Веле Самак и Глигор Ташковиќ се најголемите промашени инвестиции на Никола Груевски!


25.06.2010 | 22:54:48 | Колумни


Веле Самак и Глигор Ташковиќ се најголемите промашени инвестиции на Никола Груевски!

Колумна, „Фокус„, 25.06.2010, Јанко Бачев 

По повод дваесетте години од основањето на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, во претходниот број пишував за заслугите на македонската тајна полиција во формирањето и подемот на оваа партија во демократска Македонија.

Во оваа прилика ќе се осврнам на постигнатото од владеачката партија во клучните сегменти, дотолку повеќе што наскоро се  комплетира цел еден четиригодишен мандат на актуелната влада, предводена од премиерот Груевски, по изборната победа на парламентарните избори одржани на 5 јули 2006 година. 

Се разбира, со оглед на просторот, нема да се впуштам во оценка на постигнатото во секој поединечен ресор, туку генерално би се осврнал на состојбите во двата најзначајни државни подсистеми: политичко-безбедносниот и економскиот дел. Притоа, кога го споменувам економскиот дел, мислам на досегашната реализација на бомбастично најавуваните ветувања на владиниот економски тим за привлекување странски инвестиции.  Околу остварувањето на планот на политичко-безбедносната состојба во земјата, веднаш да кажам дека во изминатиот период основата на која почива - вршењето на системот на државната безбедност како нејзино најзначајно подрачје, може да се каже дека е остварувана на задоволително ниво. Безбедносната состојба од аспект на разузнавачката и контраразузнавачка заштита е под целосна контрола, а дури може да се каже дека во својата понова историја Македонија никогаш немала толку успешна и квалитетена работа на овој план. Постојаното зголемување на буџетот за потребите на државната безбедност ги дава очекуваните резултати, а во оваа насока свое влијание секако има и посакуваната координација и соработка на Агенцијата за разузнавање и Управата за безбедност и контраразузнавање.  Практично, во оваа насока, безбедносната состојба е под контрола, а надлежните безбедносни органи ја остваруваат дневната контрола и комуникација и имаат увид во тоа што се случува на овој план со секојдневното преземање на пропишаните обврски. Ова не случајно го потенцирам, бидејќи не така одамна, во услови на недозволиво нарушена кохабитација на актуелниот премиер и поранешниот претседател на државата, сведоци бевме на една непримерна состојба, во која овие две клучни служби повеќе наликуваа на непријателски формации. Впрочем, граѓаните во изминатиот период се уверија во целосната контрола над ситуацијата, а тоа единствено се должи на фактот што македонските тајни служби ги имаат на располагање сите потребни безбедносни информации кои служат за соодветни проценки и солуции за дејствување.  Сепак, за волја на вистината, македонските тајните служби сеуште се доживуваат како некакви отуѓени центри на моќ, кои понекогаш знаат да излезат вон контролата на надлежните институции, а најсериозните критики за нивната работа доаѓаат токму околу нивната (зло)употреба, но, сето тоа е помалото зло додека успешно го остваруваат системот на државната безбедност и ја осигуруваат безбедноста и сигурноста на државата. Зашто, кога просперира државата на овој план, тоа е повеќе од корист за сите граѓани, отколку тие да просперираат секој за себе, бидејќи доколку земјата во целина е нестабилна и пропаѓа на планот на остварувањето на системот на државната безбедност, на крајот и самите граѓани ќе бидат уништени со неа, без оглед колку на поединците им оди добро. Меѓутоа, за разлика од постигнувањата на политичко-безбедносен план, владеачката ВМРО-ДПМНЕ бележи комплетно промашување во економскиот дел, односно, кај странските инвестиции, како клучен елемент за економскиот развој на државата и постигнување на посакуваната благосостојба на граѓаните. Тука веднаш ќе кажам дека овој неуспех е резултат исклучиво на покажаната неспособност на донесените владини функционери од САД, задолжени за привлекување на странски инвестиции, иако споменатата политичка стабилност отвора широк простор за влегувањето на директни странски инвестиции во земјата и за една порелаксирана економска состојба.  Имено, граѓаните се сеќаваат дека непосредно пред формирање на владата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори на 5 јули 2006 година, беше најавено дека во новата вмровска влада ќе бидат донесени врвни македонски економски експерти, кои со своето знаење и дотогашни постигнувања во САД, каде живеат и работат, се гаранција дека во Македонија ќе привлечат значајни странски инвестиции. Дополнително, активностите на овие млади македонски министри „увезени„ од САД за привлекување на стански инвеститори, беа зајакнати со назначување и на таканаречени владини промотори за привлекување на странски инвестиции. Во оваа насока, пред извесно време, државниот ревизор обелодени дека владините промотори за привлекување на странски инвестиции за една година потрошиле близу 600.000 евра, а нема никакви ефекти од нивната работа.  Меѓутоа, уште поизненадувачки се показателите за работата на споменатите владини министри задолжени за странски инвестиции, бидејќи на терен останаа нереализирани бомбастичните најави, давани своевремено, кога беа донесени од САД, дека ќе ја наполнат со странски фабрики индустриската зона Бунарџик. Откако триумфално беа најавени во јавноста како способни министри, односно, некаков „дрим тим„ за привлекување инвеститори, образуван на најпрестижните светски факултети и дополнително парламентот им го потврди министерскиот статус, младите министри дојдени од САД тргнаа по светот за да донесат странски инвестиции. Патем, да споменам дека своевремено не покажаа ниту една диплома од некој престижен светски факултет, со што по автоматизам требаше сите да бидеме уверени во нивното беспрекорно знаење, бидејќи, всушност, нивното школување во странство беше намногу експлоатирано во јавноста како аргумент  во прилог на оправданоста од нивното носење во земјата.  За неупатените да споменам дека согласно новото демократско време, програмите за студирање на тие таканаречени светски престижни факултети денес се пресликани и на домашните факултети, и, во оваа насока, можам слободно да кажам дека она што сега го добиваат како знаење завршените студенти по тие светски програми, не може  да се мери со стекнатото знаење што мојата генерација своевремено го добиваше во средното училиште. Ова го потенцирам, за да ја разобличам пред граѓаните големата манипулација што ни ја приредуваат политичките субјекти, кога во јавноста особено потенцираат дека располагаат со кадри школувани на престижни странски факултети, што самото по себе треба да ни биде доволна гаранција дека наводно ќе ја достигнеме посакуваната благосостојба. Значи, во моментот може да се констатира дека изостанаа ефектите од најавените странски инвестиции, а останаа само безмилосното трошење на буџетските пари од овие млади министри да уживаат во егзотични патувања по светот, како и нивните романтичарски изјави дека ќе ја преплават Македонија со странски инвестиции.  Меѓутоа, треба да се има предвид фактот што на народот одвреме навреме, сепак, му треба и по малку романтика. Впрочем, занесени во ветувањата, некаде пред една година, еден од овие владини министри најави дека најкасно за три месеци Бунарџик ќе биде наполнет со странски фабрики. Отогаш поминаа четири пати по три месеци, а спомената слободна индустриска зона и понатаму останува празна и жално ги очекува најавените фабрики.  Друг од овие министри, мислам дека се презиваше Ташковиќ, кога не беше реизбран во новата влада на Груевски во 2008 година, излезе во јавноста и рече дека за свој голем успех, замислете, го сметал тоа што посетил фирми во преку 80 држави и притоа секаде вратите му биле широко отворени, иако ефектот е рамен на нула. Башка што човекот, наместо по недонесените странски инвестиции, остана запаметен по неконтролираните реакции, како и фактот што, внимавајте, овој македонски министер на седниците на сопствената македонска влада не знаеше да изусти ниту еден македонски збор!  А, колку македонскиот народ се револтира и со индигнација гледа како еден Али Ахмети не сака да се потруди да го научи македонскиот јазик, а ваму, како што споменав, имаме поразителна состојба, лице кое било македонски министер воопшто да не го познава македонскиот јазик. Затоа, во прилог на јакнењето патриотизмот кај граѓаните, покрај она со јарболите и државните знамиња, можеби треба да се размислува за вградување на одредба, секој македонски функционер безусловно да го познава македонскиот јазик.  И сега, што да каже човек кога овие министри по јавното фалење дека посетиле фирми во преку 80 држави, не можат да ја разберат простата вистина дека од позиција на министер на една држава, без оглед за каква држава станува збор, на која фирма во светот да и зазвоните на врата, нејзиниот директор ќе ве удостои со една куртоазна средба. Поразително е што овие министри заборавиле на суштината, односно, дека нивниот успех се мери според тоа колку инвестиции донеле во Макеоднија, а не во колку држави се прошетале. Затоа, се до моментот кога Народно движење за Македонија одлучи да ја напушти здружената коалиција За подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, јас, за жал, бев единствениот кој на лидерските коалициски средби отворено укажував дека колку побрзо ги качиме овие министри во првиот авион и ги вратиме назад во САД, од каде што дојдоа, толку подобро за граѓаните на  Македонија. Едноставно, имав прилика да се уверам дека на нив само непотребно само се трошат парите на македонските даночни обврзници. Не ме послушаа, но, ете, до денес овие министри не донесоа никакви странски инветстиции, ниту пак видовме од нив конкретна и издржана програма, која ќе навести такво нешто! Сега, во оваа прилика ми останува можноста само да упатам уште еден апел до премиерот Груевски, да изнајде сили, да му се извини на македонскиот народ за погрешната проценка со овие увезени министри, и притоа да им се заблагодари на истите за нивното досегашно учество во (не)работата на македонската влада. Се разбира, воопшто не е спорна определбата, односно, амбициозниот план на Владата да привлече што повеќе странски инвеститори, создавајќи дури и нови министерски места токму за нивното привлекување, но, во случајов повеќе од јасно е дека кадровскиот потенцијал во ликот на споменатите министри донесени од САД се покажа како целосно промашување.  Неспорно, ние се соочуваме со недоволен капацитет на споменатите министри, но, и со недостиг на владина стратегија, ама и конкретна програма за привлекување на странски инвестиции. Во комбинација на трите овие фактори, јасно е дека не можеме да бидеме атрактивни за странските инвеститори. Уште полошто, ние сеуште не сме го лоцирале она што Македонија стратешки ќе го поткрепува во економијата. Фактот што овие министри закачија еден балон над владината зграда, на која напишаа Инвестирајте во Македонија,  е само нивна пуста желба, а не дефинирана стратегија и конкретна програма за привлекување странски инвестиции. Тоа ви е исто како, на пример, од Фокус да ми речат: Дај напиши некогаш некоја колумна за нашиот весник, што е само некаква желба. Но, сосема друга ситуација е кога ќе ми речат напиши колумна за следниот број на Фокус, кој ќе излезе во петок. Е, тоа е веќе програма, но, за жал, токму ова неможат да го разберат министрите за кои дури беа отворени посебни позиции - министри за привлекување странски инвеститори. Очигледно е дека слушнале нешто околу странски инвестиции, но, произлегува дека недоволно разбрале што значи тоа. А, штом не разбрале, јасно е зошто и понатаму остануваат проблемите на повеќето социјални групи кои секојдневно протестираат во изминатиот период.  Впрочем, вистината за ова дојде многу побргу од очекуваното, бидејќи, во неодамнешната меѓусебна медиумска препирка на сегашен (да, Самак му е името) и поранешен министер за странски ивеститори, ни ја доловија поразителната состојба на овој план, кога, меѓусебно се обвинија дека кај нив всушност доаѓале секакви квазиинвеститори, кои доаѓале за лична корист, а добивале третман на странски инвеститори, односно, дека тие дури не правеле ни разлика меѓу мешетари и сериозни инвеститори. А, сите ние, пак, замислете, наивно сме верувале дека Македонија доби способни министри, кои ќе ја извлечат земјата од дното по директни странски инвестиции во регионот!  Значи, неспособноста на споменатите млади функционери  донесени до САД си го (на)прави своето, бидејќи Македонија не виде никаква полза од нив, иако непотребно троши буџетски средства за нивниот непродуктивен ангажман. Наменската приказна за граѓаните со нивните дипломи од престижни факултети веќе е прочитана и без употребна вредност. Затоа, нивното министерување, на крајот ќе им донесе само лична корист на овие министри, бидејќи во нивните биографии ќе остане запишано дека биле министри во македонска влада, а ова референца сепак не е лоша препорака, кога ќе си се вратат во САД и ќе конкурираат за работа во која било тамошна фирма, бидејќи министер си е министер, без оглед дали министерувале во мала, сиромашна, ваква, онаква или никаква држава!