Тајните служби го освоија целиот простор на бившата СФРЈ, преку „Генекс„ и актери од типот на Срѓан Керим!


23.04.2010 | 22:21:16 | Колумни


Тајните служби го освоија целиот простор на бившата СФРЈ, преку „Генекс„ и актери од типот на Срѓан Керим!

Колумна, „Фокус„, 23.04.2010, Јанко Бачев

Срѓан Керим - претседавач со Генералното собрание на Обединетите нации. Зоран Ставревски - претседавач со годишното собрание на Светска банка и Меѓународниот монетаен фонд. Нано Ружин - НАТО амбасадор на годината во Брисел.

Слушајќи ги своевремено ваквите бомбастични медиумски најави, некој залутан Марсовец во Македонија со сигурнот би се запрашал, што чудо од држава беше Македонија, кога успева да ги дрма релевантните светски политички, воени и финансиски центри?! Меѓутоа, за разлика од Марсовците, ние, овдешните, со сигурност знаеме дека работите не стојат така, бидејќи Македонија и понатаму мака мачи како да ја надмине незавидната состојба во која се наоѓа на суровата меѓународната политичка сцена? Затоа, споменатите номинални наименувања од влијателните светски центри, во реалноста се обична куртоазија и стратегиска психоефектност врз граѓаните во насока на нивно романтичарско замајување, дека, ете, нивната држава е респектабилен фацтор! 

Со оглед на просторот, во оваа прилика ќе се осврнам на Керим, кој повторно срамежливо ни се најавува во контекст на некои идни функционерски комбинаторики, кои, пак, доколку заживеат во реалноста, ќе доведат до тешки домашни последици за македонските национални и државни интереси. Најсумарно да потсетам дека, своевремено, Народно движење за Македонија (НДМ) на прес - конференцијата од 14 мај 2007 година, јавно ги посочи причините поради кои Владата направила непромислен потег со кандидатурата на Керим за претседавач со 62-то Генерално собрание на ОН. Притоа, од презентираните факти и докази произлезе дека Срѓан Керим нема морален интегритет и кредибилитет. Во неговата кандидатура лажно е претставен како дипломат од кариера, неговиот политички беграунд е крајно контраверзен, тој до сега не покажал елементарна лојалност кон Македонија и дека е разузнавачки обработен! Во оваа насока, мило мие што вистините за Керим излегоа на површина побргу од вообичаеното, па сите искази на НДМ за кои постоеше воздржаност се потврдија како точни, во контекст на неодамнешните ударни медиумски текстови за Керим во весниците во Србија и Хрватска и воопшто на поранешните југословенски простори, а, кое нешто, за жал, остана незабележано единствено во Македонија. Не навлегувајќи во криминалните и кодошките мотиви на оваа структура, на која, спред споменатите пишувања и припаѓа и Керим, сакам да го потенцирам фактот, дека тој со својата вака изградена позиција силно влијае врз општествените процеси во Македонија, И, пред се, врз нејзиниот демократски развој. Неспорен факт е дека таквото влијание го остварува, пред се, преку контрола врз одредени пишани медиуми во државата, со што не само што трпи демократијата, туку е нарушен и имиџот на Македонија на меѓународната сцена. Особено кога се разоткрива дека една таква личност, под основано сомнение дека е инволвирана во криминални активности во регионот, Македонија ја предложи, а тоа беше и прифатено, за претседавач на 62-то Генерално собрание на ОН. За малку, пак, ќе беше избран и за претседател на државата! Сега, од дистанца, се покажа како исправно од страна на премиерот Груевски кој ги прифати тогашните сугестии на НДМ при донесувањето на одлуката за можните кандидати за претседателските избори од владеачката партија. Имено, далеку пред последните претседателските избори во Македонија, кога сеуште во заднина се правеа прелиминарните партиски листи за можни претседателски кандидати, НДМ, како тогашен коалициски партнер (НДМ ја напушти коалицијата во јануари 2009 година) во Здружената коалиција „За подобра Македонија„ на посебна средба со владеачката партија, по нивно барање, ги образложи погоре изнесените наводи за Керим. Во овој контекст, во прв момент ни делуваше збунувачки кога загадочно ни беше предочено дека изнесеното за Керим може дополнително да предизвика одредени последици, бидејќИ, по средбата, и ние со чудење се прашувавме, за какви последици може да стане збор, кога екслкузивно им беа предочени факти и докази за Керим, а некои од нив поради чуствителноста и понатаму остануваат непознати за јавноста!?  Но, се разбира, работите станаа јасни откако дојде време за номинирање на претседателските кандидати, и споменатите последици на радост на македонскот народ се сведоа на елиминирањето на можноста Керим да биде претседателски кандидат на владеачката партија, имајќи ги предвид неговите карактерни особини кои што им ги презентиравме. Се надевам дека сега му помогнав и на Керим, и на новинарот што со него го водеше интервјуто за Фокус од 22 јануари 2010 година, бидејќи  во таа прилика остана неодговорено повеќе пати поставуваното прашање - кои се карактерните особини на Керим што му сметале на Груевски, да не го прифати за претседателски кандидат?  Инаку, за да не се стекне погрешен впечаток, да потенцирам дека НДМ ги обелоденува своите сознанија за Керим, бидејќи ги сметаме за спорни неговите карактерни особини, кои, пак, можат да продуцираат тешки домашни последици доколку не се обидовме да го спречиме неговиот избор за претседател на Македонија. Јас имам потполно разбирање за Керим, дека можеби згрешил во помладите години, кога сакал да се дружи со припадници на тајната полиција, но, не го оправдувам повратниот одговор од него, бидејќи, во недостиг на валидни противаргументи за кажаното од НДМ, Керим во удбашки манир, несвојствен за демократска Македонија, издаде наредба за недозволиво затворање на страниците на Дневник за активностите на НДМ! Имено, се до споменатата прес-конференција на НДМ во мај 2006 година, од страна на Дневник мошне коректно беа пренесувани нашите партиски соопштенија и прес-конференции, а, во неколку наврати пишував и колумни во овој весник. Што е поинтересно, на неделните редовни прес - конференции на НДМ, односно, на последните седум прес конференции во последните два месеци, редовно доаѓа новинар на Дневник за да земе писмен материјал од кажаното на пресовите, а, дополнително, во изданието на весникот нема ниту збор за пресот. Но, покрај личниот амонизитет на Керим кон НДМ, кој патем ни е најмалку битен, сега серизоно загрижува поразителното сознание дека врз неговите цензурирачки мотиви силно влијае неговата определба, Дневник во периодот што следи да опстојува исклучиво на антимакедонски позиции по негов налог! Во овој контекст, не случајно во Дневник повеќе не постои ударната рубрика со назив Македонија, бидејќи за Керим ова име предизвикува одбојност. И, сега, како граѓаните да веруваат на неодамнешните силни најави на Керим, дека со усвојувањето на т.н. Кодекс за однесување и т.н Етички начела за известување, за весниците и изданијата на Медиумската групација ВАЦ во Македонија се обезбедува примена на стандардите на професионалното новинарство?! Бидејќи со споменатата цензура на Керим спрема НДМ, најдиректно, уште на самиот почеток се прекршени овие етички правила, сериозно се прашуваме, дали сега треба да го известиме Бодо Цал - именуван омбудсман, кој се грижи за примена на споменатитот Кодекс и Етички правила за изданијата на ВАЦ? Патем, да спомнам дека истиот во моментов е претседавач и на Советот на омбудсмани за Општиот германски Кодекс за однесување! Во оваа прилика не е на одмет да споменам и некои дополнителни детали за Керим во прилог на неговите спорни карактерни особини. Имено, како постојан претставник на Македонија во ОН, тој ќе ја преспие војната во 2001 година со албанските терористи, непреземајќи ништо во тие судбоносни моменти за државата, како, на пример, да ги анимира Македонците на континетот каде што амбасадоруваше, нешто што, како што се виде од аспект на т.н. албанско лоби во странство, имаше свое значење во војната. Притоа, единствено ќе ужива во луксузниот апартман од 14 илјади долари месечна кирија на сметка на македонските даночни обврзници! Но, ова и не е најбитно, туку вознемирувачкото сознание дека во еден момент ненадејно дезертира, односно, ќе се полакоми за поголема плата и други привилегии, па ќе премине кај своите германски ментори од Пактот за стабилност за Југоистична Европа , а подоцна во компанијата ВАЦ, чија задача во Македонија е да остварува специфични политички цели, притоа оставајќи ја Македонија на цедило во најзначајниот политички и дипломатски центар - ОН. Правилата налагаат, штом веќе решил да се повлекува, да даде најава најмалку три месеци порано, за да може државата соодветно да реагира за назначување нов дипломатски претставник. Дотолку повеќе што во случајов се работи за ОН, каде Македонија бие тешка битка за името! Воден од интересите на своите странски ментори, Керим на најподмолен можен начин ја погазува исклучителната доверба што Македонија и тогашниот премиер Георгиевски му ја укажаа во 2001 година како амбасадор во ОН, и, со тоа, уште еднаш длабоко го повреди углед и достоинството на Македонија. Значи, и со овој антимакедонски чин на велепредавство, овој човек покажува колку е опасен по интересите на Македонија. Башка фактот што истото дезертерство можеби ќе го направеше и доколку дозволевме да стане Претседател на Македонија! Патем, Македонија не виде никаква корист од Пактот за стабилност, бидејќи истиот не ги даде очекуваните резултати, затоа што проектите што првично беа понудени со неповратни средства, дополнително се нудеа во кредитни линии, со што на големо фалениот Пакт на Керим само ја задолжуваше Македонија. Од неповратната помош на Пактот на Керим, останаа само ветувањата, бидејќи не доделија ниту еден долар помош. Но, Керим мораше да го велича Пактот, бидејќи неговите ментори беа на челните позиции на овој инструмент на меѓународната заедница. Севкупно, ова покажува дека Керим е одлична илустрација, како личните интереси и амбиции на поединци придонесуваат за корист на поединецот, без оглед на нивната спротиставеност со националниот интерес! Или, пак, скандалот што го приреди Керим со светскиот лидер на Евреите, нобеловецот Ели Визал, на кого претходно лицемерно, како министер во МНР во 2000 година, му даде македонски дипломатски пасош, за подоцна, по неколкуте јавни уверувања дека му обезбедил специјален авион за Париз, за Визал да отпатува на доделувањето на Хавеловата награда, го пратил со полициска придружба, небаре ноторен криминалец!? Потоа, нобеловецот веќе не сакаше ниту да слушне за Македонија, иако претходно прифати да биде главен лобист во прилог на Македонија, преку американско-македонскиот комитет, во кој од американска страна требаше да бидат мошне влијателни авторитети на светската сцена! Сепак, најинтересно е неговото лажно претставување како врвен дипломат, кој повеќе од триесет години работи во дипломатијата. Со оглед на просторот, во кратки црти да спомнам дека дури во 1994 година Киро Глигоров за првпат му дава дипломатска шанса, назначувајќи го за амбасадор во Германија. На страна фактот што ниту една нормална држава не би дозволила такво назначување, бидејќи Керим во 1991 година, при распадот на поранешна Југославија, повторно и го сврте грбот на Македонија и не се одзва на повикот на тогашниот премиер Кљусев, во тие тешки и опасни времиња да се стави во служба на македонскиот дипломатскиот систем. Наместо во Македонија, тој преку „Генекс„ замина за Париз, од каде се залагаше Македонија по секоја цена да остане во рамките на Југославија. За оние, пак, кои не знаат што е „Генекс„, само да потсетам дека се до распадот на поранешната СФРЈ, тоа беше фирмата преку која поранешните сојузни тајни служби го финансираа своето дејствување! Инаку, актуелниот регионален криминално-политички проект за целосно медиумски и политички да се завладее на поранешните југословенски простори со актери од типот на Керим, ја влече генезата, односно, води до фирмата „Генекс„ и затоа не треба воопшто да зачудува - зошто ова структура така успешно ја раширила својата мрежа на делување на целиот поранешен југословенски простор. Инаку, околу наводниот врвен дипломатски статус на Керим во поранешна СФРЈ, уште да спомнам дека некаде во втората половина на 80-тите години на минатиот век, повторно од Македонија е пратен во Белград, но не по основ на знаење и способност, туку по национален клуч, бидејќи во тогашниот Сојузен секретаријат за надворешни работи со кој министерува Будимир Лончар, земаат по осум лица од секоја република, и притоа Керим го назначуваат за портпарол, а не за амбасадор во ССРН. Бидејќи Керим често пати потенцира дека во дипломатијата учел од Лончар, само да спомнам дека Лончар е човек на УДБА, кој своевремено работел во југословенската амбасада во САД и како телепринтерист и шифант. Патем, слично како Керим со докторатот, и тој ќе има „образовна афера„ кога ќе се открие дека е без високо образование! Ќе бидам задоволен доколку во оваа прилика успеав да ги отстранам сомневањата на политичките субјекти од власта и опозицијата, кои, своевремено, изнесеното од НДМ за Керим го протолкуваа како проект зад кој наводно стои владеачката партија. Дури, Керим, до денешен ден, во разговор со пријатели коментирал дека зад ова стои лично Груевски. Напротив. Еве, и на него, најискрено сакам да му порачувам да не греши душа, и воопшто да не се сомнева во Груевски, бидејќи, изнесеното од НДМ за неговите карактерни особини е автентична ориентација на НДМ, која всушност е нашата политичка платфрома - НДМ секогаш да биде на првата линија во одбрана на националните и државните интереси!