Ќе воведам данок за богатите


13.03.2009 | 21:47:12 | Колумни


Ќе воведам данок за богатите

Колумна, „Шпиц„, 13.03.2009, Јанко Бачев

НАРОДНО ДВИЖЕЊЕ ЗА МАКЕДОНИЈА на претстојните локални избори ќе излезе самостојно со 26 листи на кандидати за градоначалници и за советници на општините. Одлуката за самостоен настап произлегува од нашата загриженост дека овие локални избори се повеќе од обични избори со оглед на чуствителната положба на Македонија.

НДМ не може да стои настрана во овие значајни моменти дотолку повеќе што во процесот на децентрализација власта суштински се пренесува на локално ниво и притоа општините ќе одлучуваат за прашања од национален интерес заради што Партијата е исправена пред предизвикот да понуди политичка платформа за одбрана на достоинството на македонскиот народ и национални малцинства во Републиката.

Затоа, НДМ на овие локални избори излезе со ветување за остварување на стратегиски цели и принципи притоа длабоко убедени дека секојдневните прашања од локално значење се лесно решливи имајќи ја во предвид ноторната вистина дека науката и човечката цивилизација воопшто се погрижиле да изнајдат механизми како се гради една современа и модерна локална заедница. Значи, не ни недостасува знаење или една или седумдесет пишани програми со кои континуирано во овие петнаесетина години не крадат и лажат, туку за квалитетно функционирање е потребно само волја, желба, чесност, одговорност и отчетност во работењето.

Доколку ја добијам довербата на граѓаните на Скопје моето дејствување ќе се темели на остварувањето на стратегиски цели.

Доследно ќе го заживеам заборавениот демократски институт-локален референдум кој досега не е применет ниту еднаш во ниту една општина. Ветувам дека граѓаните на референдум ќе одлучуваат за сите битни прашања за Скопје, како на пример за трамвај, двокатни или еднокатни автобуси, споменици во центарот на градот и слично, бидејќи како даночни обврзници имаат полно право да го кажат последниот збор.

Понатаму, драстично зголемување на стапката на локални даноци за богатите граѓани како преодна етапа да се изборам на централно ниво за воведување на данок за богатите. Со повисоко оданочување на богатите делумно ќе ја исправам неправдата од македонската криминална и нечесна приватизација во која одбрана група на олигарси си го поделија (украдоа) целокупното македонско богатство кое педесетина години наназад во социјализмот го создаваа сите работни луѓе. Значи, со оданочување на богатите овозможувам на легален начин повратно во буџетот да се врати дел од нечесно приватизираното, а така собраните средства ќе им се дадат на граѓаните повратно во форма на програми-здравство, социјална заштита, локален развој, образование, култура, спорт и слично.

Следна моја заложба ќе биде експропријација согласно Законот на градските пазари во корист на Градот Скопје. Поразителен е фактот, на пример, дека т.н. Зелено пазарче му е подарено на „Скопски Пазар„ за само 33 илјади евра иако е со површина од преку 3.300 м2 со цена од неколку милиони евра. Скопје е единствен град во светски рамки каде пазарите се во приватна сопственост на „Скопски Пазар„ а притоа оваа фирма ужива државен монопол и ексклузивно право да поседува пазари.

Ова се дел од стратегиски цели кои го прават изборот за градоначалник на Скопје предизвик за мене. НДМ како партија која се бори за одбрана на македонските национални интереси, соочена со вакви груби, во основа антимакедонски провокации во локалните заедници, прифаќајќи ја притоа сопствената одговорност пред граѓаните, која се подразбира за една сериозна партија, и за еден сериозен лидер на партија, лично ја прифатив одлуката на партијата за моја кандидатура за градоначалник за Градот Скопје. Во изборната кампања ќе слушате за многу пораки и решенија, но кое е вистинското?