Голем трик за манипулација


05.06.2009 | 21:48:51 | Колумни


Голем трик за манипулација

Колумна, „Време„, 05.06.2009, Јанко Бачев

Во една моја поранешна колумна во „Време„ ја најавив непријатната вистина дека илузиите оти Македонија достигнала демократски капацитет за да го спроведе болниот, но делотворен лустрационен третман ќе се распрснат како меур од сапуница во допирот со стварноста и дека македонската лустрација на крајот ќе излезе едно големо ништо и голем трик за манипулација со граѓаните.

Откако за ова се постави сцената остана само да се изнајде тактичкиот приод како да се спречи реална лустрација и, најверојатно, оваа задача му припадна на Уставниот суд. Имено, овој суд реши да одржи подготвителна седница заради разјаснување на фактичката и правната состојба со Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција или попознат како Закон за лустрација. За неупатените, во таков случај искуството во работата на Уставниот суд кажува дека постапките редовно завршуваат со укинувачка или поништувачка одлука.

Настрана фактот што и самиот закон е обична фарса и така скроен што допушта речиси сите категории граѓани опфатени со него, како на пример, факултетски професори, академици, новинари, попови, невладиниот сектор, адвокати, медијатори, претседатели на политички партии, олигарси... да можат да бидат лустрирани ако самите тоа го посакаат, односно само доколку се кандидираат за носители на јавни функции додека важи законот (за овие лица нема проблем да прескокнат еден изборен циклус) со што нивното кодошко минато останува архивирано бидејќи илузорно е да се очекува дека некој самиот ќе посака да биде лустриран. А токму кај споменатите професии врие од соработници и нивната соработка со тајната полиција била клучна за градење кариера, а кај некои и за енормно богатење во криминалната приватизација. Пратеникот Шамбевски од ВМРО-ДПМНЕ за да го одржи во кондиција пресметаниот манипулативен карактер на лустрацијата по задача истурка еден романтичарски амандман во парламентот во однос на важењето на законот, бидејќи во неговата партија оцениле дека на народот и натаму му е потребна забава во врска со лустрацијата.

Парадоксален е впечатокот дека од лустрацијата поисплашени се во ВМРО-ДПМНЕ отколку во СДСМ, особено ако лустрацијата се спроведе и за периодот по 1990 година иако оваа можност веќе е во сфера на теоријата бидејќи Уставниот суд, најверојатно, ќе го поништи делот од законот што се однесува на лустрацијата по 1990 година. Загриженоста кај одделни структури во владејачката партија произлегува од фактот што има лица кај нив што соработувале со тајната полиција во комунизмот и подоцна во независна Македонија и тоа, на пример, најмалку тројца во Владата од македонско-албанска провениенција, најмалку двајца од претседателовите советници, а ги има и во Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и најмалку десетина директори во вторите ешалони на власта кои севкупно како лица од високата политика всушност се и најинтересни за јавноста. Тоа се, главно, пребеганите од СДСМ на кои во 1990 им се гадеше од „клетите вмровци„, а еден од нив по задача во 1990 година одеше дури во Словенија да помага во омасовувањто на тогашната Странка на Југословените, а сега е функционер и неформален влијателен советник против „комуњарите што само крадат а не градат„.

Колку за споредба, еве што пишува за овие сегашни „вмровски„ функционери во нивните соработнички картони водени во комунизмот и во периодот на демократијата по 1990 година. За еден од нив тајната полиција пишува: „ангажиран кон студентски средини и следење на студентска младина и лица експонирани од позиции на граѓанска десница, посебно кон лицето (..)„ за друг „ се ангажира за следење на анархолибералистичките средини, експонирани од бирократски догматизам и антисамоуправни елементи со посебен ангажман за попречување и документирање на непријателската активност на лицата (..)„ за трет, „се користи за изведување на акции за примена на ОТС-средства кај лицата (...)„ и други безбедносно интересни лица по граѓанска десница и слично, додека за оние поинтересните соработници од 1990 наваму речиси идентични се формулациите во нивните соработничи картони во смисла „ лицето се ангажира за следење на активности од позиции на македонски екстремизам и врховизам„ што беше, всушност, перфидна форма за следење на тогашното ВМРО-ДПМНЕ. Се отворија илјадници досиеја за т.н. македонски екстремисти, односно вистинските вмровци кои во тие опасни времиња го понесоа товарот на самостојноста и невидените малтретирања од тајната полиција, но, иронијата е голема ако денеска се знае дека во демократска Македонија биле кодошени токму од лица што во моментот се „вмровски„ функционери. Поразителен е фактот што тајната полиција после 1990 година била инволвирана во формирање на дури седум политички партии сега членки на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

И сега (замислете!) Уставниот суд се движи во насока да ја забрани лустрацијата по 1990 година. Со таквата определба Уставниот суд за жал ја лишува македонската јавност од еден интересен феномен, односно можноста да види како во демократска Македонија кодоши и кодошени од позиции на актуелни функционери како и лидери-соработници на УДБА на седум партии од владејачката коалиција слават изборни победи и заедно пеат комитски песни. Да гледаш, да не веруваш. Да не е трагично би било смешно, но по се изгледа дека по многубројни укинати и поништени владини прописи најпосле и овој суд изразува подготвеност да и удоволи на власта со забрана на непријатната лустрација  за неа по 1990 година.

Не е на лошо најсумарно да му предочам на Уставниот суд некои факти, бидејќи од незнаење судот сосема ги испомешал работите. Имено, за Уставниот суд е спорен периодот по 1990 година бидејќи оттогаш Македонија воспоставила правен поредок со демократски вредности со што за судот повеќе немало кодошење од идеолошки и политички причини.

Судот треба да знае дека за лустрацијата многу побитен е периодот токму после 1990 година, отколку периодот опфатен со законот од 1944 до 1990 година. Имено, од петнаесетината илјади досиеја на тајната полиција, речиси една третина се водени токму во периодот по 1990 година, што значи за време на воспоставениот демократски правен поредок. Токму во демократска Македонија опстојуваше невиден полициски прогон кога илјадници лица беа под полициска присмотра од политички и идеолошки причини. Од друга страна, за Уставниот суд е неспорен перидот во законот од 1945 до 1990 година иако овој период е понебитен и практично неприменлив, бидејќи голем дел од соработниците на тајната полиција од тој период се изумрени, други се во длабока старост и сигурно е дека нема да бидат кандидати за носители на јавни функции-услов што го поставува законот за да некој биде лустриран.

Значи, може само да им се наштети на нивните потомци што е крајно нечовечки и неморално, а од друга страна Уставниот суд ќе го поништи периодот од 1990 година наваму со што ќе ги заштити активните кодоши во демократска Македонија, кои се здрави и живи и во моментот се на функционерски позиции иако кодошеле од идеолошки и политички причини со што придонеле за семејни трагедии и уништување  кариери. Најискрено сакам да го посоветувам македонскиот премиер дека е опасна тенденцијата слично на системот на политичкиот противник од 1992 до 1998 година кога владеењето беше поставено на три столба: јавна администрација, државна телевизија и тајната полиција кое дава одредени резултати но завршува со целосен распад. Впрочем, во 1998 година народото ги урна спомнатите три столба со масовно определување за промени

На крај, апелирам до Уставниот суд да не ја забрани лустрацијата по 1990 година и притоа останува определбата на Народно движење за Македонија да ги обзнани најзвучните соработници на тајната полиција што кодошеле од идеолошки и политички причини во демократска Македонија, но, во духот на нашата легалистичка определба прво ќе го сочекаме завршувањето на оваа збрка со лустрацијата.