Наместо крави пред СДСМ, власта треба да направи ревизија на приватизацијата


19.03.2010 | 21:59:43 | Колумни


Наместо крави пред СДСМ, власта треба да направи ревизија на приватизацијата

Колумна, „Фокус„, 19.03.2010, Јанко Бачев

„Деновиве пред години„ е насловот на една емисија која своевремено се емитуваше на државната телевизија, а во која имаше навраќање на интересни настани и процеси што се случиле во минатото. Но, оваа подзаборавена емисија повторно се актуелизира деновие со нејзиното секојдневно емитување, ама, овојпат во живо, од најтесното централно подрачје на Скопје, во актерство на една групација која себеси се нарекува жртвите на транзицијата.

Така, споменатите актери секојдневно не навраќаат на настаните пред години, односно, повторно ја актуелизираат македонската приватизација, која, патем, годинава прославува еден редок и невообичаен транзициски јубилеј: Две децении сопственичка трансформација. Во неа влезе во трансформација капитал вреден по книговодствените проценки тогашни 4,65 милијарди марки или 1.688 претпријатија, од кои државата инкасираше едвај 20 отсто од вредноста, од кои, најголем дел од т.н. заробени девизи!

Во секојдневните епизоди од центарот на Скопје, актерите не потсетуваат дека приватизацијата беше неморална и неправична, со што потполно се согласувам, бидејќи се дозволи на една групација од десетина одбрани личности да извршат економска диверзија врз сопствениот народ и да ги приграбат најзначајните општествени фирми кои 50 години наназад ги создаваа сите работни луѓе во социјализмот. Ова, всушност, беше еден пеколен план на сојузната УДБА, која во 1989 година и самата свесна дека СФРЈ се распаѓа, во рамките на Оперативната акција „Опера„ ќе им овозможи на најистакнатите нејзини кодоши од просторот на поранешна Југславија, преку ноќ да се трансформираат од комунисти во капиталисти, и, на тој начин, преку нив да се остваруваат зацртаните политички и медиумски интереси на поранешните југословенски простори, кое нешто, за жал, во Македонија остана до денешно време!

Лустрацијата беше добра можност, да им се изрече барем морална осуда на овие десеттина (некои во меѓувреме починаа) најголеми транзициски бандити во Македонија, кои, своевремено, до еден биле соработници на тајната полиција. Но, сето ова останува неостварена желба, затоа што во лустрацискиот закон е напишано, овие лица да можат да бидат лустрирани само ако тоа самите го посакаат, што, пак, е илузорно да се очекува. До тука, како што спомнав, во целост се согласувам со актерите од друштвото „Жртвите на транзицијата„.

Меѓутоа, зачудувачки, токму кај овие лица кои се прикажуваат како жртви на транзицијата, сеуште отсуствува неопходниот чекор со кој ќе побараат од актуелната власт да изврши ревизија на приватизацијата, која од нив направила жртви, откако веќе убаво ни објаснија што се случувало во приватизациониот процес. Дотолку повеќе, ревизијата на приватизацијата е заостаната обврска на ВМРО-ДПМНЕ уште од 1998-та, бидејќи нивниот клучен адут на кој ги добија тогашните парламентарни избори беше токму ветувањето за ревизија на приватизацијата.

Во овој контекст, потребата од ревизија на приватизацијата најдобро е да ја илустрирам со некој конкретен пример. Во колебањето, која од најзначајните топ десет фирми во Македонија да ја земам за пример, по случаен пат (жрепка) се одлучив за приватизационата приказна на „Скопска пиварница„ и тоа од еден сосема поинаков аспект, за да можат граѓаните да видат како изгледа приватизациониот процес одвнатре и одблиску, бидејќи на оваа тема секојдневно  слушаат само воопштени фрази, дека приватизацијата е криминална, неморална, неправична... и - толку. Инаку, приватизациониот модел што ќе го објаснам на примерот на „Скопска Пивара„ во целост важи и за останатите фирми, со кој, покрај работниците, беше ограбена и целата државна и јавна администрација која не доби право на акции, иако општествениот капитал што се приватизираше е резултат на трудот на сите работни луѓе во социјализмот.

Имено, „Скопска пиварница„ како и останатите тогашни општествени фирми, приватизацијата ја започна во веќе етаблираниот политичко-правен амбиент кој овозможуваше целокупниот општествен имот бесплатно да помине во рацете на неколку луѓе. На самиот почеток од приватизацијата, светски познатиот гигант „Кока Кола„ пројави заинтересираност за откуп на „Скопска пиварница„ и притоа достави некоја прелиминарна понуда во висина од стотина милиони тогашни германски марки. Не е на одмет да спомнам дека за овие детали по нешто знае и тогашниот собраниски претседател, Стојан Андов. Не ми  е познато дали неговата партија - Сојуз на реформски сили, во тоа време како помал владин коалиционен партнер, ја имала потребната политичка моќ да влијае да се прифати оваа фантастична понуда на „Кока Кола„, но, познато е дека тогашните моќни директори, вклучувајќи го и Свето Јаневски, како прв човек на „Скопска пиварница„, речиси до еден беа во партијата на Андов, а споменатиот Јаневски не е спорно дека имал интерес пиварницата да не се продава на странците, за да може подоцна бесплатно да си ја присвои!

Нејсе. Пропишаната нормативна рамка во која се реализираше приватизациониот процес не ја предвидуваше можноста за вистинска платена  приватизација и полнење на државниот буџет, туку богатење на поединци преку “откуп”, односно, земање на фирмите бесплатно од нивните директори. Колкава тежина за македонската држава имаат понудените стотина милиони германски марки за откуп само на „Скопска пиварница„, може да се види на примерот кога нашата Влада во тоа време беше пресреќна од добиените петнаесетина милиони долари од милијардерот Џорџ Сорос за купување на нафта и некои други неопходни производи, за да ги преживееме тогашните силни блокади и притисоци од страна на Грција.

Значи, во согласност со македонскиот приватизациски модел, најпрвин им се дозволува на менаџерите на „Скопска Пивара„ да ја откупат компанијата за само четири милиони марки, наспроти понудата на „Кока Кола„ од сто милиони марки. Во оваа насока, уште позастрашувачки е тоа што, и тие четири милиони марки за откуп, менаџерите на „Скопска пиварница„ не ги обезбедуваат од сопствени извори, туку од приходот што се остварува со работа на фирмата, или, поинаку кажано - бесплатно.

Истовремено, во тоа време кога се врши проценка на вредноста на „Скопска пиварница„, која, нели, си ја проценија на багателни четири милиони марки, во нејзините магацини држи залихи на хмељ - суровина за пиво, во вредност од околу десет милиони марки, а кое нешто менаџерите го прикрија во пресметковната вредност, се со цел, компанијата да се обезвредни и откупи по багателна цена. Значи, невиден апсурд, залихите на суровина во тој момент имаа поголема вредност од пресметаната вредност за откуп на компанијата!?  МВР, поточно Управата за организиран криминал при Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, во тоа време ги имаше сите овие информации околу криминалните аспекти на приватизацијата на „Скопска пиварница„. Според еден документ, објавен во еден дневен весник на 27 јануари 2003 година, се гледа дека во ДБК дури била заведена посебна оперативна акција - “Трансформација” во чии рамки се прибирале сознанија за криминалните аспекти во македонската приватизација. Но, и покрај документираните податоци и сознанија  за бројните незаконитости во приватизацијата, сепак ќе изостанат посакуваните активности на органите на прогонот во оваа насока. Значи, Свето Јаневски со својата дружина го заокружи бесплатното присвојување на „Скопска пиварница„ и така среќно и весело работеа до 1998 година, кога за еден момент им се наруши спокојството, затоа што дојде до промена на власта, а победничкото ВМРО-ДПМНЕ  во тогашната предизборна кампања категорички најави дека ќе извршат комплетна ревизија на приватизацијата!  Уплашени од ваквите најави, Свето Јаневски и неговиот менаџерски тим непосредно пред изборите во 1998 година, кога веќе на сите им беше јасно дека ќе дојде до промена на власта, брзопотезно, но, сега од позиција на газди на „Скопска пиварница„, го продаваат управувачкиот пакет на акции од 51отсто за сума од 34 милиони долари на Балканбрењ холдинг лтд – фирма од синџирот на веќе споменатата „Кока Кола„. Меѓутоа, подоцна, по промената на власта, се покажа како неоправдан стравот на Свето Јаневски од новата власт, бидејќи до ревизија не дојде.

Значи, наместо стотина милиони германски марки, колку што на почетокот на приватизациониот процес понуди компанијата „Кока Кола„ за купувањето на „Скопска пиварница„ да завршат во македонскиот буџет, се дозволи најпрвин Свето Јаневски и неговата дружина бесплатно да ја присвојат компанијата, а, потоа, од позиција на газди, да ја продадат повторно на „Кока Кола„ ама, за износ од триесет и четири милиони долари, кои завршуваат во нивни приватни џебови, промовирајќи се преку ноќ во милионери, а сето тоа на трудот на македонски народ, кој практично не доби ништо, иако со децении со невиден ентузијазам ги градеше фабриките во социјализмот.

Интересно е што Јаневски не застанаа тука, туку во т.н. постприватизационен период го рашири бизнисот и со винарски визби, лозови платажи, хотелско-угостителски објекти, трговски друштва, а во еден момент беше советник на тогашниот премиер Бучковски. Се разбира, тука нема ништо спорно. Дури, секоја држава би посакала да има што повеќе успешни личности за владини советници, кои успешно би ги решавале проблемите на граѓаните. Но, за жал, се виде дека личното богатство на Јаневски не е резултат на некое негово знаење, туку истото произлегува од еден умислен и проектиран транзициски систем, бидејќи како премиеров советник не видовме од него да понуди некое издржано решение за рестартирање, на пример, на  некои од пропаднатите фирми.

Славопојките за владиниот советник Свето Јаневски, кои ги слушавме од тогашниот премиер Владо Бучковски, немаат никаква смисла, бидејќи да правите богатство со логистичка подршка од власта, и долги години да имате монополска заштита да продавате пиво и кока –кола, е исто како да продавате вода во пустина. Се разбира, доколку Јаневски пријатно ги изненадеше македонските граѓани, со тоа што, како владин советник  ги решеше проблемите, на пример, на „Газела„, „Годел„, „Алумина„, „Фас 11 Октомври„ и слични фирми, јас ќе бев првиот кој ќе упатеше јавна пофалба и извинување за човекот!

Значи, ова расветлување на приватизацијата на „Скопска пиварница„ е мој скромен одзив на повикот на жртвите на транзицијата, дека секој добронамерен човек е добредојден да ги посети во центарот на градот, за да ги види експонатите од транзицијата, а приложениот експонат од моја страна-Скопска пиварница, јасно покажува дека ни  е потребна ревизија на приватизацијата. Затоа, сега под најитно жртвите на транзицијата треба да ја побараат неопходна политичка волја од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, да изврши ревизија на приватизацијата.  Во спротивно, зошто овие лица прават секојдневни ефтини пресови?

Впрочем, ревизија на приватизацијата е добра прилика државата да ги запази стратешките интереси. Во краен случај, ништо не ни вреди ако лицата од друштвото „Жртвите на транзицијата„ секојдневно само викаат дека вината е кај Бранко Црвенковски.  Во ред, дури и Црвенковски за некои работи околу приватизацијата деновиве во своите изјави ја признава својата вина. Но, кога станува збор за одговорноста, треба да се има реален пристап околу тоа колку може вината да биде само на еден човек, ако се знае дека погрешниот модел на приватизација што беше пропишан со македонскиот Закон за приватизација од јуни 1993 година, го гласаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. А, познато е дека било кој закон донесен во Собранието на Република Македонија е обврзувачки, не само за премиерот, туку и за сите граѓани во државата. Дотолку повеќе, во тоа време тогашниот претседател Киро Глигоров кој дојде како делегиран човек од Белград, беше во зенитот на моќта и го имаше клучниот збор за определување на приватизацискиот модел, притоа успевајќи уставно востановениот парламентарен систем да го претвори во систем на лично владеење.

Но, дури и да не се земаат предвид овие олеснителни околности за Бранко Црвенковски, сега обврската за расчистување на неправедната приватизација паѓа на актуелната владеачка структура, на чело со премиерот Груевски. Затоа, актуелниот македонски премиер, меѓудругото, доби мандат најпосле да ја оствари и оваа заостаната обврска на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 година, односно, ревизија на приватизацијата,  а не само да биде хроничар на настаните и притоа секојдневно да читаме огласи на ВМРО-ДПМНЕ за работи околу приватизацијата кои на сите ни се познати!

Во оваа насока, ако некој своевремено ја дерегистрира (избриша) веќе споменатата ОА „Трансформација„ еве сега можност владеачката ВМРО-ДПМНЕ повторно да ја запише (заведе) оваа оперативна акција во ДБК за расветлување на криминалните аспекти на приватизациониот процес. Народно движење за Македонија ќе ја олесни работата во врска со евентуалната ревизија на приватизацијата, на тој начин што ќе иницира постапка за вградување на законско решение, според кое, кај кривичните дела поврзани со приватизацијата во никој случај да не настапува застареност од самиот почеток на приватизациониот процес. Дотолку повеќе, за ова не постои уставна пречка, бидејќи во член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија е предвидена можноста, законите да имаат повратно дејство во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. А, воопшто не треба да се докажува дека расветлувањето на криминалната приватизација е во интерес на граѓаните. Но, како и да е, затоа кога ќе дојде нова политичка структура, која ќе ужива доверба, во име на народот нека направи ревизија!