Премногу кодоши, премалку лустрација


15.03.2010 | 21:57:54 | Колумни


Премногу кодоши, премалку лустрација
Колумна, „Котле„, „Радио Илинден - Мелбурн„, 15.03.2010, Јанко Бачев 

Граѓаните знаат дека своевремено, за време на предизборната кампања за парламентарните избори во 2006 година, во една од моите колумни од 13 јуни 2006 година, бев првиот што се заложив за лустрацијата и расветлување на пермаментната злоупотреба на Службата за државна безбедност доколку победи тогашната наша коалиција „За подобра Македонија„ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Откако победивме на изборите на 5 јули 2006 година и Никола Груевски стана премиер, дополнително, кога се беше јасно и безопасно, нашиот тогашен коалициски партнер Стоја Андов, од Либералната патија, како дел од власта ја официјализираше лустрацијата со предлагање и усвојување на закон во Собранието во јануари 2008 година.

Дотука се е во ред. Но, денес се гледа дека Андов се послужил со мала итрина, односно формално-правно напиша лустрациски закон, но така скроен, што од лустрацијата да излезе едно големо ништо и голем трик за манипулација со граѓаните. Затоа, останува непријатниот факт дека во Република Македонија е зацементирана состојбата на премногу кодоши, а премалку (читај: никаква) лустрација.

Па така, универзитетски професори-кодоши и понатаму ќе ја едуцираат македонската младина. Академици и писатели-кодоши и натаму ќе ни сервираат фалсификувана историја. Новинари-кодоши и понатаму ќе го креираат јавното мислење. Таканаречените олигарси што извршија економска диверзија врз сопствениот народ во криминалната приватизација и понатаму непречено ќе го крадат македонскиот народ, иако лустрацијата беше добра можност да им се изрече барем морална осуда на овие десетина најголеми транзициски бандити, кои, своевремено, до еден биле соработници на тајната полиција, а по распадот на СФРЈ во неморалната и криминална македонска  приватизација бесплатно ги приграбија најзначајните општествени фирми кои 50 години наназад ги создаваа сите работни луѓе во социјализмот. Сите овие категории на граѓани остануваат нечепнати со лустрацијата, а така е затоа што Андов напиша во законот овие категории лица да можат да бидат лустрирани само ако тоа самите го посакаат што е илузорно да се очекува. Но, работите ќе станат појасни кога во догледно време нешто ќе треба да се каже и за самиот Стојан Андов, од аспект на неговата засегнатост со лустрацијата.

Понатаму, со лустрацискиот закон се изземаат и корисниците на информации-политичкиот врв. Во 1992 година тогашната македонска влада усвои правила за работа и организација на Службата за државна безбедност, со што во СДБ се воведе и линијата на работа - „македонски екстремизам„ што всушност беше перфидна форма за следење на тогашното ВМРО-ДПМНЕ. Во согласност со овие правила, извештаите за следење на “македонските екстремисти”, тајната полиција ги доставуваше до тогашните највисоки државни раководители, односно до претседателот Киро Глигоров и до тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов. Оттука прашањето, зошто да се иземе од лустрација и тогашниот државен врв кој ги користел информациите од кодошите на тајната полиција за да се пресметува со своите политички неистомисленици?

Инаку, во тоа време се отворија илјадници досиеја за т.н. македонски екстремисти, односно вистинските вмровци кои во тие опасни времиња го понесоа товарот на самостојноста и невидените малтретирања од тајната полиција, а кои, и тогаш кога се создаваше самостојната и суверена македонска држава и денес остана на улица. Но, иронијата е голема ако се знае дека во демократска Македонија биле кодошени токму од лица што по победата на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година, пребегаа од СДСМ во ВМРО-ДПМНЕ и во моментот се „вмровски„ функционери. Македонската јавност, со чудење секојдневно се прашува, како е можно пребеганите од СДСМ на кои во 1990 година им се гадеше од „клетите„ вмровци и кои кодошеа за тајната полиција, сега, преку ноќ, некој ги набута во ВМРО-ДПМНЕ и притоа ги назначи за „вмровски„ функционери кои и ден денес ја кројат судбината на македонскиот народ и држава. Затоа, парадоксален е впечатокот дека од лустрацијата поисплашени се во ВМРО-ДПМНЕ отколку во СДСМ, особено ако лустрацијата се спроведеше и за периодот по 1990 година.

Познато е дека Законот за лустрација определува оти предмет на лустрација ќе бидат лица-кандидати за носители или носители на јавни функции. Но ете, деновиве сите ние бевме сведоци дека преку 260 фукционери од високата политика од лустрациската комисија веќе добија тапија дека не биле кодоши, иако токму во високата политика има значајна бројка на кодоши - најмалку тројца министри во владата на Груевски, најмалку двајца од советниците на претседателот Иванов, најмалку десетина директори во вторите и трети ешалони А, седум партии од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ се креација на тајната полиција.

Всушност, овие високи функционери-кодоши се и најинтересни за јавноста. И сега, кога фарсичната лустрациска комисија прогласи дека нема кодоши во високата политика кои и денес вршат високи фуници во Македонија, се поставува прашањето, кого сега ќе лустрираме – ситните маалски кодоши? Како на пример, комшиката која била многу лична, па од завист или да се „скрши„ нејзиниот сопруг, ако одбивал да соработува, сакале да и наштетат, давајќи „безбедносно-интересни„ информации за неа што прави и каде оди, за конструирање приказни и слични небулози, а сето тоа во услови кога високите политичари и функционери-кодоши се обезбедија со документ од лустрациската комисија дека своевремено не биле кодоши на тајната полиција.

Значи, откако сега се урнаа сите мои надежи дека ќе имаме една брза, ефикасна и правична лустрација што ми беше и главниот мотив своевремено да се заложам за лустрацијата, сега дополнително, произлегува дека македонската лустрација е неуспешен и перфиден проект за безобзирна манипулација со граѓаните. Моите замерки за неуспешната лустрација не се сведуваат на тоа дека сега треба некому да му се реваншираме затоа што соработувал со тајната полиција, туку  овие мои замерки произлегуваат од мојата тага и жалост што дефинитивно Македонија и понатаму останува на европското дно, односно,  дефинитивно нема да се ослободиме од кодошите кои во овие шеесетина години наназад ја држат Македонија закована на дното на европските држави. Затоа, судбината на македонскиот народ и понатаму ја креираат личности кои кодошеле за тајната полиција, и кои,  во денешно време, самите или нивните поколенија сега премачкани со вмровски бои сеуште се распоредени на влијателните места во државните институции од каде влијаат на поразителната судбина на македонскиот народ и држава притоа кочејќи ја вистинската лустрација, иако своевремено со своето кодошење биле креатори и влијаеле на сакатења на бројни семејства.

Народно движење за Македонија како партија која се бори за одбрана на македонските национални интереси, поаѓајќи од сопствената одговорност и понатаму е исправена пред предизвикот да се бори за одбрана на достоинството на македонскиот народ и Македонија најпосле  достигне демократски капацитет за да го спроведе болниот, но делотворен лустрациски третман. Но, како и да е, затоа кога ќе дојде нова политичка структура, во име на народот нека направи вистинска лустрација!

(Авторот е претседател на Народно движење за Македонија)