Зошто Глигоров не ги прифати американските сугестии да не се форсира приемот на Македонија во ООН?


09.04.2010 | 22:17:11 | Колумни


Зошто Глигоров не ги прифати американските сугестии да не се форсира приемот на Македонија во ООН?

Колумна, „Фокус„, 09.04.2010, Јанко Бачев

На 8 април кога ќе излезе најновото издание на „Фокус„ се навршуваат точно 17 години од срамниот прием на Македонија во Обединетите Нации. Приемот на Македонија во ОН под референцата ПЈРМ, до денешно време сеуште продуцира тешки последици во контекст на напорите да го сочуваме уставното име.

Меѓутоа, наведената годишнина е добра прилика да се осврнам на овој настан, но, со негово прикажување од еден друг агол, преку поставеноста на грчките и македонските безбедносни служби во процесот, како и околу прашањето - дали беше нужно и оправдано по секоја цена да се согласиме на приемот во ОН под рефереренцата ПЈРМ, во контекст на издржаноста на причините кои им беа сервирани на македонските граѓани од тогашниот државен врв, дека мора да станеме членка на ОН по секоја цена? Заради подобро отсликување на состојбите со нашиот прием во ОН, сметам за корисно да дадам некои воведни напомени.

Имено, Република Македонија стана самостојна и суверена држава во септември 1991 на еден дел од својата етничка територија. Самиот процес на осамостојувањето беше апсурден и веројатно уникатен на меѓународната политичка сцена, бидејќи РМ стана независна и суверена држава наспроти нејзината волја, односно наспроти желбата на македонскиот државен врв, кој до последен момент се залагаше за зачувување на поранешна Југославија, и тоа од оправдани причини: тогашниот претседател Глигоров како долгогодишен сојузен функционер, и своевремено соработник на КОС, за што веќе е пишувано со обелоднеување дури и на неговиот псевдоним, дојде од Белград како делегиран човек, за да се обиде да го спречи македонското осамостојување. Тогашниот собраниски претседател, Стојан Андов, беше и поотворен, бидејќи јавно обзнани дека не му е потребна независна Македонија, притоа промовирајќи ја својата партиска платформа, дека е можна суверена Македонија, но, само во рамките на  суверена Југославија. Дури на денот на македонското осамостојување (8-ми септември 1991), Стојан Андов во попладневните часови најпрвин брзопотезно избега од Скопје, за  подоцна, наредниот ден, рано сабајле да ја напушти и државата! Третиот дел, пак, од највисоката власт - тогашната експертска влада, во тоа време беше еден интересен спој на министри, од кои еден патриотски дел за независна Македонија, еден дел под влијание на Бугарската национална разузнавачка служба и еден дел  под влијание на КОС. Овој чуден состав на тогашната експертска влада е уште една од причините (покрај тоа што актуелни вмровски функционери биле кодоши на тајната полиција, или, пак, што дури седум партии во владеачката коалиција се креација на тајната полиција), зошто владеачката ВМРО-ДПМНЕ не ја сака искрено македонската лустрација, иако во јавноста сакаат да наметнат поинаков впечаток! Како и да е, за жал на тогашниот македонски државен врв, меѓународните процеси не им одеа во прилог, бидејќи, наспроти нивните залагања, моќните светски актери имаа зацртано дека СФРЈ мора да се распадне по секоја цена, и така бидна и самостојната и суверена македонска држава. Со оглед на просторот, тука само да го спомнам и придонесот на еден патриотски дел во македонската полиција, кој деновиве достоинствено замина во пензија, како и патриоти од останатите структури на опшеството, кои не беа под контрола на ниедна странска служба, во рамките на своите можности придонесоа во тоа време во реконституирањето на македонската држава, наспроти наведените во основа антимакедонски активности на тогашниот македонски државен врв. Значи, во едни такви околности, Република Македонја го започна својот пат за добивање меѓународно признавање и прием во Обединетите Нации, што ќе се одвива етапно, и тоа најпрвин неуспешно преку процедурите на ЕЗ како „европско прашање„ а потоа прашањето се префрли во ОН! Генерално, за разлика од нас, Грција уште на самиот почеток претпочиташе мошне добра тактика на т.н. високо отварање, наметнувајќи почетна позиција, многу поекстремна отколку што се има расположение да се прифати, одејќи на варијанта - колку предметот на преговорите е поекстремен, толку поголеми се изгледите дека тоа навистина што се сака ќе се смета за компромис. На ваквиот грчки приод се прави кардинална грешка со промовирање, од наша страна, на тактика на екстремна кооперативност, чиј есенцијален елемент е фактот дека води помалку грижа за резултатот, отколку за самиот процесс! Во овој контекст, на тогашниот македонски министер за надворешни работи, во ноември 1992 година во разговорите во Вашингтон, од американска страна му е сугерирано да не го форсираме приемот во ОН, поради сериозните резерви од страна на некои земји-членки на Советот за безбедност на ОН. Истовремено, кон крајот на 1992 година, со резолуцијата СБ 795/1992 се воспостваува присуство на силите на УНПРОФОР во Македонија, во чиј состав има и американски војници, а во одобрената мисија на ОБСЕ во Македонија клучните активности се поврзани со американскиот амбасадор, Роберт Фровик, кој легендирано, под параванот на цивилната мисија на ОБСЕ во Македонија, раководи со разузнавачките активности за потребите на САД во регионот. Ова севкупно покажува дека постоењето на независна македонска држава фигурира во американските стратешки интереси во регионот, а ОН, со испраќањето на превентивните сили, изврши дефакто признавање на Македонија. Познато е дека, согласно меѓународната практика, постои и дефакто признавање на одредена земја, што значи дека Македонијај во тој момент е веќе призната држава, затоа што склучува аранжмани, стапува во директни преговори, заклучува економски зделки, ги има на своја територија Мисијата на ОБСЕ и силите на УНПРОФОР, како гарант за стабилноста и територијалниот инегритет со американски благослов. Непосредно пред нашиот прием во ОН, во јануари 1993 година, и тогашниот генерален секретар на ОН, Бутрос Гали, на средба со македонскиот државен јасно сугерира да не инсистираме во тој момент нашето барање да се стави на дневен ред за прием во ОН, образложувајќи дека приемот во тој момент за нас би бил контрапродуктивен. Во овој контекст, уште да споменам дека, иако сеуште не бевме членки на ОН, на самитот на ЕЗ во декември 1992 година, во Единбург, со американско влијание се донесе одлука на Македонија да и се обезбеди пристап кон меѓународните финансиски институции, што, пак, може да се протолкува како наше економско признавање. Во ваков сплет на околности, како и добиеното признавање под уставното име до тој момент од девет земји, вклучувајќи ги Русија, Турција и Кина, е во прилог на дилемата, дека во тој момент не било потребно Македонија да инсистира на приемот во ОН со референцата ПЈРМ, туку стрпливо во иднина да чека подобра прилика! Инаку, во тоа време, Македонија и Грција имаа различен приод и во поставеноста на безбедносните служби, како клучни актери, врз чии извештаји во секоја нормална држава се градат надворешно-политичките проценки за дејствување на нивните државни водства. Не случајно, американскиот претседател првото утринско кафе го пие со директорот на ЦИА, или, како што вели рускиот премиер Путин, дека со силите на еден човек може да се постигне нешто што не можат да го постигнат цели армии - еден разузнувач ги решава судбините на илјадници луѓе. Владеачката политичка елита во Грција во тоа време одобрува силен разузнувачки продор во Македонија, и дури одбрува посебна линија на работа во врска со т.н. спор за името, каде се слеваат сите информации околу името. Во Македонија, пак, тогашниот претседател Глигоров, наместо да преферира посебна линија на работа во македонските безбедносни служби околу името како стратешки интерес, ќе одобри посебна линија на работа - „Македонски екстермизам и врховизам„ заради гонење на внатрешните политички неистомисленици!? Споменатиот силен грчки разузнавачки продор во Македонија ќе доведе до воспоставување на нивни релации со високи македонски политичари од тогашната власт и опозиција. Не случајно, во декември 1992 година, тогашниот грчки премиер Мицотакис жестоко ќе го критикува извештајот на Робин О Нил во неговата посредничка мисија во Скопје, дека британскиот дипломат единствено разговара со најтесниот македонски државен врв, а не разговара и со останатите политички чинители, пред се, со опозицијата. Се разбира, Мицотакис ова не го прави од неговата преголема жал за недостаток на демократски капацитет во Македонија, туку од проценките на своите служби за можните добивки што може да ги очекува Грција, доколку посредникот О Нил разговара и со македонската опозиција. Меѓутоа, работите стануваат појасни ако се знае дека висок претставник на грчките тајни служби веќе држи тајни состаноци во стан во Скопје, во сопственост на лице кое подоцна, со промените во 1998 година, ќе стане министер во македонската влада. Некои од  учесниците на тие тајни разузнавачки сеанси и денеска се вмровски функционери, а синот на споменатиот сопственик на станот каде се одвивале задкулисните разузнавачки игри, замислете, беше главниот преговарач за името и претседателов советник за време на војната во 2001 година, од која Македонија излезе посрамена, понижена и со нарушено достоинство!? Значи, апсолутно роматично... А, граѓаните и понатаму се прашуваат што и се случувало на Македонија!? Можеби одговорот делумно ќе го дознаат, кога, на пример, ќе се прикаже во јавноста, како во ист момент, несвојствено за дипломатската практика, успешно се инсталираа тако и син за македонски  амбасадори во најзначајните дипломатски центри во светот!!! Покрај силниот грчки продор во Македонија, грчките тајни служби ќе организираат и масовен антимакедонски митнг во Солун, на кој, според проценките, учествувале повеќе од еден милион луѓе, постигнувајќи ја на тој начин грчката пропагандистичка цел. Имено, непосредно по митингот, повеќе европски фактори изјавија дека најпосле сваќаат дека проблемот со името е мошне чуствителен за Грција. Паралено, на грчкиот остров Скијатос, грчката политичка елита, со присуство на раковдителот на нивната тајна полиција, одржува клучна средба со влијателниот германски министер за надворешни работи Геншер, по што овој, на општо изненадување, изјавува дека Германија ќе ги почитува сите витални интереси на Грција, со што ја менува дотогашната германска позиција!

Меѓутоа, спротивно на грчкото однесување, претседателот Глигоров го одбива тогашниот предлог на македонската служба за државна безбедност, да организира масовен митнг во Скопје, преку кој светот ќе ја видеше и македонската загриженост, и, притоа, дополнително, во разговорите со европските политички елити, македонскиот претседател ќе ја јакнеше својата позиција. Ја сметам за добра ориентацијата, доколку се организираше масовен митинг во Скопје на кој македонските граѓани ќе ја изразеа својата загриженост. Но, наместо ова, за Глигоров побитно беше СДБ да ги има под контрола политичките неистомисленици во државата!

На крајот, накратко и за издржаноста на причините поради кој претседателот Глигоров инсистираше на приемот на Македонија во ОН по секоја цена.  Имено, пред приемот на Македонија во ОН, односно, на 30 март 1993 година, Киро Глигоров и се обрати на нацијата преку државната телевизија за да ги каже причините зошто мора по секоја цена да влеземе во ОН. Глигоров тогаш истакна дека со историското зачленување во ОН, Македонија станува рамноправна членка на меѓународната заедница, ќе се отворат светските пазари, ќе дојдат странските инвестиции, ќе станеме стабилни и безбедни. Но, настаните што следеа покажаа дека Македонија не стана постабилна, побогата, побезбедна, туку, напротив, Македонија и понатаму остана закована за европското дно, ја имаше криминалната приватизација, војната во 2001 година.. Значи, номиналното признавање и приемот во ОН без содржајна државноправна основа, тешко дека ја гарантира безбедноста, за која сепак е потребно да се направат многу други работи освен номиналниот прием во светската организација! Во овој контекст, ако во салите и фоаејата на ОН зборувате дека сте рамноправна членка со останатите држави и дека гласот на Македонија има еднаква тежина, како оној, на пример, на САД, Русија, Кина, Велика Британија... како што возбудено беседеше Глигоров на државната телевизја, тогаш луѓето почнуваат да се смеат, а на малите држави како Македонија им се дава сатисфакција од формален карактер, како на пример, пишување на извештај за штетите од некој земјотрес. А, колку овој ден е историски за Македонија, доволно говори податокот дека историските настани се проследуваат со големи народни веселби, додека, пак, по повод годишнините од приемот на Македонија во ОН, до денешен ден нема никакво радосно чествување, па така, повеќе од јасно е дека на понижувањето од 8 април 1993 година никој не сака да се навраќа! Значи, во реалноста не се оствари ниту една од причините од кои се раководел Глигоров при приемот на Македонија во ОН под рефернцата ПЈРМ, заради што, јасно е дека воопшто не било потребно да се инсистира во тој момент на понижувачкиот прием во ОН. Се чини дека свое влијание за таквиот прием имала и возраста на Глигоров, кој, воден и од своите лични интереси, по секоја цена настојувал да ја искористи неповторливата шанса за негова лична промоција, односно, да се обрати во ОН како прв македонски претседател, без оглед на поразителните последици за државата, со што Македонија остана заробена во Стратегијата на претседателот Глигоров. Останатото е историја. Советот за безбедност на ОН, на 7 април 1993 година, му препорача на Генералното собрание да ја прими во членство на ОН, државата која ќе биде ословувана со „бившата југословенска република Македонија„, по што, утредента на 8 април 1993 година, Генералното собрание на ОН донесе одлука за прием на Македонија вон правилата на меѓународниот поредок, бидејќи првпат во својата историја светската организација ќе признае една држава без име и без официјално знаме! Притоа, приемот на Република Македонија, како 181-ва членка на ОН, е нотиран под буквата „Т„, со референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија„, а не под буквата „М„ како што налага меѓународната практика. Иако Глигоров тврдеше дека смешнниот прием во ОН ќе трае само два месеци, еве, борбата за одбрана на уставното име продолжува и по 17 години!