Како ќе гласа Груевски, доколку Република Македонија не е е за севкупна употреба?


07.05.2010 | 22:25:33 | Колумни


Како ќе гласа Груевски, доколку Република Македонија не е е за севкупна употреба?

Колумна, „Фокус„, „Котле„, „Радио Илинден - Мелбурн„, 07.05.2010, Јанко Бачев 

Референдумска еуфорија повторно ја зафаќа Македонија по изјавата на премиерот Груевски дека ќе гласа против, доколку на референдум биде поставено прашањето - Република Северна Македонија за севкупна меѓународна употреба?

Веднаш ќе кажам, дека не е добро било какво референдумско изјаснување за името, бидејќи евентуалниот референдум може да доведе до промена на уставното име на Македонија. Но, најпрвин да се осврнам на досегашната референдумска традиција во демократска Македонија, во светлината на манипулациите што се правени при сенародното изјаснување на граѓаните. 

Имено, првиот референдум во Македонија се одржа на 8 септември 1991 година, на кој граѓаните се изјаснија за прашањето: Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија? Ваквото референдумско прашање со „додавка„ на извесен начин ја направи магловита позицијата на Македонија во однос на нејзината определба за самостојност и сувереност, бидејќи европските авторитети во тоа време протолкуваа дека Македонија со референдумот се определи за суверена Македонија во рамките на асоцијацијата на југословенските држави.  Така, на 7 декември 1991 година, до сите претседатели на југословенските републики е доставено писмо - извештај, изготвен од Арбитражната комисија на Хашката конференција за Југославија, во кое се констатира: “Иако СФРЈ досега го задржа својот меѓународен субјективитет, особено во меѓународните организации, републиките изјавија желба за независност/.../Македонија, со референдумот одржан во септември 1991 се определи за суверена Македонија во рамките на асоцијацијата на југословенските држави.” Значи, додека за Словенија и Хрватска е јасно нотирана нивната волја за независност, за Македонија се констатира дека се определи сувереноста да ја остварува во асоцијација на југословенските држави! Тогашниот претседател, Киро Глигоров, увидувајќи ја проблематичноста на референдумското прашање, а во услови кога стана јасен распадот на поранешна Југославија, повратно на 10 декември испрати писмо до Арбитражаната комисија, во кое вели дека идејата за референдумот е Македонија да биде суверена и независна држава, а не да влегува во асоцијација на југословенските држави. Значи, и самиот свесен за непријатното референдумско прашање, Глигоров почуствувал потреба да дообјаснува дека формулацијата на Арбитражната комисија, со која вели дека референдумот од 8 септември е во корист на асоцијација на југословенски држави, му противречи на референдумското прашање. Затоа, Глигоров во писмото го моли претседателот на Арбитражната комисија, ова дообјаснување за референдумското прашање да го внесе во извештајот.  Во овој контекст, евидентна е коректноста на претседателот на Комисијата, Роберт Бадинтер, бидејќи подоцна во мислењето број 6 на Комисијата од 11 јануари 1992 година, кое се однесува на Македонија, во делот каде  се оценуваат и цитираат клучните документи врз основа на кои се препорачува признавање на Македонија, не се спомнува референдумот од 8 септември, што значи дека и во Комисијата биле свесни за непријатната формулација на нашето референдумско прашање. Значи, премолчено го прифаќаат споменатото писмо-молба на Глигоров од 10 декември 1991 година, со кое ја моли Комисијата да има предвид дека идејата на Македонија со референдумското прашање е всушност да биде самостојна и суверена држава! Инаку, ова се случува по долготрајното тактизирање на носителите на највисоките функции во Македонија, претседателот Глигоров, и собранискиот претседател, Стојан Андов, односно, нивното уверување дека ќе ја зачуват Југославија и дека можат да ги манипулираат Европејците како во случајот со контроверзното референдумско прашање. Меѓутоа, откако ЕЗ јавно го обзнани распадот на СФРЈ во декември 1991, со повикот до југословенските републики да се изјаснат дали сакат да бидат признати за независни држави, дури тогаш Глигоров и Андов ја отворија последната карта - заиграа на независна Македонија и притоа пишуваа писма до европските авторитети, дека Македонија сака да биде признаена како независна држава.  Впрочем, пред одржувањето на референдумот, на средбата со претседателите на општинските собранија на 20 август 1991 година, Андов изјави дека со референдумот за осамостојување ние не одиме на отцепување, што беше во согласност со неговата партиска платформа - Суверена Македонија во Суверена Југославија. Меѓутоа, наспроти волјата на македонските челници, моќните светски центри имаа зацртано распаѓање на Југославија, и така бидна и самостојната и суверена македонска држава! На домашен терен, Глигоров ја манипулираше јавноста, дека со двосмисленото референдумско прашање се избегнала опасноста од неуспех на референдумот, бидејќи мнозинство од македонскиот народ можело да се определи за зачувување на федеративната држава, иако петходно на првите парламентарни избори од 11 ноември 1990 година, македонскиот народ најголема доверба и даде токму на политичката опција што се залагаше за суверена македонска држава, сопствена војска, сопствена парична единица..!  Инаку, летото 1991 година, во потесен круг во државната вила во Охрид, Глигоров извадил од џебот едно ливче со напишаното референдумско прашање, и притоа образложил дека, ако така не се постави прашањето, граѓаните на РМ можат да се произнесат и негативно. Официјално образложение за авторот и причините за така сроченото референдумското прашање нема до денешно време, па, оттаму прашањето: Ќе изнајде ли Глигоров сили, кој своевремено дојде во Македонија како делегиран човек од Белград да се обиде да ја спречи нејзината независнот, сега на крајот да ја открие тајната - кој му го даде ливчето со напишаното референдумско прашање, со кое, Македонија сепак праша за Југославија - ако може? Но, било како било, останува дилемата, зошто референдумот не се одржа на 2 август, бидејќи многумина го нарекоа трет Илинден и кој само го финализираше она што како основ го поставија двата македонски Илиндена - Илинденското востание од 2 август 1903 и АСНОМ од 2 август 1944 година. Тоа е веќе историја. Битно е што Македонија го има и својот трет Илинден, а уверен сум дека таа ќе го има и четвртиот Илинден, кој се навестува и тој доаѓа.  Вториот референдум се одржа на 7 ноември 2004 година, на кој граѓаните требаше да се определат „за„ или „против„ новата територијална организација на локалната самоуправа. Поточно, граѓаните одлучуваа, дали на сила ќе остане старата, или, пак, новата територијална организација, која овозможува Струга и Кичево да добијат градоначалник Албанец и притоа Скопје да стане двојазично? Како што се очекуваше, невладините и политичките партии на албанското малцинство во Македонија, најавениот референдум го прогласија за антиалбански. Истовремено, тогашната владеачка СДСМ се крена и повика, внимавајте, на бојкот, а не на гласање против референдумот, со мотото - Некои прашања не заслужуваат одговор, иако референдумот е уставно загарантирано демократско право на граѓаните да го изразат своето мислење по одредени прашања од нивен интерес, и како такво, тоа не смее да им биде ускратено! Меѓутоа, тогашната владеачка СДСМ со секојдневна агресивна и заканувачка кампања ги повикаше граѓаните да не излегуваат на референдум, бидејќи успешниот референдум ќе довел до политичка криза, ги нарушувал меѓуетничките односи и го поништувал т.н рамковен договор, иако никаде во рамковниот не пишува дека Струга или Кичево мора да бидат со мнозинско албанско население!? Инаку, длабоката референдумска поделба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ најверојатно била пресудна за понижувачките извештаји за Македонија што ги добиваше централата на ЕУ во Брисел. Така, за време на референдумската кампања, агентурната мрежа на ЕУ во Македонија во своите шпионски извештаји му пишуваше на Хавиер Солана, дека не треба воопшто да бере гајле, бидејќи референдумот со сигурност нема да успее, оти според нивните оперативни сознанија, во Македонија живееле само околу 200.000 осознаени Македонци, а остатокот е некаква аморфна маса. Ете до каде не одведе таа длабока поделеност на двете најголеми македонски партии, кои досега не покажаа способност да се обединат ниту за прашања од највитален национален интерес!  И така, сега доаѓам до почетното размислување околу штетноста на евентуалниот трет референдум во контекст на заложбата на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, дека нема да дозволи какво било решение за спорот кој го наметна Грција, без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум. Меѓутоа, евентуалниот референдум за името може да доведе до опасни последици за македонските национални и државни интереси од неколку причини.  Прво, принципиелно е да се истакне, дека нема нешто што и дава право на оваа генерација Македонци, и тоа само на делот што живее во Република Македонија, да одлучува на референдум за името и за идентитетот на сите Македонци во светот, и тоа во името и на претходните и на идните генерации. Второ, сведоци сме дека огромното мнозинство од македонскиот народ во моментов е против референдум, а владеачката ВМРО-ДПМНЕ има обврска да го слуша гласот на македонскиот народ. Трето, во една претпоставена ситуација на референдумско изјаснување, можно е референдумот за промена на името, дури и да успее! СДСМ, заедно со останатите национални малцинства кои изнесуваат 35 отсто од населението, може да направи референдумот и реално да успее. Во таков случај, ништо нема да ни значи податокот, дека Груевски гласал против, а името сепак се променило! Четврто, спомнав за изјавата на премиерот Груевски, дека ќе гласа против на референдумот ако Македонија добие конечен предлог да се преименува во Република Северна Македонија (РСМ) за севкупна употреба. Во овој контекст, една колумнистка дури восхитувачки порача дека играта е завршена, иако изјавата на Груевски ја сметам само за еден тактички потег, кој сеуште е далеку од постигнување на стратешката цел - одбрана на името. Всушност, изјавата на Груевски предизвикува вознемиреност, бидејќи зборот „за севкупна„ во изјавата остава простор за загриженост. Имено, што ќе се случи, доколку Грција сега ретерира и каже дека прифаќа предлогот РСМ да не биде за севкупна употреба, туку само за потребите на ОН и неговите специјализирани меѓународни организации, каде ќе ја замени референцата ПЈРМ, што повторно доведува до промена на името?! Затоа, Груевски сега треба да го даде одговорот и во овој дел, односно, да каже дека за Македонија е неприфатлив предлогот да се преименува во РСМ, без оглед дали станува збор за севкупна или не-севкупна употреба, и на тој начин јасно да ја тргне синтагмата - за севкупна употреба, од својата изјава, за да знаеме како ќе гласа премиерот на евентуалниот референдум и во случај, предлогот Република Северна Македонија да не е за севкупна употреба! Споменатата колумнистка оди и понатаму, па вели дека светските центри можат да му стегнат и авионска несреќа. Но, се разбира, не треба да одиме во крајност кога имаме сосема поинаква можност за дејствување, доколку Груевски во една претпоставена ситуација наиде на неиздржлив притисок за името. Имено, доволно е само да дотрча до Македонската телевизија и да му соопшти на македонскиот народ дека поднесува оставка, а наредниот премиер во идентична ситуација да го повтори овој чин. Значи, решението е во најмалку две-три последователни премиерски оставки, доколку бидат принудени на промена на името.  Во таков случај, јас сум убеден дека во Брисел ќе пристигнуваат извештаи дека во Македонија има 1,5 милион осознаени и сплотени Македонци, решени до крај да ги бранат националните и државните интереси, и затоа е невозможно да се изнајде диригиран политичар во Македонија кој може да носи одлуки на штета на својот народ, со што ќе ја зацементираме толку посакуваната позиција на респектабилна држава пред европските авторитети. Се разбира, освен предуслов за ова е, споменатите македонски премиери претходно да ја избегнале востановената замка на Европејците за контрола на нашите политички елити во демократска Македонија, откако претходно ќе им дозволат пресметано коруптивно однесување за нивно финасиско нафатирање! Значи, севкупно, не треба да се распишува референдум, без оглед дали предлогот за преименување во Република Северна Македонија е за севкупна употреба или не, бидејќи, и во едниот и во другиот случај, се менува името и идентитетот на македонскиот народ!