Со пари од мрсниот тендер во одбраната, Имер Селмани глумеше Барак Обама на претседателските избори!


26.03.2010 | 22:12:48 | Колумни


Со пари од мрсниот тендер во одбраната, Имер Селмани глумеше Барак Обама на претседателските избори!

Колумна, „Фокус„, 26.03.2010, Јанко Бачев

„Осмиот патник„ се сеќаваат повозрасните, е класичен научно-фантастичен филм кој првпат се појави на филмското платно во далечната 1979 година, а неговите креатори неодамна обелоденија дека, покрај досегашните три продолженија на филмот, планираат да продуцираат уште едно четврто продолжение во 2011 година. Така стојат работите во филмот чие најново продолжение ќе го гледаме во 2011 година, во кој вонземни суштества имаат една цел - да убиваат и да се репродуцираат.

Но, за жал, на домашниот политички терен не само што веќе пристигна осмиот патник во вселенскиот брод наречен „Република Македонија„, туку, во меѓувреме, се одметна од контрола на неговите креатори и притоа на најдиректен начин започна со „убивањето„ (читај: разнебитувањето) на македонската држава, за што се осврнувам подолу во текстот. Во случајов, во улога на „Осмиот патник„ во Македонија се појави политички проект наречен Нова демократија со нејзиниот претседател Имер Селмани во продукција на владеачката партија. Значи, во Македонија, филмот во кој се промовираат политички субјекти со логистика на државните структури заради остварување на нивни политички интереси, веќе доживеа уште едно најново продолжение. Пред да се осврнам на темелот на кој го засновам ваквото мое тврдење, најпрвин околу некои воведни напомени заради подобро запознавање на читателите.

Имено, во вселенскиот брод наречен „Македонија„ веќе постојат седум патници во ликот на седум политички партии од Здружената коалиција „За подобра Македонија„ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кои се креација на македонската тајна полиција. Овие седум партии-монструми со години го „прогонуваат„ македонскиот народ како во случајот на опасниот монструм (осмиот патник) од погоре споменатиот филм кој го прогонува екипажот на бродот. Инаку, споменатите седум  партии од владеачката коалиција се една од повеќето причини, зошто ВМРО-ДПМНЕ не сака вистинска лустрација во Македонија, и зошто во моментот од лустрацијата многу повеќе се уплашени во ВМРО-ДПМНЕ отколку во СДСМ. Дури, во моментот, владеачката коалиција го има привременото спокојство, бидејќи од фарсичната лустрацијата засега излезе едно големо ништо и голем трик за манипулација со граѓаните. Така е, затоа што Стојан Андов, како изготвувач на лустрацискиот закон, се послужи со мала итрина, бидејќи во законот напиша дека и претседатели на  политички партии покрај останатите категории лица - факултетски професори, академици, писатели, новинари, олигарси... да можат да бидат лустрирани само ако тоа самите го посакаат, што е илузорно да се очекува. Тука уште да споменам дека граѓаните треба најпосле да го добијат одговорот на јавната дилема и околу самиот Стојан Андов, од аспект на неговата засегнатост со лустрацијата!

Во продолжение да се навратам на приказната за Нова демократија на Имер Селмани, односно, неговото фантастично политичко промовирање на последните претседателски избори со неопходната државна логистика. Познато е дека се започна со одметнувањето на Селмани од негова матична партија ДПА, по што, во оперативната фаза на претседателската кампања, зад сцената стапуваат креаторите од владеачката партија. За да заживее проектот во реалноста, и притоа да се постигне посакуваната конструирана претстава кај народните маси, претходно се заокружува неговата финансиска конструкција. Познато е дека за ова (и за било кој друг политички проект) се потребни големи парични средства за негова агресивна медиумска презентација, како и за финасирањето на наменската улога на разноразните центри и институти за испитување на јавното мислење, кои со однапред смислените анкетни резултати  од кретаторите во заднина, ја даваат неопходната логистичка подршка. Впрочем, во вакви случаи секој ја знае простата вистина дека се вртат големи парични средства изразени во милиони евра.

Во случајот на осмиот патник Селмани, владеачката партија нема некоја особена  тешкотија да ги обезбеди милионските средства како темел на проектот, бидејќи ги има на располагање сите потребни државни механизми. Во овој контекст, најсоодветна им се чини тендерската шема, штом во јавноста веќе го промовираат претседателскиот кандидат Селмани како успешен бизнисмен. Од договорот што му го овозможуваат креаторите на проектот, може да се види дека Имер Селмани, односно, неговата приватна фирма, добива капитален тендер за набавка на моторно уље за потребите на возниот парк на Министерството за одбрана. Ако се знае дека АРМ и Министерството за одбрана располагаат со голем број на борбени и моторни возила, не треба некое посебно објаснување што значи овој тендер за Селмани од финансиски аспект. Тука лебди прашањето, како кретаторите ја измерија успешноста и способноста на Селмани- бизнисменот, кога е општо познато дека за правење пари преку државни тендери најмалку ви треба спсобност и знаење. Но, ова, и не е најбитно во случајов!

Значи, откако целосно е заокружена финасиската конструкција и детално конципирана предизборната стратегија и тактика, тргна и изборниот карван на претседателскиот кандидат Имер Селмани. За време на предизборната кампања, односно, до 22 март 2009 година, кога се одржаа претседателските избори, Имер Селмани, бомбастично и триумфално беше најавуван како некаков нов македонски Обама. Мора да се признае дека кретаторите успешно ја насочуваа кампањата и притоа  му обезбедија на Селмани околу 60.000 македонски гласови, се со цел приказната за македонскиот Обама да биде што поуверлива. Инаку, Народно движење за Македонија поседува изјави од членови на неколку општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ од источниот дел на Макеоднија, кои за време на претседателските избори биле дел од тимот за  обезбедување одреден контигент на гласови за Селмани од етнички Македонци. Се разбира, при обезбедувањето на гласовите од етнички Македонци, ВМРО-ДПМНЕ се раководеше од сопствените интереси во претседателската трка, а најмалку од желбата дека на Македонија може да и се случи Обама, но, за ова во друга пригода.

Истовремено, придружниот елемент во претседателската кампања - споменатите центри и институти за анкетирање на јавното мислење на теренот, перфектно си ја одработуваа доверената задача за беспрекорна манипулација на македонскиот народ. Дури, во еден момент, овие здодевни анкетни манипулатори гласно извикаа дека огромен процент од Македонците се убедени дека Македонија е зрела демократија за да и се случи Обама, и дека за првпат се урнати етничките бариери и Македонците би гласале за Селмани, затоа што со Албанец претседател можеме да направиме многу повеќе работи за земјата. Притоа, ја исфлија и легендарната анкета пропратена со скапа медиумска презентација, според која, во сите варијанти Ѓорге Иванов би победил во вториот изборен круг, но, неговата победа би била најубедлива во дуел со Љубомир Фрчковски, а (замислете!) најнеизвесна и најнеубедлива со Имер Селмани, со што на најдолен можен начин го понижија достоинството на македонскиот народ! На сето ова, Селмани во бројните медиумски настапи задоволно истакнуваше дека партиската идеологија, а не парите, била причина зошто станувале побројни. Се разбира дека изреченото од Селмани е далеку од вистината, бидејќи токму парите му овозможуваа да има ударна медиумска застапеност и поголем приоритет од останатите претседателски кандидати. Но, парите за Селмани беа најмалиот проблем, откако претходно дебело го нафатираа со пари од македонските даночни обврзници со споменатиот државен тендер. Така, на пример, за него воопшто не претставуваше проблем за петнаесетина дена изборна кампања да искешира 300.000 евра само на една телевизија со национална концесија. А, колку од парите на даночните обврзници има дадено како донации за изградба на џамиите во Сарај, останува да претпоставуваме!

Значи, произлегува дека парите, а не партиската идеологија му овозможуваа на Селмани фантастична медиумска презентација и замајување на јавноста преку контролираните центри и институти за испитување на јавното мислење, дека кандидатите за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, и на Нова демократија, Имер Селмани, остануваат со највисоки шанси во трката за шеф на државата.

Меѓутоа, кулминацијата со безобзирното поигрување со патриотските чувства на македонскиот народ го достигна својот врв, кога  „Дневник„ на Срѓан Керим, во најударниот момент, на денот на изборниот молк, излезе со вест дека жителите на Неготино загрижено го посетувале локалниот поп, за да го прашат дали е грев ако гласат за Селмани. Тој, пак, им одговорил дека секоја власт е од Бога дадена и нема врска дали ќе гласате за христијанин или за муслиман. Божја волја е кој ќе победи, победата е од Бога дадена, наводно им рекол свештеникот, со што Срѓан Керим, преку својот весник, повторно на мошне недоличен начин ја навреди интелегенцијата на македонскиот народ. Но, Керим и демократскиот капацитет на неговиот „Дневник„ кој деновиве нашироко се фали со некакви нивни кодекси на слободно и непристрасно новинарство, ќе го оставиме за некоја од наредните колумни, а како повод ќе ни послужи непримерното однесување на овој весник во врска со редовните неделни прес-конференции на Народно движење за Македонија, само заради тоа што НДМ своевремено пласираше некои несоодветни однесувања на Керим, без притоа да имаат предвид некои олеснителни околности, дека човекот можеби згрешил кога бил помлад и недоволно искусен, а во такви случаи можни се некакви грешки! Значи, претседателските избори завршија како што завршија, а владеачката партија ги постигна пресметаните политички добивки. Дури, премиерот го вклучи Селмани и во составот на т.н лидерски средби. На страна фактот што, според уставните и законски пропишаните процедури, единствено место за официјален политички дијалог е македонското Собрание, а не партиските седенки по некакви клубови и кафулиња. Но, загриженоста на македонскиот народ за калкулантските игри во врска со т.н. лидерски средби, произлегува од фактот што, наместо да се бранат уставниот предок и унитарноста на Македонија, се прави токму спротивното, односно, не се почитува демографската реалност во Македонија, па, на тие, во основа антимакедонски средби и преговори седнуваат две македонски партии и дури три партии на албанското малцинство во државата. Колку и да веруваме, дека овој сериозен гаф на штета на македонските национални интереси е уште еден недозволив пропуст на премиеровите советници, на крајот, одговорноста сепак паѓа на премиерот! Но, во денешно време, кулминацијата на загрозувањето на безбедносните интереси на државата произлегува од сознанието, што овој, во основа антимакедонски проект со претседателскиот кандидат Имер Селмани, и реално заживеа. Имено, сега, сведоци сме на неговото одметнување од контролата на неговите кретатори, откако со парите на македонските даночни обврзници добиени од тендерот со Министерството за одбрана му создадоа респектабилен статус на политичката сцена. Скапата претседателска кампања влијаеше многумина трпеливо да се прашуваат за неговата личност, бидејќи во тоа време навистина граѓаните не знаеа што носи „осмиот патник„ Имер Селмани на политичката сцена во Македонија.  Така, додека за време на претседателската кампања Селмани зборуваше дека ќе ја обедини Македонија и дека приоритет му е решавањето на проблемите на обичниот човек, без разлика на неговата етничка припадност, економијата, социоекономскиот развој и просперитетот на граѓаните, а не етничките прашања, набргу по изборите го покажа вистинското лице.

Сега, спротивно на претходните кажувања, неуморно се залага за разнебитување на македонската држава и дефинитивен пораз на идејата за унитарноста на Македонија. На пример, заговара промена на химната, воведување на консензуалната демократија, примена на албанскиот јазик на целата територија, примена на принципот на Бадентер во донесувањето на одлуките на Уставниот суд, во гласањето во Собранието при изборот на Владата и при усвојувањето на буџетот... Дури, од Нова демократија сега отворено му се закануваат и на премиерот Груевски, дека ќе заврши како Милошевиќ или Чаушеску, и дека повторно ќе излезат на терен, да војуваат, ако не се прифатат нивните барања за рушење на македонската држава, што значи дека македонскиот премиер сега го снајде онаа народната - „со свој камен по своја глава„. Селмани и неговата дружина сега сакаат да и зададат конечен и завршен удар на Македонија и Македонците! 

Отука и прашањето: Кој ќе ја сноси вината за овој опасен проект со „осмиот патник„? Се разбира дека македонскиот народ не би се спротиставил на трошење на буџетските пари, кога се работи за проекти во прилог на македонските национални и државни интереси, но, во случајот, произлегува дека сме финасирале кампања на човек кој е најголем промотор за разнебитување на државата. Затоа, потребно е Македонија да покаже зрелост и неопходен институционален капацитет, за екипажот на нашиот вселенски брод наречен „Македонија„ да се менува согласно уставно утврдените процедури, карактеристични за едно плурално и демократско општество, за да може да ја изврши задачата дадена од неговиот народ. Во овој контекст, да се постави неопоходната брана и во улогата на „осмиот патник„ во меѓувреме да не се сменат повеќе актери, односно, да не го имаме и деветиот, десетиот... патник, што само може да им оди во прилог на таквите како нашиот денешен јунак, а најмногу на штета на Македонија и Македонците!