Казнените такси – денес, утре за идни времиња


23.06.2010 | 22:38:41 | Колумни


Казнените такси – денес, утре за идни времиња

Веб колумна, 23.06.2010, Илија Ташев 

Во Република Македонија во моментов граѓаните речиси секојдневно ја слушаат синтагмата од надлежните инспекциски органи – веднаш плати ја казната од 2.500 евра, за понатаму да не платиш 5.000 евра и дополнителни судски трошоци.

Всушност, на напред кажаното се сведува суштината на измените во казнената политика, која, на прв поглед изгледа разумно, но, во реалноста и понатаму останува нереална! Доколку не се плати во определениот рок комунална такса, данок на имот и слични јавни давачки, по изминувањето на 30 дена ќе треба да платите, ни повеќе, ни помалку, туку 2.000 до 3.000 евра казна.

Инаку, споменатата комунална такса со години ја иритира бизнис заедницата и граѓанството. Станува збор за  стопанственици, или, поточно, оние кои некогаш биле тоа, а повеќе не се, барем според прометот, односно профитот што го остваруваат. Се почести стануваат случаевите, кога, со заминувањето на владеачките партиски  елити, доаѓа до затворање и на бизнисот. Значи, доколку партискиот човек не е на власт - нема ниту бизнис?!  Постои една категорија луѓе, кои, патем речено, вечно нешто си планираат, само од пустата желба за претприемништво. Основале фирма, обезбедиле капитал како и просторен амбиент, било во лична сопственост или како кираџии, но, заради  лошите времиња, епилогот како да е сосема извесен! Од напред споменатото може да се подразбере дека станува збор за различни категории бизнисмени, а од друга страна обврските им се подеднакви во стилот на онаа народната поговорка - Јал не јал триипол. Амбиентот, особено оној стопанскиот, што е предмет на оваа колумна, воопшто не е за пофалби. За волја на вистината, изминатите дваесетина години беа лоши или повеќе од лоши, но, истите  беа  надвор од  светската  економска криза. Во оваа насока, целта ми е со овој текст да ја доближам до граѓаните реалноста, заради што, сакам да посочам неколку детали. Имено, сите фирми не се исти според рангирањето во  Законот за трговски друшта (ЗТД), како и според овоземската логика. Оттука, кога би се дистанцирале од параметрите како што се број на вработени и вкупни средства, и притоа споредбата би се однесувала само на една  карактеристика на фирмите – прометот, тогаш постојат следните градации: -Микро трговец  до 50.000 евра, -Мал трговец   до 2.000.000 евра, -Среден трговец  до 10.000.000 евра, -Голем трговец според ЗТД се смета оној кој  не е  распореден ниту во средни ниту во мали трговци. Во овој контекст, банките, осигурителните друштва и други финансиски институции кои изготвуваат консолидирани финансиски извештаи припаѓаат на оваа категорија. Логично е тие да остваруваат поголем бруто продукт од средните трговци, во некои случаеви и десеткратно повеќе, па од таму и значително поголем профит. Поголем број од граѓаните сигурно знаат, а, за неупатените да ја дадам следната информација: Кај микро трговец според македонските прилики, една половина од тие фирми се т.н човек фирма, а плаќа комунална такса од 8.000 илјади денари. Меѓутоа, внимавајте, толку  за комунална такса плаќаат и гигантските субјекти, холдинг компании, како на пример,  компаниите „Макстил„, „Фершпед„ Комерцијална Банка, Стопанска Банка,  или, некоја уште посилна банка,  или,  некоја друга финансиска корпорација, каде се вгнездени олигарсите од најсилен профил. Доколку рангирањето на трговските субјекти во законските прописи, според прометот, се одвива во размер од 5 до 40 пати, на секого ќе му стане јасно дека разликата во обврската за плаќање на комунална такса помеѓу компаниите гиганти и т.н. човек фирма, во најлош случај би требало да биде во сооднос 1 наспроти 5. Тоа би значело дека ако компаниите - гиганти и понатаму би плаќале 8000 денари за комунална такса, тогаш микро трговците не би плаќале износ поголем од 1.600 денари, или уште помалку, односно, нивната обврска се сведува само на една десетина од максимално утврдената. Во оваа насока, минималниот износ на комунална такса би требало да го утврдат општинските совети кои ја имаат можноста за изведување на комплетна ревизија во врска со комуналните такси. Верувам дека споменатиот приод кон комуналните такси ќе допринесе да се оствари посоодветен и правичен третман на стопанските субјекти. Во краен случај, сосема оправдано и очекувано е комуналната такса за големите компании да биде повеќекратно поголема од сегашната, затоа што, комуналната инфраструктура многу повеќе ја амортизираат големите субјекти, заради огромниот  возен парк, потенцијалот во користење  водни инсталации како и инсталации на отпадни  води, голем број на странки... Практични примери  за непринципиелноста во оваа сфера има на претек, како на пример, фактот што со години не се доставуваат пресметки, државните институции континуирано не ги искажуваат побарувањата, па се до случаевите кога извршноста наместо да претставува флексибилна форма во прилог на праведноста, се изродува во анти -демократско право. Меѓутоа, како и да е, комуналната такса не е единствениот проблем. Може да се каже дека слична е состојбата и со другите фискални давачки кои треба да го полнат државниот буџет, а кои не можат да се заобиколат како на пример, данок на имот, данок на земјиште, данок..., данок..., потоа најновите такси за паркинг место..., што значи дека давачките како да немаат крај! Заради нивна реализација, преку ноќ се донесуваат извршни  решенија и се блокираат жиро сметки, токму на оние, од кои оваа држава очекува ангажман, продукција, промет, односно, профит. А успешно завршениот паричен циклус ќе овозможи подмирување на обврските на бизнис заедницата кон државата, и на тој начин, остварување на фискалното зафаќање за да функционираат институциите на системот. И така во недоглед со некакви квази давачки, каде слојот од табелата на сиромашните е на километарска далечина од бизнисмените, и затоа, едноставно неможе да ги издржи овие давачки.  Во оваа насока, според моите сознанија, најнова давачка е т.н. такса за дворно земјиште. Замислете, над 1100 евра е пресметковната вредност за метар квадратен дворно место /3000000:415м2/ за да се извлекуваат по овој основ повеќе од 50 евра од семејство на годишно ниво. За откуп на дворно место се промовира цена од 1 евро, а пресметковно се утврдува по 1100 евра. Значи, го имаш земјиштето - плаќај такса. Зошто, како, колку..., па, дополнително ќе има ли извршно решение, ќе си дознаеш кога ќе му текне некому од гломазната бирократија! Без добиена одлука, или друга валидна правна основа се задолжуваат граѓаните експресно со максимална брзина. Впрочем, како што експресно се настроени  да те суредат и извршителите! Измените на законските прописи во областа на казнената политика, не дај господе да се фарса, како што сакаат некои да им припишат на властите. Но фактите се тука, глобата се трансформира како хохштаплерското - плати веднаш 2.500 евра за да не платиш понатаму 5.000 евра и дополнителни судски трошоци. Сега тоа да се надмине, сепак има друго руво, се чини она реалното: ќе платиш 2.500 евра и можеш да бидеш мирен. Еее, колку скапо се купува мирот! Легислативата ја натокмивме по урнек на онаа од ЕУ, но, платите се разликуваат повеќе од 10 пати. И нека е така, но, доколку  се  санкционира вистинскиот измамник. Но, за жал не е така!!! Измамниците мошне успешно се кријат и низ најразлични форми успеваат да се извлечат.  За крај едноставен пример. Доколку не се плати благовремено данокот на имот, после 30 дена според законските прописи треба да платите енормно висока казна која верувале или не се движи од 2.000 до 3.000 евра. А по правило јавната администрација затајува и не ти доставува документ. Е тогаш го обравме бостанот-зелен. Нека ни е ,,со среќа,, законската измена  во делот на казнената политика!!!