Борис Трајковски беше убиен исклучиво поради неодговорниот однос на француските војници


04.06.2010 | 22:44:16 | Колумни


Борис Трајковски беше убиен исклучиво поради неодговорниот однос на француските војници

Колумна, „Фокус„, 04.06.2010, Јанко Бачев 

Во минатиот број пишував за истрагата во врска со обидот за атентат врз првиот македонски претседател, Киро Глигоров, во контекст на тврдењето на сите досегашни македонски министри за внатрешни работи, дека петнаесетина години наназад, пермаментно се води полициската истрага за откривање на атентаторот, иако, од документот на тајната полиција што го споменав  во таа прилика, произлегува токму спротивното, односно, дека атентатот врз Глигоров одамна не претставува предмет на систематско и организирано работење на УБК.

Всушност, заради неработењето на МВР, истрагата никогаш не била блиску ниту до мотивите, ниту до извршителите. 

Имајќи предвид дека Македонија доживеа трагичен настан и со вториот претседател, Борис Трајковски, во оваа прилика, како своевидно продолжение, се осврнувам на трагичниот настан со претседателот Трајковски. За разлика од случајот Глигоров, кај кого имаме јасна ситуација на неспорен обид за атентат, кај Трајковски се соочуваме со дијаметрално различна ситуација, бидејќи до денешно време останува дилемата: атентат или несреќен случај, поради што овој трагичниот настан сеуште за некои е обвиткан со превезот на тајна. Во оваа насока, во јавноста сеуште се вртат две различни верзии околу загинувањето на Трајковски. Според првата, станува збор за класична авионска несреќа, додека втората говори за нарачано убиство, односно, атентат врз Трајковски. Веднаш да кажам дека сум на трагата на некое средно решение, односно, дека во случајот со загинувањето на Трајковски се работи за убиство, но, не како резултат на некој смислен заговор - атентат, туку како резултат на едно неодговорно однесување, а, таквото мислење го темелам на два моменти.  Меѓутоа, сметам за потребно најрвин да потсетам на некои елементи околу загинувањето на Трајковски и атмосфетата што дополнително е создавана за овој трагичен настан. Имено, кобното утро на 26 февруари 2004-та година, близу Мостар, се урна владиниот кингер со кој претседателот Трајковски патуваше на меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина. Во авионската несреќа покрај претседателот загинаа четворица негови соработници, двајца од неговото обезбедување и пилотите. Според првичните информации, теренот каде се урна претседателовиот авион бил недостапен и екипите на СФОР, кои тоа утро се упатиле кон местото на несреќата, не успеале да стигнат таму поради лошите временски услови, заради што потрагата беше привремено прекината. Токму овој момент беше еден од најчесто споменуваните во прилог на тврдењето дека во случајот станува збор за атентат, бидејќи, според гласините, екипите на СФОР тогаш пристигнале на местото на настанот веднаш по паѓањето на владиниот кингер, за да ги прикријата трагите од наводниот атентат. Дополнително, истрагата што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар, во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. Пропустите биле во тоа што екипажот отстапил од процедурата за слетување, откако претходно ја известил конролата на летање, дека ја прифаќа процедурата и дека врши полна процедура при слетување. Со еден збор, тогашната истрага се затвори со констатација дека станува збор за пилотска грешка, односно, во кобниот момент авионот се нашол на пониска висина од пропишаното, што беше причина за удирање на авионот во теренот. На крај, од страна на тогашната власт на СДСМ, случајот беше затворен како несреќен случај. На бројните прозивки на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ, дека има уште да се истражува за авионската несреќа, со оглед на некои сомнителни елементи, од СДСМ тогаш иронично им довикнаа и порачаа, дека некоја идна влада, доколку сака, може повторно да отвори истрага. Така и бидна. Со доаѓањето на новата владеачка гарнитуа предводена од ВМРО-ДПМНЕ, МВР побара од Јавното обвинителство да се отвори повторна истрага за несреќата што беше одбиено со образложение дека одлуката е донесена врз основа на грижлива, совесна и сеопфатна анализа на комплетниот прибавен доказен материјал непосредно по падот на авионот, и оти нема нови докази за повторување на истрагата. Сепак, од МВР изјавија дека за нив случајот не е затворен, иако предупредија дека е тешко да се прејудицира  исходот на новата истрага, меѓутоа, се додека постоела и најмала шанса да се добие некоја информација, за да се знае што точно се случи со авионот во кој патуваше делегацијата предводена од претседателот, нема да се застане и овој случај ќе остане отворен.  Во овој контекст, уште да споменам дека Анкетната комисија за утврдување на околностите за загинувањето на претседателот Борис Трајковски усвои извештај, изготвен врз основа на наодите изнесени од страна на стручни лица, во врска со авионската несреќа кај Мостар, со кој Комисијата ги охрабрува надлежните органи и институции да продолжат со започнатата истрага до целосното испитување на сите околности за загинувањето на тогашниот македонски претседател. Во едни такви меѓусебни релации на домашните органи околу (не)потребата од повторно отворање на истрагата за уривањето на владиниот кингер кај Мостар, во февруари 2007 година на сцена стапува и швајцарскиот пратеник во Европскиот парламент, Андреас Грос. Всушност, токму по негова сугестија, а со цел да се утврдат околностите под кои загина Трајковски, беше формирана и споменатата Анкетна комисија во која членуваат пратеници од најголемите парламентарни партии. Андреас Грос ја вжешти домашната атмосфера кога бомбастично изјави дека претседателот Трајковски е жртва на смислено убиство. Во овој контекст, интересна е еволуцијата на „истражителот„ Грос. Имено, швајцарскиот европарламентарец најпрвин напиша дека најверојатно станува збор за пилотска грешка, но, со препорака случајот уште еднаш да се претресе. Во меѓувреме, Андреас Грос се премисли и најави  втор извештај, а потоа, како што споменав, излезе со бомбастичното тврдење дека авионската несреќа во која загина претседателот Трајковски, заедно со неговите соработници, не била несреќа, туку дека станува збор за убиство!  Значи, сега Грос останува на тврдењето - загинувањето на претседателот Трајковски е убиство, и, притоа, како „доказ„ во прилог на таквото тврдење ни ја приложи неговата изјава, дека, според негово лично убедување, претседателот Трајковски е жртва на атентат. Премногу познато, како во случајот Сопот, кога поранешниот амбасадор на НАТО во Македонија, Николас Бигман, своето тврдење дека осудените за Сопот се невини го темелеше на неговата изјава, дека едноставно не може да верува оти невиното албанско население во Македонија може да врши убиства. Значи, така и Грос, врз основа на лично убедување, смета дека врз Трајковски е извршен атентат. Истовремено, тој најави дека наскоро ќе ја посети Македонија, при што, во таа прилика, по разговорот со лицата кои наводно пронашле нови докази и инфомации, истите ќе ги презентира пред македонската јавност!  Меѓутоа, до денеска, од новите докази и информации на Грос нема ниту трага, ниту глас. Значи, споменатиот европараламентарец си тера најобична заебанција на отворена сцена со македонските граѓани, поигрувајќИ, притоа, со чуствата на блиските на загинатите, во стилот на своевремената забавна приказна со сведокот за атентатот врз Глигоров, соопштувајќи ни уште, внимавајте, дека Македонците биле многу интелегентни и чуствителни суштества, па, демек, токму тоа била причината поради која тој се нафатил да го открие атентаторот врз Трајковски, небаре е првиот човек на ЦИА. И, продолжува со шегата, велејќи, замислете, се почуствувал обврзан тука во Македонија, бидејќи во друг контекст немал да го каже неговото тврдење (читај: убиецот на Трајковски). И, најпосле, како заклучок, за своето тврдење, Андреас Грос ни го понуди „крунскиот доказ„ - го познавале многу луѓе во Македонија и сите тие знаеле дека е многу сериозен!? Ебате доказот, што би рекол професорот Фрчковски! Сепак, ја оставам на страна оваа манипулација во продукција на Андерас Грос за негова самопромоција, за да се навратам на споменатите два моменти - зошто сметам дека загинувањето на Трајковски и соработниците е убиство како резултат на едно неодговорно однесување? Имено, познато е дека во БиХ беа распоредени војници на СФОР, а такви странски воени сили своевремено имавме и во Македонија, под називот УНПРОФОР. Пред петнаесетина години, се сеќаваме како овие странски војници во Македонија правеа ршум по скопските угостителски објекти, се шетаа по центарот на Скопје вооружани со автоматски пушки и воопшто не ги фермаа домашните органи, бидејќи тие на овие балкански простори доаѓаа со претходна предубеденост, дека доаѓаат во земји во кои можат да се однесуваат како во село без кучиња!  Се сеќаваме дека како резултат на едно такво арогантно, самобендисано и крајно неодговорно однесување на тие странски војници, дојде дури и до убиство на тогашниот македонски министер, Радован Стојковски. Тогаш, на автопатот од Скопје за Велес, споменатите странски војници возеле во спротивен забранет правец, воопшто не почитувајќи ги сообраќајните правила на движење. А,тие го правеа тоа, затоа што дел од овие странски војници беа пермаментно пијани или дрогирани, како резултат на нивните високи плати, кои ги добиваа за своето службување на просторот на поранешна Југославија!  Во овој контекст, според мене, истрагата за уривањето на владиниот кингер требало да се насочува во оваа насока, и неопходно било потребно да се настојува да се испита психофизичката состојба на двајцата странски војници од францускиот контигент, кои тоа кобно утро биле на должност на контролата кула на мостарскиот аеродром!  Што е поинтересно, до денешен ден, од страна на македонските органи не е направен обид да се сослушаат споменатите француски војници, а, кој знае, можеби дополнително ќе проработи свеста кај нив, да признаат некои клучни моменти, за кои претходно зборував.  Во контекст на посочената човечка грешка околу уривањето на владиниот кингер, уште да споменам дека мостарскиот аеродром, иако носи бомбастичен назив - меѓународен аеродром, се до тој момент претставува најобична шупа, бидејќи има несоодветно ниво на опременост, односно, стара телекомуникациска опрема без радарско наведување. Дури, по трагичниот настан со Трајковски, и неговите соработници, некаде во април 2004 година, комплетно беше инсталирана нова телекомуникациска и метеоролошка опрема на контроланата кула на аеродромот во Мостар! За приказната, пак, дека СФОР дошле на местото на настанот веднаш по уривањето на авионот, се согласувам со таквата теза, но, според мене, не да кријат некои докази, туку, едноставно, затоа што таков е нивниот манир на работа - сакаат први да видат и да исконтролираат се, во услови кога станаа апсолутни господари, односно, државите од регинот се препуштија на целосна нивна контрола. Во оваа насока, токму македонските граѓани најдобро ги паметат снимките од некои немили настани во Македонија, во кои се инволвирани споменатите странски војници. Се сеќаваме дека во таков случај, сите детали најпрвин ги испитуваат нивни истражни органи, за подоцна да им дозволат на критичното место да се приближат и македонските истражни органи, и тоа, внимавајте, во сопствената држава!  Вториот момент поради кој сметам дека во случајот со уривањето на владиниот кингер станува збор за убиство поради неодговорно однесување на странските војници, кои биле на должност на контролната кула на мостарскиот аеродром, го темелам на следниот факт: тогашниот претседател Трајковски беше под целосна контрола на клучните авторитети на меѓународната заедница, па, оттаму, не гледам никаква политичка причина и логика, зошто би го убивале во атентат, кога имаа целосна контрола врз него!? Токму тоа е најпосакуваната состојба за моќните актери на меѓународната сцена - да ги имаат под целосна контрола локалните политички водачи!  Македонските граѓани се сеќаваат дека Борис Трајковски многу малку дејствуваше како претседател на Македонија, а многу повеќе како некаков акредитиран амбасадор на споменатите странски структури, со што, во крајна линија, и нанесуваше голема штета на сопствената држава, и тоа во еден од најсудбоносните моменти во нејзината понова историја, но, тоа е предмет за посебна анализа. Значи, ако тогашниот македонски претседател секое утро, прва задача му беше да изврши телефонски консултации со своите странски ментори за активноста што треба да ја преземе во тековниот ден, тогаш основано се наметнува заклучокот, дека не постои ниту една валидна причина да биде жртва на смислен заговор. Познавачите добро знаат дека секој атентат има своја конкретна причина!