Функционерите на ДУИ не биле кодоши од идејно-политички причини, туку југословенски патриоти!


22.10.2010 | 23:16:40 | Колумни


Функционерите на ДУИ не биле кодоши од идејно-политички причини, туку југословенски патриоти!
Колумна, „Фокус„, 22.10.2010, Јанко Бачев  Конечно се отворија картите! Сега веќе слободно можам да напишам дека македонската приказна за сеопфатна лустрација, односно, за секој кој има било каква општествено одговорна улога во државата, заврши пред реално и да започне. Соработничкото минато на личностите во Македонија, кои со кодошење вршеле или сеуште вршат државни функции, дефинитивно останува архивирано. Ако се знае дека генезата на проектот лустрација води до тоа, Македонија да се прикаже како демократска европска земја која има волја да расчисти со комунистичкото минато, а во заднина соработничкото минато на лицата од високата политика да остане нечепнато, станува јасно зошто така успешно е спречено заживувањето на лустрацијата во Македонија, со што не само што трпи демократијата, туку е нарушен и имиџот на Македонија пред меѓународната заедница. Се започна со манипулативниот Закон за определување дополнителен услов за вршење јавна функција или попознат како закон за лустрација, кој за најбитните категории на граѓани што вршат било како општествено одговорна улога во државата, предвиде лустрација само доколку самите тоа го посакаат, а илузорно е да се очекува дека некој самиот ќе посака да биде лустриран.  Дополнителното признание од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, дека имаме лустрациски закон со вграден дефект, заради што премиерот Груевски во отворено писмо до јавноста најави негови суштински измени и дополнувања, доведоа до едно охрабрување, дека кај портокаловите сепак постои политичка волја за исправање на грешката со нефункционалиот лустрациски закон! ДА НЕ СЕ МЕШААТ КОС И УДБА Меѓутоа, со најновата наменски конструирана приказна дека белградските досиеја се одлучувачки во процесот на македонската лустрација, се разоткрива и овој најнов трик на власта за понатамошно кочење на процесот на лустрација. Дури, може да се каже дека дефинитивно е постигната целта, во Македонија да се фингира некаков процес на лустрација, во кој вистинската мрежа на соработниците на тајната полиција да остане нечепната. За жал, вистините излегоа на површина побргу од вообичаеното, па сите мои пишувања дека лустрацијата е едно големо ништо и трик за манипулација за граѓаните, за кои постоеше воздржаност се покажуваат како точни.  Лустрацијата дефинитивно е изместена од својата вистинска насока, дотолку повеќе што и медиумите заради недоволно познавање ја голтнаа приказната со белградските досиеја, како клучни за македонската лустрација, наметнувајќи уверување кај граѓаните дека тоа и навистина е така. Впрочем, во контекст на секојдневните информации за досиејата на тројцата функционери од ДУИ кои соработувале со поранешните југословенски тајни служби, што би можело да се очекува од широката јавност, освен прифаќање на приказната дека единствено отворањето на досиејата од Белград, ќе помогне за лустрацијата во Македонија.  Во претходниот број на Фокус пишував зошто е потребно да престане лажењето на македонските граѓани дека досиејата на соработниците на СДБ на територијата на Македонија се наоѓаат во Белград, иако истите отсекогаш се чувани во аналитичкиот одел на македонската СДБ, бидејќи оперативните досиеја за безбедносно интересни појави и настани, како и регистрите за соработничките мрежи на териториите на поранешните југословенски републики беа архивирани во републичките СДБ!   Притоа, се осврнав и на прашањето, зошто не треба да се мешаат поимите КОС и УДБА, како две посебни служби во поранешната СФРЈ, во врска со многу битното разграничување дека во системот на државната безбедност токму Службата за државна безбедност (СДБ/УДБА) имаше задача да се справува со т.н. внатрешни непријатели, односно, со идеолошките противници. А, како што споменав, досиејата за политичките и идеолошките противници отсекогаш се чувани во републичките СДБ!  Во оваа насока, сега заслужува внимание појаснувањето на природата на актуелните досиеја на тројцата функционери на ДУИ, бидејќи токму овие досиеја всушност го зацементираа уверувањето  во јавноста дека без досиејата во Белград, нема лустрација и во Македонија. Патем, во јавноста и понатаму сите декларативно оставаат впечаток  на големи поборници на процесот на лустрација. Притоа, наидуваме и на смешни ситуации, како, на пример, изјавата на премиерот Груевски дека Комисијата за лустрација е најстручна и најкомпететна, таа треба да даде насока кој и што треба да работи во тој правец, а, од друга страна, иако според Груевски е најстручна и најкомпетентна, комисијата за лустрација се прогласи за ненадлежна по ова прашање, односно, барањето на белградските досиеја не било нивна работа!?   Допуштам дека Груевски е искрен во својата изјава, но, ако искрено и навистина верува дека со тоа  што им додели по 100.000 денари месечен хонорар на членовите на лустрациската комисија за најобична писарска улога, да се допишуваат со државната безбедност кој бил (не)соработник, тогаш само можам да кажам дека му честитам на простодушноста, но не му завидувам на наивноста! ФУНКЦИОНЕРИТЕ НА ДУИ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ЛУСТРИРААТ! Да се навратам на досиејата на функционерите на ДУИ од кои сега се влече поентата, дека единствено отворањето на досиејата од Белград ќе помогне за лустрацијата во Македонија. Веднаш да кажам дека дури и целосно да се вистинити, овие досиеја немаат никакви допирни точки со лустрацијата во Македонија.  Имено, лустрацијата во Македонија (како и во сите посткомунистички земји) е јасна во определбата дека треба да претставува инструмент за исправање на неправдите од минатото, односно, отстранување од јавната сцена на сите оние кои соработувале со тајната полиција при оперативното собирање на информации за лица, со кои им се оформени и водени досиеја со кои што се кршени нивните основни права и слободи од идеолошко-политички причини. Значи, предмет на лустрација се лица кои се инволвирани во оформување на досиеја за лица од идеолошко-политички причини.  Меѓутоа, од споменатите досиеја на функционерите на ДУИ произлегува дека нема соработка од идеолошко-политички причини, туку давани се многу квалитетни сознанија и податоци за формирањето на ектремни групи за рушење на уставниот поредок на поранешна СФРЈ како меѓународно-правно призната држава и мошне респектабилен фактор на меѓународната сцена за време на своето полувековно постоење, па сознанија за набавување на оружје, формирање паравоени единици  и подготовка за војна... Со еден збор, ова соработка нема никаква врска со лустрацијата, дотолку повеќе, иако ги уживаа сите права, дури и Албанците во поранешна Југославија немаа право да рушат држави, па сега да кажуваме дека соработката на функционерите од ДУИ била од идеолошко-политички причини.  Впрочем, доколку било кој граѓанин во моментот дојде до сознание дека во Македонија постои група која се вооружува за да го руши уставниот поредок, или да предизвика немири, и притоа отрча во тајната полиција да ги каже/пренесе овие сознанија, уверен сум дека во тој случај никој нормален нема да каже дека станува збор за кодошење, туку напротив за високо патриотски чин. Така и споменатите функционери на ДУИ во тоа време биле лојални граѓани и верувале во својата тогашна држава.  Патем, иако станува збор за лица родени во Македонија, нивните активности со тајните служби во најголем дел биле поврзани со состојбите во Косово, како опасно жариште за време на постоењето на поранешна Југославија, а косовските состојби, пак, немаат никаква врска со лустрацијата во Македонија. Друго е прашањето што радикалните промени кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век доведоа до распаѓање на поранешната СФРЈ, а настаните подоцна одеа во прилог на албанската кауза, па така дојде до трансформација на овие соработници од чувари на Југославија, во борци за остварување на албанските идеали во регионот!  ЦИА НЕ ГИ ОТКРИВА СВОИТЕ СОРАБОТНИЦИ Впрочем, и независноста на Словенија и Хрватска ја изведоа нивните поранешни комунистички водства во содејство со нивните републички СДБ, иако претходно педесетина години беа на страната на заедничката југословенска држава. Но, споменатите настани со распаѓањето на СФРЈ ги пробудија нивните желби за сопствени национални држави, заради што во даден момент Југославија повеќе не беше интересна за нив ( на пример, германската шпионска служба БНД уште во 1988 веќе имала целосна контрола врз републичките СДБ на Словенија и Хрватска). Патем, не забележуваме дека во Словенија и Хрватска премногу се потресуваат по досиејата во Белград, бидејќи не сакаат да манипулираат со простата вистина дека соработничките досиеја водени на нивните територии за време на постоењето на поранешна Југославија, се во Љубљана и Загреб. Значи, од кој агол да се погледнат актуелните досиеја на челниците на ДУИ, тие немаат никава допирна точка со македонската лустрација. Во спротивно, ајде тогаш да ги обелодениме и досиејата на  соработниците - Албанци, преку кои во текот на 1993/1994 година беше откриена, раветлена и документирана т.н. албанска паравојска во Македонија, која сакаше да ја дестабилизира државата. Но, во таков случај, најмалку што можеме да очекуваме од разузнавачките служби на странски земји е смеењето на таквите глупости. На пример, на американската ЦИА сигурно не и паѓа помислата да ги открие нејзините соработници, преку кои своевремено ја откри групата која заговарала отцепување на сојузната држава Тексас од САД.  Всушност, во целата игра за спречување на лустрацијата во Македонија, како да се заборава дека лустрацијата не е процес кој треба да ги опфати генерално сите соработници на тајните служби. Сите шпионски служби на современите држави, без разлика на нивното државно уредување или управување, во својата работа користат соработници. Дури, без оглед на современиот техничко-технолошки развој кој доведе до примена на најсофистицирани средства во работата на разузнавачките служби, сепак човекот и понатаму останува најзначајниот извор на прибирање на разузнавачки информации.  Затоа, во Македонија е потребно да се нагласува дека лустрацијата е замислена за проветрувањето на соработниците од идеолошко-политички причини. Досиејата кои излегоа во јавноста за тројцата функционерите на ДУИ дека биле соработници на тајните служби, не можат да бидат предмет на лустрацијата, туку единствено можат да послужат за некакво морализирање меѓу ДУИ и ДПА од аспект на остварувањето на албанската кауза, а во контекст на нивната вербална војна, секојдневно да се обвинуваат дека функционери од спротивната партија соработувале со тајните служби. Патем, не е на одмет да споменам дека соработниците од ДУИ давале информации за пресекување на активностите на лица кои дејствувале за создавање на Голема Албанија, а таквата албанска кауза, која е актуелна до денешно време, е многу опасна и за Македонија.  ДОСИЕЈАТА СЕ СЕПАК ВО СКОПЈЕ Во моментот на пишувањето на колумната не е познато дали лустрациската комисија донесе било какви заклучоци во врска  со досиејата на функционерите на ДУИ. Но, како и да е, за овие досиеја имајќи ја предвид нивната содржина, нема место за расправа во смисла на одредбите од актулениот лустрациски закон, заради што е потребно отфрлање на секаква расправа. Се разбира, не заради прашањето, дали се работи за (не)автентични документи, туку имајаќи ја предвид природата на информациите што се доставувани до тајните служби.  Се разбира, свесен сум дека отфрлањето на овие соработнички материјали од причини за кои пишувам во колумната, нема да ги задоволи засегнатите функционери од ДУИ, бидејќи сосема разбирливо е дека тие бараат сатисфакција единствено преку прогласувањето на овие материјали за неверодостојни (фалсификат). На крај, да споменам дека медимуите сеуште имаат можност да го разјаснат ова битно прашање поврзано со македонската лустрација,  за да ја отстранат заблудата кај граѓаните креирана од одредени центри во државата, дека досиејата на македонската СДБ од подрачјето на Македонија се во Белград, иако тие досиеја се во Скопје. Олеснителна околност за новинарите е тоа што станува збор за многу лесно проверливи факти, бидејќи доволно е само да поразговараат со некој од постарите раководители или припадници на македонската СДБ, или, пак, со некој од припадниците на СДБ од другите поранешни југословенски републики околу поставеноста и организираноста на републичките СДБ во системот на државната безбедност во поранешна Југославија. Така јавноста ќе дојде до одоговорот на прашањето - каде се чувани оперативните материјали и регистрите на соработниците кои се однесуваа за подрачјето на одредена република во поранешна Југославија?  Дотолку повеќе, станува дегутантно да се гледаат и слушаат секојдневните новинарски приказни дека досиејата на македонската СДБ се во Белград, а таквите новинарски приказни, внимавајте, се темелат исклучиво врз изјави на  политичари, наместо медиумите да пројават интерес да ѕирнат одвнатре како функционирале шестте републички СДБ во секоја од  Републиките во системот на државната безбедност во поранешна СФРЈ. Во краен случај, крајно навредливо е за сите поранешни припадници на СДБ во Македонија, кои педесетина години работеле во македонската тајна полиција, да се кажува дека досиејата на кои работеле на територијата на Македонија им се носени во Белград!