Зошто Груевски и Црвенковски го омаловажија дедо Стефан?


02.04.2010 | 22:14:27 | Колумни


Зошто Груевски и Црвенковски го омаловажија дедо Стефан?

Колумна, „Фокус„, 02.04.2010, Јанко Бачев

Христос воскресе - Вистина воскресе, вака Архиепископот г.г. Стефан, точно на полноќ меѓу сабота и недела, ќе ја објави веста за Христовото воскрение со кршење на црвените јајца како симбол на кршење на вратите од пеколот. Но, пеколот за МПЦ, во кој сакаат да ја втурнат одредени сили, и понатаму продолжува со несмалена жестина.

Дури, забележива е и тенденцијата МПЦ се повеќе да биде дискриминирана во сопствената држава и притоа да добива второстепена улога во однос на Исламската верска заедница, заради што ќе се осврнам на некои состојби поврзани со овие две верски заедници преку едно нивно споредбено согледување.

Така, МПЦ веќе подолго е изложена на невидена медиумска хајка, која ја руши нејзината позиција меѓу православните верници. Тука, најмалку се битни одредени личности од црковниот врв и нивната наводна инволвираност во некои конструирани криминални афери, бидејќи, како и сите останати граѓани, се работи за минливи личности, туку најповеќе треба да се има предвид фактот што МПЦ е институцијата која е главен столб на македонското опстојување. За жал, релеватните политички елити сеуште не сакаат или не можат да разберат дека сите овие случувања во кои е втурната МПЦ, како вековен чувар на идентитетот на македонскиот народ и држава, истовремено значат и уривање на главниот столб на македонското опстојување. Значи, се работи за проблем директно поврзан со националниот идентитет на македонскиот народ и македонската држава, односно, за прашање од стратешки интерес, не само за Црквата и за народот, туку и за државата. Затоа, сите ние имаме силна обврска да се залагаме безрезервно и во секоја прилика да ја подржуваме и да и помагаме на МПЦ во одбраната од било какви напади, бидејќи нападот врз црквата сите ние го чуствуваме како напад и на државноста на Македонија. Но, спротивно на ова, деновиве бевме сведоци како лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Бранко Црвенковски направија недозволив превид, со кој јавно го омаловажија токму архиепископот Стефан, со тоа што, преку заткулисните тајни брифинзи со одредени новинари, иронично разгласија дека поглаварот Стефан оди на поклонение кај партиски лидери, иако овие однапред договорени средби, на кои се разговарало за суштински прашања од интерес за Црквата, требало да останат надвор од очите на јавноста. Значи, изостана потребната воздржаност од споменатите лидери по ова чуствително прашање како што е МПЦ, а која и понатаму се настојува да се прикаже дека ја оптоварува македонската реалност. Непримерно е во контекст на овие средби од стратешки интерес за Црквата, да се собираат политички поени преку јавно омаловажување на поглаварот Стефан, иако сведоци сме како нивни банални партиски средби се држат во најголема тајност. Според нашите сознанија, поглаварот Стефан само оценил дека средбите со споменатите лидери треба да бидат од затворен карактер, бидејќи сакал да им предочи некои иницијативи кои треба да не сплотат како народ, и притоа да им ја пренесе пораката дека треба да истраеме на искушенијата од денешното време, затоа што македонскиот народ и светата македонска црква го знаат својот пат и треба да продолжат по него за да опстојат, и - толку. Дури, не случајно, поглаварот Стефан проценил дека тоа треба да го иницира непосредно пред денот на Воскресението Христово, како вистинска можност да си подадеме рака, бидејќи влогот е премногу голем. Но, како што споменав, релевантните лидери во државата го направија спротивното, иако, во краен случај, овие ситни недозволиви удари можеби и не се најбитни во моментот. Многу позагрижувачки стануваат бомбастичните медиумски приказни за наводните скандали и непријатности за Црквата, како, на пример, дека поповите не плаќале данок, МПЦ не сакала да го изгради опожарениот манастир Бигорски, инволвираност во матни зделки... Сето ова, проследено и со суштинскиот српско-грчки заговор на тамошните безбедносни структури врз МПЦ. Поинаку кажано, МПЦ во моментот е сардисана од сите страни, но, секако дека најнепријатен е впечатокот кога ударите доаѓаат од домашен терен. За разлика, пак, од медиумските непријатности што и се приредуваат на МПЦ, го имаме сосема поинаквиот привилегиран статус на ИВЗ. Тоа и не би требало да биде некакво посебно изненадување, бидејќи различниот третман на двете најголеми верски заедници, всушност, ја отсликува востановената состојба во световниот живот, каде т.н. рамковна спогодба, која и понатаму останува длабоко трауматична за македонската национална свест, им овозможува на припадниците на албанското малцинство се повеќе да имаат надредена улога над мнозинскиот македонски народ. Имено, додека МПЦ е целосно медиумски расчеречена во јавноста, од друга страна имаме целосен медиумски молк со скандалозното непостапување на надлежните државни органи во врска со најголемата и најскапата џамија, која е бесправно изградена на територијата на град Скопје, и која самата по себе е уникатна, бидејќи е единствената џамија на овие простори со две минариња. Инаку, оваа џамија е изградена во атарот на Општина Сарај, на мошне атрактивна локација до самиот автопат Скопје-Тетово. Според потврдените сознанија на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање при МВР, своевремено за нејзината изградба се донирани големи парични средства од т.н. фонд за изградба на џамии во овој регион, кој се наоѓа во една блискоисточна исламска држава. Сепак, најинтересно во врска со оваа импозантна џамија е податокот, дека станува збор за класична дивоградба, што е потврдено и со правосилно и извршно решение од урбанистичкиот инспекторат под број УП. Бр. 19-108/3.  Врз основа на ова решение е донесен и Заклучок под број 19-108/4, со кој се дозволува извршување решението. Во наведениот заклучок, јасно стои дека и се налага на ИВЗ, веднаш по приемот на заклучокот сама да го урне овој верски објект-џамија, бидејќи истиот е изграден спротивно на просторниот и урбанистичкиот план. Доколку ИВЗ не постапи по заклучокот, извршувањето ќе се спроведе по присилен пат, што значи дека на сцена ќе стапи државата преку своите надлежни органи. Но, до денешно време, овој извршен документ не се спроведува, односно, години наназад стои закочен во нечија фиока. Со оглед на непишаното правило од владеачката партија, за секоја нејаснотија да го бараме одговорот во нивната „Преродба во 100 чекори„, ја користам оваа прилика да побарам од нив одговор на прашањето: зошто се отстапува од запишаното на страна 44, во која јасно е кажано дека уредениот животен простор по европски стандарди е изворна потреба и цел на секој граѓанин? Градењето џамии, пак, без да се води сметка за урбанистичките директиви, како и неспроведувањето на правосилни и извршни одлуки на надлежните органи, во никој случај не е во согласност со запишаното од Преродбата во 100 чекори - уреден животен простор по европски стандарди, како и принципот на функционирање на правната држава! Значи, на владеачката партија сега и стојат на располагање две можности: првата, надлежните државни органи да ја урнат дивоградбата, и втората, да го поништат решението и на тој начин државата да ја признае својата немоќ. Се разбира, прашањето околу клучниот фактор во одредувањето која од двете понудени можности е прифатлива за Преродбата во 100 чекори, го оставам на политичка проценка на експертите од владеачката партија. Истовремено, жална и премногу тажна е сликата во Македонија кога гледаме и слушаме како поранешниот градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Мирослав Грчев, пред Уставниот суд ја оспори одлуката за подигање на спомениците на плоштадот и изградба на црква. Притоа, Грчев, како и таканаречените сдсмовски борци по нарачка од некакви архибригади и плоштади за слобода, се противат за легалната градба на црковни објекти, преку кои за навек треба да опстои и нивната православна вера и нивниот македонски корен, а, на изненадување на целата македонска јавност, истовремено изразуваат целосен молк и никаква грижа на совест што, на само неколку километри од централното градско подрачје, опстојува велелепна дивоградба-џамија!? Разочарувањето е уште поголемо, ако се знае дека се работи за архитекти по занимање, кои совршено добро знаат што значат дивоградбите од аспект на животниот простор. И, сега, ако ги повикате споменатите борци за човекови права, заедно да се упатиме кон споменатата џамија-дивоградба, и пред неа јавно да го искажеме своето мислење дека треба да се урне оваа дивоградба, сигурен сум дека категорички ќе ви пренесат оти сакате да провоцирате меѓуетничка нетрпеливост, и дека не е добро било што да чепкате кај нашите обесправени и мили сограѓани од албанското малцинство, без разлика дали крадат, убиваат, разнебитуваат држава или градат бесправно верски објекти. Всушност, со таквите флоскули промовирани од Албанците, а многу повеќе подржувани од Македонци, денеска е на сцена разнебитувањето на МПЦ  и државата. Значи, се во стилот на она што своевремено го изјавуваше тогашната ударна поерјанцна на ВМРО-ДПМНЕ, Доста Димовска, кога велеше дека не и е премногу гајле што се случува отаде Групчин, за што, патем, ќе се осврнам во друга пригода. Сметам за потребно да упатам апел и до невладините здруженија и политичките субјекти на алабанската заедница во државата, во контекст на нивните постојани кажувања за нивната наводна загрозеност, заради што, и понатаму постојано измислуваат некои нови барања, со крајна цел, да дојдат до посакуваното редефинирање на државното устројство на Македонија по примерот на една Швајцарија или Белгија. Значи, доколку се искрени во своите настојувања, ги повикувам овојпат тие самите, како припадници на исламската религија, да се заложат за почитување на принципите на владеење на правото и правната држава, кои се неприкосновени токму во Швајцарија и Белгија, со тоа што беспоговорно ќе го подржат спроведувањето на споменатото правосилно и извршно решение за џамијата-дивоградба. Дотолку повеќе, совршено им е јасно дека токму во Швајцарија или Белгија, кои сакаат да ги достигнат, воопшто не толерираат дивоградби-џамии на своите територии. Во спротивно, ако Албанците во Македонија не го прифатат укажувањето во споменатиот апел, тогаш, за жал, кај Македонците и кај нашите американски пријатели и понатаму ќе остане дилемата, дека постојаните и веќе здодевни барања на нашите сограѓани-Албанци, сепак не одговараат на нивното цивилизациско ниво. Инаку, Архепископот Стефан ќе ја објави на полноќ во сабота веста за Христовото воскресение. Велигден е празник на победата на смртта, ден кога Исус Христос воскреснал и ја докажал својата божествена моќ. Но, работите се случуваат овде на земјата, и, затоа, многу голема е одговорноста на владеачката партија, на која и стојат на располагање сите механизми на власта, да ја спречи оваа дискриминација на МПЦ во сопствената држава, и, уште повеќе, обидите за определување на Македонија како исламска држава на штета на нејзината православна природа. Во оваа насока, не треба да се заборави дека во моментот нема ниту едно раселено исламско семејство во Македонија, додека богатата велигденска трпеза и за овој Велигден ќе ја немаат раселените македонски семејства, кои и по осум години од војната во 2001 година, сеуште се раселени во својата матична татковина. Можеби затоа Македонија е уникатен пример на меѓунардната политичка сцена, каде мнозинскиот македонски народ е изложен на дискриманција од страна на едно малцинство, во случајов албанското. Затоа, Народно движење за Македонија ги повикува политичарите и високите државни функционери, кога ќе си заминат од утринската неделна велигденска литургија на која се неизбежен декор, добро да размислат и веќе од наредниот ден да започнат со активностите за елиминирање на поразителната политика на која е изложен македонскиот народ и светата Македонска црква, замислете, во сопствената држава!