Стратегијата за одбрана ќе ја спроведуваат и офицери, кои по три пати ја добивале оценката - не задоволува


05.03.2010 | 21:52:40 | Колумни


Стратегијата за одбрана ќе ја спроведуваат и офицери, кои по три пати ја добивале оценката - не задоволува

Колумна, „Фокус„, 05.03.2010, Јанко Бачев

На 23 февруари 2010 година, пред телевизиските екрани бевме сведоци кога министерот за одбрана Зоран Коњановски на претседателот и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, со гордост му ја предаде Стратегијата за одбрана на Република Македонија.

Во таа прилика, министерот не ја пропушти можноста да каже мошне пофални зборови за Стратегијата, притоа велејќи дека во нејзината изработка биле вклучени стручни лица од Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ, професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ како и странски експерти и претставници, се со цел да биде што поуверлив при презентирањето на овој извонредно значаен документ за македонската одбрана.

Инаку, темел врз основа на кој е изработена Стратегијата за одбрана, пред се, е Уставот на Република Македонија и Стратешкиот одбранбен преглед (СОП), кој претставува стратешки документ од општ карактер за националната концепција за безбедност и одбрана и утврдувањето на внатрешните и надворешно-политичките цели и интереси на државата. Во овој контекст да појаснам дека СОП е документ од кој се вградуваат елементи и содржини во Годишната национална програма за членство во НАТО, во Стратегијата за национална безбедност на РМ, во веќе споменатата Стратегија за одбрана, која му е предадена на претседателот Иванов, како и во воените доктрини и други документи за функционирање и развој на одбраната и вооружените сили. Се разбира дека во моментот не можам со читателите да споделам повеќе конкретни елементи од Стратешкиот одбранбен преглед, кои кај мене предизвикуваат сериозна загриженост во однос на одбраната на државата, бидејќи овој документ, иако поразителен по државните и националните интереси, сепак е со назнака „доверливо„. До тука може некако да се каже дека се е во ред.

СТРАТЕГИЈАТА ЈА ПИШУВАЛ НЕИДЕНТИФИКУВАН ЦЕНТАР

Но, она што сакам да и го пренесам на јавноста, според сознанијата кои Народно движење за Македонија ги доби, се отвора сериозно сомневање дека на претседателот и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, му се подметнува документ кој може да ја компромитира респектабилната позиција на Република Македонија кај нашите пријатели во НАТО-Алијансата, заради што во продолжение се осврнувам на  неколку поразителни аспекти во однос на одбраната на државата.

Имено, најпрво да посочам дека, според нашите сознанија, Стратешкиот одбранбен преглед на кој се заснова Стратегијата за одбрана е донесен спротивно на законски утврдените процедури, бидејќи пропишаните правила ја налагаат обврската во процесот на носењето на СОП да се води постојана соработка и координација помеѓу министерството за одбрана и министерството за надворешни работи, Претседателот во својство на врховен командант, како и Собранието преку неговите соодветни комисии. А, бидејќи напред наведените државни органи не се координирани, односно, недозволиво се прескокнати при изработката на овој документ, произлегува дека истиот е напишан од некој засега неидентификуван вонинституционален центар!

Во оваа насока, клучната улога за конкретна реализација и спроведувањето на Стратегијата за одбрана ја има Министерството за одбрана и АРМ, како најповикани во однос на бранењето на територијалниот суверенитет и интегритет на земјата. Оттука произлегува дека не треба да постои ниту најмало сомневање во капацитетот на официрскиот кадар и вооружените сили воопшто. Не случајно, во член 225 од Законот за служба во АРМ е пропишано дека на воен старешина ќе му престане работниот однос, ако при оценувањето двапати едноподруго биде оценет со степенот - не задоволува, во однос на показателите - стручно знаење, залагање, резултати од работа, работни особини и физичката подготвеност. Но, според сознанијата, мошне загрижувачки и алармантни се состојбите во оваа насока, односно, токму во делот на воената структура што треба да го операционализира овој воен документ во случај на потреба.

Имено, според списокот на воени лица од Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ кои не ги поминале проверките на физичка подготвеност и другите показатели, и се оценети со по две оценки последователно со оцена „Не задоволува„ произлегува дека токму официри кои ги имаат под контрола најбитните управи во Генералштабот на АРМ го немаат потребниот капацитет. Дури, уште повеќе, добар дел од лицата на споменатиот список, кој е носител на реализација на Стратегијата што му е предадена на претседателот Иванов, воопшто не ги исполнува критериумите, односно, не двапати, туку и три пати едноподруго се оценувани со оценката „не задоволува„!

Со оглед на ваквата фактичка состојба, за сега останува енигмата: Кој им овозможил на овие лица, не само да не сносат законски последици од погоре цитираниот законски член ако не ги поминале проверките на физичката подготвеност, туку се гледа дека некои од нив успеале да достигнат завидни унапредувања со највисоки чинови. А, иронијата да биде уште поголема, високи официри со три негативни единици последователно, наместо во пензија, се унапредувани (замислете!) дури во генерали! Дотолку повеќе што ова е во целосна контрадикторност и со Известувањето, потпишано лично од началникот на Генералштабот на РМ, во кое категорички се вели дека не смеат да бидат земени предвид, односно, приоритет за поставување во командите и единиците на Генералштабот да имаат лицата, кои покрај другите услови, императивно треба да ги исполнат и проверките за физичка подготвеност!

НАМЕРНО ВГРАДЕН ДЕФЕКТ

Заради тоа, сакам особено да го потенцирам загрижувачкиот факт што во овој стратешки документ за одбраната има намерно вграден „дефект„ затоа што не е спроведлив, од едноставна причина што човечкот ресурс, односно т.н. жива сила во вооружените сили во делот на сите значајни офицери од најнизок до највисок ранг, кои треба да го операционализираат овој документ во случај на загрозеност на Републиката, според критериумите на АРМ и во контекст на споменатото известување од началникот на Генералштабот, што значи од највисокото хиерахиско место во воената структура, фактички подолго време се неспособни за извршувањето на своите функции.

Но, уште позагрижувачки е фактот, односно, кулминацијата на загрозувањето на безбедносните интереси на државата произлегува од сознанието дека се работи за лица кои сега се распоредени на клучните места во најзначајните управи во Генералштабот на АРМ, а кои притоа имаат што да и одговорат на македонската јавност за своето однесување во времето на југословенската криза во почетокот на деведесетите години од минатит век, кога дојде до распадот на поранешна Југославија и создавањето на самостојна и суверена македонска држава.

Имено, при повлекувањето на поранешната Југословенска народна армија (ЈНА) од територијата на Република Македонија во март 1992 година, претходно експертската Влада на тогашниот премиер Никола Кљусев донесе одлука, на 21 јануари 1992 година, со која ги повика воените старешини – Македонци, да ја напуштат ЈНА, да се вратат во Републиката и да се вклучат во нејзиниот систем на одбрана. Притоа, со наведената владина Одлука, на воените старешини што ќе ја напуштат ЈНА им се гарантира нивното вработување, пензиско и инвалидско осигурување, здравствена заштита и решавање на станбеното прашање, доколку го немаат решено во Република Македонија.

Но, дел од овие лица од споменатиот список не само што не се одзваа на повикот на македонската Влада, туку дојдоа во Македонија дури некаде во 1995 година, кога на сите им беше јасен расплетот на југословенската криза. Во едни такви околности, сосема нормално би било овие лица не само да не помислуваат на некакво нивно вклучување во Армијата на Република Македонија, туку воопшто, од морален и човечки аспект, не би требало ниту евентуално да се приближуваат кон Министерството за одбрана и АРМ во радиус од најмалку стотина метри, штом веќе еднаш и го свртеле грбот на сопствената држава и Армија.

Но, зачудувачки, некоја невидлива сила не само што го овозможи нивното враќање и повторно вклучување во македонскиот одбранбен систем, туку дури им овозможи своето враќање да го валоризираат со највисоки одговорни позиции во АРМ во денешно време, иако, како што веќе спомнав, според официјалните документи на АРМ поседуваат недоволен капацитет за да одговорат на предизвикот и потребата за одбрана на таковината. Ова особено добива на сериозност, ако се знае дека сеуште нема одговор на прашањето: Кој учествуваше во палењето на американската амбасада во Скопје во 1999 година, во контекст на сознанијата од кои произлегува дека најблиски роднини на некои од овие високи воени официри од споменатиот список се координатори на палењето на амбасадата?

ПОВЕЌЕ ГЕНЕРАЛИ, ОТКОЛКУ ВОЈНИЦИ!?

Во оваа насока уште да споменам дека овие лица со години наназад го кочеле македонското интегрирање во НАТО-Алијансата и причините за тоа можеби стануваат појасни денеска - на нашиот пат кон НАТО да не пристигне соседна Србија. Ваквото сомневање може да се види и од кочењето на соодветните реформи во АРМ. Имено, од документот „Моментална и проектирана состојба на офицерските чинови„ произлегуваат манипулациите во АРМ што ги правеле со бројот на извршителите, односно, официрскиот кадар во АРМ, а што би можело да доведе исто така до компромиртација пред оние кои треба да не примат кај себе. Така, според податоците содржани во т.н. пирамида на офицерите по чинови (моментална и проектирана), јасно се гледа дека проектирани се 919 офицери, а свесно се држеле 1.646 офицери, и овој вишок од 727 офицери, непотребно се плаќа со парите на македонските даночни обврзници. Според големината, Македонија веројатно е уникатен пример, бидејќи, фигуративно кажано, произлегува дека има повеќе „генерали„ отколку војници!?

Затоа, ние во Народно движење за Македонија сме исправени пред предизвикот благовремено да алармираме и сериозно да го предупредиме Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, да не дозволи ваков сомнителен документ, кој неодамна му е предаден, да претставува мина во неговите раце со закаснето дејство, која би ја активирале, во моментот кога самите би го определиле, оние кои не ја прифаќаат Македонија како реалност, односно, како дефинитивен факт на самостојна и суверена држава.

Истовремено, го повикувам претседателот Иванов, со оглед на неговите уставни обврски во делот на вооружените сили, да се симне малку на теренот и да се спушти во реалноста, за да направи едно потемелно согледување, како е можно ваквите пропусти во воените стратешки документи да не бидат навремено детектирани и исфилтрирани од аналитичкиот оддел на воените безбедносни структури? Значи, Претседателот е во обврска континуирано да го следи  функционирањето на воените безбедносни служби. Следствено на ова, и да ги направи високо оперативни со доволен капацитет да одговорат на поставените предизвици, а кои во својата работа ќе се водат исклучиво од македонските национални и државни интереси. Наместо Претседателот само да се восхитува на работата на разузнавачките системи со читањето на интернет на занимливи мемоарски разузнавачки приказни. Само така ќе дојде до одговор на прашањето - Го мести ли некој Врховниот командант на Република Македонија?