустрација, кога во владата има најмалку тројца министри - кодоши!?


01.10.2010 | 23:21:59 | Колумни


Како може да се направи лустрација, кога во владата има најмалку тројца министри - кодоши!?

Колумна, „Фокус„, 01.10.2010, Јанко Бачев 

Прочитав нешто од исповедничкото отворено писмо на премиерот Никола Груевски од 24 септември во врска со македонската лустрација. Тоа ме потсетува на еден епитапх - мртвите не се тепаат, но живите имаат поинаков темперамент. Една проформа изјава, која нема употребна вредност, бидејќи во моментов воопшто не е возможно да се оствари, како што вели Груевски, лустрација со јавни листи до 2010 година, и тоа за секој кој има не само јавна функција, туку и било каква општествена одговорна улога во државата.

Ова од причина што владеачката ВМРО-ДПМНЕ, во јануари 2008-та, во Собранието на Република Македонија донесе лустрациски закон, кој претставува еден селективен законски текст без суштина и кој овозможува вистинската мрежа на соработници на тајната полиција да остане нечепната. Поточно, споменатото отворено писмо на премиерот Груевски до јавноста, има една лоша и една добра работа. 

Лошата страна е тоа што пораката на Груевски за сеопфатна лустрација воопшто не е остварлива. И тоа од оправдани причини: Постојниот лустрациски закон не дозволува вистинско лустрирање, односно, го кочи процесот и ги штити соработниците на тајните служби, бидејќи владеачката ВМРО-ДПМНЕ, во јануари 2008 година се послужи со мала итрина, кога во Собранието изгласа лустрациски закон, но, така скроен, од лустрацијата да излезе едно големо ништо и голем трик за манипулација за граѓаните!  Добрата страна е тоа што македонскиот премиер, како најмоќна личност во државата, искажа едно охрабрување, порачувајќи јасно и гласно дека ВМРО-ДПМНЕ и тој како нејзин претседател, остануваат најголеми подржувачи на процесот на лустрацијата и дека немаат никакви пазари, со кои би се заштитувале лица кои прекршувале човекови права и уништувале човечки судбини, притоа упатувајќи отворен повик за лустрација со јавни листи, и тоа до 2010 година. По ова, јавноста сега е во исчекување, дали пораката од премиерот Груевски за сеопфатна лустрација ќе добие и своја практична верификација? ЗАКОН СО ВГРАДЕН ДЕФЕКТ Ќе бидам задоволен доколку се оствари она што сега го најавува Груевски за лустрацијата, бидејќи, на тој начин, целосна сатисфакција добива и моето залагање за тоа, како треба да се спроведе болниот, но делотворен лустрациски третман. Сега од дистанца можам да кажам, дека своевремено, во 2006 година, му ги презентирав моите видувања на Никола Груевски за неопходноста и правецот во кој треба да ја спроведеме лустрацијата и реформата на тајната полиција, доколку победи тогашната наша коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори од 5 јули 2006 година, а во која членуваше и Народно движење за Македонија. Истовремено, во тоа време, и во јавноста воопштено ги најавив споменатите мои залагања за лустрацијата и реформата на тајната полиција.  Така, со мојата колумна во Шпиц од 13 јуни 2006 година, за првпат во демократска Македонија излезе едно залагање за лустрација и формирање на собраниска комисија за расветлување на пермаментната злоупотреба на Службата за државна безбедност. Победата на изборите во 2006-та дојде, граѓаните ја дадоа довербата, и во услови кога се беше познато и безопасно по смената на власта, дополнително тогашниот коалициски партнер Стојан Андов од Либералната партија поднесе и официјална иницијатива, која резултираше со донесување лустрациски закон во јануари 2008 година.  Значи, во тој момент Никола Груевски се одлучи за концептот на Стојан Андов, за кој сега гледаме дека и самиот признава во отвореното писмо дека има вграден дефект, најавувајќи суштински измени и дополнувања на лустрацискиот закон во насока на една сеопфатна лустрација, што всушност беше основата на мојот предлог, кој му го предлагав на Груевски уште во 2006-та.  Уште полошо кај Груевски помина мојот тогашен предлог околу реформата на тајната полиција, во чија основа беше заложбата за комплетно распуштање на  дотогашната анахроно организизрана и високо партизирана Служба за државна безбедност и најпосле  етаблирање по претходно утврдени јасни критериуми, една мала, ефикасна и високо оперативна шпионска служба, која ќе функционира исклучиво во интерес на безбедноста на на државата, а не служба која ќе ги прислушкува и следи активностите на т.н. внатрешни непријатели и политичките неистомисленици!  Притоа, како и во случајот со лустрацијата, и моето гледиште околу реформите на тајната полиција го споделив воопштено со јавноста преку интервјуто во Фокус од 3 март 2006 година. Меѓутоа, Илија Китановски од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој во тоа време беше задолжен за контактите на ВМРО-ДПМНЕ со НДМ, ми ја пренесе тогашната порака од Никоа Груевски, дека идниот македонски премиер не размислува за радикална реформа во системот на државната безбедност, заради што не е пожелно во тогашната предизборна кампања да пласирам во јавноста вакви гледишта за тајната полиција. Но, тоа е историја, и не е најбитно во моментов! КОДОШИ ПРОФЕСОРИ, АКАДЕМИЦИ, НОВИНАРИ..! Сега заслужува внимание сега делот од отвореното писмо на Груевски, во кое тој ги повикува сите да поддржат  една сеопфатна лустрација до 2010 година, што ќе овозможи откривање и јавно објавување на сите што соработувале со тајните служби во времето на комунизмот, но, и во периодот од 1991 година до денес. Па, еве, со задоволство го прифаќам повикот на премиерот Груевски, а, бидејќи во моментов во мода се т.н. отворени писма, оваа моја колумна нека претставува своевидно отворено писмо до македонскиот премиер за клучните недостатоци во постојниот лустрациски закон, со цел, да му помогнам на Груевски да ги отстрани причините кои го кочат процесот на лустрацијата. Дотолку повеќе, без дефинирање на потребните нормативни претпоставки, кажаното од Груевски во неговото отворено писмо, самото по себе е само обична декларација, а не и конкретна  заложба за лустрација во посакуваната насока!   Да одиме по ред. Сегашниот манипулативен лустрациски закон (членовите 32,33  34) е така скроен што допушта речиси сите категории граѓани, односно, факултетски професори, академици, новинари, попови, невладиниот сектор, адвокати, медијатори, извршители, претседатели на политички партии, таканаречените олигарси... да можат да бидат лустрирани само доколку самите тоа го посакаат, а илузорно е да се очекува дека некој самиот ќе посака да биде лустриран. Навистина жално, бидејќи токму кај споменатите професии врие од кодоши!  Значи, во демократска Македонија, професори - кодоши и натаму ја едуцираат македонската младина. Академици и писатели - кодоши и натаму ќе ни сервираат фалисификувана историја. Новинари - кодоши и понатаму ќе го креираат јавното мислење. Претседатели на партии - кодоши, кои во заднина за својот соработнички однос со тајната полиција со години користеле бројни привилегии, и понатаму ќе бидат чинители на политичка сцена, иако нивните партии се креирани од тајната полиција. Каква иронија, премиерот Груевски во неговото отворено писмо повика на масовна лустрација со јавни листи на сите политичари, а, истовремено, рамо до рамо, во неговото коалициско друштво седат дури седум претседатели на политички партии кои се формирани од тајната полиција!   Во постојниот лустрациски закон нема барем преодно решение, кое би ги опфатило и кодошите од редот на таканаречените олигарси, кои речиси до еден беа соработници на тајната полиција уште од почетокот на нивните работни кариери во социјализмот, и токму оваа соработка ќе биде клучна за градење на нивните завидни кариери и нивно богатење. Штета! Кога ревизијата на криминалната приватизација станува мислена именка, со процесот на лустрацијата се создава прекрана можност барем да им изречеме морална осуда на овие транзициски гангстери, кои извршија економска диверзија врз сопствениот народ! Значи, доволно е споменати категории на граѓани, според одредбите на сегашниот манипулативен лустрациски закон, да прескокнат само еден изборен циклус, односно, за периодот на неговото важење да не бидат кандидати за носители на јавни функции, со што нивното кодошко минато останува архивирано!? ЖИВИТЕ СЕ АМНЕСТИРААТ, МРТВИТЕ ЌЕ СЕ ЛУСТРИРААТ?! Во оваа насока, обична лакрдија и гротеска од лустрација претставува и сегашното законско решение, со кое се предвидува дека лустрацијата ќе го опфати периодот од 2 авгст 1944 година, а предмет на лустрацијата ќе бидат лица-кандидати за носители или носители на јавни функции. Ако се знае дека голем број од лицата од 1944 се починати, или се пензионери во длабока старост, кои никогаш повеќе нема да бидат кандидати за носители на јавна функција, тогаш евидентно е дека се работи за нефункционален закон. Како е можно да се амнестираат кодошите на тајните служби од редот на новинарите, факултетските професори, академици, поети, претседатели на политички партии, олигарси... а, од друга страна, да ги лустрираме лицата од 1944-та, кои се умрени или се во длабока старост, па, сега  да ги вознемируваме нивните втори и трети поколенија!? Со еден збор, живите кодоши ќе се амнестираат, а мртвите ќе се лустрираат!!!  Оттука и дилемата, што е поопасно или покорисно: да лустрираме старци и да им судиме на нивните внуци, или луѓето кои со кодошење денес вршат државни функции?  Впрочем, веќе пишував дека од лустрацијата многу повеќе се уплашени во ВМРО-ДПМНЕ, отколку во СДСМ, особено ако лустрацијата се спроведе и за периодот после 1990 година, иако со споменатото писмо на премиерот Груевски, од ВМРО-ДПМНЕ сега сакаат да наметнат поинаков впечаток. Дотолку повеќе што и првата македонска таканаречена експертска влада, во тоа време беше еден интересен спој на министри, од кои еден патриотски дел за независна Македонија, еден дел под влијание на Бугарската национална разузнавачка служба и еден дел беше под влијание на КОС. Затоа, дај Боже да грешам, но, наменското драматично отворено писмо на премиерот Груевски со пресметана позадина, не менува ништо во оваа насока!  Преголема е загриженоста кај владеачката ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи има лица кај нив што соработувале со тајната полиција во комунизмот и подоцна во независна Македонија. И тоа најмалку тројца во Владата, најмалку двајца од советниците на претседателот Иванов, а ги има и во нивниот Ивршен комитет, плус минимум десеттина директори во вторите ешалони на власта, кои севкупно, како лица од високата политика, се и најинтересни за јавноста!  Инаку, на ниво на декларација, лустрацискиот закон требаше да претставува правен инструмент за исправање на неправдите од минатото, а не да продуцира нова неправда со амнестирање на постојните кодоши, кои очигледно ниту Господ не може да ги спречи, што ли уште можат да направат, држејќи ја и понатаму Македонија закована за европското дно. Лустрација да, но не селективна, перверзна и антицивилациска! КОМИСИЈАТА СО ПИСАРСКА УЛОГА Збор-два и за карикатуралната Комисија за верификација на факти или попозната како лустрациска комисија, чии членови очигледно се изгубени во времето и просторот, што, пак, воопшто не им пречи да се луксузираат врз грбот на македонските граѓани како даночни обврзници, преку нивните месечни хонорари од 100.000 денари аминувани од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, иако, внимавајте,  вршат најобична писарска улога!  Да биде појасно, ќе илустрирам како изгледа писарската работата на лустрациската комисија, во контекст, на пример, на познатиот факт дека Груевски прв поднесе изјава дека не бил соработник со тајните служби, а по него изјави за несоработка поднесоа уште триста функционери од високата политика. Така, писарите од лустрациската комисија, да се послужам со речникот од стрипот во Фокус,  му пишуваат писмо на Бате Саше од УБК, да каже дали Груевски бил соработник, а тој од прва им враќа - „Не„. Потоа, лустраторите го прашуваат Бате Саше, дали претседателот Иванов бил соработник, а тој одлучно им враќа – „Ма, какви, нема шанси„. Лустраторите понатаму пишуваат, а дали Михајло на тета Филимена се дружел со удбашите? Бате Саше повторно како од пушка: „Нема теорија...„ и така до триста, допишувањето си трае до денешно време, за, на крај, сите да бидат среќни и весели, бидејќи триста функционери од високата политика излегоа со чисти досиеја. Тогаш, зошто лустрација, нека усвојат парламентарните партии документ (декларација или заклучоци), дека во социјалистичка, а подоцна и во капиталистичка Македонија - немало кодошење. Впрочем, одвреме навреме на народот му треба и по малку романтика! Затоа, уште при изработката на лустрацискиот закон во мои колумни имам пишувано дека е потребна лустрациска комисија, која ќе има т.н. истражни овластувања - директно да влезе во просториите на тајната полиција и изворно да ги гледа соработничките регистри, а самата комисија да биде во состав од високи партиски функционери (на пример, од координаторите на пратеничките групи), за да се избегнат меѓусебните партиски препукувања, кој бил или не бил соработник, бидејќи, на ваков начин, сите партии преку свои претставници на лице место во подрумите на тајната полиција изворно ќе ги листат прашливите соработнички книги!