Полициското подземје му доставува 50.000 евра месечно на човек што стои зад премиерот Никола Груевски!


16.07.2010 | 22:47:43 | Колумни


Полициското подземје му доставува 50.000 евра месечно на човек што стои зад премиерот Никола Груевски!

Колумна, „Фокус„, 16.07.2010, Јанко Бачев 

Еден мој познајник од ВМРО-ДПМНЕ, кој има увид во изворните резултати од анкетите на нивниот институт Павел Шатев, своевремено ми кажа дека во анкетата од 11 октомври 2009 година, спроведена на примерок од 1.100 испитаници, на прашањето: Доколку утре се одржат парламентарни избори за која партија би гласале, за првпат се појавило и името на Народно движење за Македонија со подршка од 1,1 отсто од испитаниците.

Притоа, тој ми предочи дека не е во нивни прилог да промовираат нови партии, па, затоа, при објавувањето на анкетните резултати, нив ги вметнуваат во графата - друга политичка партија. Уште ми укажа дека ова е добар знак за НДМ, но, истовремено, може да биде и многу непријатен за мене, доколку рејтингот на НДМ го градам со критичко согледување на погрешните потези на владеачката партија. Речено - сторено! 

Помина една недела од шокантното сознание дека во демократска Македонија, полициското подземје сеуште монтира судски процеси и пишува судски одлуки. Се потврди дека со затворска казна за претседателот на Коморта за обезбедување на лица и имот и детективски услуги, Ангеле Јованоски, како и условната осуда за петнаесет професори во комората, од кои шесторица се дел од највисокото раководство на НДМ, вклучувајќи ме и мене како претседател на НДМ, всушност е направен полициски упад врз судската власт. Полициското подземје, сакајќи да го замолчи НДМ, всушност ни овозможи да ја кажеме вистината, за што им благодариме! Имено, полициското подземје минатата недела триумфално ја замајуваше јавноста дека Комората на осудениот Јованоски нема право да издава лиценци за обезбедување на лица и имот. Затоа, најпрвин околу легалитетот на комората, а, дополнително, и за причините за полициската местенка. Комората на Јованоски е регистрирана во Централниот регистар со решение од 22 ноември 2006 година, со право да издава лиценци. Според член 39 од Законот за едношалтерскиот систем, по приемот на пријавата за упис, регистраторот проверува дали истата е поднесена во согласност со закон, дали се исполнети условите за упис определени со закон, дали пријавата ги содржи сите податоци во согласност со закон и дали кон неа се приложени сите прилози утврдени со закон. Значи, откако ја испитал содржината на пријавата за упис и нејзината законитост, регистраторот ја упишал комората со право да издава лиценци. Дополнително, врз основа на уредна документација, Управата за јавни приходи и издаде на Комората даночен број, со уредна жиро - сметка, од која се намирувани обврските по основ на ДДВ, како и персонален данок за вработените и професорите. Во овој тригодишен период, Комората се наметна кај агенциите за обезбедување како респектабилен субјект со изведување на квалитетна теоретска и практична обука на кандидатите што вршат обезбедување на лица и имот, заради што, за краток период, нејзини членки станаа дури 42 агенции за обезбедување на лица и имот!  Поради ова, полициското подземје го фаќа паника, бидејќи нивната фантомска Комора ја губи довербата кај агенциите за обезбедување, после целосното соголување дека функционираат незаконски, и затоа тргнуваат во рушење на Комората на Јованоски. Најпрвин е направен обид да се поништи правото на Комората на Јованоски да издава лиценци, но, Комисијата за жалби на Владата на Република Македонија, со решение број 15/-01/2 од 26.01.2009 година, го одби како неосновано нивното барање. По ова, полициското подземје прави обид и преку Основниот суд Скопје 2 да го поништи правото на Комората да издава лиценци, но, и судот со решение број 128/09 од 02.10.2009 година ја отфрла нивната тужба!  Значи, произлегува дека државата со соодветни решенија на нејзините надлежни органи: Централен регистар, Владата на РМ - Комисија за жалби, Управата за јавни приходи и Основниот суд Скопје 2, и даваат целосен легалитет на Комората на Јованоски. Велат дека пред фактите и боговите молчат, но, ова не важи и за полициското подземје, кое продолжува и понатаму со полициските конструкции. Така, на 6 септември 2009 година, петок, го киднапираат претседателот на Комората, Ангеле Јованоски, и брзопотезно му одредуваат притвор, покриен со формална одлука од судот. Интересно е што полициското подземје го изведува киднапирањето и притворањето на Јованоски, користејќи ја отсутноста на министерката во МВР од државата, бидејќи претходниот ден (четврток 5 септември), таа заминува на собир на министри од југоисточна Европа во Љубљана. Со оглед на просторот, за овој многу битен момент во друга пригода. На очиглед на јавноста, целата полициска конструкција беше финализирана на 6 јули 2010 година, со првостепена кривична осуда за Ангеле Јованоски и условна осуда за професорите, со што полициското подземје успеа да ги дерогира одлуките на државни органи за легитимитетот на Комората. Не е на одмет да споменам дека минатата недела, премиерот Груевски од Централниот регистар порача дека во Македонија фирмите ќе се регистрираат по електронски пат без присуство на основачи, односно, секој може да започне бизнис по елктронски пат од било која земја во светот. Тоа е за поздравување, но, премиерот Груевски треба да објасни, што правиме кога полициското подземје не им дозволува да работат на регистрираните субјекти, токму во Централен регистар? Читателите сигурно ќе се запрашат, зошто ова го прави  полициското подземје? Еве го и одговорот: Ова подземје уште од 1999 година го контролира бизнисот со лиценци за обезбедување, преку нивната фантомска и непостоечка комора со назив: Комора на Република Македонија за обезбедување на лица и имот. Потврдата дека станува збор за фантомска комора на полициското подземје дојде од најрелеватно место. Имено, од документ на Основниот суд Скопје 1 број 120/99 од 09.02.2009 година, може да се види дека до 2006 година нема регистрирана комора во судскиот регистар. Од три документи на Централниот регистар од 11.07.2007, 14.11.2007 и 31.03.2008 година, исто така се гледа дека ниту после 2006 година не е регистрирана фантомската комора на полициското подземје, туку, единствено запишана е само Комората на Јованоски. За неупатените да појаснам дека до 2006 година, регистрацијата на правните субјекти се вршеше во Основниот суд Скопје 1, а по 2006-та, оваа надлежност премина кај Централниот регистар.  Меѓутоа, полициското подземје, преку својата фантомска комора која никаде не е регистрирана, досега има издадено околу 15.000 лиценци во вредност од околу 5 милиони евра, и исто толку службени легитимации во вреднст од 1,5 милион евра, со што е остварен незаконски профит од 6,5 милиони евра. За сите незаконски активности на фантомската комора, која, патем, функционира и како своевидна паравоена формација, бидејќи врши и обука со оружје, уште пред една година до МВР се доставени неколку пријави. Но, поразително е сознанието дека полициското подземје упеало да ги држи закочени споменатите пријави, иако се евидентирани во архивата на МВР. Значи, наместо на суд да завршат криминалците од полициското подземје, судска постапка е заведена против тие што пријавија криминал од 6,5 милиони евра!!! Кога сум кај пријавите, да споменам дека два месеци по регистрацијата на Комората на Јованоски, односно, во јануари 2007 година, МВР врз основа на налог на истражен судија изврши контрола врз работењето на оваа комора. Притоа се одземени предмети, вклучувајќи го и компјутерот со целата документација и податоци за работењето за да се изврши вештачење. Меѓутоа, по извршеното вештачење, со полициски записник се вратени одземените предмети, бидејќи од страна на МВР не е констатирана ниту една забелешка во работењето на Комората. Сега, после три години од истата приказна, повторно полициски упад и запленување на истата документација, која МВР веќе ја проверуваше. Настрана фактот што МВР целосно е запознаено со работењето на Комората на Јованоски во овие три години. Впрочем, тоа го знае и УЈП, каде се намирувани обврските за ДДВ и персонален данок за вработените и професорите. Значи, овојпат полициското подземје конструира и судска постапка, со крајна цел, дефинитивно да ја збрише Комората на Јованоски!  Интересена е условната осуда на професорите. Имено, внимавајте добро, професорите се усповно осудени само затоа што се пријавиле на оглас да засноват работен однос во Комората!? Но, за момент да претпоставиме дека не постојат споменатите решенија на Централен регистар, на Комисијата за жалби на Владата на РМ, како и решението на Основен суд Скопје 2, од кои неспорно произлегува дека комората на Јованоски има право да издава лиценци за работа. Дури и во таков случај нема одговорност за професорите, бидејќи секој граѓанин кој најмалку еднаш во животот засновал работен однос знае дека во ниеден закон не е пропишана обврска за кандидатите кои засноваат работен однос да одат претходно по институциите, за да проверуваат дали работодавецот е уредно регистриран или не. Познато е дека при засновање на работен однос, доволно е само кандидатот да ги исполнува општите и посебните услови од огласот, и - толку!  Во случајов, пак, професорите се осудени само затоа што се дрзнале да бараат работа!? Оттаму, ја повикувам судијката што побзо да ја напише првостепената пресуда, за да можам веќе од септември да им ја поделам на сите студенти од правните факултети во државата, да го видат овој преседан, да видат дека во демократска Македонија се осудуваат луѓе само затоа што конкурирале во институција која не е по волја на полициското подземје!!!  Но, било како било, јасно е дека на овие подземни структури им застанал мозокот некаде во 1948 година, кога УДБА обинуваше и пресудуваше. Меѓутоа, во далечната 1948-та, кога удбашките структури ги носеле политичките неистомисленици на Голи Оток, барем ја задоволувале формата со двајца сведоци против т.н.домашни непријатели. Во случајов, немаат ниту двајца сведоци, туку само барање на полициското подземје за осуда, и - точка! Се разбира, морам да ја спомнам и големата лага на полициското подземје, дека Комората на Јованоски не се обратила до МВР за назначување членови во испитната комисија. Прво, во испитната комисија има членови од МВР, а барање за нивно назначување во полициската архива постои уште од 2008 година, меѓутоа, полициското подземје го крие, со што, несвесно и помогнало на Комората на Јованоски, бидејќи во Македонија важи правилото - молчењето на администрацијата значи одобрување. Впрочем, потврда за ова дојде од најрелеватното место - Владата на Република Македонија, преку нејзиниот ресорен министер за образование. Имено, овој министер, на прес конференцијата од 21 јуни 2010 година, на новинарско прашање за работата на Стоматолошкиот факултет при Европскиот универзитет во Скопје, кој работи без акредитација, изјави: „Свесни сме за проблемот, но, во овој случај се работело за законска процедура, која е искористена од Европскиот универзитет да работи на тој начин. Тука се работи за случај на молк на администрацијата. Тие од одборот за акредитација побарале дозвола, но не добиле одговор. И тие ја користат законската можност од 60 дена, додека да го добијат одговорот„. Значи, ако еден факултет е акредитиран врз основа на молчење на администрацијата, тогаш логично е правилото на молк на администрација да важи и за Комората! Посебна приказна е завршното рочиште, кое траеше цел ден. Во судската зграда беа забележани припадници на полициското подземје како шетаат по судските кацеларии, а во еден момент среде судење излезе и судијката без да го прекине судењето согласно ЗКП. На враќање, видно вознемирена, таа брзопотезно го зарши судењето со нотирање на завршните зборови на обвинетите во компјутер преку УСБ, и, дополнително, од едно ливче, на истото рочиште, ја соопшти одлуката, без да ги погледне завршните зборови на сите обвинети!? За крај, мора да се каже дека фантомската комора на полициското подземје е под целосна контрола на човек, кој секојдневно го гледаме позади премиерот Груевски. Секој 1-ви во месецот, нему му се доставува куферче со 50.000 евра. Младиот, пак, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, може и натаму да ја забавува јавноста во стилот на неговата неодамнешна изјава: „Ние порачуваме дека ВМРО-ДПМНЕ, ниту до сега, ниту од сега, ќе работи со куфери. Ние немаме искуство, ниту како се полнат, ниту како се празнат куферите, но, очигледно е дека колегите од СДСМ знаат многу, и како се полнат и како се  празнат куфери„!  Значи, колегите од НДМ знаат за некое искуство со полнење на куфери. Своевремено, пак, токму во таа насока пишував цели серијали и за колегите од СДСМ. Во овој контекст, споменатиот Димовски добро знае дека според нивниот аналитички центар, таквите мои пишувања на изборите на 5 јули 2006 година им донесоа  20.000 гласови. Но, да бидам до крај искрен, кај тогашниот премиер и претседател, Владо Бучковски и Бранко Црвенковски, не видов обид за мое носење во затвор заради моите пишувања кои не беа воопшто пријатни  за СДСМ. Дури, моите колумни им биле омилено четиво, за да видат што не треба да прави една власт, а пишуваното не го доживеале толку непријатно, туку како реално постоење во македонската политика, и, се разбира, ризикот што таа го носи, посебно во услови на активна демократска јавност кон што Македонија се стреми.  Значи, господа од ВМРО-ДПМНЕ, НДМ бара само малку фер - плеј, бидејќи сеуште не сме ниту асално загреани, а веќе тргнавте да се заканувате со затворски казни. Може само да претпоставуваме, што ли ќе се случува за реченото и стореното од наша страна за време на предизборната кампања во март 2011 година?