Охрид е во заложништво на локални полициски службеници од шемата на полициското подземје!


12.09.2010 | 23:10:13 | Колумни


Охрид е во заложништво на локални полициски службеници од шемата на полициското подземје!

Колумна, „Фокус„, 10.09.2010, Јанко Бачев 

Македонската јавност е во исчекување на судскиот епилог за убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ од Белград, кој на 27 август беше претепан до смрт во строгиот центар на Охрид од група од десеттина Охриѓани. По немилиот настан, во 50-тина охридски домови специјалните сили на МВР извршија рација, во која полицијата со претрес барала оружје, со цел, да се расветли случајот со убиството на српскиот турист и да се најдат учесниците.

Епилогот од ваквата полициска рација и е познат на јавноста. Засега се уапсени осум учесници во инцидентот, кои завршија со 30-дневен притвор во затворот Шутка во Скопје, под сомнение дека сториле кривично дело убиство на свиреп и подмолен начин. Меѓу притворените има луѓе од вработените во охридскиот ноќен клуб „Хавана - Куба либре„ каде започна инцидентот, еден од сопствениците на ноќниот клуб и најповеќе од обезбедувањето. Затоа, тепачката во споменатиот ноќен клуб во Охрид, во која обезбедувачите наместо да го спречат инцидентот, се вклучиле активно, претставува доволна провокација да се осврнам на катастрофалната и срамна состојба во областа на обезбедувањето на лица и имот, што на своевиден начин придонесе и за убиството на српскиот турист во Охрид.

Веднаш да кажам дека инволвираните обезбедувачи во инцидентот вршат дејност обезбедување на лица и имот со лиценци издадени од непостоечката и фантомска Комора на Република Македонија за обезбедување на лица и имот, која во заднина ја контролира полициското подземје во државата. Да потсетам, во мојата колумна од 16 јули 2010 година пишував за оваа нелегална  Комора, која десетина години под закрила на полициското подземје го контролира бизнисот со лиценци за вршење на дејноста обезбедување на лица и имот. Од досега издадените 15.000 лиценци и службени легитимации, оваа криминална и никаде регистрирана Комора има остварено незаконски профит од околу 6,5 милиони евра!  ПОЛИЦИСКОТО ПОДЗЕМЈЕ ПИШУВА ПРЕСУДА! Иако во јавноста се изнесени флагрантни податоци за нејзините инкриминирани дејствија, а поднесена е и кривична пријава до МВР, која полициското подземје сеуште успева да ја држи закочена во нечии полициски фиоки, до денешно време изостанува потребната реакција од овластените органи надлежни за откривање и гонење на сторители на кривични дела. Сето ова јасно ја покажува силината на полициското подземје во демократска Македонија, кое и понатаму, во заднина, на криминален начин го контролира бизнисот со лиценци за вршење на дејноста обезбедување на лица и имот, остварувајќи несметано на незаконски начин профит од милиони евра.  Во оваа насока, полициското подземје успеа да монтира и судски процес, и дури да ја напише изреката на првостепената пресуда, со цел да ја елиминира единствената легална и легитимна Комора на Република Македонија за обезбедување на лица и имот и детективски услуги, која функционира во правниот промет од ноември 2006 година. Притоа, неодамна избраната судијка, која дојде од ресорот на Михајло Маневски, само формално - правно со својата пресуда овозможи првостепена судска завршница на оваа полициска местенка.  Меѓутоа, станува повеќе од јасно дека оваа судијка, по објавувањето на пресудата, сега мака мачи како да го напише образложението, кое е составен дел на пресудата, а во услови кога во судскиот предмет не постои ниту еден доказ во прилог на обвинението на полициското подземје. Впрочем, првостепената судијка има законска обврска по објавувањето на пресудата, во рок од осум дена, а кај посложените работи по исклучок во рок од 15 дена, писмено да ја изработи пресудата. Меѓутоа, до денешен ден поминаа најмалку четири пати по петнаесет дена од објавувањето на пресудата, но, од првостепената монтирана судска одлука, со која се осудени претседателот на легалната и законска Комора, Ангеле Јованоски, и петнаесет професори во Комората, нема ни трага ниту глас! Своевремено, во споменатата моја колумна од 16 јули ја повикав првостепената судијка што побрзо да ја напише и да ја достави пресудата, за веќе во септември да можам нејзината одлука да им ја поделам на сите студенти од правните факултети во државата, да го видат овој преседан, да видат дека во демократска Македонија се осудуваат луѓе само затоа што работат согласно законските прописи во државата, или, пак, само затоа што професори барале работа и конкурирале во институција која не е по волја на полициското подземје!  Со сето разбирање за измачувањето и тешкотијата во која очигледно западна првостепената судијка при пишување на образложението на пресудата, сепак, и во оваа прилика ја повикувам повторно судијката да изнајде какво-такво образложение и да ја напише и достави пресудата, за најпосле јавноста и студентите на правните факултети како потенцијални правосудни работници, да добијат можност да се запознаат со овој судски бисер, кој сигурно ќе влезе во аналите на македонското судство! ОБЕЗБЕДУВАЧИ СО КРИМИНАЛНО ДОСИЕ Да се навратам на случајот со обезбедувачите кои крвнички го претепаа до смрт српскиот турист. Имено, во Охрид полициското подземје своите високо профитабилни криминални интереси ги остварува преку еден полициски сужбеник во охридската полиција на добро разработен начин. Така, овој полициски службеник ја користи моќта и полициските привилегии и овластувања што му ги овозможува полициската служба, а во заднина има регистрирана Агенција за обезбедување на лица и имот на име на својот син, која го контролира речиси целокупното обезбедување на лица и имот во Охрид!  Се разбира, не постои ниту најмала шанса некој во Охрид да се спротистави на услугите што ги дава нивната Агенција за обезбедување, бидејќи на сите им е позната полициската машинерија, која е ставена во служба на остварувањето на бизнис интересите на полициското подземје. Притоа, споменатиот локален полициски службеник, истовремено функционира и како некаков деташиран претставник на полициското подземје за подрачјето на Охрид, односно, на нивната фантомска Комора за обезбедување на лица и имот, бидејќи, без никаква теоретска и практична обука, овој полициски службеник, за сума од 400 евра, на големо дели лиценци со печат на фантомската Комора на полициското подземје, на оние што вршат обезбедување на лица и имот за нивни потреби!  Како резултат на поразителната регрутација на обезбедувачи во Охрид, кои патем имаат завидни криминални досиеја, станува појасно, зошто таквите обезбедувачи наместо да се грижат за сигурноста на објектите и лицата во нив, крвнички го претепале до смрт српскиот турист, со што, од Охрид, македонски Ерусалим, испратија уште една мошне непријатна порака до потенцијалните туристи, кои имаат намера да летуваат во главната македонска туристичка дестинација!  Секако, скандалозен е и податокот дека критичната вечер немало ниту еден припадник на полицијата, внимавајте, во најтесното централно подрачје на Охрид!? Значи, станува јасно дека овие локални полициски извршители на полициското подземје, веќе толку се самобендисани и осоколени, што во свои раце го преземаат од полицијата дури и обезбедувањето на Охрид. Не треба човек да има некои посебни познавања за полицскотот работење, за да знае дека во една градска средина, правилата на полициското постапување налагаат постојано да има припадници на полицијата во централното градско подрачје, бидејќи тука има најголема фрекфенција на луѓе и концентрација на најзначајните институции од било каков карактер! ПРИНУДНА ПОЛИЦИСКА УПРАВА Впрочем, секој што имал прилика да прошета во ноќните саати и во некој од европските градови можел да забележи полициско присуство во централното подрачје, бидејќи ова е општо прифатен стандард во работењето на било кои полициски органи во светски рамки. Дотолку повеќе што во случајот со Охрид не станува збор за било кое населено место, туку за главниот туристички центар во државата, кој, замислете, во ноќните часови останува без присуство на полициски припадници во централното градско подрачје. Оттука, безбедноста и сигурноста на граѓаните и туристите во Охрид недозволиво се препушта на некои приучени и самопрогласени обезбедувачи со лиценци добиени на жими мајка, од фантомската Комора за обезбедување на лица и имот!  И охриѓани очекуваат да ја добијат посакуваната безбедност и сигурност од локалната полициска испостава, чие функционирање го овозможуваат тому тие со своите пари како даночни обврзници. Па, кој ќе остварува профит од милиони евра, тогаш од вака воспоставената состојба, во која полициското подземје целосно ја презема грижата за редот и поредокот во Охрид? Со еден збор, Охрид е во заложништво на локални полициски службеници од шемата на главнотот полициско подземје, заради рекетирање и остварување на неговите профитабилни интереси! Затоа, МВР под најитно треба да воведе принудна полициска управа во Охрид, налик на онаа што своевремено ја воведе во кумановската полиција, а која ги даде очекуваните резултати, после преземените акции на специјалните полициски сили за расчистување на шверцот со цигари во Куманово. Дотолку повеќе, ваквата мерка би била од интерес и за самата полиција, бидејќи со таквиот чин МВР ќе постигне законитост, легитимитет и доверба кај граѓаните. Во краен случај, функционирањето на правната држава и заштитата на сигурноста на граѓаните претставува витален елемент во стабилноста на Републиката. А, резултатот од ова, гледано од аспект на Охрид како главен македонски туристички центар, е неговата посакувана промоција како сигурен туристички центар пред потенцијалните странски туристи. Во овој контекст, не треба да се занемари и фактот што после убиството на српскиот турист, Охрид е во шок со тензична атмосфера што лебди во воздух! КОЛУМНА КАКО ПОПЛАКА ДО МВР Инаку, ветувачка беше изјавата на помошникот портпарол на МВР после немилиот настан со убиството на српскиот турист, дека доколку има повреда на законските норми во обезбедувањето, согласно со законите, полицијата ќе поднела соодветни пријави против извршителите. Притоа, полицискиот помошник портпарол уште изјави дека постојат случаи каде имаме поплаки од граѓаните, кои во полицијата се пожалиле токму од овие лица (читај: обезбедувачите). Обезбедувањето, како што вели тој, треба да се придржува кон соодветните правила и прописи, а МВР е таа која што санкционира. Одлично! Тогаш, ете, моите наводи во овој текст, како и напишаното во мојата колумна од 16 јули, согласен сум да бидат третирани како поплака од граѓанин, која, во контекст на кажаното од полицискиот помошник портпарол, МВР сега треба да ја испитува оваа моја своевидна поплака, дека во Република Македонија, главниот проблем со обезбедувањето е етаблираното полициско подземје, кое десетина години преку фантомската Комора за обезбедување на лица и имот издава незаконски лиценци на лица што вршат дејност обезбедување на лица и имот, иако кај таквите обезбедувачи отсуствува доволен капацитет за вршење на една така одговорна дејност! Како заклучок, се наметнува како неопходна потребата од расчистување на ваквата хаотична состојба со обезбедувањето, која деновиве ја достигна кулминацијата со убиството на српскиот турист во Охрид. Дотолку повеќе, извесно е дека македонската полиција во своите статистики ќе запише уште еден успешно расчистен случај, во кој се откриени и уапсени сторителите. Но, истовремено се наметнува прашањето, дали со полициско-судската завршница на крвавиот настан во Охрид, дополнително ќе се елиминираат и причините кои можат и во иднина да продуцираат вакви немили настани?  А, клучната причина во оваа насока е пасивизирањето на полициското подземје и неговата фантомската Комора за обезбедување на лица и имот, која издава нелегални лиценци. Без ова, се релативизира успешното полициско расчистување на убиството на српскиот турист, а не гледам корист ниту од изјавата на премиерот Никола Груевски, дека не треба премногу да се драматизира сигурноста на граѓаните, бидејќи убиства се случувале и во околните држави!?  Затоа, искрено верувам дека напишаното ќе допре до премиерот Груевски, кој, како најодговорен за состојбите во државата, ќе даде потребни насоки до овластените органи за расчистување на  хаотичната и висококриминализирана состојба во областа на обезбедувањето на лица и имот со десетгодишното незаконско работење на споменатата фантомска Комора за обезбедување, која функционира под закрила на полициското подземје. Се разбира, ќе биде корисно доколку овластените органи постапувајќи по евентуалните премиерови насоки,  ги проценат на вистински начин околностите со функционирањето на полицискотот подземје и неговата фантомска Комора, бидејќи, настанот што се случи во Охрид во изминатиот период, доколку не се преземат потребните мерки на адекватен начин, во согласност со неговата суштина ќе случи на истиот начин - повторно!