Зошто, како и од кого беа нарачани и договорени масакрите кај Вејце, Карпалак и Љуботенски пат?


20.08.2010 | 22:59:20 | Колумни


Зошто, како и од кого беа нарачани и договорени масакрите кај Вејце, Карпалак и Љуботенски пат?

Колумна, „Фокус„, 20.08.2010, Јанко Бачев 

Помина 8-ми август во уште едно потсетување, дека пред девет години од заседа на автопатот Скопје - Тетово беа убиени десет припадници на АРМ кај месноста Карпалак. Во пресрет на годишнината од погибијата на бранителите кај Карпалак, во мојата колумна од 6 август се осврнав на неколку битни податоци кои побудуваат сериозно сомнение дека некој сепак ги местел овие бранители. Во оваа прилика сакам да споделам со јавноста еден нов момент во контекст на трагедијата кај Карпалак, со што, верувам дека ќе се зацементира уверувањето кај граѓаните, оти сепак, имало местенка на бранителите кај Карпалак!

Меѓутоа, најпрвин морам да укажам на разочарувачката слика на македонската политичка сцена, во која речиси цела деценија ниту еден државен орган не се обиде да направи истрага, за да утврди што точно се случи со сомнителното загинување на македонските бранители кај Карпалак, осуммината мачени и живи палени кај Вејце, осуммината убиени во заседа кај Љуботенски пат, загинувањето на тројцата припадници на МВР од граната на АРМ за време на акцијата за ослободувањето на Арачиново...

Наместо ова, сведоци сме како СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ги навредуваат македонските граѓани со нивното секојдневно натпреварување, за да докажат, кој од нив повеќе лажел и крадел во изминатите дваесетина години. Ако е за некаква утеха, барем посредно признаваат дека лажеле и краделе, бидејќи вмровците и сдсмовците во нивните партиски препукувања, од неодамна започнаа да се ословуваат меѓу себе како колеги, а познато е дека колега може да ти биде некој само од занаетот, во случајот со крадењето и лажењето!

ТЕМИ СО ПОЕНТА И АРГУМЕНТАЦИЈА

Инаку, откако во неделата беше најавена прес - конференција на опозицискиот СДСМ на безбедносна тема, искрено се понадевав дека работата со сомнителните загинувања на бранителите ќе започне да се придвижува во посакуваната насока. Но, наместо ова, од СДСМ приредија уште едно големо разочарување, бидејќи, на прес - конференцијата наместо за бранителите, раскажуваа цитати од политичките читанки, дека на Македонија и треба мала, реформирана полициска структура, професионална и ефикасна, која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Уште ни порачаа дека ни требало полициска структура која ќе се раководи од уставот и законите, а не од теснопартиските интереси на партијата на власт, како и реформи на тајните служби заради отстранување на можностите за незаконска примена на прислушкувањето.

Притоа, од СДСМ единствено не проговорија зошто не направиле ефикасна полиција за време на нивното десетгодишно министерување со МВР? 

Од друга страна, брзопотезно стигна реакцијата од нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ, чие мудрување, пак, се сведе на тоа дека полицијата за време на владеењето на СДСМ била никаква, а дека сега е она вистинската, доближена до европските стандарди на функционална полиција како сервис на граѓаните. Притоа, од ВМРО-ДПМНЕ уште потсетија  дека за време на владеењето на СДСМ имало ликвидација на партиски неподобни граѓани, пресметка со сопствените граѓани, исчезнување на дрога од полициските депоа и слично. Како круна на се, од ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека СДСМ во недостиг на конкретни теми и идеи за прашања кои се од интерес за граѓаните, посега по празни обвинувања, без поента и уште помалку без аргументација. Одлично!

Значи, од ВМРО-ДПМНЕ се гладни за теми со поента и аргументација. Тогаш, почитувани претставници од ВМРО-ДПМНЕ, што правиме со темите со поента и аргументација, како на пример, сомнителните ликвидации на бранителите кај Вејце, Карпалак, Љуботенски пат, Арачиново..? Граѓаните сакаат да слушнат за овие теми, дотолку повеќе, преживеаните бранители, роднините и семејствата на загинатите бранители по повод чествувањето на годишнината од трагичните настани, покрај тоа што го изразија незадоволството од нерешениот социјален статус, истовремено го изразија незадоволството од институциите, како се однесуваат спрема нив, бидејќи и по девет години не знаат како загинаа нивните најблиски, посочувајќи дека сега многу повеќе од трагичните последици ги боли тоа што не ја знаат вистината! 

За сега, девет години по крвавиот настан кај Вејце, Карпалак, Љуботенски пат, Арачиново... едно е сигурно: Ниту кај СДСМ до 2006 година, ниту, пак, кај ВМРО-ДПМНЕ после 2006 година кога дојде до промена на власта, нема интерес за вистината за сомнителните загинувања на македонските бранители. Затоа, како припадник на МВР за време на војната во 2001 година, имам силна обврска да се залагам да излезат на виделина непријатните вистини околу местењето на бранителите, кои загинаа во одбраната на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата! 

КАРПАЛАК МОЖЕЛО ДА СЕ ИЗБЕГНЕ

Во оваа насока, доколку на надлежните органи не им беа доволни аргуметните од споменатата моја колумна од 6 август, ете, во оваа прилика ќе им посочам уште еден момент за трагичниот настан кај Карпалак, од кој веќе јасно произлегува дека загинувањето на бранителите кај Карпалак можело со сигурност да биде спречено, доколку некој не пропуштил да преземе одредени дејствија, кои бил должен да ги преземе во интерес на безбедноста на конвојот. А, кој е тој, и зошто го направил тоа, е прашање во овој момент со поента и аргументација за владеачката ВМРО-ДПМНЕ!

Меѓутоа, за да биде разбрана целосно поентата со новиот момент околу загинувањето на бранителите кај Карпалак, најпрвин накратко да повторам дека во почетокот на јули 2001 година, значи, четириесетина денови пред крвавиот настан кај Карпалак, во македонската Служба за државна безбедност постоеја два службени документи со податоци врз основа на кои се знаеше дека на ридот од каде се пукаше врз конвојот, се наоѓа вооружена група од 10-15 лица, кои преку ден беа присутни во ископаните ровови, а ноќта се повлекуваа кај свои јатаци во едно соседно село со целосно албанско население. Државната безбедност добро го работела овој случај и успеала дури да уфрли свој човек - соработник во терористичката група. При едно нивно вообичаено ноќно повлекување кај јатаците, комбиниран тим на припадници од државната и јавната безбедност при МВР, дури и го посетиле ова место и извршиле снимање и увид на локацијата. Преку вградениот соработник се извршила и комплетна идентификација на терористичката група, по што од оперативните евиденции на МВР можело да се види дека овие лица се всушност поранешни криминалци и наркозависници, претходно добро познати на македонската полиција.

По ова, СДБ при МВР, согласно правилата за соработка на безбедносните органи во државата, преку МВР ги доставила овие информации за понатамошно постапување до Секторот за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана.  И, сега, на претходно кажаното се надоврзува споменатиот нов момент, кој е во прилог на сомнителното загинување на бранителите кај Карпалак. Имено, врз основа на оперативните податоци содржани во споменатите два службени документи од кои произлегува дека се се знаело за терористичката група кај Карпалак, дополнително од аналитичката служба во македонската државна безбедност е изготвена информација уште во јули 2001 година (пред трагичниот настан кај Карпалак на 8 август), како да се запоседне просторот околу автопатот кај Карпалак, заради безбедно минување на редовните конвои со бранители, кои во тоа време одеа накај Тетово!  Од текстот на аналитичката информација може да се види дека полициските службеници професионално си ја извршиле работата и дале прецизни анализи и насоки, што да се преземе за безбедно движење на воено-полициските конвои во правец на Тетово. Верувам дека сега на секој во Македонија што ќе го прочита овој текст, во кој е прикажан и извадокот од аналитичката информација што се однесува на Карпалак, му станува јасно дека трагедијата сигурно ќе беше избегната, доколку, на пример, само со еден хеликоптерски прелет била збришана оваа вооружена група, бидејќи прецизно се знаеле сите битни елементи, како локација, време и начин на движење, вооруженоста, распореденоста, бројноста на групата и слично!

ПАРТИСКИ ДВОРСКИ ИГРИ

Значи, сознанија имаше, а ништо не се презеде. Наспроти ова, загинаа припадници на безбедносните сили од испукана граната токму од кај Карпалак, иако, замислете, македонските безбедносни органи знаеле се за Карпалак речиси 40-тина дена, а, како што споменав, постоела и аналитичка проценка како да се запоседне автопатот кај Карпалак, која се доставува и до политичко-безбедносниот врв. Меѓутоа, не само што не е постапено во контекст на добиените оперативните податоци и аналитичката информација, туку некој дури се погрижил пред трагедијата да го отстрани и безбедносниот пункт на автопатот Скопје - Тетово во близина на Карпалак, а, после трагичниот настан, бранителите се оставени сами на себе без никаква помош да горат во торпедираните возила, иако на армиските хеликоптери по воздушна линија од аеродромот Александар Велики до Карпалак им било потребно само пет минути да им пружат соодветна помош!?

Значи, еве им на ВМРО-ДПМНЕ поента и аргументација за местењето  на македонските бранители кај Карпалак. Па, нека повелат да ги повикат надлежните органи да ја расветлат вистината за загинувањето на бранителите, бидејќи во соодветните државни архиви постојат јасни сознанија и податоци во оваа насока. Доколку, пак, од нивна страна изостане посакуваната реакција, тогаш со голема жал и разочарување морам да констатирам дека албанските терористи од 2001-та, кои сега се распоредени во државните институции, повторно со својот командант Али Ахмети, покажуваат дека ја владеат ситуацијата и во мирнодопски услови, односно, го имаат под целосна контрола македонскиот дел од власта, и притоа не дозволуваат да излезат на виделина некои партиски дворски игри за време на војната во 2001 година. Впрочем, вицепремиерот Адеми од ДУИ, во своето последно интервју јасно им стави на знаење на своите македонски коалициски партнери, дека не се свесни за политичката ситуација и за последиците, доколку се направи обид да се расчистат т.н. албански случаи од воената 2001.

Значи, според Адеми, и во случај на извршени злосторства против човештвото за време на војната во 2001-та, поранешните припадници на ОНА се спремни да предизвикаат политичка криза или протести и блокада на државните (судските) институции!  Иако со т.н. рамковен договор и фалсификуваниот попис во 2002-та, Албанците добија премногу, а Македонците загубија практично се, сепак, од интервјуто на Адеми произлегува дека Албанците не мислат на ништо друго, освен на методите за повторно предизвикување на конфликт. Се гледа дека барањата за некакви права што и понатаму секојдневно ги поставува албанското малцинство во државата, не одговараат на нивното цивилизациско ниво, бидејќи не можат да прифатат достоинствено и цивилизациски ниту еден судски процес во кој е обвинет Албанец. Но, добро е Адеми да знае дека доколку  македонските Албанци повторно посегнат по дестабилизација на Македонија, овојпат нема да си имаат работа со некакви политички сценарија како во 2001 година, туку ќе се соочат со македонскиот народ, кој е при крај со своето трпение од нивните секојдневни закани и антимакедонски барања за нови и нови права!

Значи, без оглед на се, пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, веднаш после годишните одмори, во име на македонскиот народ мора привремено да престанат да се натпреваруваат во докажувањето кој од нив бил поголем криминалец за време на своето владеење, и, следствено на тоа, да се согласат, односно, како највисок законодавен дом, да донесат политички документ (декларација или заклучоци) со кои ќе побараат расветлување на перфидното местење на македонските бранители во Татковинската војна во 2001 година. Ова од причина што, да се дојде најпосле до официјален одговор, како, од кого и зошто беа нарачани и договорени масакрите кај Вејце, Карпалак, Љуботенски пат, Арачиново... во кои бранителите беа испратени во заседа и мораа да загинат. Во краен случај, расчистувањето на овие случаи е од интерес не само за семејствата и роднините на загинатите, туку и за Република Македонија, бидејќи не можеме да гледаме напред во иднината, доколку минатото и понатаму не прогонува, односно, неправедната загуба на бранителите останува неразјаснета!