Сите ги знаат атентаторите, а обвинителот не презема ништо!?


08.10.2010 | 23:20:18 | Колумни


Сите ги знаат атентаторите, а обвинителот не презема ништо!?

Колумна, „Фокус„, 08.10.2010, Јанко Бачев 

Помина 3-ти октомври во уште едно потсетување, дека пред петнаесет години беше извршен обид за атентат врз првиот македонски претседател Киро Глигоров, на улицата Македонија, во близина на хотелот Бристол, во центарот на Скопје, кога тој службено се движеше од неговата резиденција кон работното место во македонското Собрание. Кога службеното возило на Глигоров минуваше низ оваа маршута, активирани се 20 килограми експлозив со далечинска команда кои се наоѓале во паркиран автомобил.

Нападот бил толку добро подготвен и организиран, и само среќна околност е што тогашниот македонски претседател го преживеа атентатот.  Во текот на годините стана практика на годишнината од атентатот, јавноста да биде потсетувана за овој немил настан преку вообичаени новинарски прилози збогатени со истоветна изјава од МВР, која се повторува речиси 15 години, дека истрагата не е затворена, односно, истражната постапка против непознат сторител се уште е отворена!

За разлика од претходните години, овојпат, на петнаесетгодишнината од обидот за атентат врз Глигоров, бевме сведоци и на едно бранување на јавноста од страна на политички чинители на домашната сцена и експертската јавност, бидејќи произлезе дека сите ги знаат, но никој не ги кажува атентаторите на Глигоров. А, македонските граѓани и понатаму остануваат  незадоволни од работата на безбедносните органи, бидејќи атентаторите сеуште се мистерија, односно, и по толку време од извршениот обид за атентат врз Глигоров, и промената на девет министри за внатрешни работи и уште толку директори на тајната полиција, немилиот настан сеуште не е расветлен!  ТРИК ЗА МАНИПУЛАЦИЈА Заради актуелизирање на случајот со обидот за атентат врз Глигоров, на 30 септември во Домот на АРМ беше организирана  и научно-стручна дебата од страна на Форумот за безбедност и Здружението на ветерани од одбраната и безбедноста, на која присуствуваа политичари, универзитетски професори, научници, аналитичари, експерти од областа на безбедноста, претставници на невладини организации и новинари. На споменатата научно-стручна дебата, меѓу другото, најавив дека и на овој 3-ти октомври, по повод петнаесетгодишнината од атентатот врз Глигоров, ќе го слушаме истиот полициски рефрен од МВР, дека истрагата трае и дека  се работи на нејзе. Така и бидна. На 3 октомври, по повод неславниот јубилеј, МВР само ја преповтори изјавата која со години и ја сервира на јавноста, дека истрагата за обидот за атентат продолжува со несмален интензитет, и дека се проверуваат сите информации!  Меѓутоа, последните единаесет години од овој немил настан покажаа дека македонските владеачки структури не бираат средства и методи за манипулација со граѓаните и со самиот Глигоров.  Една од подмолните лаги, со која во континуитет во изминатите единаесет години се замајува јавноста и Глигоров, е дека полициската истрага не е затворена. Со оваа манипулативна изјава, свесно или од незнаење, се служеа сите седум министри кои раководат со МВР во последните 11 години, и уште толку директори на македонската УДБА!  Во оваа насока, ќе потсетам дека во мојата колумна од 28 мај 2010 година, напишав дека постојат сериозни сознанија оти во МВР веќе десетина години е укината полициската истрага за обидот за атентат врз Глигоров. Во оваа прилика можам да кажам дека споменатите сознанија се потврдуваат, откако деновиве во поштенското сандаче во седиштето на Народно движење за Македонија, некој ни оставил полициски документ на МВР, од кој јасно се гледа дека полициската истрага за обидот за атентат врз Глигоров е запрена уште пред 11 години. Затоа, сега, на многу конкретен начин отпаѓа тврдењето на МВР дека во изминатите 11 години се работело на случајот, односно, произлегува дека таканаречената полициска истрага за откривање и расветлување на нарачателите и извршителите на неуспешниот атентат врз Глигоров, е едно големо ништо и голем трик за манипулација со граѓаните! Збор-два за самиот документ. Како што може да се види, се работи за интерен документ - телеграма на МВР испратен до сите организациони единици на македонската тајна полиција и криминалистичката полиција. Во документот јасно стои дека постојните организациони единици во МВР се известуваат дека таканаречениот Штаб на Оперативната акција Автомобил, во седиштето на МВР веќе не постои како посебна организациона целина. За помалку упатените да кажам дека Оперативна акција во Службата за државна безбедност се заведува со цел извршување на конкретни задачи во земјата и  странство, кои бараат организирано и синхронизирано ангажирање на поголем број агенти на тајната полиција, со поширока примена на оперативно-технички средства и методи. Притоа, како и во случајот со другите форми на оперативна работа на тајната полиција, како што се на пример, оперативното истражување, оперативната комбинација, двојната комбинација, оперативната обработка, така и заведените оперативни акции добиваат свој назив. Во случајот со атентатот врз Глигоров, оперативната акција е насловена како „Автомобил„. Значи, после обидот за атентат, во МВР е заведена оперативна акција Автомобил, во која требало да се слеваат сите сознанија и податоци добивани во тековното полициско работење за немилиот настан! АТЕНТАТОРОТ САМ ЌЕ СЕ ПРИЈАВИ?! Но, од споменатиот документ на МВР произлегува дека таканаречениот Штаб и Оперативна акција Автомобил не постојат веќе 11 години, заради што, како што може да се види од вториот пасус во документот, припадниците на МВР се насочуваат, за евентуално новодобиените сознанија и податоци за атентатот да ги известуваат соодветните организациони единици. Ова, според полициската практика, најблаго кажано е скандалозно, бидејќи, 11 години се е оставено на случајноста. Со дуги зборови, атентаторите сега можат само случајно да се откријат, бидејќи во МВР повеќе  не постои систематско и организирано работење во рамките на ОА Автомобил, која, како што споменав, се укинува, а припадниците на МВР, доколку во своето тековно работење, евентуално по некоја случајност дојдат до податоци и сознанија за обидот за атентат врз Глигоров, да доставуваат службени белешки до содветните организациони единици. Значи, останува да чекаме случајно да се открие атентаторот кој пред петнаесет години сакаше да ја дестабилизира државата!  После овој скандалозен документ, со кој се укинува Штабот и Оперативната акција Автомобил, само по себе се наметнува суштинското прашање, зошто и оваа владеачка гарнитура, како и нивните претходници, и понатаму ја замајуваат јавноста дека се работи на откривање на атентаторите врз Глигоров, кога повеќе не постои систематско и организирано полициско дејствување уште пред 11 години? А, до кога ќе го лажат и самиот Глигоров? На страна фактот, дали се сложуваме со политиката што своевремено ја водел Киро Глигоров, оти, сепак, тој бил претседател на државата, и затоа прашањето со обидот за атентат врз него најмалку заслужува таков третман од надлежните државни органи. Дури, воопшто не е етички и пристојно да се лаже стар човек, како што младите вмровски функционери го замајуваат Глигоров, кој веќе е во поодминати години, наместо отворено и чесно дам му кажат дека токму заради неработењето, истрагата никогаш не била блиска ниту до мотивите, а камоли до нарачателите и извршителите! Во оваа насока, а во контекст на споменатата научно-стручно дебата во Домот на АРМ, да ја издвојам и мошне шокантната изјава на еден актуелен владин функционер, кој јасно и категорички на дебатата изјави дека од денешен аспект, кога ја читал неговата книга за атентатот, внимавајте, знаел кои се атентаторите, но не смеел да ги каже!? Ова е крајно вознемирувачка изјава, бидејќи произлегува дека атентаторите сеуште слободно шетаат околу нас, иако имаме актуелен владин функционер што знае кој стои зад атентатот. Меѓутоа, поразително е што ваква изјава за едно така сериозно прашање, како што е обид за атентат врз Претседател, не предизвика сериозно внимание, иако станува збор за тврдење кое има далеку поголема тежина од забавната приказна за сведокот на атентатот врз Глигоров, која своевремено ја продуцираше Љ.Д. Фрчковски, а која стигна дури и до Државното обвинителство. Дури, во однос на спомената изјава на владинот функционер, државното обвинителство има и законска должност да реагира, а патем да споменам дека од МВР, во нивната изјава на 3-ти октомври, јасно порачаа дека прикривањето на докази претставува кривично дело!  Но, се разбира, во случајов МВР нема да презема било што, за некој кој прикрива докази (читај: атентатори) и тоа од оправдани причини: станува збор за функционер од коалициското друштво на ВМРО-ДПМНЕ. А наиво сме верувале дека сите ние сме еднакви согласно уставот и законите. Па, кој тогаш ќе се пресметува со политичките противници кои своевремено биле во МВР, смислено оцрнувајќи ги и прикажувајќи ги за несериозни, иако токму тие искажаа интересни гледишта, кои можат да послужат како добра појдовна основа по прашањата околу обидот за атентат врз Глигоров!? ЧЕШКА, БУГАРСКА ИЛИ СРПСКА ВРСКА? Инаку, во споменатата моја колумна од 28 мај пишував и за причините, зошто не треба нарачателот на атентатот да се бара одвнатре, за почетната истрага за атентатот, која е водена премногу аматерски и со многу грешки, затоа што, веднаш по атентатот била измиена улицата, истрагата уште на самиот почеток ја свртеа кон ВМРО-ДПМНЕ за да се искористи за политички цели, просторот околу местото на извршување на атентатот не бил затворен и осигуран, а излезите од Скопје и Македонија, воопшто не биле затворени, како и за трите верзии за можни сторители на обидот за атентат врз Глигоров, а во овој контекст и за пошироката конспирација во која се вклучени и меѓународни линии и наши линии на подршка. Според првата верзија, станува збор за т.н. Братиславска врска, втората говори за Мултигруп, и, третата, која најмалку беше експонирана како можен  сторител на атентатот, го наведува српското воено разузнавање во контекст на радикалниот пресврт на политиката на Глигоров, односно, неговото стратегиско свртување во тој момент од Белград кон Вашингтон.  Во оваа насока, а во контекст на најавената средба на македонскиот и српскиот полициски врв на 4 октомври во Белград, во рамките на дводневната регионална конференција на министри за внатрешни работи и за правда што се одржува во српската престолнина, на темата посветена на борбата против организираниот криминал во Југоисточна Европа, во оваа прилика да сугерирам до македонската страна да побара од српскиот полициски министер најмалку две работи:  Прво,  во контекст на споменатата трета верзија за атентатот поврзана со српското разузнавање, потребно е да се побара документот од изворниот разговор помеѓу Киро Глигоров и тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ, од 2 октомври 1995 година, за да видиме што е кажано таму, а не да се остане само на вообичаените новинарски извештаји од средбата. Овој документ може да послужи како добра појдовна основа за некоја идна евентуална полициска истрага за атентатот, која, за жал, е укината уште пред единаесет години. Дотолку повеќе што, МВР во разговорот со Киро Глигоров во 2001 година во врска со атентатот, му постави на Глигоров триесетина прашања, без притоа да побара од него репродуцирање на изворниот разговор со Милошевиќ!?  Да претпоставиме дека е точно кажаното во јавноста деновиве, дека Глигоров пројавил страв за семејството, и можеби затоа до денешно време од дистанца сеуште не сака и во јавноста да го пренесе изворно разговорот со Милошевиќ. Но, затоа, нека се побара стенограмот од средбата, дотолку повеќе, нели, сега кажуваат дека имаме демократски водства и во Македонија и во Србија, кои имаат добри политички односи!    Второ, да се побара објаснување од српскиот полициски министер, зошто тогашниот српски претседател Милошевиќ не ја реализирал средбата со Киро Глигоров во претседателската резиденција, туку го носи Глигоров во воен објект на периферијата од Белград, каде е воден разговорот помеѓу нив двајцата?