Зошто полицијата ја прекинала истрагата за атентатот врз Глигоров уште пред 10 години?


28.05.2010 | 22:36:00 | Колумни


Зошто полицијата ја прекинала истрагата за атентатот врз Глигоров уште пред 10 години?

Колумна, „Фокус„, 28.05.2010, Јанко Бачев 

„Факти! Факти! Почитуван господине, фактите  се такви какви ќе ги прифатиме, а потоа, во духот повеќе не се факти, туку живот кој се појавува вака или онака „!

Луиџи Пирандело

Пред десетина дена, непријатно бев изненаден кога патриоти во Управата за безбедност и контраразузнавање ми покажаа еден интерен документ на македонската тајна полиција, во врска со истрагата за атентатот врз првиот македонски претседател, Киро Глигоров.

Заради потсетување на помладата генерација, најпрвин да споменам дека на 3 октомври 1995 година, беше извршен обид за атентат врз тогашниот македонски претседател Глигоров, на улицата Македонија, во близина на хотелот Бристол, во центарот на Скопје, кога тој службено се движеше од неговата резиденција кон работното место во Собранието на Република Македонија. Кога службеното возило на Глигоров минуваше низ оваа маршута, активирани се 20 килограми експлозив со далечинска команда кои се наоѓале во паркиран автомобил. 

Меѓутоа, за жал, кај македонските безбедносни органи до денешно време отуствува посакуваниот институционален капацитет, бидејќи, и по петнаесетина години, и после промената на девет министри за внатрешни работи и уште толку директори на тајната полиција, сеуште не е расветлен овој немил настан. За сега, мистеријата ја продлабочува само смртта на петмина луѓе вклучени во истрагата - првиот истражен судија, тогашниот државен обвинител, еден од телохранителите на Глигоров се самоуби, а двајца Албанци од т.н. Братиславска врска, апсени па ослободени поради недостаток на докази, загинаа, еден во сообраќајка, вториот во гангстерска престрелка! Инаку, на јавноста своевремено и беа сервирани три верзии за можни сторители на обидот за атентат врз Глигорв. Според првата, станува збор за т.н. Братиславска врска, втората говори за српското воено разузнавање и соработката со некои домашни структури на кои и пречела самостојноста на Македонија, и третата, која беше најекспонирана меѓу граѓаните во тоа време, како можен сторител на атентатот ја наведуваа бугарската Мултигруп. Дури, по атентатот, односно на 26 октомври 1995 година, тогашниот министер за внатрешни работи, Фрчковски, обелодени дека се знаело оти еден стручњак за експлозиви, за Мултигруп, за време на атентатот бил во Скопје, и во периферијата на главниот град го формирал експлозивот кој е користен во атентатот, а му помагале и извршители од Македонија. Кога сум кај Фрчковски, да споменам дека навистина бев изненаден од леснотијата на која наседна со забавната приказна за сведокот на атентатот врз Глигорв, и, на тој начин, несвесно придонесе едно така сериозно прашање, како што е атентат врз Претседател, да се сведе на повеќенеделна медимуска забава за граѓаните. Дотолку повеќе, Фрчковски, како поранешен министер во МВР, добро знае дека е крајно несериозно, да не речам и смешно, да се верува дека македонската тајна полиција е можен нарачател и извршител на атентатот врз Глигоров, бидејќи во врвовите на македонската Служба за државна безбедност никогаш немало личности со капацитет  да извршат такво злосторство. Со СДБ, отсекогаш раководеле сервилни личности со поданички менталитет, верзирани да вршат политички атентати на политички партии и на политичките неистомисленици! Меѓутоа, 15 години по атентатот никој не е уапсен ниту обвинет, а сите три теории, па и Мултигруп, отпаднаа, чиј прв човек своевремено беше примен од Глигоров во Охрид, при што го уверувал дека тој нема никаква врска со атентатот врз него. Иронијата да биде поголема, подоцна и првиот човек на Мултигруп беше жртва на атентат. За волја на вистината, одредена забава во врска со наводните атентатори своевремено продуцираше и Љубе Бошковски, како тогашен министер за внатрешни работи, кога поднесе бомбастично најавувана кривична пријава против Фрчковски и петмина негови полициски соработници, за наводната нивна инволвираност во атентатот врз Глигоров! Почетната истрага за атентатот од страна на МВР е водена премногу аматерски и со многу грешки, затоа што, веднаш по атентатот била измиена улицата, истрагата уште на самиот почеток ја свртеа кон ВМРО-ДПМНЕ за да се искористи за политички цели, просторот околу местото на извршување на атентатот не бил затворен и осигуран, а излезите од Скопје и Македонија, воопшто не биле затворени. Дури, несериозноста на македонските полициски органи одеше до таму, што дозволија лица од Братиславската група по ослободувањето од притвор во Македонија, да му подарат на Глигоров блиндиран Мерцедес, кој беше прифатен од претседателскиот кабинет, за подоцна да се открие дека мерцедесот бил украдено возило!  Значи, засега останува само познато, дека нападот бил добро подготвен и организиран, и само среќна околност е што претседателот Глигоров го преживеа атентатот. А, останува и понатаму непроменето однесувањето на МВР во овие петнаесетина години, бидејќи сите досегашни министри за внатрешни работи по повод годишнината од атентатот врз Глигоров, даваат речиси идентични изјави, кои се сведуваат на тоа, дека истрагата не е затворена, во МВР се работи на нејзе, односно, истражната постапка против непознат сторител се уште е отворена. Притоа, редовно поентираат дека сите нови сознанија и информации, кои доаѓаат во МВР се земаат предвид, се обработуваат, дел од нив се селектираат. Со еден збор, постојано работат на случајот!

И, еве не сега на почетната сентенца - „фактите се онакви какви ќе ги прифатиме...„ Имено, петнаесетина години МВР кажува дека пермаментно води полициска истрага за откривање на атентаторот, а, од документот на тајната полиција, споменат на почетокот на текстот, произлегува дека формираниот Штаб во МВР, кој раководи со Оперативната акција (ОА) Автомобил, како форма на оперативна работа на тајната полиција, внимавајте - не постои, т.е. укинат е уште пред десет години!!! 

За неупатените да појаснам, дека оперативна акција се превзема со цел извршување на конкретни задачи во земјата и во странство, кои бараат организирано и синхронизирано ангажирање на поголем број агенти на тајната полиција, со поширока примена на оперативно -технички средства и методи. Како и кај другите форми на оперативна работа на тајната полиција (ОИ,ОО,ОК,ДК), така  и ОА има свој псевдоними, а, во случајот со атентатот оперативната акција е заведена со псевдонимот Автомобил. Значи, веднаш по атентатот врз Глигоров е заведена ОА Автомобил, во која требало да се слеваат сите добиени сознанија и податоци од значење за овој немил настан. Меѓутоа, споменатиот Штаб и ОА Автомобил, веќе десет години не постојат, што значи дека атентатот врз Глигоров одамна не претставува предмет на систематско и организирано работење на УБК. Дури, треба да се испита наводната  грешка што во тоа време ја прави Стојан Андов, кој, откако брзопотезно по атентатот влезе во кабинетот на Глигоров за да седне на неговата столица, тогаш го назначи, внимавајте, раководителот на крим-полицијата, која е надлежна за расветлување кражби, да ја води истрагата, а не УБК како што налага практиката. Но, како и да е, атентаторите сега можат само случајно да се откријат, бидејќи се е оставено на случајноста, односно, останува да чекаме случајно да се открие атентаторот кој пред 15 години сакаше да ја дестабилизира државата! Споменав дека своевремено беа формулирани три верзии за атентаторите, во тој контекст за поширока конспирација во која се вклучени и меѓународни линии и наши линии на подршка. Во оваа прилика, накратко да споделам со јавноста едно дополнение на овие три моменти, кое, според мене, би требало да се земе предвид при некоја идна евентуална истрага за атентатот. Прво, познато е дека атентатот се случи на 3 октомври 1995 година. До тој момент, значи - четири години по самостојноста на Македонија, нашиот државен врв на чело со Глигоров сеуште е под силно влијание на Белград, а македонската тајна полиција дотогаш е под целосна контрола на КОС, како нејзина своевидна филијала. Македонија во такви околности изрази неспорна суверена волја да пристапи кон Партнерството за мир, односно НАТО-Алијансата, и во оваа насока се беше подготвено за потпишување на договорот за партнерство на 15 ноември 1995 година, со што Македонија станува 27-та земја членка на Партнерството. На средбата во Белград со Слободан Милошевиќ, (на 2 октомври, ден пред атентатот), Киро Глигоров отворено му кажува тогашниот српски претседател, Милошевиќ, дека одвојувањето на Македонија од остатокот на Југославија, предводен од него, е завршена приказна. Значи, во тој момент со стратегиското приближување кон САД, Македонија прави радикален пресврт во својата дотогашна надворешно-политичка определба!  Затоа е неопходно потребно, од демократска Србија сега да побараме, да ни го достави документот од изворниот разговор помеѓу Киро Глигоров и Слободан Милошевиќ од 2 октомври 1995 година, за да видиме што е кажано таму, а не да се остане само на вообичаените новинарски извештаји од средбата. Тука уште да споменам дека, истовремено, и  американската ЦИА во то момент веќе целосно го заокружува разузнавачкото завладување на овој простор. Денеска речиси сите тајни служби во регионот се своевидни филијали на разузнавачката служба на нашиот сратешки пријател САД. Впрочем, во немирните времиња на почетокот од деведесеттите години на минатиот век, создавањето на независната македонска држава најмногу и го должиме токму на САД, бидејќи,  некои влијателни земји-членки на ЕЗ/ЕУ, водени од некои свои историски предрасуди од минатото спрема Македонија и Македонците, многу повеќе Македонија тогаш ја гледаа во остатокот на Југославија!  Второ, токму по воспоставеното стратешко пријателство со САД, на претседателот Глигоров му беше сугерирано дека мора да ја заузда со ништо неограничената криминално-олигархиската дружина во Македонија, која за време на ембаргото на меѓународната заедница спрема Србија, на очиглед на сите го кршеше тоа ембарго, и, притоа, во нивни приватни џебови се одлеаја неверојатни пет милијарди тогашни германски марки (според подоцнежни анализи на МВР). Релевеантните меѓународни фактори замижуваа пред очигледниот шверц и кршење на ембаргото спрема Србија, заради непријатната положба во која се најде Македонија со ембаргото на ОН спрема Србија и наметнатата блокада од Грција спрема Македонија, па, така, Македонија ја обезбедуваше снабденоста на пазарот со некои неопходни производи. Дотолку повеќе, во тоа време македонските фирми во најголем дел деловно беа поврзани со фирми од Србија!  Во овој контекст, уверен сум дека многу поинаква Македонија ќе имавме денеска, доколку контролираниот шверц и кршење на ембаргото во тоа време одеше преку некаква своевидна фрима, контролирана од државата, за, на тој начин, соменатите 5 милијарди германски марки, наместо во приватни џебови, да беа под контрола на македонската влада. Не треба посебно да се елаборира што ќе значеа за Македонија 5 милијарди марки, ако се знае дека во тоа време изразувавме бескрајна благодарност на Џорџ Сорос, кој ни даде некои „бедни„ 16 милиони долари за ургентно купување на нафта. Но, било како било, откако се изменија околностите, пред се со укинување на грчкото ембарго спрема Македонија со потпишувањето на Времената спогодба со Грција во септември 1995 година, и сериозното залагање на Глигоров да постапи по дадените забелешки на странците, да се расчисти со организираниот криминал кој владееше во Македонија, во тој момент дојде и обидот атентат врз него!  Трето, и најмалку веројатно, е можноста обидот за атентат да е резултат на македонска патриотска организација од дијаспората, која била мотивирана да му пресуди на Глигоров за неговите дотогашни предавста, како на пример, неговата согласност за срамниот прием на Македонија во ОН, промена на уставот, со што Македонија се откажа од Македонците во соседните земји, и, на крај, неговата согласност за промена на симболот на македонската државност - знамето со шеснаесеткракото сонце. Имено, токму пред атентатот, Глигоров им приреди на Македонците уште едно понижување, согласувајќи се на 22 септември 1995 година, во собраниска процедура да влезе законската измена на знамето. Имено, собраниската седница за изгласување на промена на знамето беше закажана за  5 октомври 1995 година, а обидот за атентат се случи на 3 октовмри! Но, било како било, сметам дека треба да престанат манипулациите со македонските граѓани, дека организирано и синхронизирано се работи на откривање на атентаторот на Глигоров. Крајно некоректно е да се лаже и самиот Глигоров, кој веќе е во поодмината возраст.  Всушност, треба отворено да се каже дека тому заради неработењето, истрагата никогаш не била блиску ниту до мотивате, ниту до извршителите. Конечно, и МВР мора во една внатрешна процедура да го даде одговорот на прашањето - Кој ги укинал Штабот и ОА Автомобил уште пред десет години?