ВМРО-ДПМНЕ мора да е во очај, штом се обидува со деца да ја брани преродбата!


17.09.2010 | 23:08:21 | Колумни


ВМРО-ДПМНЕ мора да е во очај, штом се обидува со деца да ја брани преродбата!

Колумна, „Фокус„, 17.09.2010, Јанко Бачев 

Гледајќи ги најновите детски назначувања на одговорни директорски позиции, се потсетив на една епизода од далечната израелска историја, која може да биде особено поучна и за македонски прилики. Имено, после смртта на Терах, Господ му се јавил на неговиот син Аврам, кој во еврејската историја се смета за нивен прататко, и му рекол да си замине од земјата своја и родот свој, во земјата која тој (Господ) ќе му ја покаже. Тогаш Аврам со семејството и племето свое појде во земјата Канан (територијата на денешна Палестина и Израел). Поточно, Аврам во 18-тиот век пред нашата ера со своето племе се одселил од вавилонскит град Ур, во Харан, кој се наоѓал на долниот тек на реката Еуфрат, а потоа во споменатиот Канан.

Во оваа насока, кога пастирот Аврам со семејството и своето стадо бил на пат за Канан, Господ повторно му се јавил и му рекол дека таа земја ќе му ја даде нему и на неговите потомци. Во таа прилика, Господ склучил договор со Аврам дека неговото потомство ќе биде единствениот „избран народ„ на земјата, под услов да ги почитува божјите заповеди. Заради распознавањето на Аврамовото потомство од останатите народи на земјата, Господ наредил обрежување на машките деца, седум дена после раѓањето. Значи, познатото сунетисување има праисконско еврејско потекло, и затоа погрешна е перцепцијата кај пошироките народни маси дека овој обичај се врзува за исламската традиција!

БОЖЈА КАЗНА - ДЕЦА ДА ТИ ГО ВОДАТ ПЛЕМЕТО! Меѓутоа, доаѓајќи во ветената земја Канан (Израел), Аврам, како и секој друг владетел (а владењето си е владеење, и тогаш и сега), кажано со речникот на модерното време, почнал да покажува ароганција и самобендисаност, односно, да забегува со практицирањето на власта, или, со еден збор, почнал многу повеќе да мисли на себе отколку на своето племе.  Затоа, Господ лично дошол во Аврамовиот шатор да го предупреди дека доколку не го коригира своето однесување, ќе нареди, внимавајте, деца да му го водат племето. Тогаш Аврам се покајал и Господ направил завет со него, дека Аврам во иднина ќе работи исклучиво во корист на родот свој. Дури, за да ја види верноста на Аврам, Господ му наредил да го принесе како жртва својот син Исак. Иако многу го сакал својот син, во тој момент на Аврам многу повеќе му значел Господ. Затоа, го одвел Исак во шумата, го врзал за дрвјата и во моментот кога се спремал да го убие сопствениот син, Господ преку анѓелите му ја задржал раката. Како награда за таквата верност, Господ му ветил на Аврам дека ќе го размножи неговото потомство - на земјата да го има како звездите на небото и песокот на морскиот брег. Значи, Аврам успеал да ја избегне божјата казна - деца да му го водат племето, што се сметало за сигурен потоп на неговото племе, бидејќи од дамнина е познато дека со деца не се оди ниту на бања, затоа што постои опасност да го изедат сапунот, а камоли да го водат племето (читај: државата). Аврам ги избегнал страшните последици, но, за жал, Македонија, дваесетина години ја прати едно проклетство, или, ако сакате - божјата казна, деца да го водат нашето македонско племе. Тој систем, пак, на детско владеење, владеачката ВМРО-ДПМНЕ успеа да го разработи до перфекција, пресликувајќи го во целост системот на владеење воспоставен од поранешниот југословенски водач Ј.Б.Тито! Во согласност со Титовата школа за апсолутно владеење, според која југословенскиот маршал после создавањето на СФРЈ, а чиј составен дел беше и Социјалистичка Република Македонија, ги отстранува сите искусни илинденци и национални македонски дејци, како, на пример, Шатев, Брашнаров, Ченто...кои тогаш имаат по педесетина години и ги прибира околку себе младите македонски комунистички кадри, така и Никола Груевски, уште во стартот на своето владеење ќе собере околу себе „деца„ кои ќе си играат држава, и со кои, нели, најлесно се манипулира. Во оваа насока, децата ќе раководат со институции каде што се вртат милионски суми и ќе ставаат потписи каде што треба и не треба, со цел, формално - правно да се покријат заднинските играчи, кои реално ги насочуваат и контролираат парите на споменатите институции!  ВМРОВСКИТЕ ЈУНОШИ СТАНАА ШИЗИЦИ! Се разбира, вистинските играчи во заднина особено се грижат овие млади вмровски функционери да бидат доволно мотивирани. Така, согласно младешките потреби на вмровските функционерски јуноши, им се остава да изигруваат шизици по скопските угостителски објекти. На пример, според кафеанските сметки, младите вмровски функционери го започнуваат работното време во еден ресторан во близина на ф-ка Треска, плаќајќи едно пиво и по 300 денари, колку што изнесува, на пример, цела една дневница на еден текстилен работник, за навечер групно  да го завршуваат работното време во една кафеана во населбата Лисиче. Патем, доделените директорски места на овие деца - функционери, барем им овозможија, народски кажано, од позиција на власт на раат да се испоженат, бидејќи познато е дека во ова лудо време, повеќе не важат никакви човечки вредности и мерила, туку се се мери според парите и државната позиција која носи привилегии и моќ!   За волја на вистината, овој систем на владеење со доминанто учество на „деца„ во раководењето со државни инстиуции, започна со првиот македонски претседател Киро Глигоров. Така, Глигоров ќе ги отстрани искусните македонски кадри од поранешната СФРЈ, кои со своето знаење и искуство можеа многу да помогнат во тие немирни времиња, кога Македонија се бореше за своето меѓународно признавање, а собираше околу себе „деца„ кои требаше да си играат држава и преку кои најлесно воспостави систем на лично владеење, иако демократска Македонија спред Уставот беше востановена како парламентарна демократија. Дури, своевремено, Глигоров, кога го погледнал, го искинал на парчиња понудениот список на искусни македонски дипломати од времето на СФРЈ што можат да помогнат во креирањето на македонската надворешна политика!  Но, иако штетен за државните и националните интереси, кај Глигоров можеби и не треба да зачудува воспоставениот систем на лично владеење со деца - функционери кои треба да си играат држава, бидејќи Глигоров е директен ученик на споменатата Титова школа. Меѓутоа, зачудува копирањето на таквиот систем од страна на владеачката партија, ако се знае дека ВМРО-ДПМНЕ, како десна партија со демохристијанска ориентација со силна верба во Господ, својот имиџ го гради преку целосно негирање токму на Титовиот период. Значи, која хипокризија, од една страна градат рејтинг на целосно оцрнување на Титовиот комунистички период, а истовремено не им пречи целосно да го пресликаат моделот на владеење од тој период!?  Значи, уште една потврда дека владеењето си е владеење, без разлика дали е во турско, каурско, или, пак, во комунистичкио или капиталистичко време! ТАКА И ХИТЛЕР ГО БРАНЕШЕ БЕРЛИН Се разбира, допуштам овие деца-функционери, кои масовно се назначуваат на одговорни функции, да се теоретски добро потковани. Меѓутоа, водењето на државотворните работи не е нешто што може да се научи само со читање книги. Впрочем, таквиот поразителен детски функционерски систем имаше свое влијание и за време на војната во 2001 година, кога во најкритичниот период за државата, за советник за националната безбедност на претседателот на државата се поставува Никола Димитров, кој во тоа време е што туку излезен од училишните клупи на Правниот факултет и кој воопшто ги нема потребните компетенции од оваа област. Уметноста на советувањето за вакви чуствителни прашања не е нешто што може да се научи само со читање книги, туку искуството во вакви околности е сеуште најдобриот учител. Да се прочита книга и да се советува претседателот како да се добие војната, е можно исто толку колку што е можно да се добие фудбалски натпревар само со прочитување на фудбалско упатство!  Не случајно се навраќам на мошне непријатната војна за нас Македонците од 2001 година, бидејќи сметам дека и примерот со споменатиот Димитров ќе има какво-такво влијание врз ревидирање на штетната ориентацијата на премиерот Груевски за доминантно водење на државните работи од страна на деца-функционери кои си игарат држава, наместо да си играат со работи својствени за нивната возраст!  Инаку, доколку премиерот Груевски сака да ја одбрани Преродбата во сто чекори од се посилниот залет на опозицијата за нејзино рушење, би требало да му бидат поучни споменатите примери, а, пред се, случајот со еврејскиот прататко Аврам, кој, како што споменав, успеал да спречи деца да раководат со неговото стадо и на тој начин да дојде до потоп на неговото племе. Доколку, пак, македонскиот премиер не сака премногу длабоко да навлегува во историјата или да им поклонува верба на библиските преданија од далечната еврејска историја поврзани со еврејскиот прататко Аврам, ете, во оваа насока ќе му посочам уште еден пример од поновата светска историја, за кој сеуште има и живи сведоци. Имено, пред капитулацијата на Германија во Втората светска војна, во мај 1945 година, односно, при одбраната на Берлин, тогашниот германски водач Хитлер, во состојба на очај носи одлука германскиот главен град да го бранат деца од налетот на руската Црвена армија. Во оваа насока, не сакам да поверувам дека актуелната владеачка партија е во очај и затоа прави очајнички обиди со деца да ја брани портокаловата Преродба во сто чекори. Впрочем, познато е во историјата како заврши детското бранење на Берлин!    Од друга страна, а во контекст на шансите ВМРО-ДПМНЕ да ја одбрани Преродбата на претстојните вонредни парламетарните избори, заслужува позитивна оценка донесената одлука на нивниот извршен комитет, повторно да заиграат на старото вмровско членство. Согласно споменатата партиска одлука, веќе е доставен налог до општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ, за почеток, во секоја општина да им најдат ангажмани по државните институции, на најмалку по двајца од старото партиско членство. За радост на старото вмровско членство, оваа одлука веќе засилено се операционализира на теренот! „ДЕТЕ“ ЌЕ МЕНАЏИРА 30 МИЛИОНИ ЕВРА! Значи, полека се прифаќаат моите сугестии, за кои имам пишувано во повеќе мои колумни, дека е опасна ориентацијата кај владеачката партија, вистинските вмровци кои во опасните времиња на почетокот на 90-тите години на минатиот век го понесоа товарот на самостојноста и невидените малтеретирања од тајната полиција, со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година да останат повторно на улица, за разлика од таканаречените вмровци премачкани со сите партиски бои, кои денес ни ги продаваат како експерти, и кои ги запоседнаа местата во јавната и државната администрација на оние (вистинските вмровци) на кои природно им следуваа по победата на ВМРО-ДПМНЕ.  Да не бидам погрешно разбран, дека заговарам целосно партизирана администрација. Ова го пишувам во контекст на македонската реалност, каде при селекцијата на администрацијата функционира таканаречениот споил систем (систем на плен), според кој на победничката партија и припаѓа пленот на службенички места и функции. Дури, што е пострашно, откако по некои канали дојдоа до државни функции, сега како страствени вмровци се прикажуваат луѓе, кои, дококу се спроведе лустрацијата, ќе треба да се збогуваат со своето политичко дејствување, а камоли уште да извршуваат и државни функции. Впрочем, дури седум коалициски партии на ВМРО - ДПМНЕ, своевремено се формирани од страна на македонската тајна полиција, која до денешно време сеуште буди трауматични спомени за старото вмровско членство!  Да веруваме дека премиерот Груевски најпосле ќе се одважи да даде налог до овластените органи, и во демократска Македонија да се спроведе болниот, но делотворен лустрациски третман. Но, се разбира, лустрација во вистинска смисла на зборот, а не со инцидентни случаеви како за време на локалните избори во 2009 година, или налик на она што ќе го видиме во блиска иднина во функција на предвремените парламентарни избори заради оцрнување на политичкиот противник. А, до вистинската лустрација, останува непријатната вистина дека од неа многу поисплашени се во ВМРО-ДПМНЕ, отколку во СДСМ!  За крај, да се навратам повторно на најновите детски назначувања на директорски позиции. Имено, медиумите со засиленото известување дека не ги исполнува законските услови, успееја да го спречат именувањето на првиот младинец на ВМРО-ДПМНЕ за директор на Бирото за лекови. Истовремено, премиерот Груевски јавно кажа дека во демократијата, нормална е промената на директорските позиции. Се согласувам, но, со едно дополнение. Во демократијата треба да се почитува и правната држава!  Ако е така, иако остана незабележано во јавноста, и новоназначениот директор на Агенцијата за конфискација не ги исполнува законските услови, односно, нема најмалку пет години работно искуство во смисла на член 17 од Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка. Меѓутоа, на страна ова, многу позагрижувачки е фактот што се работи за „дете„ од 24 години, кое треба во моментов да менаџира во Агенцијата за конфискација околу 30 милиони евра. Затоа, искрено верувам дека премиерот Груевски ќе ги апсолвира на вистински начин споменатите вистини во текстот, бидејќи за Татковината се работи!