ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ платиле по 200.000 евра во готово за нивните последни митинзи!


09.07.2010 | 22:50:52 | Колумни


ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ платиле по 200.000 евра во готово за нивните последни митинзи!

Колумна, „Фокус„, 09.07.2010, Јанко Бачев

По повод неодамнешниот партиски митинг на ВМРО-ДПМНЕ од 15 јуни, и оној на СДСМ од 27 јуни, во претходниот број пишував дека востановениот двопартиски систем во демократска Македонија, во кој, после секои парламентарни избори победничка партија треба да биде ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, е пред целосна демонтажа, имајќи предвид дека македонските граѓани им го свртеа грбот на овие две партии и не се одзваа на нивниот повик да излезат масовно на нивните партиски митинзи.

Меѓутоа, таман помислив дека во контекст на катастрофално ниската посетеност на споменатите партиските митинзи, започнува да станува реалност пораката што граѓаните им ја испратија на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, дека се презаситени од нивното дведецениско владеење во кое само лажат и крадат, на сцена стапи нам добро познатиот уставен суд на Република Македонија, со неговата брзопотезна порака дека заложбите за рушење на македонскиот двопартизам, сепак ќе се одвиваат со значителни потешкотии!

Имено, познато е дека финансиските средства играат голема улога во дејствувањето, промоцијата и наметнувањето на политичките партии како релеванти чинители на политичката сцена. Во оваа насока, веднаш да кажам дека Уставниот суд уште еднаш се покажа дека е кочница на партискиот плурализам во државата, бидејќи деновиве не извести дека не ја прифаќа иницијативата на Народно движење за Македонија за поведување постапка за оценување на уставноста на законските одредби, со кои само таканаречените големи партии имаат право да си ги делат помеѓу себе предвидените финансиски средства од Буџетот за нивно финансирање, иако се работи за државни, односно пари на граѓаните со кои се полни буџетот во оваа држава. Со еден збор кажано, Уставниот суд пресече - нема пари за помалите партии со големи амбиции да ги средат состојбите во Република Македонија, која, за жал, и понатаму останува закована за европското дно!

Затоа, не е претерано ако кажам дека Уставниот суд е институцијата која е предоредена да ја руши македонската држава. Разочарувањето е поголемо, ако се знае дека образложението на неговата одлука е базирано исклучиво на политички, а не, како што налага процедурата, на правни аргументи. Така, Уставниот суд во својата одлука вели дека е право на законодавецот да предвиди средства за финансирање на политичките партии, како и, внимавајте, начинот на нивното распоредување, а кои средства се дел од Буџетот на Република Македонија. Значи, законодавецот (парламентарното мнозинство) доколку утре посака, може буџетските средства предвидени за финансирање на политичките партии да ги додели и само на една партија, бидејќи, според уставните судии, тоа е негово право. Се разбира, откако претходно ќе ги пропише условите што во секој случај ќе ги исполни само таа партија. Понатаму, уставните судии уште политизираат дека поставувањето услови на некои политички партии да им се дават пари од буџетот, а на други не, всушност бил рационален критериум со оглед на тоа што ја одразувал релеватноста на политичките партии!

Меѓутоа, уставните судии пропуштиле да кажат, како една политичка партија, на пример Народно движење за Македонија, може да стане релевантна како и партијата на дел од уставните судии - СДСМ, кога самите уставни судии не дозволуваат еднаков пристап до буџетските пари, кои, познато е, играат голема улога за релеватноста на една партија. За неупатените да кажам дека тука не станува збор за буџетските пари што ги добиваат таканаречените големи партии во висина од 15 денари по освоен глас на изборите, туку за еднаков пристап на политичките партии до јавните извори на финансирање предвидени со буџетот, како вкупни средства за годишно функционирање на политичките партии во висина од 0.06 отсто од вкупните изворни приходи на македонскиот буџет.

Значи, таканаречените големи партии, покрај споменатите парични средства што ги добиваат во висина од 15 денари по освен глас на изборите, меѓусебно си ги делат и споменатите 0,06 отсто буџетски средства, кои во контекст на актуелниот буџет од 2,5 милијарди евра изнесуваат околу 1,5 милион евра буџетски пари, кои повторно си ги делат помеѓу себе во тековната буџетска година. Значи, Уставниот суд го сведе државниот буџет на ниво на буџет на приватна фирма, штом парламентарното мнозинство, според уставните судии, нели, има право да одлучува за начинот на нивното распоредување, односно, да ги распоредува  државните пари на која политичка партија ќе посака!

Од друга страна, што е поинтересно, и споменатата политичка партија на дел од уставните судии, и останатите партии, без разлика дали се помали и поголеми, за да опстојат на политичката сцена треба да исполнуваат идентични услови пропишани со Законот за политички партии. Така, според овој закон, јасно се пропишани критериумите за постоењето на политичките партии. Имено, секоја политичка партија на секои четири години треба да се пререгистрира со 1.000 основачи, со нивни изјави заверени на нотар. Во спротивно, се бришат од регистарот на партии, кој се води кај надлежниот регистарски суд!

Значи, се поставува прашањето, како е можно при исти услови за основање и дејствување, еднакви обврски и еднакви казнени одредби за политичките партии, истите да се ставаат во нееднаква правна положба при распределбаата на предвидените финансиски средства од буџетот за нивно финансирање, со што на флагрантен начин се попречува остварувањето на демократскиот карактер на политичките партии во еден од суштинските аспекти (финансиските средства) на рамноправно дејствување, во услови на гарантиран политички плурализам и нивна еднаква правна положба?

Во овој контекст, јасно е дека политичките партии се ставаат во нерамноправна положба да организираат пропаганда под еднакви услови, која би ги заинтригирала граѓаните за ставовите и идеите содржани во програмата на партиите, за тие под еднакви услови од аспект на јавните буџетски средства да учествуваат во политичкиот натпревар заради обезбедување приврзаници, кои ќе застанат зад тие идеи и ставови, а со тоа се овозможува понатамошна политичка активност и егзистенција!

Оттука, целта на кој и да е закон поврзан со политичките партии во едно демократско опшество, секогаш е создавање на услови за остварување на политичкото организирање и дејствување под еднакви услови, а не за нивно ограничување. Значи, целта на законските одредби кои се однесуваат на финасирањето мора да е пропишување, но, и обезбедување на услови за рамноправно финансирање на сите политички партии, а не преку утврдување на дискриминаторни услови во поглед на користење на предвидените буџетски средства, нивно нерамноправно третирање, што е недопуштено во едно демократско општество!

Како заклучок во овој дел, уставните судии немаат уставно и законско овластување да ја ценат релеватноста на политичките партии, и, оттука, најбалаго речено, делува идиотски изјавата на еден од уставните судии, Игор Спировски, кој по повод отфрлањето на иницијативата на НДМ рече дека се бара одредено ниво на релеватност на политичката партија во политичкиот живот, за таа да може да се стекне со право на средства од буџетот, иако релеватноста на политичките партии ја ценат граѓаните на избори, а државата мора да им обезбеди еднаков пристап до јавните извори. Дотолку повеќе, согласно споменатиот закон за политички партии, државата доколку посака, релеватноста на политичките партии може да ја обезбеди со тоа што ценсузот од 1.000 основачи за регистрација на една политичка партија ќе го покачи на 5.000 или 10.000 основачи. Но, и во таков случај, колку и да има политички партии, буџетските пари мора да се распоредуваат подеднакво на сите политички субјекти, кои со чинот на регистрацијата се еднакви во правата и обврските на политичката сцена. Во никој случај не може да постои ниту најмала можност за нивна дискриминација во поглед на еден од значајните сегменти - правото на еднаков пристап до буџетските средства!

Се разбира, сосема друго е прашањето, политичките партии да можат да обезбедуваат парични средства преку таканаречените приватни извори за финансирање, што е исто така законски допуштена можност покрај јавните извори на финансирање од буџетот. Но, кога се работи за буџетски пари, мора да важи правилото - или пари за сите, или за ниедна политичка партија, доколку, се разбира, сакаме рамноправен старт на изборите на сите учесници во изборниот процес.

Не можам, а да не споменам дека и понатаму останува сина зона финасирањето на таканаречените големи партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои трошат милионски суми, кои подоцна ги прикриваат и фризираат. На пример, без оглед на дебаклот со катастрофално ниската посетеност на споменатите партиски митинзи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои довлечкаа едвај по десеттина илјади митингаши, сепак, и во тој случај овие две партии потрошија по околку двеста илјади евра за намирување на редовните потреби, карактеристични за такви случаи - плаќање на автобуси, сендвичи и пијалоци за митингашите. Разговарав со неколку сопственици на автобуски претпријатија во Македонија и сите до еден ми потврдија дека плаќањето на автобусите им е извршено во готовина, од партиски активисти, што значи дека и понатаму останува непознат изворот на финансирање на овие партии, иако законот налага сите финансиски трансакции да одат преку една сметка на партијата, отворена кај надлежна банкарска институција!

Притоа, докрај да се уверам во (не)законитоста на финасиското работење на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, замолив и за следната информација: Дали во јуни, кога беа споменатите партиски митинзи на овие две партии, биле извршени финансиски трансакции преку нивните жиро - сметки за плаќање на автобуси, патарини, сендвичи, пијалоци и останати дребулии? Од надлежните банкарски институции, Комерцијална банка и Тутунска Банка, ми кажаа поразителен податок дека такво нешто - немало!

Како и да е, позната е определбата на еден дел од уставните судии по секоја цена да ја бранат зацементираната позиција на СДСМ и неговата интересна коалиција, во моментов да бидат ексклузивен опозициски репрезенет, и, притоа  во никој случај да не се дозволи некоја друга политичка групација да ја загрози таквата нивна позиција. Меѓутоа, во оваа насока се соголува во целост и политичката филозофија на владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Имено, нели е лицемерно и крајно перфидно од ВМРО-ДПМНЕ, од една страна жестоко да ја критикува секоја одлука на уставните судии која не е на линија на Преродбата во сто чекори, а притоа да наидуваме на целосен молк од нивна страна во однос на најновата одлука на истите уставни судии за дискриминација на политичките партии во делот на нивното буџетско финансирање? Иако ваквото нешто воопшто не кореспондира со идеите и визиите на портокаловите во делот за изградбата на демократски политички сѕстем. Дури, доколку сега ги прашате портокаловите за мислење за спомената судка одлука, сигурен сум дека повратно ќе ви одговорат дека одлуките на Уставниот суд не се коментираат, туку се извршуваат. Но, кога станува збор за пари, паѓаат во вода залагањата и определбите од Преродба во сто чекори!

Меѓутоа, доколку и во владеачката партија не му посветат доволно внимание на овој многу битен момент со флагрантната дискриминација на политичките партии во врска со нивното буџетско финансирање, станува реална опасноста дека и наредните избори ќе останат високо нерегуларни и криминални, дотолку повеќе што, и покрај тоа што двете партии ќе потрошат огромни суми на испрани пари, истовремено ќе си ги поделат и буџетските пари, предвидени за финансирањето на политичките партии. Граѓаните и понатаму ќе бидат сведоци на наводните жестоки манипулативни кавги помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, за тоа - кој повеќе крадел во демократска Македонија. Но, кога се работи за нивен заеднички интерес, како во случајов, и понатаму да го одржуваат етаблираниот двопартизам, тогаш манифестираат зачудувачко единство, и на тој начин сложно оневозможуваат некоја друга политичка сила во државата, со својата релевантност да го разбие нивното двопартиско друшто и да ја преземе одговорноста за судбината на овој народ и држава!

А, граѓаните и понатаму ќе се прашуваат, дали имаат храброст надлежните институции, најпосле да им застанат на патот на гламурозните кампањи на таканаречените големи партии со пари од непознати извори на финансирање? Додека се добие одговорот на поставеното прашање, и понатаму ќе бидеме сведоци на навредливите заебанции од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бидејќи во континуитет ги повторуваат познатите фрази, како во случајот и со почетокот на нивните последни предизборни кампањи во 2009 година: Ќе имаме чиста и легална кампања која ќе биде директна со граѓаните, а финасирањето на кампањата ќе биде во согласност со законите, велеа од СДСМ. Оние, пак, од ВМРО-ДПМНЕ, нели се народна партија, во таа прилика беа ептен скромни и велеа дека ќе бидат скромни, како и претходните кампањи кои ги правела партијата и во рамките на законски определените финансиски средства коишто се трошат.

За крај, еве го клучното прашање до ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бидејќи се на повидок нови парламентарни избори: Дали постои подготвеност кај овие две партии да изгласат законско решение, според кое, доколку учесниците во изборниот процес прецизно не ги наведат донаторите, се исклучуваат од политичката трка?