Стечајците треба да ги блокираат куќите и фирмите на газдите што ги оставија на улица


23.07.2010 | 23:05:07 | Колумни


Стечајците треба да ги блокираат куќите и фирмите на газдите што ги оставија на улица

Колумна, „Фокус„, 23.07.2010, Јанко Бачев 

Привремената летна пауза меѓу два протестни собири на кумановските стечајни работници ќе ја искористам за да им сугерирам дека е пожелно да го променат начинот на изразување на нивното незадоволство за остварување на нивните барања. Веднаш да кажам дека генерално теба да се подржуваат барањата на различните социјални групи, кога без своја вина ќе се најдат во незавидна состојба, но, во случајов на стечајците, сметам дека после летните одмори треба да се поддржат нивните натамошни протести само доколку се промени  и начинот на протестите.

Инаку, стечајците станаа дури непосреден повод за собранискиот инцидент кога го чекаа епилогот од собраниската седница на која една од точките на дневен ред беше законот за решавање на нивниот статус. Во оваа насока беше поднесена и интерпелација за работата на собранискиот спикер, Трајко Вељановски, која не помина во Собранието. Меѓутоа, во контекст на споменатата интерпелација, македонската јавност беше сведок како македонски пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, уште еднаш го посрамотија родот свој, бидејќи мошне непримерно лелекаа на собраниската говорница за да докажат кој повеќе бил тепан, наместо да видевме барем еден од нив, кој ќе ја зачуваше македонската чест и ќе се претставеше како тепач, кога веќе дојде до посочениот собраниски инцидент, и на тој начин да овозможи едно охрабрување кај македонскиот народ!

ПЛАЧЛИВИТЕ ПРАТЕНИЦИ Така, во целата играрија со интерпелацијата  на Вељановски, сепак најзадоволен како да беше собранискиот потпретседател, Рафиз Алити, кој ја водеше собраниската седница посветена на интерпелацијата, бидејќи прозваниот Трајко Вељановски, согласно правилата, мораше да седи во пратеничките клупи. Имено, видливо беше задоволството на Алити од јавното плачење на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, дека биле тепани, заради што, дополнително, сигурно со задоволство им пренесувал на своите истомисленици дека со вакви плачливи македонски пратеници не би имал никаков проблем да тргне во уште една војна. Но, било како било, вмровските и сдсмовските пратеници плачеа и се жалеа на собраниската говорница дека биле тепани, иако сеуште не го добиле вистинскиот ќотек од македонскиот народ за дваесетгодишно лажење и крадење!  Да се навратам на кумановските стечајци. Додека од владеачката ВМРО-ДПМНЕ јасно и недвосмислено порачаа дека нема да даваат буџетски пари за стечајни работници од приватизирани фирми, истовремено, дијаметрално спротивни најави дојдоа од  опозициската СДСМ, која, јавно вети дека, доколку дојде до промена на власта,  веднаш ќе го реши проблемот на кумановските стечајни работници со издвојување на средства од буџетот за оваа категорија граѓани. Меѓутоа, ваквото јавно ветување на СДСМ кон стечајците претставува најперфидна манипулација и тешко поигрување со нивната незавидна состојба, се со цел собирање ефтини политички поени врз нивната мака. Дека е така, во оваа прилика ќе споменам само еден податок, кој јавно беше промовиран токму од СДСМ.  Имено, од СДСМ јавно ветуваат дека доколку дојде до промена на власта, нивната влада веднаш ќе склучи аранжман со Меѓународниот монетарен фонд. Ова од причина што, земањето финансиски средства од ММФ било поефтина варијанта за Република Македонија, отколку задолжувањето што го практикува актуелната влада преку купувањето на таканаречената еврообврзница на меѓународниот финансиски пазар. Меѓутоа, во СДСМ добро знаат дека склучувањето аранжман со ММФ подразбира и согласност на македонската влада целосно да биде контролирана од ММФ во делот на трошење на парите од домашниот буџет. При таква неспорна состојба, како и општо познатиот факт дека ММФ во никој случај не дозволува издвојување на буџетски пари за стечајни работници од приватни фирми, станува јасна шарената лага на СДСМ, дека со промената на власта ќе ги обештетат кумановските стечајни работници со пари од македонскиот буџет!  Затоа, треба отворено да се каже дека заврши приказната од деведесетите години на минатиот век, кога ММФ и Светска Банка дозволуваа тогашната македонска влада да издвојува буџетски пари за какво-такво згрижување на стечајните работници. Но, и тогаш, споменатите светски финансиски институции не го дозволуваа згрижувањето на стечајните работници заради тоа што премногу беа потресени од нивната трагична судбина, туку се раководеа од сопствениот интерес,  без некои поголеми социјални потреси да се заокружи процесот на трансформација на таканаречената општествена во приватна сопственост. Па, во услови кога во приватизациониот процес голем број работници останаа без работа од таканаречените фирми загубари, нормално беше на тогашната македонска влада да и се допушти купување на социјалниот мир, на начин што, ММФ и Светска Банка дозволуваа под одредени услови, одредени стечајни работници да остваруваат парични примања од буџетот до исполнување на условите за нивно редовно пензионирање! ЕМ СО ММФ, ЕМ СО СТЕЧАЈЦИТЕ!? Значи, од страна на СДСМ треба чесно да им се кажат овие вистини на кумановските стечајни работници, а не дополнително да се подгрева атмосферата со сервирање лажни надежи. Впрочем, и премиерот Груевски знае дека кумановските стечајни работници, кои во моментов му протестираат пред неговите работни простории, воопшто не се неиздржлив товар за буџетот. Меѓутоа, длабоко е свесен дека, доколку еднаш се воспостави принципот на обештетување на стечајни работници од приватни фирми со буџетски пари, тогаш, едноставно, лавината ќе тргне и притоа секој кој останал без работа во фирма што е ликвидирана, слободно можете да го побарате во владината зграда каде што чека да си обезбеди документ за исплата на паричен надоместок до редовното пензионирање!  Оттука, колку и да непријатно, пожелно е од таборот на СДСМ да изнајдат сили и гласно да порачаат дека е недозволиво издвојување на буџетски пари за обештетување на стечајни работници од приватизирани фирми. Меѓутоа, тоа не значи дека не треба да се реши проблемот на оваа категорија граѓани, која без своја вина се најде во незавидна состојба. Во оваа насока, доколку опозицискиот СДСМ навистина е загрижен за изнаоѓање на решение за проблемот на кумановските стечајни работници, треба уште сега да размислува за едно големо изненадување. Имено, да излезат во јавноста со ветување дека по промената на власта, нивната влада ќе настојува да ги убеди македонските транзициски олигарси, да се согласат, дел од украденото во македонската криминална приватизација да го донираат во специјални фондови за помош на загрозените социјални групи. На пример, во САД, во моментов се одвива еден интересен процес, во кој тамошните најголеми капиталисти одлучија половина од нивните милијарди во долари да ги донираат во специјални фондови за помош на оние, налик на кумановските стечајни работници. Доколку ова го ветат, тогаш ресетираниот СДСМ може уште од сега да се подготвува за седнување во владеачките клупи после парламентарните избори во март 2011 година. Притоа, доколку успеат и да го остварат ветеното, со сигурност може да се каже дека ќе останат владеачка партија во неколку последователни мандати!  Дотолку повеќе, ако се има предвид неправедната, неморалната и криминална македонска приватизација, која всушност е главната причина за денешната мака не само на кумановските стечајни работници кои протестираат по скопските улици, туку и на целата државна и јавна администрација, новинарите, земјоделците, студентите... и воопшто на сите полнолетни граѓани на оваа држава, бидејќи беа ограбени со тоа што не добија право на акции, иако општествениот капитал што се приватизираше, педесетина години наназад го создаваа сите работни луѓе во социјализмот. За жал, тогашните историски околности ги диктираа настаните и во сферата на приватизацијата, која се претвори во вистински грабеж на македонското национално богатство!  Впрочем, прашање е дали можеше да биде поинаку, ако се  има предвид пеколниот план на тогашната сојузна УДБА, која и самата свесна кон крајот на 1988 година, дека СФРЈ се распаѓа, одлучува своите долгогодишни соработници преку ноќ да ги трансформира од комунисти во капиталисти. Во контекст на македонските приватизациски состојби, на десетина одбрани личности - свои кодоши во комунизмот, во содејство со тогашните македонски политички елити, спомената сојузна УДБА бесплатно им го обезбедува најголемиот дел од македонската општествена сопственост, и на тој начин, во Македонија на најбескрупулозен начин се изврши грабежот на столетието, односно, невиденото економско злосторство врз сопствениот народ. За разлика, на пример, од некои од поранешните југословенски републики, каде барем донекаде се амортизираа приватизационите последици со доделување на таканаречени ваучери за граѓаните, што секако е некаква придобивка издејствувана од нивните политички водства, во контекст на  споменатите заложби на сојузната УДБА за запоседнување на капиталот од страна на нејзини доверливи луѓе!  НЕКА ГО ПРАШААТ ВЛАТКО ЃОРЧЕВ Интересно е што во моментов во Република Македонија е забележлива една опасна тенденција да се маргинализираат вистинските причинско-последични врски од криминалната приватизација. Се замајува јавноста дека нема потреба да се навраќаме на криминалната приватизација, односно, дека веќе не е битно кој го дозволил и кој го извршил грабежот, туку сите ние сега треба само, внимавајте, да ги санираме последиците од тој процес! Уште се вели дека на виновниците за криминалната приватизација ќе им судела историјата или граѓаните, но, само преку политичка одговорност, со тоа што ќе давале и одземале доверба на избори за едната или за другата политичка опција што се менуваат во власта во овие дваестина години. Со еден збор, за таквите демагози дури недозволиво е секое навраќање на приватизациониот грабеж!  Меѓутоа, таквите манипулативни тези со пресметана позадина треба одлучно да се демаскираат уште на следниот протест на кумановските стечајни работници после летните одмори. Имено, навраќајќи се на почетната поента,  дека стечајните работници треба да го сменат начинот на протестите, искрено им порачувам дека не треба повеќе да ги блокираат скопските улици, туку да ја сменат тактиката, па да започнат со блокирање на куќите и фабриките на македонските олигарси што ги ограбија и ги оставија на улица. Во оваа насока, ништо не значат блокадата на улиците на главниот град, освен продуцирање на тензични состојби по скопските улици и навлекување на непотребен гнев кај граѓаните на Скопје, кои не се солидаризираа со барањата на стечајците!  Доколку, пак, на стечајците не им се познати домовите на тие што ги украдоа, тогаш слободно можат да го прашат младиот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, бидејќи тој мошне прецизно ги знае нивните локации, а за кои своевремено кажуваше дека по победата на ВМРО-ДПМНЕ темелно ќе се преиспитуваат како се стекнувани. Победата на ВМРО-ДПМНЕ дојде, граѓаните поверуваа, но, споменатиот Ѓорчев одеднаш замолча на оваа тема!? Значи, стечајците ќе направат голем пресврт во македоснката политика, доколку отидат да го изразат незадоволството каде што живеат нивните директори и газди, за да им ги блокираат куќите и фабриките, и притоа да не им даваат да излезат, односно, да ги држат во заложништо се додека, меѓудругото, не им ги исплатат и заостанатите плати и придонеси, кои, според кажувањата на стечајците, не се плаќани со години наназад!  Се разбира, свесен сум дека моето залагање за промена на начинот на протестите на кумановските стечајни работници ќе наиде на неодобрување кај некои од нив. Меѓутоа, ова е во согласност со моите видувања, дека било кој политичар во Република Македонија кој претендира да биде македонски водач, со оглед на својата функција, способностите и личниот интегритет, треба да биде во состојба самостојно да врши контрола врз масите -  да ги води, наместо да биде воден од нив. Доколку таквиот политичар никогаш не се обидувал да оствари моќ со недозволени ветувања, тогаш тој никогаш не бил принуден да им ласка. Токму спротивното - таквиот македонски политичар треба да ужива толку висок углед, што може да си дозволи во одредени ситуации и да ги налути граѓаните, спротиставувајќи им се!  За да не излезе дека ширам демагогија, еве јавно ветувам дека доколку стечајците ги прифатат моите сугестии, јас лично, со членови и симпатизери на Народно движење за Македонија, деноноќно ќе бидам во првите редови во нивниот бунт пред куќите на тие што ги украдоа, се до исполнување на нивните барања!