Груевски и Ахмети веќе го договориле пописот на штета на Македонците!


29.10.2010 | 23:14:56 | Колумни


Груевски и Ахмети веќе го договориле пописот на штета на Македонците!

Колумна, „Фокус„, 29.10.2010, Јанко Бачев 

Во мојата колумна од 16 април 2010 година, пишував како е фалсификуван пописот во 2002 година, кога Албанците во државата лажно беа прикажани дека се 25,17 отсто, со цел, да се задоволи потребата на рамковниот договор, кој предвидува македонските Албанци да ги добијат правата само ако учествуваат со над 20 отсто од населението. Притоа потсетив дека тогашниот опозиционер Никола Груевски, кој во тоа време штотуку беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, излезе со став дека се сомнева во веродостојноста на податоците, обвинувајќи ја тогашната влада на СДСМ за фалсификување на пописот. Дури, Груевски тогаш побара да се формира експертска комисија, чии наводи за сите слабости на пописот останаа  мистерија до денешно време, бидејќи сеуште не се достапни резултатите од постпописното истражување на споменатата експертска комисија во врска со пописот во ноември 2002 година.

Во оваа насока, укажав дека граѓаните со задоволство ќе му простат на Груевски што сега од позиција на власт не ја исполнува таа своја заостаната обврска од 2003 година, кога бараше комисиски да се расветли фалсификуваниот попис во 2002 година, доколку во 2011 година биде спроведен реален попис, односно, не потклекне на непримерните закани и обиди за пазарење на албанскиот коалициски партнер за повторно фалсификување на пописот!

СПРОТИВНО НА ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ Меѓутоа, вистината дека се подготвува ново фалсификување и на пописот во 2011 година, излезе на површина со обзнанувањето на  владиниот предлог - закон за попис на населението во 2011 година. Затоа, со оваа колумна сакам да упатам драматична порака до македонските граѓани, дека на повидок е фалсификување на пописот што треба да се спроведе од 1 до 15 април 2011 година, доколку во Собранието биде изгласан законот за попис онака како што е предложен од Владата!  На страна фактот што, доколку дозволиме да ни се случи уште еден фалсификуван попис како и во 2002-та, во очите на останатите држави ќе оставиме впечаток за незрела држава, која состојбите на внатрешен план ги решава со фалсификати, неспособна институционално да ги одбрани националните интереси и која не води сметка за достоинството на својот народ. Историското значење на уште еден фалсификуван попис е поголемо од самиот факт за еден попис, затоа што Македонија со фалисификувањето на пописот во 2011 година, дефинитивно ќе го изгуби темелот на својата државност! Сознанијата дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ веќе ги договориле пописните проценти на штета на македонскиот народ, се покажуваат како точни, имајќи го предвид споменатиот владин предлог - закон за попис, кој веќе им е поделен на македонските пратеници. Имено, пописниот фалсификат треба да се изведе преку член 5 став 1 точка 3 и член 6 точка 6 и 7 од Законот за попис на населението во април 2011 година. Согласно овие членови, во вкупното население на Република Македонија, покрај бегалци и азиланти, ќе бидат вклучени и, внимавајте добро - „... и други лица кои во време на пописот ќе се најдат на територијата на Македонија, а кои не ги поседуваат документите од член 42 од овој закон„. Со други зборови, во вкупното население во Република Македонија ќе бидат вклучени и сите лица кои за време на пописот од 1 до 15 април 2011 година ќе се затекнат на територијата на Македонија, иако ги немаат потребните документи - лична карта, патна исправа или извод за родени. Се разбира, сите тие лица што не поседуваат никакви документи за време на пописот во Македонија нема да бидат некои-си-таму Холанѓани, Германци, Данци... туку јасно е дека ќе стане збор за вистинска наезда на Албанци од регионот и пошироко, без никакви документи да бидат попишани во вкупното население во Македонија, за, на тој начин, уште еднаш да биде прикажана лажна слика за бројноста на Албанците во државата! Народното движење за Македонија направи споредбено согледување на законите за попис во неколку земји членки на ЕУ, и, притоа, никаде не видовме законска одредба која овозможува во тамошното вкупно население да се брои секој што за време на пописот ќе се затекне на нивна територија без да поседува валиден идентификационен документ. На пример, бил кој македонски граѓанин, доколку случајно се затекне за време на пописот во Холандија, Германија, Данска... во никој случај нема да го бројат во тамошното вкупно население. За иронијата да биде поголема, во владиниот предлог закон за попис пишува дека е усогласен со правото на ЕУ, иако овој законски текст е во спротивност со европските пописни стандарди! ОПАСНИ ФОРМУЛАЦИИ! Така, за беспрекорно одвивање на фалсификуваната пописна операција, претстојниот попис во Македонија ќе го организира и спроведува Државна пописна комисија (ДПК) составена од партиски кадри, која само треба да го аминува фалсификуваниот пописен резултат. Значи, главен пописен орган е ДПК, а Државниот завод за статистика е сведен на помошно тело, иако во споменатите европски земји пописот го организираат и спроведуваат токму тамошните заводи за статистика во соработка со државните пописни комисии како  помошни тела на тамошните влади.  Во оваа насока, во овие европски држави со пописот во вкупното население се опфаќаат лицата кои имаат официјално (легално) место на живеење во  дотичната држава, а во Република Македонија, според владиниот предлог на закон е предвидена крајно опасната формулација - вообичаено место на  живеење, наместо легално место на живеење. Покрај лицата со легално живеење, во европските земји во вкупното население се опфаќаат уште и лицата кои имаат одобрение за престој, лицата кои се со легално место на живеење, а во време на пописот, но најдолго до една година пред неговото спроведување,  се наоѓаат на привремен работа во странство; лицата кои имаат легално место на живеење, а кои во време на пописот се на работа во дипломатски, конзуларни и воени миси во странство, во ОН и нејзините организации; лица на школување во странство или ангажирани по основ на меѓународна соработка и слично. Се разбира, со пописот можат да бидат опфатени и сите други лица кои за време на пописот ќе се затекнат во дотичната европска држава, но, внимавајте, таквите лица не се бројат во вкупното население, туку се публикуваат одделно како статистички податок.  Значи, главното прашање е: Кои лица се бројат во вкупното население на одредена држава, бидејќи од тоа зависи клучното прашање за неговата етничка структура. Ете, така, доаѓаме до големата замка во полза на албанската кауза, а на штета на македонските национални интереси - во Македонија, со пописот во 2011 година, внимавајте добро, во вкупното население ќе се бројат и сите лица кои ќе се затекнат на територијата на Македонија, без оглед што немаат дури и идентификационен документ, наместо овие лица да се публикуваат одделно како во споменатите европски земји. Затоа, не е на одмет да го запрашам премиерот Груевски: Дали може да посочи закон за попис на некоја европска земја, кој дозволува во тамошното вкупно население да се брои секој што се затекнал на нејзина територија за време на пописот?  Значи, уште отсега е јасно дека тие таканаречени други лица без никакви документи, кои ќе се бројат во вкупното македонско наеление, ќе бидат всушност стотината илјади Албанци од регионот и пошироко, кои треба лажно да го прикажат процентот на Албанците во државата. Пребројувањето на исти лица по три пати продолжува. При спроведувањето на пописот во Косово, во Албанија и Македонија, за лажно да ја прикажат бројката на Албанците во регионот, бидејќи владиниот предлог - законот за попис овозможува секој што ќе се најде на територијата на Македонија да биде попишан. Пропишаното, пак, во предлог-законот, дека Државниот завод за статистика дополнително ќе ја потврдува веродостојноста на попишаните податоци, во контекст на споменатите стотина илјади Албанци е тешка измама и голема манипулација со граѓаните!  ГРУЕВСКИ НЕМА МАНДАТ ДА ДОГОВАРА ФАЛСИФИКАТ Затоа, потребно е вистинско отрезнување кај македонските политички субјекти, дотолку повеќе што сум уверен дека овојпат македонскиот народ нема да прифати уште еден фалсификуван попис. Со други зборови, секој обид за фалсификување на пописот ќе го смета за опасна авантура и тешко велепредавство спрема Република Македонија. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ може и понатаму да ја замајува јавноста дека резултатите од претстојниот попис ќе се користат само за макроекономски планирања, за научни и други истражувања и за статистички цели, но, останува непријатната вистина дека пописот во Република Македонија е првенствено политичко прашање од највисок национален и државен интерес, бидејќи во Републиката е воспоставен концепт на колективни права, стекнати врз принципот на процент кој се добива преку попис, а не концепт на уживање на гарантирани индивидуални права на граѓанинот како во сите цивилизирани држави! Оттука, и во услови на целосна концентрација на моќта кај премиерот Груевски, пратениците од владеачкото мнозинство во Собранието мора да покажат одговорност со тоа што ќе му го одземат правото на македонскиот премиер да договара и прифаќа фалсификување на пописот во април 2011 година, и во последен момент во собраниската расправа да ги избришат споменатите одредби од владиниот предлог - закон за попис на населението, преку кои треба да се фалсификува пописниот резулат. Во краен случај, ете, нека ги попишат и тие стотина илјади Албанци, односно, таканаречените други лица без никаков идентификационен документ, но, овие лица во никој случај да не се бројат во вкупното население на Македонија, туку нека бидат одделно/посебно публикувани како обичен статистички податок! Патем, премиерот Груевски нема мандат од македонскиот народ да договара со ДУИ уште еден фалсификуван попис, дотолку повеќе што, македонскиот премиер е запознаен со кривичната пријава на НДМ,  поднесена до Државното обвинителство на 24 септември 2009 година,  за фалсификување на пописот од 2002 година. Од приложените факти и докази кон оваа кривична пријава, јасно се гледа дека албанското малцинство во државата е околу 17 отсто од населението. Со оглед на просторот, еве само еден детал од кривичната пријава. Имено, споредбените податоци за периодот од претпоследниот попис од 1994 година, до последниот попис во 2002 година, значи за период од осум години, јасно го покажуваат фалсификуваниот попис од 2002 година. Така, од 86.615 лица, колку што е зголемено населението во земјата за периодот 1994 - 2002 година, дури 67.979 се Албанци, а, внимавајте добро, само 2.000 се Македонци, плус 16.636 од другите малцински групи. Овие податоци за секој во државата би требало да побудат сериозно сомнение, бидејќи произлегува дека во периодот од 1994 до 2002 година, годишно се раѓале по 8.500 деца од албанска етничка припадност, а, внимавајте повторно, само 250 деца од македонска припадност. Или, во сооднос, на едно родено македонско дете се раѓале дури 34 албански деца, што е надвор од здравиот разум!!! АНТИМАКЕДОНСКИ ДОГОВОР Оттука, при очигледниот фалсификат на пописот во 2002 година, за кој процент од 34 отсто Албанци во државата зборува ДПА, или, пак, за кој процент од 30 отсто Албанци во државата брифираат деновиве од ДУИ, кога фактите во однос на пописот во 2002 година претставуваат само уште една потврда дека последниот попис е фалсификуван во корист на Албанците, за кои со изведувањето на приложените докази кон кривичната пријава ќе се види дека изнесуваат 17 отсто од вкупното население во Македонија. Со еден збор, податоците од последниот попис во 2002 година можеби за некого се политички прифатливи, но, од реален аспект не се валидни.  Меѓутоа, и покрај ваквата состојба, албанските партии во државата со засилениот медиумски настап, деновиве се обидуваат да конструираат уверување во јавноста дека владиниот предлог - закон за попис на населението е антиалбански, иако во суштина се работи за антимакедонски закон, со кој, ако помине во Собранието, македонските пратеници ќе го зададат најголемиот удар врз Македонците. Притоа, Албанците дури несвесно признаваат дека пописот мора да се фалсификува, бидејќи јасно порачуваат дека во никој случај нема да прифатат нивна бројност под 20 отсто. Значи, порака е јасна - доколку во реалноста се под 20 отсто, тогаш едноставно ќе треба со политички договор да се измислат, за да се дојде до посакуваниот процент.  Како и да е, во државата сите се свесни дека во Македонија нема 20 отсто етнички Албанци доколку се презентираат конкретните податоци на теренот, а над 20-те проценти албанско население во Македонија е политички договор. Она што тие (владеачката ВМРО-ДПМНЕ) имаат намера да го сторат, доколку во Собранието помине владиниот предлог - закон за попис, е токму спротивното, дозволувајќи да надвладеат личните интереси и амбиции на поединци во работи кои очигледно немаат врска со македонските национални интереси. Доколку Собранието го изгласа владиниот предлог - закон за попис, кој во основа е длабоко антимакедонски, тогаш македонските пратеници преземат поразителен потфат, кој би бил неправеден како за нив самите, така и за македонскиот народ и за сите останати малцинства во државата - потфат кој би водел во сигурна пропаст на земјата!  Во таков случај, Груевски ќе треба да даде отчет: Зошто на вонредните парламентарни избори во 2008 година бараше преку 60 пратеници, за да не биде уценуван од албанското малцинство за националните и државните интереси? Народот му поверува, му даде 63 пратеници, па сега останува на Груевски, дали ќе дозволи повторно да се фалсификува пописот како во 2002 година, односно, повторно да се калкулира со бројки, и со тоа да се урниса Македонија засекогаш!