Бучковски го нема, а Груевски сеуште не ја открива вистината за смртта на бранителите кај Карпалак!


06.08.2010 | 23:03:26 | Колумни


Бучковски го нема, а Груевски сеуште не ја открива вистината за смртта на бранителите кај Карпалак!

Колумна, „Фокус„, 06.08.2010, Јанко Бачев 

Во недела, на 8 август, се навршуваат девет години од загинувањето на десетте прилепски припадници на АРМ кај месноста Карпалак. По тој повод, преживеаните бранители од Прилеп и најблиските на загинатите, уште еднаш ќе положат свежо цвеќе и венци на местото каде што пред девет години од заседа беа убиени десет припадници на македонските безбедносни сили.

Истовремено, стана редовна практика, во знак на сеќавање и почит кон припадниците на АРМ кои загинаа во одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата, на банкината покрај автопатот кај Карпалак, букети да положуваат и владина делегација, воена делегација на АРМ, нивни соборци, пријатели, претставници од политички партии, невладини организации..! 

Државата сеуште нема изградено споменик кај Карпалак, каде беа убиени десетте македонски бранители. Останува непријатното сознание дека овој трагичен настан сеуште не е завршен, бидејќи во изминатите девет години постојано зема нови жртви. Имено, во текот на годините починаа од последиците уште шестмина припадници учесници во конвојот кој налета на заседа на автопатот Скопје - Тетово, кај Карпалак. Исто така, и после девет години, за семејствата и бранителите кои ја преживеаја 2001-та, проблем претставува сеуште нерешениот статус на бранителите. Значи, останува обвска за државата достојно да се погрижи за споменатите прашања од интерес за преживеаните и семејствата на загинатите кај Карпалак, бидејќи, и после девет години, тие не можат да бидат задоволни од институциите, како се однесуваат спрема нив, и воопшто спрема сите бранители од борбените дејствија во 2001 година! КАРПАЛАК Е НАМЕНСКИ КОНСТРУИРАН Меѓутоа, во оваа прилика ќе се осврнам на некои аспекти околу загинувањето на бранителите кај Карпалак, бидејќи, до денешно време, ниту една владеачка гарнитура не го расветли нивното контроверзно загинување. Македонската јавност сеуште се замајува со некаква верзија за настанот, според која, се се сведува на тоа дека 10-те македонски бранители се убиени во заседа од албанските терористи, и дека постоеле одредени технички пропусти во организацијата на конвојот кон Тетово. И - толку!  Сепак,  работите не стојат баш така. Имено, генерално земено, за време на војната во 2001 година, кога функционира таканаречената широка Влада со учество на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, припадниците на двете клучни министерства (Министерството за внатрешни работи, раководено од ВМРО-ДПМНЕ, и Министерството за одбрана, раководено од СДСМ) поради некоординираност се однесуваа како две непријателски војски. Идните генерации еден ден сигурно ќе бидат згрозени кога читајќи ги книгите од војната ќе видат, на пример, дека при акцијата за ослободување на Арачиново во јуни 2001 година, од некоординираност во тогашната заедничка Влада на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, таму загинаа тројца припадници на МВР од топовска граната на АРМ, која не им ги знаеше координатите на припадниците на МВР, што значи дека македонски војници и полицајци се испотепаа меѓу себе, што е трагично. Или, пак, трагедиите кај Карпалак или Вејце, кои се најперфидно местење на македонските бранители! Во оваа насока, мора да се расветли и случајот кај Вејце, дотолку повеќе што своевремено беа фатени и сигнали од разговор помеѓу лица од касарната во Тетово и терористичката група лоцирана кај Вејце, која ги чекала во заседа македонските бранители после нивното тргнување на доверените војнички задачи. А, тогашниот амбасадор на ОБСЕ во Македонија, Крег Џенес, во МВР изјави дека и нив се им е познато во врска тој случај и дека веднаш по изборите на легендарниот 15 септември 2002 година, лично и тој ќе се заложи да се расчисти случајот Вејце. Во мојата колумна од 12 март 2010-та, се осврнав на громорозното убиство кај Вејце, и во оваа прилика поради просторот нема повторно да навлегувам во детали за овој случај! Да се задржам, значи, на случајот кај Карпалак. Одредени податоци во архивите на надлежните органи фрлаат поинаква светлина на настанот. Така, убиството кај Карпалак, наверојатно е наменски конструирано непосредно пред потпишувањето на т.н. рамковен договор, за дефинитивно да се отстранат сите колебања во врска со потпишување на договорот. Притоа, наводно би се отстранила опасноста од понатамошно гинење на македонските „војничиња и полицајчиња„ како што се велеше во тоа време.  Така, во почетокот на јули 2001 година, значи четириесетина денови пред крвавиот настан кај Карпалак, во македонската Служба за државна безбедност постоеја два службени документи со податоци врз основа на кои се знаеше дека на ридот од каде се пукаше врз конвојот се наоѓа вооружена група од 10-15 лица, кои преку ден беа присутни во ископаните ровови, а ноќта се повлекуваа кај свои јатаци во едно соседно село со целосно албанско население. Државната безбедност добро го работела овој случај и успеала дури да уфрли свој човек - соработник во терористичката група! ЗОШТО РЕЗЕРВИСТИТЕ ПРЕСПАЛЕ ВО СКОПЈЕ? При едно нивно вообичаено ноќно повлекување кај јатаците, комбиниран тим на припадници од државната и јавната безбедност при МВР, дури и го посетиле ова место и извршиле снимање и увид на локацијата. Преку вградениот соработник се извршила и комплетна идентификација на терористичката група, по што од оперативните евиденции на МВР можело да се види дека овие лица се всушност поранешни криминалци и наркозависници, претходно добро познати на македонската полиција.  По ова, Службата за државна безбедност при МВР, согласно правилата за соработка на безбедносните органи во државата, преку МВР ги доставила овие информации за понатамошно постапување до Секторот  безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана. Меѓутоа, дополнително не е преземено ништо, иако се знаат сите потребни информации за соодветно дејствување. Е, сега, замислете, да го знаете ова речиси 40 денови и да ви загинат припадници на безбедносните сили од испукана граната токму од кај Карпалак! Катастрофа... Сознанија имаше, а ништо не се презеде!? Трагедијата, пак, сигурно ќе беше избегната, доколку само со еден хеликоптерски прелет беше збришана оваа вооружена група, бидејќи прецизно се знаеја сите битни елементи, како локација, време и начин на движење, вооруженоста, распореденоста, бројноста на групата и слично! Во оваа насока, поразителен е фактот што, спротивно на сите формациски воени правила, воените резервисти биле пуштени да се возат накај Тетово како да одат на екскурзија. Дури и по трагичниот настан, бранителите се оставени сами на себе без никаква помош да горат во торпедираните возила, иако на армиските хеликоптери по воздушна линија од аеродромот Александар Велики до Карпалак им било потребно само пет минути да им пружат соодветна помош. Но, хеликоптерите ќе пристигнат на местото на настанот дури по четириесетина минути!? Исто така, останува неразјаснето до денешно време, зошто пред убиството е отстранет безбедносниот пункт на автопатот Скопје - Тетово во близината кај Карпалак?  Значи, јасно е дека некој пропуштил да преземе одредени дејствија, што бил должен да ги преземе во интерес на безбедноста на конвојот. Затоа, пожелно е премиерот Груевски, меѓу две сечења на ленти при поставувањето на темели во контекст на зачестената изградба на објекти на територијата на општината Ѓорче Петров, да го потпраша градоначалникот на оваа општина, кој во тоа време е прв човек на Командата за одбрана на Градот Скопје, зошто конвојот со прилепските армиски резервисти вечерта на 7 август преспива во Скопје, и утредента на 8 август тргнува кон Тетово, иако според воениот план не било предвидено застанување и преспивање во Скопје, односно, македонските бранители требало уште истата вечер, на 7 август, директно од Прилеп да пристигнат во касарната во Тетово? КОЈ СЕГА ИМ ПРЕЧИ НА ПРЕРОДБЕНИЦИТЕ? Инаку, на повеќе наврати имам пишувано зошто за време на владеењето на СДСМ се одбегнуваше расветлувањето на вистината за трагедијата кај Карпалак, а истовремено сите надежи во оваа насока се полагаа во евентуалната промена на власта. Во меѓувреме, во 2006 година дојде до промена на власта, но, еве, и после четири години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, сеуште македонскиот народ чека на вистините за трагедиите кај Карпалак, Вејце, Љуботенски пат... Дотолку повеќе, на прсти можат да се избројат македонските бранители кои за време на војната во 2001 година загинаа во директна борба со терористичката ОНА. Речиси сите седумдесетина убиени македонски бранители во 2001-та, загинаа во заседи, бидејќи албанските терористи претходно го знаеја правецот на нивното движење! Затоа е голем предизвикот за актуелната владеачка гарнитура да ја каже вистината, пред се, на семејствата и роднините на загинатите, за неразјаснетите предавства за време на војната во 2001 година.  Не е на одмет да споменам дека во судската постапка пред прилепскиот суд за обештетување на бранителите, еден од адвокатите во присуство на уредник во еден дневен весник, ја одби мојата понуда да се појавам како сведок во процесот во врска со загинатите бранители кај Карпалак, за да помогнам по судски пат да се расветлат одредени аспекти за трагичниот настан кај Карпалак!  За волја на вистината, ќе споменам дека во последната година од неговиот премиерски мандат, тогашниот македонски премиер, Љубчо Георгиевски, презеде некои чекори за расветлување на вистините со загинувањето на македонските бранители за време на војната во 2001 година. Имено, на инсистирање на Георгиевски, Михајло Маневски како тогашен заменик на државниот јавен обвинител, побара од тогашниот министер за одбрана, Владо Бучковски, извештај од случаите Карпалак и Љуботенски пат во воениот конфликт во 2001 година. Дополнително, Маневски испрати уште едно барање, во кое го потсетува Бучковски дека веќе еднаш испратил барање, на кое не е одговорено. Притоа, во второто барање, дури потенцира дека бараниот извештај е неопходен за преземање на соодветни мерки. Но, во тоа време, од министерството за одбрана не дадоа никаков одговор!  И така доаѓаме до главното прашање. Имено, со промената на власта во јуни 2006 година, споменатиот Михајло Маневски стана министер за правда во новата вмровска влада и една од клучните перјанции во востановениот систем на владеење на премиерот Груевски. Исто така, и со министерството за одбрана и државното обвинителство раководат личности поставени од премиерот Груевски. Значи, ако за расчистување на неразјаснетите околности со загинувањето на македонските бранители во 2001 година, своевремено некаква пречка претставувал тогашниот министер за одбрана Владо Бучковски, зошто сега премиерот Груевски не пројавува желба да ги расчисти овие случаи, кога ги има сите потребни податоци во инситуциите раководени од негови кадри? НЕМА ИНТЕРЕС ЗА ВИСТИНАТА Неговата обврска е дотолку поголема, кога секојдневно гледаме како албанските политички партии бескомпромисно се борат за нивните спорни случаи од воената 2001 година, во никој случај да не добијат судска разрешница. Како што тргнале работите, станува се појасно дека случаите во кои се инволвирани поранешните терористи на ОНА на крајот ќе останат неразјаснети, со што, и во поствоениот период, албанските политички субјекти покажуваат како треба да се игра кога е во прашање заштита на сопствените интереси! Но, можеби токму овој момент треба да им послужи на македонските политички репрезенти во нивната евентуална заложба да се расветлат и спорните македонски случаи од војната во 2001 година, бидејќи, во услови кога македонските Албанци се залагаат т.н. албански случаи да останат нечепнати, тогаш извесно е дека не би се противеле на една иницијатива за расчистување и на контроверзните настани поврзани со загинувањето на македонските бранители. Во краен случај, само со рамноправен третман на сите спорни случаи, Република Македонија ќе покаже доволна зрелост и неопходен демократски капацитет на нејзиниот пат кон евро-атланските интеграции! Инаку, во непосредните разговори, преживеани бранители кај Карпалак јасно ми посочуваат дека сега многу повеќе од трагичните последици ги боли тоа што што не ја знаат вистината. За нив е мошне индикативно тоа што, за целосно расветлување на злосторството кај Карпалак нема никаква иницијатива од страна на прилепскиот градоначалник, Марјан Ристевски, кој, внимавајте, и самиот бил дел од конвојот кај Карпалак. Молкот на прилепскиот градоначалник на оваа тема, укажува дека преживеаните прилепски бранители наивно верувале оти нивниот градски татко ќе ги натера сопартијците во ВМРО-ДПМНЕ најпосле да ја кажат вистината за Карпалак. Па, кој ќе се заложи за 80 илјади евра да ја донесе певаљката Цеца од Белград, тогаш пред прилепчани?  Како заклучок, состојбите со контроверзното загинување на македонските бранители во Татковинската војна, сеуште се на почетно рамниште. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија со демохристијанска и народна ориентација и со силна верба во Господ, има историска одговорност да истрае со сите сили на патот на целосно расветлување на настаните поврзани со војната во 2001 година. Ако е за некаква утеха, и овој пат Народно движење за Македонија ги прави долгоочекуваните потези. Сепак, сега е на ред државата!