Апсолутно романтично


11.03.2010 | 21:54:22 | Колумни


Апсолутно романтично

Колумна, „Сега„, 11.03.2010, Јанко Бачев

Деновиве, државниот ревизор обелодени дека владините промотори за привлекување странски инвестиции за една година потрошиле близу 600.000 евра, а нема ефекти од работата.

Но, уште поизненадувачки се показателите за работата на владините министри задолжени за странски инвестиции, бидејќи на терен останаа нереализирани бомбастичните најави давани своевремено, кога беа донесени од САД, по формирањето на владата на премиерот Груевски, дека ќе ја наполнат со странски фабрики индустриската зона „Бунарџик„. Откако триумфално беа најавени во јавноста како способни министри образувани на најпрестижните светски факултети (патем, не покажаа ниту една диплома од некој престижен светски факултет) и дополнително парламентот им го потврди министерскиот статус, младите министри „увезени„ од САД тргнаа по светот за да донесат странски инвестиции.  Но, во денешно време е јасно дека изостанаа ефектите, а останаа само бесмилосното трошење на буџетските пари од овие млади министри да уживаат во егзотични патувања по светот, како и нивните романтичарски изјави дека ќе ја преплават Макеоднија со странски инвестиции.

На народот одвреме навреме, сепак, му треба и по малку романтика. Впрочем, еден од нив, мислам дека се презиваше Ташковиќ, кога не беше реизбран во новата влада на Груевски во 2008 година, излезе во јавноста и рече дека за свој голем успех (замислете!) го сметал тоа што посетил фирми во преку 80 држави и притоа секаде вратите му биле широко отворени, иако ефектот е рамен на нула. И сега, што да каже човек кога овие министри не можат да ја разберат простата вистина дека од позиција на министер на една држава, без оглед за каква држава станува збор, на која фирма во светот да и зазвоните на врата, нејзиниот директор ќе ве удостои со една куртоазна средба. Поразително е што овие министри заборавиле на суштината, односно дека нивниот успех се мери според тоа колку инвестиции донеле во Македонија, а не во колку држави се прошетале.

Затоа, се до моментот кога НДМ одлучи да ја напушти здружената коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, јас, за жал, бев единстениот кој на лидерските коалициски средби отворено укажував дека колку побрзо ги качиме овие министри во првиот авион и ги вратиме назад во САД, од каде што дојдоа, толку подобро за Македонија. Бидејќи, се уверив дека на нив непотребно се трошат парите на македонските даночни обврзници. Не ме послушаа, но ете, до денес овие министри не донесоа странски инвестиции, ниту пак видовме од нив конкретна и издржана програма што ќе навести такво нешто.

Фактот што овие министри закачија еден балон над владината зграда на кој  напишаа „Инвестирајте во Македонија„ е само нивна пуста желба, а не и конкретна програма за привелкување странки инвестиции. Тоа ви е исто како, на пример, главниот уредник на „Сега„ да ми рече „дај напиши некогаш некоја колумна за нашиот весник„ што е само некаква желба. Но, сосема друга ситуација е кога тој ќе ми каже напиши колумна за следниот број на „Сега„ кој ќе излезе в четврток.

Отсуството на доволен капацитет кај овие млади министри си го (на)прави своето, иако можеби теоретски добро се потковани и начитани, но сепак во вакви ситуации искуството се уште е најдобриот учител. Затоа, нивното министерувањето само ќе им донесе лична корист, бидејќи во нивните биографии ќе остане запишано дека биле министри во македонската влада, а ова референца е убава препорака кога ќе си се вратат во САД и ќе конкурираат за работа во која било тамошна фирма, бидејќи, министер си е министер, без оглед дали министерувале  во мала, сиромашна, ваква, онаква или никаква држава.

НДМ, како партија која се бори за одбрана на македонските национални интереси, поаѓајки од сопствената одговорност, е исправена пред предизвикот да понуди и излезни решенија за проблемите на повеќето социјални групи кои секојдневно протестираат. Да споменам дека НДМ веќе има поднесено во Собранието предлог-закон за обештетување на фармерите од пропадната млекарница „Сведмилк„ и притоа собранискиот претседател Велјановски повратно не информира дека тој веќе им е поделен на пратениците. Оттука зачудува зошто нашиот зкаон сеуште стои закочен и не се става на дневен ред. Но, како и да е, го најавуваме нашето нагласено фокусирње во иднина на економските проблеми, за разлика во третирањето во нашите настапи исклучиво на интересни прашања од т.н. висока политика. Тука, само најсумарно ќе се навратам на лустрацијата како мој своевиден завршен збор на оваа тема од високата политика.

Граѓаните знаат дека своевремен, со мојата колумна во „Шпиц„ од 13 јуни 2006 година, бев првиот што се заложив за лустрацијата доколку победи тогашната наша коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Откако победивме на изборите на 5 јули 2006 година и се беше јасно и безопасно, Стојан Андов, како дел од власта, ја официјализира лустрацијата со донесување закон. Но, денес се гледа дека Андов се послужил со мала итрина, односно формално напиша лустрациски закон, но така скроен, што од лустрацијата да излезе едно големо ништо и голем трик за манипулација со граѓаните.

Затоа, без оглед на одлуката на Уставниот суд, останува непријатниот факт дека е зацементирана состојбата на премногу кодоши, а премалку (читај: никаква) лустрација. Па така, универзитетски професори-кодоши и понатаму ќе ја едуцираат македонската младина. Академици и писатели-кодоши и натаму ќе ни сервираат фалсификувана историја. Новинари-кодоши и понатаму ќе го креираат јавното мислење. Олигарси што извршија економска диверзија врз сопствениот народ во криминалната приватизација и понатаму непречено ќе го крадат македонскиот народ... Така е затоа што Андов напиша во законот овие категории лица да можат да бидат лустрирани само ако тоа самите го посакаат. Но, во оваа пригода просторот не дозволува нешто да кажам и за самиот Стојан Андов, од аспект на неговата засегнатост со лустрацијата.

Значи, откако сега се урнаа сите мои надежи дека ќе имаме една брза, ефикасна и правична лустрација, што ми беше и главниот мотив своевремено да се заложам за лустрацијата, сега дополнително, можеби на прв поглед ќе изгледа чудно, сакам да го споделам со јавноста моето видување дека лустрацијата треба да се прогласи за неуспешна и завршена и со тоа да се стави крај на оваа перфидна игра со граѓаните. Сите ние бевме сведоци дека преку 200 фукционери од високата политика од лустрациската комисија веќе добија тапија дека не биле кодоши, иако токму во високата политика има значајна бројка кодоши- најмалку тројца во владата, најмалку двајца од претседателските советници, најмалку десетина директори во вторите и во третите ешалони. А седум партии од владејачката коалиција се креација на тајната полиција.

Всушност, овие лица се и најинтересни за јавноста. И сега, кога фарсичната лустрациска комисија прогласи дека нема кодоши во високата политика, се поставува прашањето, кого сега ќе лустрираме – ситните маалски кодоши? Како, на пример, комшиката била многу лична, па од завист или да се „скрши„ нејзиниот сопруг, ако одбивал да соработува, сакале да и наштетат, давајќи „безбедносно-интересни„ информации за неа што прави и каде оди, за конструирање приказна и слични небулози.  Па, не е воопшто човечки и етички сега да им нанесуваме дополнителни трауми на поколенијата на овие ситни маалски кодоши, во услови кога високите политичари и функционери-кодоши се обезбедија со документ од лустрациската комисија дека не кодошеле.

Затоа, предлагам итно прогласување за завршена на оваа перфидна и безобразна манипулативна лустрација. СЕГА И ВЕДНАШ!